Трибина „Веронаука – Зошто?”

Вчера (30. 08. 2008) во Свети Николе се одржа трибина на тема „Веронаука – Зошто?”, организирана од ВМРО-ДПМНЕ. На трибината, меѓу другото, реков:

…Православната веронаука ќе го поттикнува напредокот во разновидните христијански и општочовечки добродетели, а пред сè, ќе го обновува изворот на добродетелите – односно верата во Бога. Верата го спознава Бога како вечна Вистина. Верата ги раѓа сите други добродетели, како надежта, љубовта… Христијанските добродетели ја насочуваат личноста да му служи на Бога и на ближниот.

Главен белег на Православието е соборноста. Во православното разбирање, соборноста го означува органското единство на црковниот народ. Кога живееме соборностно, нашиот ближен е нашиот живот и заедно со него се спасуваме или заедно со него паѓаме. Од друга страна, денес владеечкиот стил во животот на светот е – егоизмот. Уште од најрана возраст децата се индоктринираат со духот на себичноста и им се нудат секакви илузии на љубовта, кои набргу се покажуваат како преоблечен егоизам.

Веронауката ќе ги упатува нашите деца на другиот човек како кон личност, како кон непроценливо добро од кое зависи и нашиот живот. Прва и основна цел, а се надевам и придобивка на веронауката, ќе биде тоа што, таа на учениците ќе им ја открие типично-христијанската вистина за човекот како личност. Токму како богобразно, како боголико битие, човекот е највисоката вредност на светот.

Веронауката ќе образува благодарствена свест за светот, ќе ги учи младите да бидат благодарни на Бога за сè; да се каже благодарам на Бога, затоа што нè вовел од непостоење во постоење, т.е. за дарот на животот што ни го дал, за родителите, за ближните, потоа и за овој свет како заеднички дом кој треба да се чува и обработува, а не да се злоупотребува, предизвикувајќи еколошка катастрофа.

Веронауката ќе ги упатува децата на заедница со Бога во Христа. Само во заедница со Бога може да се оствари бесмртноста за човекот и створената природа. Бесмртноста е суштинскиот мотив и потреба на секој човек. Без остварување на оваа цел, сè друго во животот губи смисла, а човекот станува игралиште на различни свесни или потсвесни; стравови, фрустрации и сл. Животот има смисла само ако не завршува со пропаѓање во ништотност. Ако човекот се согласи и се помири со тоа, дека смртта е крајот на сè, тогаш ќе нема никаков напредок, тогаш животот ќе нема никаква смисла, па ни човекот ќе нема никаква вредност. Во неостварениот копнеж по бесмртноста и во потрагата по вистинските вредности е причината на бунтот на младите. Најраспространета болест на денешницата не се ни ракот, ни сидата, ни наркоманијата, тоа е – бесмислата. Лекот против бесмислата го дава светлината на христијанското учење.

Образовниот систем со примањето на православната веронаука во редот на училишните дисциплини, ќе ги оправда и своите просветителски тенденции. Во една црковна химна се вели: „Во Твојата (во божјата светлина) ќе видиме светлина.” Тоа значи дека само во Христовата светлина, сè друго што постои може да се види во автентичната, во оригиналната светлина; тогаш секое знаење и секоја наука стануваат евангелие, т.е. добра вест за добриот Творец кој го создал и го спасува светот.

Само во умот на луѓето кои со природно-општествените науки си го стеснуваат или затвораат својот гносеолошки видик, христијанството е противречно со науката. Но, ако се земат во обѕир новите достигнувања на науката, пред сè, на физиката, станува јасно дека противречноста помеѓу христијанскиот светоглед и науката била само едно големо недоразбирање.

Дарвинизмот како материјалистичка теорија за еволуцијата на органскиот свет има свое место меѓу различните научни теории. Но, крајно време е сите да се соочиме со сознанијата, дека таа теорија не добила доволно докази во науката и затоа не може да се смета за неоспорна (догматска) вистина.

Дарвинизмот не е само биолошка хипотеза. Тој со себе носи и етички импликации. Ако луѓето се просто животни, па нека се и најсовршени животни, тогаш целта е да се преживее, па ако треба и на штета на другиот. Но, првиот услов за етичко постапување се состои во тоа дека, целта на човечкиот живот не е само да се преживее или како-така да се обезбеди место под сонцето, туку да се живее во согласност со совеста. Етиката без Бога, во крајна сметка станува и етика без слободна волја, бидејќи според дарвинизмот – не само природата која е изменлива, туку и она што природата го создала, е игра на слепи сили и нема цел. Следствено, ни во природата, ни во човекот како дело на природата, не постои никаква причина која би ни диктирала, што треба да правиме, а што не треба да правимe…

За крај, останува само да констатираме, дека пред вас и пред вашето дете стои голема одговорност. Вашиот избор или совет можеби суштински ќе го определат животниот пат на вашето дете. Како што порано сте одлучиле да не ги оставите вашите деца некрстени, така и сега останете принципиелни во вашиот став и не забранувајте им на своите деца да учат, како за другите научни вистини, така и за неминливата и неизменлива Вистина и да растат во Христа – како што вели св. Ап. Павле – во мерката на полнотата на возраста Христова.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s