Преображение на Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос

И по шест дeнови, Исус ги зеде Петар, Јаков и Јован и ги изведе само нив на една висока гора, насамо, и се преобрази пред нив; и неговите облеки станаа блескави и многу бели, како што белител на земјата не може да ги избели. И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исуса.” (Мк. 9,2-4)

Тројцата апостоли – Петар, Јаков и Јован – заедно со Христа се искачиле на гората Тавор каде што се случило Господовото Преображение. Тоа било проследено и со појавувањето на старозаветните пророци Мојсеј и Илија. Тие разговарале со Христа за неговото скоро заминување кај Бог Отецот. Понатаму Евангелието раскажува дека сите биле засенети од светол облак, од кого се слушнал глас: „Овој е мојот возљубен син; Него слушајте Го.”

Господ на гората не отишол сам. Тој со Себе зел тројца ученици. На гората Тавор на нив им се отворил духовниот вид и тие можеле да ја видат светлината со која се преобразил Христос. Потоа Спасителот првпат проговорил за Својот маченички крај и Своето воскреснување. Во тоа време апостолите не Го разбрале, затоа што, согласно еврејската традиција, во Христа сè уште гледале само земен цар и ослободител од туѓата власт. А, Христос се подготвувал за страдањата на крстот и понижувањата на Голгота и на тројцата ученици им го покажал своето Преображение, за да им ја посведочи својата Божествена природа и доброволната согласност за поднесувањето на крстните маки.

На празникот Преображение Господово во Црквата се пее: „На гората се преобрази, и колку што примаа Твоите ученици, Твојата слава, Христе Боже, ја видоа, за кога ќе Те видат распнат, да разберат дека страдањето е доброволно, а на светот да му проповедаат дека Ти навистина си сјаење на Отецот” (Кондак, глас 7).

Преображението е видливо јавување на Божјото Царство на земјата. Одејќи кон гората Тавор, која што како тврдина се возвишува над ридовите на Галилеја, учениците тихувале, претчувствувајќи дека ќе им се открие тајна. Тајната се извршува во тихување. Човечкиот збор во однос на тајната е површен како бран во однос на длабочините на океанот. Јавувањето на Божествената светлина тројцата апостоли го доживеале како неспоредлива радост. Времето како да запрело во созерцувањето на божествената светлина. Восхитените апостоли паднале на земја. Видението завршило. Заедно со Исус Христос тие слегле од гората и утрото се вратиле во Капернаум.

Господ не само што го проповедал Евангелието низ Палестина, туку Тој истовремено ги воспитувал и просветувал своите ученици. Постепено им се откривал не само како израилскиот Месија, туку и како Спасител на целото човештво, како Цар на вечното духовно царство. Зборовите на Месијата за тоа, дека Тој ќе биде мачен во Ерусалим, кај апостолите предизвикале страв и ужас. Изгледот на Месијата прикован на крст, можел да предизвика кај Христовите ученици чувство на очајание, мисла дека сè е изгубено неповратно. Тајната на спасението можела да им се причини како немоќ и пораз на Месијата. Во часовите на очајание и сомневање, сведоштвото на тројцата апостоли за Преображението требало да ги закрепне во верата другите ученици.

Во што е тајната на Христијанството? Тоа ги привлекува луѓето не со празен интелектуализам, не со блескаво красноречие, не со надворешната убавина на своите ритуали. Христијанството ѝ откри на човековата душа нов свет – светот на вечноста, светот на божествената светлина, она што не може да го дадат другите религии и филозофски системи.

Историја на установување на празникот: Иако споменуваниот настан се случил 40 денови пред распнувањето на Спасителот, тој се празнува во август, а не во февруари, бидејќи така празнувањето би се паѓало во време на Великиот пост. По установената традиција, временскиот период од 40 денови го одделува Преображението од празникот Воздвижение на Крстот Господов (27 септември / 14 септември по ст. ст.), кога Црквата повторно ги споменува Христовите страдања и Неговото страдање на крстот.
Најверојатно, празникот Преображение бил установен во IV век – кога рамноапостолната Елена, мајката на Константин Велики, изградила на гората Тавор храм во чест на Преображението Господово.

За тоа сведочат и поуките од св. Ефрем Сириски и св. Јован Златоуст. Постоењето на празников во IV век покажува дека неговиот почеток е во претходните три векови на христијанството. Зачувано е слово од св. Андреј Критски (635-680) на Преображение Господово. Во тоа слово терминот «Преображение» се разгледува, не само во догматска смислае, туку и во смисла на вистинско црковно торжество. Во VIII век свети Јован Дамаскин и Косма Мајумскиј составиле повеќе стихири и канони на овој празник, со кои Православната Црква го прославува настанот и денес.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s