Почетокот на Црквата

За првите години, за првите настани во историјата на Црквата е раскажано во книгата „Дела Апостолски”, која ја напишал евангелистот Лука, какo продолжение на Неговото Евангелие. Во неа е опишана првата христијанска општина во Ерусалим, нејзиниот прогон од јудејските власти, проповедта на апостолите, особено – на апостолот Павле и на крајот, распространувањето на христијанството од Ерусалим до Рим. Историската вредност на таа книга често ја оспорувале, бидејќи на прв поглед таа изгледа далечна за современото разбирање на задачите и методите на историјата; во неа многу нешта се премолчени, таа некогаш претставува поскоро толкување или схема, отколку просто опишување на настаните. Но, мора да помниме дека слично како евангелијата, чија содржина не се исцрпува со опишувањето на Христовиот живот, и книгата „Дела апостолски,” според својот концепт, исто така, не е само историска хроника. Таа била напишана во годините кога Црквата која била излезена од првиот стадиум на својот развој и се утврдила во повеќе големи центри на Римската Империја, веќе целосно ја осознала својата назначеност и започнувала да закрепнува и да го „формулира” своето првично искуство во писменоста, која подоцна ќе ја сочинува книгата „Нов Завет на нашиот Господ Исус Христос.” Од сите новозаветни автори Лука најмногу може да биде наречен историчар според нашето разбирање на тој збор, но сепак, неговото внимание не е насочено само на историјата. Негова тема е – Црквата како резултат на Новиот Завет, како полнота во светот, то ест во човечкото општество, во историјата – дело што Христос го изврши. Негова тема е; не просто историјата на Црквата, туку, пред сѐ, самата Црква, нејзината жива слика, нејзината суштина, какви што тие се откриле во најраните години од нејзиното постоење. Тоа е содржината на тој основен документ за Црковната историја. Тоа е – првото учење за Црквата, покажано во фактите на нејзиниот живот. Затоа и се избрани само оние факти, кои служат за таа цел, кои се суштински за да се разбере тоа учење. Токму така и ја разбирале оваа книга сите следни христијански поколенија, кои во Ерусалимската општина, во апостолската проповед, во животот и учењето на апостолот Павле го виделе образецот и мерилото на Црковниот живот за сите времиња, вдахновувачкиот почеток – извор и основа на сета нејзина идна историја.

Книгата „Дела апостолски” започнува со настаните кои за историчарот се на границата на Црковната историја: со Вознесението и Педесетница. Но, во перспективата на апостолот Лука во нив се состои почетокот на Црквата, то ест дадена е онаа смисла на нејзиното постоење, која ќе се разоткрива во следните глави.

Малата група ученици која можела да се собере во една соба: рибарите – „прости и неписмени” според описот од Лука, неколку жени роднинин и пријатели на Учителот – тоа е целото „мало стадо” што останало по Исус Назарејот. Што ќе ги направи нив бестрашни проповедници, ќе ги одведе до „крајот на вселената,” ќе ја покори со нивната вера најголемата цивилизација, ќе го прероди светот така што веќе никаква сила не ќе ја изгони од него иконата на Оној Кого тие Го проповедале? На првите страници од својата книга Лука одговора: (тоа е) слегувањето на Светиот Дух, таинственото переродување, после кое сѐ она што направил, што поучувал Исус, ќе стане нивна сила и тој Самиот ќе дејствува во Своите следбеници и во нив ќе престојува во светот. „Вие ќе примете сила, кога ќе слезе на вас Духот Свет и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и по цела Јудеја и Самарија и дури до крајот на земјата” (Дела. 1,8).

На што се однесува ова сведоштво? Овде, пред да започне самата историја на Црквата, не може да не се напомни, секако, во најопшти црти, она Евангелие то ест добрата вест која и ја сочинува содржината на Црковниот живот и христијанската проповед пред лицето на светот. Во деновит на своето земно служење Исус им го возвестувал на луѓето Божјото Царство. И смисла на Неговата проповед и на Неговите дела било тоа, дека Неговото доаѓање и е почетокот на Царството, дека Синот Божји дошол да го отвори и да им го даде на луѓето. Одделени од Бога со гревот, потчинети на злото и смртта, без изворниот живот, луѓето повторно можат – преку верата во Христа – да го познаат едниот вистински Бог и Неговата љубов кон светот, во единството со Него да добијат нов – праведен, вистински и вечен живот, за кој тие се создадени. Тој поучувал дека светот не го прима тоа Божјо Царство, бидејќи овој свет „лежи во злo” и темнината ја возљубил повеќе од светлината. И затоа, Синот Божји на луѓето им го донесе – не само вистинското учење, не само знаењето за Царството – туку и спасението. Тој ги победил злото и гревот кои владеат над луѓето. Со целиот Свој живот Тој го јавил образецот на совршениот човек, то ест на човекот кој до крај е послушен на Бога. И само во таа послушност и во таа љубов биле Неговите власт и сила со кои тој простувал гревови, исцелувал болести, воскреснувал мртви. Во Себе Самиот Тој го јавил Божјото Царство како совршено соединување со Бога, како сила на љубовта и жртва на Бога и на луѓето. Предаден на срамна смрт, оставен од сите, Тој го остварил образецот на потполно самооддавање, на совршена љубов, на последното смирение. Но, во тоа самооддавање и била Неговата победа над злото и гревот: љубовта ја победила омразата, вистината ја победила лагата и конечно, Животот ја победил Смртта: Бог го воскреснал Него од мртвите. А, сето зло на светот, сета сила на уништувањето кои царуваат во светот, се покажале немоќни пред таа Праведност и преку еден Човек биле победени. Преку еден Човек во царството на гревот и смртта влезе Царството на Бога – царството на љубовта, доброто и вечниот живот. Но, таа победа тој ја добил – не за себе, туку – за другите, за сите да ги спаси и да ги воведе во Царството што Тој го остварил.

Затоа, од самиот почеток Тој избрал дванаесет сведоци, за тие да бидат со Него, да го слушаат Неговото учење, да ги гледаат Неговите дела, Неговата смрт, Неговото воскресение и прославување. И во ноќта, кога низ крстната смрт тој влегол во Својата слава, тој им го заповедал Царството: тој им ветил дека по своето прославување ќе им ја даде Својата сила, за она што Тој го направил да стане наследство за сите, за тие да можат – не само да раскажуваат за Него, туку и да ги приведуваат луѓето кон Него, да ги соединуваат со Него и да ги прават учесници во Неговото Царство.

Такво било ветувањето и тоа било исполнето на денот Педесетница. Во тој ден малата група ученици добила сила за сведочење; да сведочат не само за животот и чудата на Учителот, туку и за тоа, дека Тој е Спасителот, Царот и Владетел на светот. За нив – тоа сведоштво или доказ е Црквата во која Тој продолжува да живее, во која преку рацете на ученициет ја остварува Својата власт и сила, во која Неговиот живот станува нов живот на сите што веруваат во Него. Слегувањето на Светиот Дух го означуава сето ова, тоа од „малото стадо” ја создава Црквата.

Ова се случило во Ерусалим. Меѓутоа, од Евангелието знаеме дека апостолите биле Галилејци, то ест жители на северниот дел на Палестина и дека токму таму тие за прв пат го виделе Воскреснатиот Господ. Но, Лука особено ги истакнува зборовите на Спасителот: „Вие не се оддалечувајте од Ерусалим, туку чекајте го ветеното од Отецот, за што вие слушавте од Мене.” Почетокот на Црквата – таква е смислата на овие зборови – требало да биде поставен во Ерусалим и тоа е важно да се забележи – за да се разбере Црковната историја. Ерусалим бил центар на сиет религиозно-национални очекувања на Евреите, срце на целата старозаветна историја. Обвиткан со Соломоновата слава, сведок на државниот напредок на Израилот во минатото, тој, во годините на ропството и понижувањето, сѐ појасно се осознавал како мистички центар на Израилот, како Светиот Сион, каде во таинствениот «ден Господов», треба да се јави Месијата, за да го спаси Својот народ и да го востанови Неговото царство. И тоа „месијанско царство” – во виденијата на пророците е откриено како религиозно обновување на светот, победа на вистината и правдата, а Месијата – како Спасител на луѓето од гревот и смртта. Затоа, кога во денот Педесетница, пред зачудената толпа, Петар одговорил со зборовите на пророкот Јоил: „и ќе настане во последните денови – говори Бог – ќе излијам од Мојот Дух на секоја плот”, кога настанот тој го објаснил како настапување на „големиот и страшен ден Господов” кого го чекал, во кого верувал секој правоверен јудеец, тоа означувало дека за христијаните Месијата дошол, дека сите ветувања, сите очекувања на Стариот Завет се исполнети и „месијанското царство” настапило. Тоа означувало, дека Господовата слава што му била ветена на Ерусалим, слегла врз него и дека старозаветната историја на спасението ја нашла својата цел, својот крај, во Црквата.

Тоа е смислата на првите глави од книгата „Дела апостолски,” на тој пролог на Црковната историја. Неверниот може да се сомнева во нивната „историчност”. Но и тој ќе мора да признае дека не постои ден кога христијаните не верувале во тој божествен почеток на Црквата и дека, самата таа вера веќе е и основополагачки факт на нејзината историја, без кој тешко дека ќе биде разбирлив целиот понатамошен нејзин развој.

Превод од: Александр Шмеман – ИСТОРИЧЕСКИЙ ПУТЬ ПРАВОСЛАВИЯ

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s