Почетокот на Црквата (Ерархија)

Смислата на Црквата во новозаветната писменост се состои во тоа што Божјиот Дух ја исполнува човечката заедница и ја прави носител на Божествениот живот, така што сѐ човечко во него станува спроводник на божественото и сѐ духовно се воплотува во човечкото. Човечкото општество станува духовен организам. Кога апостолот Павле ја нарекол Црквата „Христово Тело”, тој само го формулирал првичното христијанско искуство, во кое Црквата се доживува како единство на многумината кои се соединети со новиот „благодатен” живот: „зашто сите ние со едниот Дух се крстивме во едно тело” (1.Кор. 12,13). Но, токму таа идеја за (Црквата како) организам и ја претпоставува првичната ерархичност на нејзиното устројство, соодносот на нејзините членови и служби – „ако сите би биле еден член, тогаш каде би било телото?” И навистина, во најраните описи на Црквата ние гледаме во неа, пред сѐ, определен поредок, вообличен со власта и авторитетот на дванаесетте апостоли. Тоа е првата група од дванаесет ученици што ја избрал Самиот Господ. „Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас” – во тоа нивно избраништво кое не е од луѓето, туку од Спасителот Христос, е основата на нивниот единствен, со ништо неспоредлив авторитет. Преку нив во Црквата се остварува власта на Самиот Господ. Тие се сведоци на Неговиот живот на земјата, на чудесата, смртта и воскресението… И кога тие проповедаат за Него, тогаш го возвестуваат она што самите го слушале, виделе и она што го допирале. Нивното сведоштво на Педесетница е исполнето со Светиот Дух – дарот за негово вистинско толкување и остварување во светот. На нив им е дадена власт да врзуваат и да разврзуваат, власт да поучуваат – со Светиот Дух тие се „научени на секоја вистина,” власт да ја градат Црквата, да бидат нејзини „домостроители.” Затоа, да се влезе во Црквата – значи да се поверува во нивното сведоштво, да се прими нивното учење: самата црковна општина „постојано престојува во учењето на Апостолите” (Дела. 3,42). И тоа значење на Дванаесетте како фундамент и центар на Црквата е толку неспорно, толку очигледно за првата општина, што уште пред Педесетница прво што ќе направат е дополнувањето на нивниот број: се наоѓа замена за Јуда, кој се покажал како предавник. Со тоа дванаесетти морало да биде „еден од оние што беа со нас сето време додека со нас престојуваше и разговараше Господ Исус, почнувајќи од Јовановото крштение до денот во кој Тој се вознесе од нас и бил заедно со нас сведок на Неговото воскресение” (1,21). И повторно изборот се мисли како избор од самиот Господ: „и се помолија и рекоа: Ти, Господи, Срцепознавачу на сите, покажи од овие твои еден што Ти си го избрал да го прими овој жреб на служење и апостолство, од кое отпадна Јуда”… – „и падна жребот на Матија и тој беше вброен во единаесетте Апостоли” (Дела. 1, 24-26).

Авторот на книгата „Дела апостолски” меѓу Апостолите го истакнува Петар како некој што ја изразува нивната согласност, како прв во апостолскиот сојуз. Тој предложува Црквата да го дополни бројот на апостолите, во првата проповед пред зачудената толпа ја објаснува смислата на денот Педесетница, одговора пред јудејските старешини на нивното обвинување, изрекува пресуда над Ананија и Сапфира кои со своето лукавство го нарушиле единството на Црковниот живот. Местото на Петар во раната општина и меѓу Апостолите подоцна ќе биде предмет на спорови и конечно тој спор ќе го раздели христијанскиот Запад од источното Православие. Што се однесува до книгата „Дела апостолски,” во неа Петар секогаш настапува од име на Апостолите, ја изразува нивната општа согласност на сведочењето. Во источната традиција тој засекогаш ќе остане „првоврвен” Апостол, но тоа негово првенство ќе се разбира – не во смисла на особена власт над Апостолите и Црквата – туку како дар да биде изразител или гласник на апостолското едногласие, „уста” на Дванаесетте и Црквата.

Апостолите ја возглавуваат Црквата и управуваат со неа. Но, нивно прво, основно служење е – „служењето на Словото,” проповедта за Христа. Затоа, кога бројот на учениците се умножува и се зголемуваат грижите во управувањето со заедницата, Апостолите предложуваат да се изберат за тоа посебни луѓе, за дванаесетте да можат постојано да престојуваат „во молитвата и служењето на словото” (Дела. 6,2-4). „И тој предлог му беше угоден на целото собрание” и избрале седуммина; „ги поставија пред Апостолите и тие, откако се помолија, ги положија рацете над нив.” Во избирањето на седуммината – кои црковното предание ќе ги нарече; ѓакони – апостолот Лука го претставува основниот принцип на Црковната јерархија и нејзиниот иден развој. Ако Апостолите се избрани од самиот Христос, тогаш овие нови служители ги избира Црквата, но на иницијатива на Апостолите и со нивна санкција: по избирањето се извршува нивно особено поставување преку положување раце на Апостолите. Апостолите пак, ги определуваат и условите за избор; избраните мора да бидат „посведочени, исполнети со Светиот Дух и со мудрост.” Така, целото служење во Црквата, целото нејзино јерархиско устројство е вкоренето во апостолството како во свое начело, а за Црквата тоа значи – во Самиот Христос, затоа што Апостолите се Негови сведоци, носители на Неговиот Дух. Црквата ги избира своите служители, но Самиот Бог – преку рацете на Апостолите – ги поставува нив, то ест им дава особен дар од Духот за да ја исполнуваат својата служба.

Мисијата на Апостолите не се ограничува само на ерусалимската општина, бидејќи нивната проповед и учење се – основа на секоја општина, фундамент на Црквата во секое место. Многу бргу христијанството ќе излезе зад ѕидините на Ерусалим и ние ќе ги видиме Апостолите како регуларно ги посетуваат сите нови општини за да ги утврдуваат. Oва последното се состои, пред сѐ, во предавањето на Свeтиот Дух – тоа е идната света тајна Помазание, со која крстениот се воведува во единството на Црковниот живот. Така, кога христијанската проповед почнува да дава плодови во Самарија, Апостолите таму ги испраќаат Петар и Јован, „кои, кога пристигнаа, се помолија за нив, за тие да го примат Светиот Дух. Зашто, тој не уште не беше слегол на никого од нив, туку тие само беа крстени во името на Господ Исус. Тогаш положија раце на нив и тие го примија Светиот Дух” (Дела. 8,15-17).

Но, ако служењето на Апостолите е поврзано со сите Цркви, сите нив ги соединува меѓу себе единството на верата и Духот, тогаш во лицето на својата (по)местна, постојана јерархија, секоја Црква ја добива полнотата на апостолските дарови и учење.

Многу рано, во ерусалимската општина која е – образец и основа на сите други Цркви, заедно со Апостолите го гледаме и авторитетот и власта на Јаков и презвитерите, чие служење веќе целосно е поврзано со таа општина и е повикано да ја чува и изградува во апостолското учење. Апостолите ќе заминат, но (по)местната јерархија останува во секое место да го продолжи нивното дело, да го чува нивното сведоштво, да ги предава нивните дарови и во согласност со сите други општини – да го остварува единството на Црквата како на еден „Божји народ” кој секаде е собран за да го возвестува новиот живот. Така, од самиот почеток, во Делата Апостолски ни е даден пример и определба на она што подоцна ќе биде наречно „апостолско преемство.”

Каков е позитивниот идеал на животот на таа општина, во што се пројавува тој нов живот, кој, како што видовме, се дава во Крштението, се остварува во Евхаристијата, а на светот му се проповеда како пат на спасението?

Тој идеал најдобро може да се опише како идеал на единството во љубовта. Нам ни е тешко целосно да го разбереме и почувствуваме токму тој аспект на раното христијанство, затоа што во современото сознание – дури и во Црковното (современо сознание) – единството обично се разбира или апстрактно, „идеолошки,” или пак, како прикладна вредност: единство заради нешто, единство против некого… А, за раната Црква единството и е последната, највисока вредност, највисока смисла на животот кој Христос им го открил на луѓето. Црквата е востановување на единството што било нарушено или разорено од гревот то ест од себељубието и отпаѓањето од Бога. Крстените во неа – то ест оние што се соединиле со Христа и живеат од учествувањето во Неговиот живот преку прекршувањето на лебот – повторно се соединуваат со Бога, а во Бога повторно го наоѓаат и единството еден со друг.

Како пак, се пројавува единството? Пред сѐ, во дејствената љубов, во која секој осознава дека им припаѓа на сите и дека сите му припаѓаат нему. Љубовта со која Бог така го возљубил светот што за него го дал Синот, живее во Црквата и е главното и прво нејзино сведоштво за Христа. „Возљубени – вели светиот апостол Јован на залезот на својот живот – ако така нѐ возљубил Бог нас, тогаш и ние мораме да се љубиме еден со друг. Бога никој никогаш не го видел. Ако се љубиме еден со друг, тогаш Бог во нас престојува и Неговата љубов е совршена во нас (1.Јован 4,11-12). Љубовта бара заеднички живот, целосно единство – не само во верата или учењето, туку и во општењето; ако сега единството на христијаните меѓу себе, повеќе само се „символизира” во богослужбеното општење, во раната Црква Литургијата го овенчувала дејственото единство, постојаното општење во секојдневниот живот и надвор од тоа општење таа е незамислива. Во ранохристијанската писменост еден од најчестите зборови е „браќа.” Во тоа братство христијаните ја вливаат целата Негова животна, дејствена смисла. Тоа братство се изразува во едномислието: „Многумината кои поверуваа имаа едно срце и една душа.”

Превод од: Исторический путь православия

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s