Преподобен Силуан Атонски

Преподобен Силуан Атонски (крштелно име — Симеон) се родил во 1866 г., во селото Шовско на Шовската област, во Лебединскиот срез на Тамбовската губернија, во благочестивото семејство на земјоделецот Јован Антонов.

Неговите родители биле луѓе трудољубиви, кротки и по природа мудри, иако неписмени. Големото и сложно семејство — подоцна се присетувал старецот — живеело сиромашно. Сепак, оние што барале помош, никогаш не биле одбивани — со нив се делело и последното. Со особена радост во семејството примале гости. Таткото разговарал со нив за Бога и за христијанскиот живот, а тие разговори оставале силен впечаток на приемчивата душа на момчето.

Симеон од детството се трудел заедно со постарите, колку што можел му помагал на таткото во полето и на браќата во градежните работи на имотот. Веројатно заради тоа, тој бил принуден да ја остави селската школа, учејќи во неа само „две зими.” Но, преподобниот секогаш имал желба за знаење.

Животот на набожното семејство Антонови бил нераздвојно поврзан со храмот. Посетувањето на храмот од младоста, му влеало на Симеон чувство на благоговение пред Божјиот збор, го воспитувало во духот на христијанското смирение и во другите добродетели. Во храмот тој ја совладал црковната писменост, учел да се моли сосредоточено, внимавал на читањето на „Житијата на светите.” По неколку години момчето, засакувајќи го Господа од сета душа, јасно посакал да отиде во манастир и да прими монашки постриг. Негвата желба, сепак, таткото не ја поддржал. Тој настојувал синот прво да оди на воена служба и дури потоа да реши што сака да биде.

Потчинувајќи се на татковиот збор, Симеон се вратил во секојдневниот живот. Тогаш имал деветнаесет години. Набргу ја оставил благочестивата намера и тој, слично како и многуте млади, потпаднал пред соблазните на светот. Млад, убав, силен, а во тоа време веќе перспективен, тој се насладувал на животот и во метежната суета на светот почнал да го заборава Божјиот повик за монашко служење.

Но, Господ го зачувал од потонувањето во гревовните длабочини, повторно повикувајќи го да замине од светската суета и да стапи на патот на монаштвото. Еднаш, кога се вратил дома од шетање, тој задремал и во чуден сон, гледајќи се себе од страна, видел како во него влегува „смрдлива змија.” Тој почувствувал згрозеност и се разбудил, но во моментот на пробудување слушнал зборови кои ги кажала самата Пресвета Богородица: „Ти проголта змија на сон и ти се гади; така и Мене ми е непријатно да го гледам тоа што го правиш.” Осознавајќи ги своите гревови, момчето огнено се покајало за нив пред Господа и ѝ заблагодарило на Божјата Мајка за добрината што ја покажала кон него. Нему повторно му се вратила желбата да го посвети својот живот на Бога.

Воената служба Симеон ја отслужил во Санкт-Петербург. Тој бил исполнителен војник, со примерно поведение, верен во односите со пријателите во службата, заради што бил омилен меѓу пријателите. Во армијата со особена сила се пројавил дарот на неговиот мудар совет, од кој многумина што го прифатиле, нашле душевен спокој и среќа. Заминувајќи на војска со жива вера и длабоко покајно чувство, Симеон никогаш не заборавал за Бога. Во тоа време се определило и местото на неговите идни монашки подвизи — Света Гора Атон. При крајот на воената служба Симеон ги испросил молитвите и благословот од свети праведен Јован Кронштадтски. По завршувањето на воената слжба, Симеон дома поминал само една седмица. Собрал подароци за манастирот и неопходни нешта за на пат, се простил со сите и тргнал кон Атон.

Есента 1892 г. преподобниот стигнал на Света Гора и бил примен како послушник во Рускиот Пантелеимонов манастир, во времето на процветот на тоа братство.

Животот на старецот во манастирот бил вообичаен, достапен и надворешно со ништо незабележителен. Прво негово послушание му била тешката работа на мелницата, потоа грижливата задача како економ, надгледувањето на работилниците, магацинот со храна, и во староста со — трговскиот оддел.

Кога го поминал патот на почетните монашки испитувања, тој во 1896 г. бил пострижен во мантија со име Силуан, а во 1911 г. — во схима со замена на претходното име.

Свои ученици преподобниот немал и не бил под послушание на некој определен старец. Самиот тој, како повеќето монаси, се воспитувал во општата монашка атмосфера на Атонската духовна традиција, минувајќи ги деновите, како што тоа го барал многувековниот склад на манастирскиот живот, во постојаната Исусова молитва, на долгите богослужби во во храмот, во пости и бденија, со честа исповед и причестување со Светите Христови Тајни, во читање духовни книги и труд.

Во постојана борба минува 15 години. Еднаш, кога без оглед на сите трудови, не успевал да се моли чисто, монахот Силуан го зафатила болна тага: толку години краен напор, а возљубениот Господ сѐ уште се крие! Отец Силуан рекол во своето срце: „Господи <…> што треба да правам, за да Ти се молам со чист ум? <…> за да се смири мојата душа?.” И добил одговор од Бога во срцето: Држи го твојот ум во адот, и не очајувај.

Откровението од Господа на преподобниот Силуан, во кратка фраза го содржи вековното искуство на христијанското подвижништво. Осудувајќи се себеси на ад, признавајќи се достоен за казна, но не губејќи надеж на Милостивиот Господ, полагајќи ја само на Него Едниот сета своја сила и надевање, подвижникот наоѓа способност да се спротивстави на своите страсти и на нападите од надвор. Во тие зборови се состои патот на спасението за секој христијанин.

Од првиот до последниот ден, преподобниот бил пример на совршено послушание.

За 46 години поминати во манастир со општожителен типик/устав, подвижникот никогаш не се стремел кон заминување во затвореништво или кон оддалечување во пустина, сметајќи дека тоа се само помошни средства, а не цел на христијанскиот живот. Истовремено, нему му биле туѓи световните интереси. Постојано наоѓајќи се меѓу луѓе, старецот го пазел својот ум и своето срце од странични помисли, ги очистувал од страстите за молитвено стоење пред Бога, потврдувајќи дека тоа е најкраткиот пат кон спасението.

Целиот негов живот бил срдечна молитва „до многу солзи”, исклучително висок подвиг на љубов кон Господа. „Светот се одржува со молитвата — тврдел преподобниот — а, кога ќе ослабне молитвата, тогаш светот ќе пропадне.” Во таа молитвена устременост тој достигнал таква внатрешна состојба, во која го провидувал она што се случува и ја предвидувал иднината на човекот, откривајќи ги длабоките тајни на неговата душа и повикувајќи ги сите да стапат на патот на спасителното покајание. Постојаната молитва не го оставала подвижникот до последниот час на неговото земно странствување.

На 11/24 септември 1938 г., старецот схимонах Силуан мирно се упокоил. Тој со својот подвижнички живот јавил пример на кротост, смирение и љубов кон ближните.

По 50 години, во 1998 г., Светиот Синод на Константинополската Патријаршија го вроил блажениот старец во соборот на светите. Со благослов на Светиот Патријарх Московски и на цела Русија Алексиј II, името на преподобен Силуана Атонски било внесено во месецословот на Руската Православна Црква под 11 септември.

Сепак, уште одамна пред официјалната канонизација, многумина поклоници со вера во во неговото молитвено стоење пред Господа, пристапувале да се поклонат на честната глава на преподобниот, која се чувала во Покровскиот храм на светогорскиот Пантелеимонов манастир.

Ги лекуваат душите на верните и записите од подвижникот за суштината на христијанскиот живот и монашкото делување, кои се преведени на многу јазици и станале многу познати заради длабоката духовност и мудрост на зборовите.

Тропарь, глас 2

Серафимския любве ко Господу пламенный ревнителю и Иеремии, о народе плачущему, усердный подражателю, всеблаженне отче Силуане, ты, зову Матере Господа Сил внемляй, змия греховнаго мужемудренно изрыгнул еси и в Гору Афонскую от суеты мира удалился еси, идеже в трудех и молитвах со слезами благодать Святаго Духа обильно стяжа. Ею же сердца наша воспламени и с тобою умильно взывати укрепи: Господи мой, Жизнь моя и Радосте Святая, спаси мир и нас от всяких лютых

Кондак, глас 2

Смиренномудрия исповедниче предивный и человеколюбия Духом Святым согреваемая доброто, Богу возлюбленне Силуане, о подвизе твоем Церковь Российская радуется, иноцы же Горы Афонския и вси христианстии людие, веселящеся, сыновнею любовию к Богу устремляются. Егоже моли о нас, равноангельне боговедче, во еже спастися нам, в горении любве тебе подражающим.

Извор: Преподобный Силуан Афонский

Сайт Преподобный Силуан Афонский

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s