Раѓање на Пресвета Богородица

Раѓањето на Пресвета Богородица има многу големо значење за целиот човечки род и свечено се почитува во Соборната Црква. Новороденчето Марија била небесен дар од Бога на праведните Јоаким и Ана. Со овие блажени сопружници кои се повисоки од сите земни родители, се радуваат и ангелскиот собор и човечкиот род. Денешната празнична радост има длабока основа, зашто прославуваме вековечен настан. Вековечен настан – во смисла дека раѓањето на земјата на Богомајката се подготвувало со векови, но и дека неговото влијание нема да престане во сите идни векови. Црквата во ризниците на својот дух нашла многу, што можела да му посвети токму на овој настан. Во негова чест посветила ден како еден од своите најголеми празници.

Доаѓањето на «Богородителката» во светот, Божјата промисла го подготвувала со векови и поколенија. Преку долга низа поколенија Божјата Промисла го подготовувала за себе на земјата тој сад на Божеството. «Преблагословената Марија, потекнувајќи од родот на Авраам и Давид, меѓу своите предци има старозаветни патријарси, многу првосвештеници, водачи и јудејски цареви.

Пророкот Језекиил ја нарекол Божествена Девствена Порта која, свртена кон Исток, очекува низ неа да помине и да влезе во вселената Господ Христос.

Веста за Раѓањето на Богомајката, по зборовите на црковните песнописци, стигнала и до прародителите Адам и Ева во Адот. Отфрлајќи ја тагата, тие велат:

«Преку Тебе, Пречиста, кога ќе се јави Христос, ние ќе се избавиме од клетвата». А, прамајката Ева ја поздравува својата Внука со радосен восклик: «Сега ми се роди избавувањето. Заради Дева, јас ќе бидам ослободена од адот».

Самото Раѓањето на Пресвета Дева било исклучително, необично дело на Божјата Промисла.

Ако пророкот Јеремија бил осветен од Бога уште во утробата на својата мајка (Јер. 1:5), а за Предтечата Господов Јован било предскажано, дека тој уште во мајкината утроба ќе се исполни со Светиот Дух (Лк. 1:15), тогаш со какви ли благодатни дарови била преисполнета Пресветата Дева уште во утробата на својата мајка, светата и праведна Ана.

Значи, со Раѓањето на Пресвета Богородица започна она чудесно Божјо дело на земјата, кое може со еден збор да се нарече «спасение», а поточно «боговоплотување». Раѓањето на Пресвета Богородица Марија претходело пред јавувањето на Господ Исус Христос на земјата во тело. Нејзиното раѓање го означило приближувањето на времето кога ќе биде уништена силата на гревот, осудата и смртта. Раѓањето на Пресвета Богородица овозможило наскоро да започне божјото дело за откупување на светот и да засвети Божјиот благослов и вечниот живот на земјата. Наближувало соединувањето на Творецот со созданието, започнувало помирувањето на Бога со човекот. Истовремено, на земјата почнал да слегува Божјиот благослов. Задувал првиот ветер на спасението, и ако земјата со сето создание сѐ уште не можела да ја доживее полната радост на спасението, сепак ја претчувствувала таа света и голема радост.

На празничната сцена во сета своја праведност настапуваат и богоотците т.е. родителите на Пресвета Богородица: Јоаким и Ана. Ова чудесно раѓање што му донесе добрини на целиот свет, меѓу другото, било и награда за нивната праведност. «Непорочно живеејќи за Бога, ја родиле среќата на сите» – се пее во црковната песна.

Освен праведниот живот во чистота и непорочност, уште нешто во Јоаким и Ана било причина што им бил даден толку голем дар од Бога, нешто што било «достојно за божествениот дар». Тоа се нивната огнена молитва и неотклонета надеж на Бога. Молитвата и надежта на Бога и за нив ја докажале сета своја сила. Затоа, праведните Јоаким и Ана нѐ поучуваат што може да се достигне со молитва и цврста надеж на Бога и што може да се добие од Бога, Кој е «Надеж на безнадежните».

Да ја молиме Пресвета Богородица, побожно да ѝ се поклонуваме со љубов, така што да се удостоиме да бидеме од истиот род со неа; а тоа е човековиот род од кој се роди Бог, родот на оние што секогаш остануваат верни на Бога. Амин.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s