Житие на свети пророк Илија

Светиот пророк Илија е еден од најголемите пророци и прв девственик во Стариот Завет. Се родил во Тесвија Галаадска, во коленото на Левиј, 900 години пред Воплотувањето на Бог Словото.

Светителот Епифаниј Кипарски за раѓањето на пророкот Илија раскажува вакво предание: „Кога се родил Илија, неговиот татко Совах во видение видел, дека угледни луѓе го поздравувале, го обвиткувале со оган како со пелени и го хранеле со пламен огнен.” Името Илија (=сила Господова) го определило целиот негов живот. Од мала возраст тој се посветил себеси на Едниот Бог. Се населил во пустина и животот го минувал во строг пост, богомислие и молитва. Кога бил повикан за пророчка служба во времето на израилскиот цар Ахав, пророкот станал пламенен ревнител за вистинската вера и благочестие. Во тоа време израилскиот народ отпаднал од верата на своите татковци, го оставиле Едниот Бог и се поклонувале на пагански идоли, чие почитување го вовел нечестивиот цар Јеровоам. Идолослужењето особено го подржувала жената на царот Ахав, паганката Језавела. Поклонувањето на идолот Ваал ги довело израилците до целосно морално пропаѓање. Гледајќи ја пропаста на својот народ, пророкот Илија почнал да го разобличува царот Ахав за нечестието, убедувајќи го да се покае и да се обрати кон Вистинскиот Бог. Царот не го послушал свети Илија. Тогаш пророкот Илија му објавил дека, како казна, три години не ќе има ни дожд, ни роса на земјата, а сушата ќе престане само по неговата молитва. И навистина, по молитвата на пророкот небото се заклучило, настапила суша и глад по сета земја. Народот страдал од неиздржлива жештина и глад. Господ по Своето милосрдие, гледајќи го страдањето на луѓето, бил подготвен да ги поштеди сите и да испрати дожд на земјата, но не сакал да ги наруши зборовите на пророкот Илија, кој горел од желба да ги обрати срцата на израилците кон покајание и да ги врати кон вистинското Богопочитување.

Чувајќи го пророкот Илија од злите раце на Језавела, Господ за време на бедата го испратил него во скриено место крај потокот Хораф. На враните Господ им заповедал да му носат храна на пророкот, одржувајќи го во жал кон страдалниот народ. Кога поток Хораф пресушил, Господ го испратил пророкот Илија во Сарепта Сидонска кај сиромашна вдовица, која страдала заедно со децата во очекување на смрт од глад. По молбата од пророкот, таа му приготовила пресен леб од последната фатка брашно и од остатокот масло. По молитвата на пророкот Илија, брашното и масло оттогаш не се потрошувале во домот на вдовицата, во текот на целата година. Со силата на својата молитва големиот пророк направил друго чудо – го воскреснал умрениот син на таа вдовица. По изминувањето на трите сушни години, Милосрдниот Господ го испратил пророкот кај царот Ахав за да прекинат бедите. Пророкот Илија заповедал да се собере на гората Кармил целиот Израил и жреците на Ваал. Кога народот се собрал, пророкот Илија предложил да направат два жртвеника: еден – од жреците на Ваал, а друг – од пророкот Илија за служење на Вистинскиот Бог. „На кој од нив ќе слезе оган од небот, тоа ќе биде укажување, чиј Бог е вистински – рекол пророкот Илија – и сите ќе мора да Му се поклонат Нему, а оние што нема да го признаат Него, ќе бидат предадени на смрт.” Први пристапиле кон жртвопринесување пророците на Ваал: тие викале кон идолот од утро до вечер, но напразно – небото молчело. Вечерта свети пророк Илија го подигнал својот жртвеник од 12 камења, според бројот на племињата Израилеви, ставил жртва на дрвата, заповедал да се ископа околу жртвеникот ров и да се полеат жртвата и дрвата со вода. Кога ровот се наполнил со вода, пламениот пророк се обратил кон Бога со огнена молитва, Господ да испрати оган од небото за вразумување на заблудените и ожесточени Израилци и да ги обрати нивните срца кон Себе. По молитвата на пророкот од небото слегол оган и ја запалил жртвата, дрвата, камењата, а и водата. Народот паднал на земја, извикувајќи: „Навистина само Господ е Бог и нема друг Бог освен Него!” Тогаш пророкот Илија ги убил сите жреци на Ваал и почнал да се моли за дожд. По неговата молитва небото се отворило и паднал обилен дожд.

Царот Ахав ја осознал својата заблуда и ги оплакувал гревовите, но неговата жена Језавела сакала да го убие Божјиот пророк. Пророкот Илија избегал во Јудејското царство и жалејќи што не можел да го искорени идолопоклонството, ја барал од Бога својата смрт. Пред него застанал Ангел Господов, го закрепнал со храна и му заповедал да оди на далечен пат. Четириесет денови и ноќи одел пророкот Илија и кога стигнал до гората Хорив, се населил во пештера. Таму по страшна бура, земјотрес и пламен му се јавил Господ „во тивок ветрец” (3 Цар. 19,12) и му открил на нажалениот пророк, дека Тој зачувал седум илјади верни слуги кои не се поклониле пред Ваал. Господ му заповедал на пророкот Илија да го помаза (да го посвети) за пророчка служба Елисеј. За својата пламена ревност за Божјата Слава, пророкот Илија бил земен на Небото жив во огнена кола. Пророкот Елисеј бил сведок на восходењето на пророкот Илија на небото во огнената кола и од него ја добил наметката што паднала како дар на пророчкиот дух – двојно поголем, отколку што имал пророкот Илија.

Според преданието на Светата Црква, пророкот Илија ќе биде Предтеча на Страшното, Второ, Христово Доаѓање на земјата и за време на својата проповед ќе прими телесна смрт.

Животот на светиот пророк Илија е опишан во Старозаветните книги (3 Цар.; 4 Цар.; Сир. 48, 1-15; 1 Мак. 2, 58). За време на Господовото Преображение пророкот Илија разговарал со Спасителот на гората Тавор (Мт. 17, 3; Мк. 9, 4; Лк. 9, 30).

Од денот на огненото вознесување на Небото, почитувањето на пророкот Илија во Христовата Црква никогаш не се прекинало.

Иконописната традиција го слика пророкот Илија како се вознесува во кола со огнени тркала, која е окружена од сите страни со пламени и запрегнати четири крилати коњи.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s