Текстот од сценариото на филмот „Падот на Империјата. Византиска лекција”

Овој  град некогаш се викал Константинопол и само пред 6 векови, бил престолнина – без никакво преувеличување – на една од најголемите светски цивилизации – на Византиската империја.

Правната држава, која е толку вообичаена за нас денес, и е формирана врз основа на римското право, била создадена токму овде, во Византија, пред 1500 години. Правниот систем, кој е основа на сите типови закони во повеќето современи држави, – е колосална творба на Византиската јуриспруденција од епохата на императорот Јустиниан. Системот на школското и висoкото образование прво на светот се појавил во Византија; токму овде во V век се појавил првиот универзитет. Во Византија бил создаден најстабилниот финансиски систем во историјата на човештвото, кој останал практично во неизменет облик повеќе од 1000 години. Современата дипломатија со нејзините основни принципи, правила и норми на однесување – се создавала и обликувала овде, во Византија. Инженерската уметност и архитектура на Византија немале рамни на себе, па и денес ремек-делата на Византиските мајстори – како куполата на Света Софиа, восхитуваат со совршенството на техничката изведба.

Никоја друга империја во историјата на човештвото не опстанала толку долго, како Византија. Таа постоела 1123 години. За споредба: големиот Рим паднал по 800 години од основањето, Османскиот султанат се распаднал за 500 години, кинеската империја Цин – за 300 г., Руската империја постоела 200 години, Британската – 150, Австро-Унгарската – околу 100 години. На територијата на Византија во периодот на процвет живеела шестина од населението на Земмјата. Империјата се простирала од Гибралтар до Еуфрат и Арабија. Во неа припаѓале териториите на современите Грција и Турција, Израел и Египет, Бугарија, Србија и Албанија, (Македонија – забел. на прев.), Тунис, Алжир и Мароко, дел од Италија, Шпанија и Португалија. Во Византија имало околу 1000 градови – речиси толку, колку во современа Русија.

Баснословните богатства, убавината и префинетоста на престолнината на империјата – Константинопол буквално ги потресувале европските народи, кои, додека Византија цветала, сè уште биле во состоjбa на длабоко варварство.

Може да претпоставиме, а и историјата ни говори за тоа, дека грубите и неуки скандинавци, германци, франки, англосаксонци, за кои основен начин на живеење во тие времиња бил примитивниот грабеж, кога ќе пристигнел од некаков Париз или Лондон со население од десетина илјади луѓе во милионскиот мегаполис, во градот на просветени граѓани, научници, убаво облечена младина што се собирала крај императорскиот универзитет, само за едно и мечтаеле: да освојат и да ограбат, да ограбат и да освојат. Патем, кога тоа прв пат им успеало и војска на европејци кои себе се нарекувале крстоносци, во 1204 г., наместо да ја ослободуваат Светата Земја, подмолно се втурнале во Константинопол и го освоиле најубавиот гарад во светот, тие постојано во текот на 50 години ги изнесувале ризниците на Византија. Само скапоцени монети биле изнесени со стотици тони, додека годишниот буџет на најбогатите земји на Европа тогаш изнесувал најмногу 2 тона злато.

Венеција… Црквата свети Марко…

Ситe столбови, мермер, скапоцени внатрешни украси билe украдени токму тогаш. Патем, овие коњи на империската квадрига, крстоносците ги украле од Константинопол.

Биле изнесени бесценети светињи и уметнички дела, но варварите од Брисел, Лондон, Нирнберг, Париз најголем дел сосема уништиле – со претопување во монети или ги фрлиле како непотребни. И до денес музеите на Европа се преполни со украдени Византиски богатства. Но треба да имаме предвид, дека зачуваното – е само мал дел.
Со неброените богатства на Константинопол бил направен монструмот на лихварскиот банкарски систем на современиот свет. Овој, сега не многу голем град во Италија – Венеција – бил Њу-Јорк на XIII век. Овде тогаш се решавале финансиските судбини на народите. Прво, голем дел од заграбеното бргу се превезувал по морски пат во Венеција и Ломбардија (отука и потекнува зборот «ломбард»). Како печурки после дожд почнале да се појавуваат првите европски банки. Бидејќи помалку досетливи од тогашните венецијанци – германците, холанѓаните и англичаните – се приклучиле малку подоцна; тие со Византиските пари и богатства кои дотекле во Европа почнале да го создаваат познатиот капитализам со неговата незаситна жед за добивка, кој всушност, е генетско продолжение на несреќниот воен грабеж. Како резултат на спекулирање со константинополските реликвии – се формирале првите крупни еврејски капитали.

Невидениот поток од слободни пари предизвикал бурен раст на западноевропските градови, станал решавачки импулс за развојот на занаетите, науките, уметностите.

Варварскиот Запад станал цивилизиран Запад дури откако ја освоил, разграбил, разурнал и ја проголтал Византиската империја. Нашите предци исто така, да признаеме, кои во тоа време не биле многу образовани, повеќе пати потпаѓале пред варварската соблазна да живеат на сметка на богатствата на Цариград. Но за нивна чест, а и за наша среќа, жедта за воен плен не го помрачила главното за нив: русите разбрале, во што се состои најголемото богатство на Византија! Тоа не било златото, не скапоцените камења, дури ни уметноста и науките. Главното богатство на Византија бил – Бог.

И, откако ги пропатувале сите познати земји во тоа време, испратените од кнез Владимир токму овде разбрале, дека постои реално општење меѓу Бог и човекот, дека за нас е можна жива врска со другиот свет. «Не знаевме каде се наоѓаме; на небото или на земјата», – говореле нашите потресени предци за своето присуство на Божествената литургија во главниот храм на империјата, црквата Света Софиа. Тие разбрале какво богатство може да се добие од Византија. И на таа ризница нашите големи предци создале – не банки, не капитал и дури не музеи и вложувалници. Тие ја создале Русија – духовна наследничка на Византија.

Но, како се случило, таа најголема држава во светската историја и необично животоспособна, од определен момент нагло да почне да ги губи животните сили? Најинтересно е тоа што проблемите со кои се соочувала Византија во периодот на своето опаѓање – надворешна агресија, природни стихии, економски и политички кризи – воопшто не биле нови; таа илјадагодишна држава имала докажан механизам за излегување од најопасни ситуации. Таквите искушенија – земјата, не еднаш, успешно ги надминувала.
Да, Византија имала многу завидливи непријатели на исток и на запад, имало земјотреси, чума, но тие не ја победиле Византија. Сите проблеми биле надминувани, кога византијците успевале да се победат самите себе.

Денес ќе говориме токму за тој внатрешен непријател, кој се појавил во духовните пазуви на Византиското општество и го скршил духот на големиот народ, правејќи од него немоќна жртва на предизвиците на историјата, на кои Византија веќе не можела да одговори.

Денес ние сме навикнати економијата да ја сметаме за основа на благосостојбата на општеството. Иако зборот «економија», па и самата економија како наука има византиско потекло, самите византијци никогаш не ѝ посветувале првостепено внимание. Во својата историја Византискиот финанско-економски систем преживеал неколку тешки кризи, но ефективното производство и селското стопанство овозможувале да се поправа ситуацијата. Доволно е да се каже, дека во текот на илјади години сета меѓународна тоговија била основана на златната Византиска монета.

Проблемот, кој Византија не умеела да го реши и кој, на крајот на краиштата, ја уништил нејзината економија, било губењето на државната контрола над финансиите, грандиозниот неконтролиран процес на одлив на капитал на Запад, во Европа што се развивала. Државата ја испуштила од свои раце контролата над трговијата и индустријата, и конечно, ги предала своите основни трговски и економски ресурси на странски претприемачи.
Тоа се случило вака. Еден од главните финансиски ресурси на земјата бил – не нафтата, како штое тоа е денес, и не гасот, туку царинските даноци од грандиозната меѓународна трговија на Босфор и Дарданелите. Византијците, кои порано секогаш принципиелно се потпирале само на своите сили во управувањето со земјата и во стопанските прашања, одеднаш почнале бурно да расправаат, а потоа и решиле дека е поразумно меѓународната трговија да им ја предадат на задграничните «пријатели», кои се поспособни претприемачи и се подготвени да ги преземат сите трошоци за создавањето на сложените транспортни коридори, вооруженото обезбедување на трговските патишта, градењето на нови пристаништа, интензивирањето на развојот на комерцијалната дејност. Биле повикани западни специјалисти од Венеција и Генова, кои за неколку векови напредувале благодарение на Византиската тргвија, и на нив им била дозволена бесцаринска трговија и им било доверено обезбедувањето на морскиот сообраќај на територија на империјата.

Западот со сите вистини и лаги почнал да ја вовлекува Византија во праобразецот на сеевропската трговска организација која тогаш била во зародиш и, искористувајќи еден од најсложените периоди во животот на империјата, го добил своето: императорот Алексиј Комнин под најнеповолни услови за државата, потпишал меѓународен трговски договор, наречен «Златна була». Подоцна тој договор се покажал исплатлив и погоден само за Западот.

Некое време сите биле задоволни: заживеала трговијата, во градските продавници се појавило невидено изобилие од европска и азиска стока… Но, сето тоа не било без последици: за деценија домашното производство и селското стопанство деградирале со брзо темпо.

Сите Византиски претприемачи или пропаднале или станале зависни од странци. Кога сериозно размислиле, веќе било доцна. Бил анулиран договорот «Златна була», и императорот Андроник се обидел да ги врати во земјата доходите што се одливале зад граница. Тој ги конфискувал сите странски комерцијални претпријатија, кои ги исцрпувале последните ресурси од економијата на државата. Тоа не поминало без последици, ниту за него, ниту за империјата. Него ѕверски го убиле, а Венециjанската република, која за тоа време станала најкрупна финансиска олигархија, покренала цел крстоносен поход и наместо кон Светата Земја, го насочила кон ограбување на Константинопол. Византијците, кои до тогаш крстоносците ги сметале, за браќа по вера и воени сојузници, биле толку неподготовени за таков злобен удар, што не организирале ни задолжителен отпор. Во 1204 г. француските, германските и италијанските контингенти на западните сојузници го опколиле Константинопол и го освоиле. Градот бил немилосрдно разграбен и опожарен.

При тоа венецијанците – бедемот на тогашното слободно претприемништво – низ целиот западен свет разгласиле дека ја восстановуваат нарушената законитост, правата на слободниот меѓународен пазар, а главно – дека се борат со режим кој ги негира општоевропските вредности. Токму од тој момент на Запад почнала да се создава сликата за Византија како еретичка «империја на злото». Во иднина таа слика секогаш, кога било потребно, се извлекувала од идеолошките арсенали.

Иако по 50 години Константинопол бил ослободен од крстоносците, Византија никогаш повеќе не можела да се опорави од тој удар. А, странските трговци засекогаш останале полноправни домаќини и во економијата, и на Византискиот пазар.

Друг нерешен проблем на Византија биле корупцијата и олигархијата. Борбата со нив се водела постојано и долго време била ефективна. Безобѕирните чиновници и финансиски махинатори биле казнувани и прогонувани, а нивниот имот – како казна – целосно бил конфискуван. Но, конечно, власта немала доволно одлучност и сила доследно да го сече тоа зло. Олигарсите опремиле цели армии претставувани како слуги и стража за свои потреби и со тоа ја вовеле држава во вртлогот на граѓанските војни.

Од каде во Византија воопшто се нашла олигархија и зошто со неа не можело да се уравува? Византија секогаш била строго централизирана бирократска држава, и тоа никако не било нејзина слабост, туку напротив, историска сила. Сите обиди за спојување на власта и личните интереси овде секогаш се пресекувале жестоко и одлучно. Но, во еден момент, во период на политички и административни реформи, се појавила соблазната; да се замени старата и навидум гломазна бирократска машина со поефективна и пофлексибилна, во која улогата на државата би била ограничена и сведена на надгледување на формалната законитост. Накратко кажано, државата заради добри цели, фактички доброволно, се откажала од дел од своите стратешки монополни функции и ги предала во рацете на некој тесен круг на семејствата.

Таа нова аристократија израсната на државна сметка, кратко време била под контрола на бирократскиот апарат, како што било замислено. Отпорот се одвивал со променлив успех, а се завршило со тешка политичка криза, од која можело да се излезе по цена на неповратни отстапки пред странците. Што следело по тоа – знаеме. Олигархиското уништување на државата продолжило додека турците да го освојат Константинопол.

Патем, за време на таа последна турска опсада, олигарсите не само што не дале ни пара за одбрана на градот, туку и ги разграбале и оние оскудни средства, кои биле останати во државната каса. Откако го освоил Константинопол, младиот султан Мехмед, потресен од богатствата на некои граѓани и истовремено со недостатокот на средства за бранителите на градот, ги повикал најбогатите граѓани им поставил просто прашање: зошто не дале пари за одбрана на градот од непријателот? «Ние ги чувавме тие средства за вашето султанско величество» – лажеле тие. Мехмед веднаш заповедал да бидат казнети со најсурова казна: им ги отсекле главите, а телата ги фрлиле на кучиња. А оние олигарси, кои бегале на Запад, надевајќи се дека таму ќе ги скријат своите капитали, биле немилосрдно испокрадени од пријателите и животот го завршилое во сиромаштија.

Огромен проблем на Византиската држава во периодот на опаѓање била честата смена на правецот на политиката, она што се нарекува нестабилност и наследување на државната власт. Со смената на императорот често кардинално се менувал и правецот на животот на империјата. Тоа крајно ја ослабнувало државата и многу го заморувало народот.

Политичката стабилност е еден од главните услови за силна држава. Тоа бил заветот на големите императори на Византија. Но тој завет бил заборавен. Имало период, кога императорите се менувале во просек на четири години. Можело ли во такви да стане збор услови за некаков подем на државата, за вистинска реализација на големи државни проекти кои барале повеќегодишна доследна работа?

Конечно, во Византија имало и повеќемина силни императори. Таков бил, на пример, Василиј II, кој му бил кум на рускиот кнез свети Владимир. Тој го презел управувањето со империјата по најтешката криза: земјата фактички била приватизирана од олигархијата. Василиј II како прво цврсто го ја изградил вертикалата на власта, потоа го загушил сепаратистичкото движење во пограничните подрачја, ги отстранил непокорните гувернери и олигарси, кои имале намера да ја распарчат империјата. Потоа спровел «чистка» во раководството, ги конфискувал огромните украдени суми.

Цврстите мерки на Василиј II му дозволиле да ги зголеми доходите на буџетот до невидено високи суми: годишниот доход на империјата во негово време бил 90 тони злато. За споредба: Русија достигнала таков државен буџет дури во почетокот на XIX век.

Василиј значително ги ослабнал моќните регионални олигарси-магнати. Влијанието и богатството на тие местни владетели повремено биле неспоредливо поголеми од влијанието на официјалната власт. Така, еднаш, за време на воен поход малоазискиот магнат Евстатиј Малеин демонстративно ја повикал на својот имот да одмори целата војска на императорот Василиј предводена од него и лесно ја издржал таа огромна армија, додека тие да одморат и да ги обноват своите сили. Овој олигарх сериозно се надевал дека ќе влијае на судбината на државата: тој започнал интриги и го протуркал својот марионетски кандидат во највисоката власт. Но, за тоа скапо платил: му бил конфискуван целиот негов огромен имот, а тој бил испратен во еден од најдалечните затвори на империјата.

Друг бунтовен магнат – Варда Склир, откако неговата буна била загушена, во доверлив разговор самиот го посоветувал императорот Василиј II да ги истошти магнатите со даноци, со различни директиви, а главно – со државна служба, за да немаат време премногу да се богатат и да зајакнуваат.

Откако ја востановил вертикалата на власта во државата, Василиј на својот наследник му оставил своевиден «стабилизациски фонд», толку голем, што, по зборовите на историчарот Михаил Псел, за него требало да се направат нови лавиринти во подземните благајни. Таа државна резерва била предназначена првенствено за спроведување воена реформа и организирање военоспособна професионална армија. Но, наследниците на Василиј сите тие заштеди наразумно ги изеле и поарчиле.

Воопшто, Византија со наследниците немала среќа!… Иако, токму византијците биле најдобри специјалисти во светот за наследници. Тие не практикувале принцип на (непосредно) наследување на тронот. Сакајќи власта да ја предадат на достоен наследник, императорите обично избирале еден или двајца наследници и активно ги ангажирале во државните работи. Им доверувале високи и одговорни должности во власта и ги надгледувале. Дури имало систем, кога во државата имало и император, и таканаречени помлади императори – наследници. Сето тоа било многу разумно, но колку и да го вообличувале тој систем, на крајот на краиштата станало јасно – со наследниците е просто: или ги бидува или не.

На Василиј II не му успеала таа работа. Зафатен со државнички работи, тој не успеал да си подготви достоен наследник и, конечно, на престолот дошол неговиот роден брат Константин VIII. Новиот император, се почувствувал моќен, слободен и непречено богат, и се зафатил – не со работа, туку со бујно мечтаење за работите и грижи за слава која морала да ја засени славата на братот. Резултатот бил очаен: под наметката на порфироносниот мечтател циничната владина елита брзо ја изгубила послушноста и дисциплината што им ги наметнал Василиј II и со нова сила започнале борба за власта.

Иако олигарсите бргу ја достигнале својата цел, тоа за нив не било бесплатно: ако Василиј II ги казнувал непокорните со конфискација или, во крајна мерка, со вообичаено во средните векови – ослепување, неговиот наследник, хистеричниот Константин, во пориви на гнев кастрирал половина од тогашната Византиска чиновничка елита. Со екстравагантноста на своите постапки тој надминал дури еден од разузданите императори од времето на опаѓањето на државата кој имал прекар Пијаница и, како него, со неочекуван изглед ја забавувал толпата на градскиот хиподром, кој бил три пати поголем од овој римски Колосеум.

Следниот наследник, исто така, не ги оправдал очекувањата. Вертикалата на централната власт почнала да се урива. Резултат од новиот отопор на клановите и елитите, постојаните поделби на сопственоста се покажал закономерно очаен: веќе по 50 години империјата се нашла на раб на пропаста.

Поточно, огромниот «стабилизациски фонд» во рацете на неталентираните управници не донел добро, туку беда: без труд стекнатите пари одеднаш почнале да работат против државата. Тие го расипале, го разложиле општеството. Византискиот историчар Михаил Псел со горчина говори, дека токму од неразумното користење, а повеќе од крадењето на парите кои ги собрал Василиј, империјата «се разболела» «почна да се надувува телото на државата, некои поданици се наполнија со пари, други до грло ги накитија со чинови и го направија нивниот живот нездрав, погубен».

И така, прашањето за наследувањето на власта за империјата се покажало како прашање на живот и смрт: ако биде зачувана наследноста и стабилноста на развојот – државата ќе има иднина. Во спротивно – ја чека крах. Но, народот всушност тоа не го разбирал и од време навреме барал нови и нови промени. На таквите расположенија играле најразлични авантуристи и пребегани олигарси. Тие обично се криеле зад границата и оттаму поддржувале интриги со цел да го развластат императорот што не им бил угоден, да доведат на власт свој штитеник и да постават нови граници на имотот. Така, во Рим во XV век бил пребеган од Византија и добил политичко прибежиште некој Висарион – просечен научник, непринципиелен политичар и гениален интригант. Тој од Рим ја координирал целата опозиција во Константинопол и ѝ причинил не малку главоболки на владата, а станал и католички кардинал. Тој си купил куќа во Рим. По неговата смрт западните покровители именувале во негова чест дури и една мала улица на периферијата на градот.

Најтешка и неизлечлива болест на државата бил проблем каков што Византија немала никогаш: во империјата се појавило националното прашање.

Се работи за тоа, дека националниот проблем во Византија навистина не постоел во текот на многу векови. Како историски законски потомци на древниот Рим, кого што варварите го уништиле во V век, жителите на Византија себе се нарекувале римјани, ромеи. Во огромната држава наместо поделбата на многу националности имало една вероисповед – Православието. Византијците буквално го исполнувале христијанското учење за новото човештво, живеејќи во божествениот дух, каде што «нема ни елин, ни јудеец, ни скит», како што напишал апостолот Павле. И тоа надежно ја чувало државата од сеуништувачката бура на националната омраза. Доволно било некој паган или иноверен да ја прими Православната вера и да ја потврди својата вера со дела, и тој станувал абсолутно полноправен член на општеството. На Византискиот престол, на пример, императори – ерменци имало речиси толку, колку и грци, имало луѓе со сириско, арабско, словенско, германско потекло. Високи и државни чиновници станувале без ограничување претставници од сите народи на империјата – основно внимание се обраќало на деловните квалитети и приврзаноста кон Православната вера. Сето тоа го обезбедувало со ништо неспоредливото културно богатство на Византиската цивилизација.

Туѓи за византијците биле само луѓето со друг, неправославен морал, со друг, туѓ етос за нивниот древен културен светоглед. На пример, грубите, недоделкани, лудо алчни западноевропејци од тоа време, за ромеите биле варвари. Императорот Константин Порфирогенит го поучувал својот син, кој избирал за себе невеста: «Бидејќи секој народ има различни обичаи, разни закони и установи, тој мора врските за содеинување на животот да ги склучува и прави во едниот ист народ».

За да се разбере правилно мислата на императорот, треба да се има на ум, дека неговиот прадедо бил скандинавец со име Ингер, дедото – син на ерменец и словенка од Македонија, жената – ќерка на ерменец и гркинка, а невестата – ќерка на италијанскиот крал. Неговата внука Ана станала жена на рускиот кнез свети Владимир, веднаш откако бил крстен.

Идејата за нацијата, а потоа и за националната надмоќ, византијците, а поточно византиските грци, кои, без сомнение, биле државотворен народ во Византија, ја позајмиле од европејците, кои самите живееле во мали национални држави, засновани на етнички принцип. На пример, Франција, германските држави, италијанските републики… Националното устројство било правилно и добро за нив, но се работело за тоа што Византија не била етничка држава, туку многунационална империја – и во тоа се состела принципиелната разлика. 100 години Византиските грци се бореле со тоа искушение и не дозволувале да бидат победени. «Сите ние сме ромеи – православни граѓани на Новиот Рим» – изјавувале тие.

Треба да се забележи, дека сите тие процеси се случувале на самиот почеток на епохата, која историчарите ја нарекуваат Ренесанса – светска преродба токму на националната, елинско-грчка, паганска идеа. Тешко им било на грците да не се соблазнат со таа западноевропска Ренесанса, да не паднат во искушение заради восхитот и пиететот на европејците пред културата на нивните големи предци.

Прва потпаднала тогашната интелигенција: просветените византијци почнале да се чувствуваат како грци. Започнале националистички движења, откажување од христијанските традиции и на крајот, при императорите Палеолози, империската идеја му отстапила место на тесно-етничкиот грчки национализам. Но, предавството на империската идеа не поминало без последици: националистичката треска ја распарчила империјата, и таа бргу била проголтана од соседната исламска држава.

Апологетот на елинистичкиот национализам, учениот либерал Плитон, вака надмено му напишал на императорот Мануил II: «Ние, на кои вие им заповедате и со кои управувате – сме грци по потекло, како што за тоа сведочат јазикот и образованието што сме го наследиле!» Такви зборови биле незамисливи само 100 години порано. Но, Плитон ги напишал нив спроти падот на Константинопол, во кој веќе не живееле ромеи, туку грци, ермени, словени, араби и италијанци, неприајтелски настроени едни кон други.

Надменоста на грците довела до тоа словениет во империјата да бидат дискредитирани. Со тоа Византија ги отфрлила од себе бугарите и србите, кои реално можеле да помогнат во борбата со турците. Сето тоа завршило така, што народите на некогаш единствената Византија почнале да непријателствуваат еден против друг.

Западот не испуштил да го искористи новиот немир: србите и бугарите биле грижливо убедувани, дека грците со векови ја угнетуваат нивната национална самобитност. Биле испровоцирани неколку вистински револуции, и конечно, со помош на економски и воени притисоци, Запад настојувал да ги оддели србите и бугарите од Византија и да ги присоеди кон обединетата латинска Европа. Тие извикале: «Ние, исто така, сме европејци!» – одеднаш се сетиле тие. Западот им ветил материјална и воена помош, но, секако, ги измамил и цинично ги фрлил пред себе на патот на турските орди. Предадени од Западот, балканските народи во текот на повеќе векови останале под најсуровиот турски јарем. А, Византија веќе со ништо не можела да им помогне. Националното превознесување одиграло најлоша улога за империјата.

Голем проблем било постепеното испуштање на реална контрола над далечните области и провинции. Особено остро се чувствувала противречноста меѓу провинциите и ситата, богата престолнина – Константинопол, кој во многу живеел на сметка на сиромашните покраини. Во почетокот на XIII век Византискиот писател Михаил Хониат со горчлив укор напишал, обраќајќи се кон жителите на престолнината: «Зарем не се вливаат реките од сите богатства во престолнината, како во едно море? Но вие не сакате да погледнете зад своите ѕидини и врати, не сакате да ги погледнете околните градови, кои од вас очекуваат справедливост; вие во нив испраќате еден по друг даночни чиновници, со нивните ѕверски заби да ги изедат и последните остатоци. Самите вие пак, останувате спокојни и трупате богатства».

Дури градоначалникот на престолнината – епархот на Константинопол – имал сосема особен статус во државата и современиците понекогаш ја споредувале неговата власт со власта на императорот, «само без порфира», како што велеле тие. Еден од таките епарси еднш толку бурно се занел со градење на многукатници во престолнината, што морало да биде запиран со специјален императорски указ за забрана за градење во престолнината на градби со повеќе од 10 спратови.

Целиот политички , културен и општествен живот, всушност, се одвивал во Константинопол. Раководството не сакало да забележи, дека се создава сериозен дисбаланс и провинцијата, за која престолнината заборавила, сè повеќе осиромашува. Постепено во неа сè поостро почнале да се пројавуваат центрифугални тенденции.

Гуверерите на далечните територии, исто така, играле своја лукава игра. Даноците кои се собирале во провинциите несовестно се разграбувале. И не би било најлошо, ако украдените пари биле за лично збогатување на гувернерите и нивните помошници. За жал, со државни средства се создавале вистински воени формации под маската на одреди за зачувување на правниот поредок. Со текот на времето тие војски били подобро опремени, отколку регуларната армија.

Кога државата ослабнувала – провинциите се одделувале. Државата немоќно го гледала тој процес. Но, бунтовните гувернери, откако ќе се ослободеле од централната власт, кратко време се залажувале со своите розови надежи. Заедно со несреќното население на нивните области, тие речиси за миг потпаѓале под суровата власт на друговерните. Притоа, населението било убивано или паѓало во ропство и «осамостоените» территории ги населувале турци и персијци.

Демографскиот проблем бил еден од најострите во Византија. Империјата постепено ја населувале туѓи народи, сигурно истиснувајќи го домородното православно население. Очигледно настанувала смена на етничкиот состав на змејата. Донекаде тоа бил неизбежен процес: наталитетот во Византија станувал сè понизок. Но, тоа и не било најстрашното. Такви периоди имало и порано. Катастрофата била во тоа, што народите, кои сега се вливале во империјата, веќе не станувале ромеи, туку засекогаш останувале туѓинци, агресивни, непријателски. Сега дојденците се однесувале кон Византија – не како кон своја нова татковина, туку само како кон потенцијална добивка, која порано или подоцна, мора да премине во нивни раце.

Тоа се случувало уште и затоа што империја одбила да се занимава со воспитување на народот во интерес на демагошките теории што се појавиле во почетокот на епохата на Ренесансата за државната идеологија како за насилство над личноста. Но, светото место празно не останува. Доброволно откажувајќи се од својата илјадагодишна идеолошка функција на воспитување на народот, византијците дозволиле врз душите и умовите на своите граѓани да влијае не толку независната и либерална мисла, колку управуваната агресија, насочена на уривање на основите на државата и општеството.

А, тие имале прекрасно искуство кое не можело со ништо да се споредува! Најдобрите водачи на империјата умешно го искористиле своето големо наследство: најбогатото искуство од управување и подчинување. Како резултат; суровите варвари, припоени кон големата христијанска култура, станувале најдоверливи сојузници, добивале звучни титули, големи имоти, влегувале меѓу највисоките државни чиновници и се бореле за интересите на империјата на најоддалечените граници.

Што се однесува до демографските прашања и старата «главоболка» на секоја империја – сепаратизмот на покраините, за тоа најдобрите Византиски императори на своите наследници им оставиле проверени начини на империско решавање на тие задачи. На пример, создавање на услови за масовно преселување на жители од централните области во далечните провинции. Тоа веднаш ги зголемувало наталитетот и уште во второто поколение необичаната животоспособност на доселените на новото место.

Но, целото тоа искуство било жестоко исмеано, тоа големо искуство престапно го пренебрегнале во интерес на туѓо мислење и, на крајот, неповратно изгубиле!

А какво било тоа мислење? Какви гледишта почнале одеднаш да усвојуваат византијците? Што можело така да повлијае на нивните умови, што тие еден по друг почнале да прават толку самоубиствени грешки?

Во тоа е тешко да се поверува, но толкав громаден пиетет и зависност кај византијците постепено се создал во однос кон некогаш варварскиот Запад, кој завидливо и алчно со столетија ги гледал богатствата на Византија, а потоа ладнокрво и систематски растел за нејзиното постепено распаѓање.

Византија била особена држава, која се разликувала и од Западот, и од Истокот. Сите го признавале тој факт. Но, едни им се восхитувале, други таа самобитност ја мразеле, трети биле обременети од неа. Како и да било, но различноста на Византија од останатиот свет било објективна реалност. Почнувајќи од тоа, дека Византија била единствената држава во светот што се простирала на огромен простор меѓу Европа и Азија, веќе самата таа географија во многу ја определувала нејзината уникатност. Многу важно е тоа, дека Византија по својата природа била многунационална империја, во која народот ја чувствувал државата како една од своите највисоки лични вредности. Тоа никако не било достижно за западниот свет, каде на ниво на свети принципи уште тогаш биле установени индивидуализмот и личното своеволие.

Смисла на постоењето и душа на Византија било Православието – неповреденото исповедање на христијанството, во кое илјадалетие принципиелно не се изменувале никакви догмати. Таков демонстративен консерватизам Западот просто не поднесувал, го нарекувал нединамичен, тап, ограничен и, конечно, фанатично почнал да бара; Византија да го модернизира целот свој живот според западен образец – првенствено религиозната, духовната сфера, а потоа интелектуалната и материјалната. По повод уникатноста и своеобразноста на Византија, Западот без оглед на својата некогаш поразителна и страстна љубов кон оваа цивилизација, ја изрекол својата пресуда: сето тоа мора да биде уништено. Ако треба, заедно со Византија и со нејзините духовни наследници.

…Убави оргули. Исто така, пронајдени и произведени во Византија. Во IX век ги пренеле во Западна Европа, и оттогаш, како што гледате, овде и заседнале.

Но, секако, не може да се рече, дека Западот бил виновен за неспесите и падовите на Византија. Западот само ги следел своите интереси, што е сосема разбирливо. Историските порази на Византија се случувале тогаш, кога самите византијци ги изневерувале основните принципи на кои се држела нивната империја. Тие големи принципи биле вообичаени и секој византиец ги познавал уште од детството: верност кон Бога, кон неговите вечни закони, кои се чуваат во Православната Црква, сигурно потпирање на своите внатрешни традиции и сили.

Со столетија; Византиските императори – мудрите и кратковидите, успешните управители и ненадарените полководци, светите на тронот и крвавите тирани – кога се наоѓале пред неизбежен судбоносен избор, знаеле дека запазувањето на тие две правила е залог за животоспособноста на нивната империја.

Во Светото Писмо, кое од детството му било познато на секој византиец, за тоа кажано сосема јасно: «Како сведоци пред вас сега ги повикувам небото и земјата: живот и смрт ти предложив на тебе, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и твоето потомство».

Во Византија од крајот на XIII век се образувале две партии. Едната повикувала да се потпрат првенствено на своите внатрешни сили, безусловно да веруваат во нив, да го развиваат колосалниот потенцијал на својата земја. Тие биле подготвени западноевропското искуство да го прифатат селективно, откако времето сериозно ќе го провери и само во случаите кога промените нема да ги засегаат фундаменталните основи на верата и државната политика. Другата партија била прозападна. Нејзините претставници укажувајќи на несомнениот факт дека Европа се развивавала сè поуспешно, почнале сè погласно да изјавуваат, дека Византија историски се исцрпила себеси како политичка, културна и религиозна појаа, и барале радикална реформа на сите државни институции според образецот на западноевропските држави.

Претставниците на прозападната партија кои биле тајно, а почесто и отворено поддржувани од европските раководства, надмоќно ги победиле империските традиционалисти. Под нивно раководство во државата биле остварени редица важни реформи, вклучително и економска, воена, политичка и, конечно, идеолошка и религиозна. Сите овие реформи завршиле со целосен крах и довеле до такво духовно и материјално распаѓање во империјата, што таа останала сосема немоќна пред притисокот на војските на својот источен сосед – Османскиот султанат.

Како прво; западната партија ја ревидирала татковинската историја, култура и вера на својата земја. Но, наместо здрава критика, тие на општеството му предложиле погубно самоуништување. Сè што било западно се фалело, а своето се презирало. Византиската историја се извртувала, верата и традициите се исмејувале, армијата била уништувана. Од Византија почнале да создаваат некакво светско чудовиште.

Богатата Византиска младина сега веќе не учела во својата земја, туку заминувалал да учи во странство. Најголемите умови на Византиската наука емигрирале на Запад: државата престанала да им посветува должно внимание. Императорот Теодор II претскажал: «Отфрлената наука ќе стане наш непријател и ќе се сврти против нас. Таа; или ќе нè уништи, или ќе нè направи варвари. Го пишувам ова опфатен од мрачна тага». Претчувствата не го измамиле императорот. За време на последната фатална опсада на Константинопол, истакнатиот научник, унгарецот Урбан, му предложил на императорот да направат големи артилериски орудија, кои би можеле да ја разбијат турската војска. Но, благајната била празна, а константинополските богаташи не дале пари. Откако не бил платен, Урбан, навреден, ги предложил своите услуги на султанот Мехмед. Султанот не ја пропуштил таа шанса, што му овозможувала да ги урне недостапните ѕидини на градот. Тој дозволил неограничено финансирање на проектот и на крајот на краиштата, топовите на Урбан, најголемиот научник на Византиската школа по балистика, ја решиле судбината на империјата.

Долго време потоа според западен образец била спроведена воена реформа. Во Византија со векови постоел проверен, макар и не секогаш ефективен, систем на таканаречен стратиотски отпор – тоа била национална регуларна армија со регрутирани момчиња на 18 години. Со текот на времето на Византиската армија ѝ биле потребни сериозни промени. За војска од нов тип биле потребни големи влогови на капитал . Оној стабилизациски фонд на Василиј II бил предназначен токму за создавање ефективна армија. Фондот, како што знаеме, го поарчиле, а армијата решиле кардинално да ја изменат, организирајќи ја според образецот на западната професионална армија. Во тоа време умовите на византијците биле пленети од изгледот на западните рицари во оклопи и опреми – последните достигнувања на тогашната воена индустрија. «Моите византијци – се како глинени ловци, – презриво говорел за Византиските војници еден од императорите – а западните рицари – се како “метални котли”». Накратко кажано, како резултат на реформите – својата регуларна армија ја уништиле, а профессионална не формирале. Кончено бил заземен курс на сојузништво со Западот во рамките на нов воено-политички сојуз, а во практиката тоа се изразило во најкритичните воени периоди кога требало да се ангажира професионална армија, но не своја, туку изнајмена… А, што е тоа изнајмена армија, каква е нејзината верност и воена способност – византијците сигурно дознале на своето многу горко искуство.

Обидувајќи се да се питпира на искуството на Западот, државата станувала сè повеќе и повеќе неефективна. Но, упорно барала спасение во ново копирање на западните образци.

Последен и најстрашен удар за Византија била црковната унија со Рим. Формално тоа било потчинување на Православната Црква на Римскиот папа од чисто прагматични интереси. Честите надворешни агресии ја поставиле државата пред изор: да смета на Бога и на своите сопствени сили или да ги изневери вековните принципи, на кои била заснована нивната држава, а за тоа да добие воена и економска помош од латинскиот Запад. Изборот бил направен. Во 1274 г. императорот Михаил Палеолог направил радикална отстапка пред Западот. Првпат во историјата испратените од Византискиот император во Лион го признале првенството на Римскиот папа.

Погодностите кои византијците ги добиле од тоа предавство на идеолошките позиции, се покажале мизерни. Плановите на прозападната партија не само што не се исполниле – тие доживеале целосен неуспех. Сојузот со Рим не траел долго. Папата – гркофил, кој од најдобри побуди ја вовлекол Византија во унија, набргу потоа умрел, а неговиот наследник, новиот понтифик, се покажал сосема различен од неговиот претходник; интересите на латинскиот Запад за него биле пред сè друго. Тој барал Византија целосно да се измени, да се престрои по образецот и подобието на Западот. Кога измените кои Западот ги очекувал не се случиле, папата го исклучил новопечениот духовен син на императорот Михаил Палеолог од Црквата и ја повикал Европа на нов крстоносен поход врз Византија. Православните што го прифатиле унијатството били прогласени за лоши католици. Византијците морале да сфатат, дека на Западот му е потребно само целосно и безусловно религиозно и политичко потчинување. Непогрешлив за византијците морал да стане не само папата, туку и самиот Запад.

Друга, страшна загуба од предавството на верата било губењето на довербата на народот кон власта. Византијците биле потресени од предавството на нивната највисока вредност – Православието. Тие виделе, дека и со главното во животот – со вистините на верата – се покажало дека некој може да си игра. Била изгубена смислата на живеењето на Византијците. Тоа било последното – и главното што ја урнало државата. Макар што сите не ја примиле унијата, сепак духот народот бил скршен. На местото на поранешната жед за живот и енергична решеност за дејствување, дошла ужасна општонародна апатија и зачмаеност. Народот не сакал повеќе да живее.

Тој ужас повремено се случува во историјата со одделни народи и цели цивилизации. Така изумреле античките елини, меѓу кои во првите векови од нашата ера започнала необјаснива демографска криза. Луѓето не сакале да живеат, не сакале да го продолжат својот род. Ретките семејства, ако и се создавале, често немале деца. Родените деца умирале од недоволна родителска грижа. Абортусите станале вообичаена појава. Царувале најмрачни окултни и гностички системи кои се одликувале со омраза кон животот. Самоубиствата биле една од основните причини за смртноста на населението. Тоа свесно изумирање на народот во науката било наречено «ендогена психоза на II-III век» – масовна патологија на психата и загуба на смислата за понатамошно живеење.

Истото тоа се случило во Византија по склучувањето на унијата. Кризата на државната идеологија довела до тотален песимизам. Во општеството царувал духовно-етички распад, неверие, интерес кон астрологијата и најдивите суеверија. Алкохолизмот бил вистински бич за машкото население. Се појавил болен интерес кон одамна заборавените мистерии на древните елини. Интелигенцијата, вовлечена во неопаганизмот, свесно и цинично му ја поткопувала на народот основата на христијанската вера. Започнале процеси на депопулација и криза на семејството. Од 150 нам познати византиски интелектуалци на крајот на XIV и почетокот на XV век, само 25 создале семејство.

Тоа е само мал дел од она, до што ја довело Византија решението на елитата да ги жртвува највисоките идеали заради практични погодности. Се распаѓала душата: во големиот народ кој на светот му дал грандиозни образци на духовен полет, сега насекаде царувал општ цинизам и караници. Руски поклоник во почетокот на XIV век напишал: «Грци – тоа се оние што немаат љубов».

Најголемите умови на Византија со тага ја гледале постепената смрт на империјата, но нивниот глас веќе никој не го слушал. Видниот државен службеник Теодор Метохит, не гледајќи никакво средство за спас на Византија, го оплакувал поранешнот величие на «ромеите» и нивната «загината среќа». Тој ја оплакувал империјата «ранета од болести, која лесно настрадувала од секој напад на соседите и била беспомошна жртва на судбината и случајностите».

Нова унија, во некаква веќе сосема безумна надеж на помош од Западот, која била потпишана во Флоренција/Фиорентина, не изменила ништо. А, за самите византијци тоа бил нов морален удар со огромна сила. Сега не само христољубивиот цар, туку и патријархот ја примил верата на латините.

Но, без оглед на предавството на одделни јерарси, Православната Црква опстанала. «Сите биле против унијата», – ни соопштува Византиски историчар.

«О, жални ромеи! – пророчки нaпишал додека бил затворен монахот Геннадиј Схолариј по потпишувањето на Флорентиската унија и 14 години пред падот на Константинопол. – Зошто застранивте од праведниот пат: се оддалечивте од надежта на Бога и почнавте да се надевате на силата на франките? Заедно со градот, во кој безмалку сѐ ќе биде разурнато, вие отстапивте и од вашето благочестие! Милостив биди ми, Господи! Сведочам пред Божјото лице, дека не сум виновен во тоа. Обратете се, несреќни граѓани, размислете што правите?! Заедно со ропството што наскоро ќе нѐ постигне, вие отстапивте и од татковското предание и почнавте да исповедате нечестие. Тешко вам, кога ќе дојде на вас Божјиот суд!»

Зборовите на Генадиј Схолариј се оствариле апсолутно буквално а, тој самиот морал да го носи неверојатно тешкиот крст на горкото патријаршество – тој бил првиот православен патријарх кого турците го заробиле во Константинопол.

Се приближувала фаталната 1453 г. Во април султанот Мехмед, кој тогаш бил момче на 21 година, го опколил Константинопол. Султанот буквално бил занесен со идејата да ја освои престолнината на ромеите. Неговите постари учители – везири, од кои еден бил таен агент на Византија – го наговаравале да се откаже ос опсадата: премногу опасно би било да војува на два фронта – сите биле уверене, дека Запад веднаш ќе пристигне на помош со војска. Но, султанот се покажал непослушен воспитаник.

А, ветената помошт од Европа, секако, не дошла. Кон партијата на прозападните во Константинопол се додала уште и протурска партија. Колку и да е тажно, но меѓу политичарите немало само вистинска Византиска империска партија.

Турската партија ја возглавил првиот министер и адмирал – мегадука Лука Натара. Тој јавно разгласил, дека «подобро е во градот да види како царува турската чалма, отколку латинската тиара». Нему, првиот министер, му било судено наскоро целосно да доживее, како всушност «царува турската чалма». Кога султанот Мехмед II го освоил градот, тој среде општиот грабеж и дивиот колеж, решил за градоначалник да го постави токму Лука Натара. Но, пред тоа, кога дознал дека тој има четирнаесетгодишен син кој бил многу убав, го побарал него во својот харем составен од момчиња. Кога Натара, потресен, тоа го одбил, султанот наредил веднаш да има бидат отсечени главите; и на момчето и на мегадуката Лука.

Разврската неизбежно се приближувала.

На 29 мај 1453 г. по повеќемесечна опсада и херојски отпор од бранителите на градот, турците успеале да се пробијат низ горната ѕидина. Бранителите , исплашени се разбегале. Последниот Византиски император Константин Палеолог останал сам, напуштен од сите. Држејќи во рацете меч и штит, царот извикал: «Има ли некој христијанин, да ми ја отсече главата?» Но, никој не одговорил. Непријателите го опколиле, и по кратка борба, некој турчин од зад грб го убил императорот со удар во вратот.

Што уште да се додаде?… Овде сега живее сосема поинаков народ, царуваат други закони, други обичаи. Византиското наследство, кое им било туѓо на дојденците, или било разурнато, или во основа изменето. Потомците на оние грци, кои освојувачите не ги сотреле, во текот на вековите се претвориле во бесправни туѓинци на своја земја.

Одмаздничката омраза на Западот кон Византија и кон нејзините наследници, сосема неразбирлива дури ни за нив самите, на некое подлабоко генетско ниво, колку тоа и да е парадоксално, продолжува до денешно време. Ако не го разбираме тој поразителен, но несомнен факт, ние ризикуваме многу нешта да не разбереме – не само во дамнешната историја, туку и во историјата на XX, па и на XXI век.

Во Русија до револуцијата се вршеле сериозни истражувања на Византија. Но, од теоретските знаења не извлекле поуки… Во првата деценија на советската власт истражувањата по византологија биле запрени, а потоа и официјално забранети. Уште повеќе, за секој случај болшевиците ги репресирале сите византолози кои останале во Русија, а само малкумина успеале да избегаат преку граница.

Истражувањата по византологија во Русија биле возобновени во 1943 г., со решение на највисоко државно ниво, со личен указ од Сталин. Би се рекло: 43 година… зарем не можело во друго време? Да; не можело – просто бившиот ученик во богословија Џугашвили конечно разбрал каде треба да се учи историјата.

А големиот град, кој толку често ги заборавал древните татковски закони, заради што ни името не му е зачувано, сѐ уште е способен за својата последна служба: да раскажува за невиденото величие и грандиозноста на падот на големата империја.

Архимандрит Тихон (Шевкунов)

Извор: Дикторский текст литературного сценария фильма «Гибель империи. Византийский урок» с научными комментариями

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s