Величественоста на „новиот” човек

Автентичното доживување на Божјата благодат ни е потребно како што му било потребно и на секој христијанин во историјата на нашата Црква. Само што тешкотиите за стекнување на тоа доживување во нашево време изгледаат поголеми.

Тоа доживување ја раѓа величественоста на „новиот” човек, значи на оној што преминал во една состојба во која, иако и понатаму е човек, веќе не е просто човек, туку е боголик, богочовечки човек. Богочовекот Христос бил совршен Бог и совршен човек. Богочовечкиот човек не е бог, но престанува да биде само човек. Тој од „човековото” ја задржува природата и го отфрла владеењето на својствата на падот, од „божественото” ја нема природата и смерно ја прима благодатта.

Сето ова значи дека автентичниот христијанин и тоа како е човечен. Тој ја истакнува и ја почитува својата човечка природа, не ја презира, не се срами од неа, не ѝ нанесува неправда. Заради тоа и ја разбира слабоста на другите и своите можности. Човекот истовремено е и голем и мал. Додека е „малку помал од ангел” (Пс. 8, 5) и ,,како трева се неговите денови, како полски цвет”, (Пс. 102, 15) зашто „во оваа чест не разбра, се изедначи со животно неразумно и стана сличен со него” (Пс. 48, 21).

Човекот истовремено е и длабок и широк. Неистражена тајна е, а во себе може да смести сѐ. Неговиот живот има вистина и љубов, има слобода да прима и слобода да се дава. Заради тоа и е многу човекољубив и друштвен. Не се спасува сам, заедничари во спасението. Може да се испразнува од своето себељубие, па заради тоа и да се соединува со Бога и со своите браќа.

Автентичноста на христијанинот му помага и постојано да биде на границите меѓу Бога и човекот, меѓу разумот и тајната, меѓу божествената љубов и човековата болка, меѓу слободата и послушноста. Таа го вдахновува да се движи и низ просторите кои се надвор и над неговите лични предели, надвор и над човечките граници, човековото време, надвор и над неговото „јас.” На тие „граници меѓу световите” се крие Бог; во тоа „надвор” и „над” човекот се движи со својот брат, со вечноста, со благодатта, со вистината, со самиот Бог.

Кога нашата логика е пред предизвик, се раѓа верата. Кога на коцка го ставаме своето чувствување, избива благодатта. Кога се откажуваме од самите себе, живееме со Неговата љубов кон нас. Кога се повлекува нашето „јас”, во нас потенцијално се појавува самиот Бог.

Автентичното доживување во себе го има преподобното, маченичкото, апостолското, пророчкото; она што содржи подвиг, пот, крв, болка, страдање, скрушено исповедање. Автентичниот христијанин ја живее радоста низ подвигот, воздржанието, жртвата. Надежта ја живее низ болката, болеста, ненаметливото потврдување на Божјата благодат, постојаното очекување на знакот кого што не го бара, (но Го очекува и кога тој знак ќе се појави, не е изненаден), низ Неговите благослови и радоста: и го живее смирението. Сето ова почива врз верата.

Во личноста на својот брат го сретнува самиот Бог. Во неговото присуство се смирува, трпи, се испразнува од себе самиот. Со него го споделува падот, верата, животот, благодатта, спасението. Се соединува со него. Разликите меѓу нив ја нагласуваат слободата, различноста, единственоста на секоја личност како Божја икона, спротивностите Го смируваат, заедничките црти го олеснуваат заедничкиот ôд кон спасението. Гревовите, искушенијата, добродетелите, божествените интервенции во животот на едниот го опфаќаат животот на другиот и се содржани во него. Сѐ е заедничарено//споделувано. „Нема друг начин човекот да се спаси, освен преку својот ближен” (Св. Макариј Египетски, Беседа 6, „За рајот и духовниот закон”). Темел на таа состојба е љубовта.

Меѓутоа, автентичниот христијанин јасно ја разпознава и бесцелноста на овој свет, непостојаноста и минливоста на времето, пропадливоста на материјалното, заблудата наречена „овде” и „сега”, варваризмот на човечките манири, закоравеноста на „правилниот разум.” Токму заради тоа постојано живее во димензијата која е „надвор и над времето и просторот”. Живее на земјата, а граѓанин е на небото. Наместо „сега” – го живее Божјото Царство, а наместо ова „овде” – се храни со небесни добра. Тоа негово душевно расположение се храни со божествената надеж.

„Верата, надежта, љубовта: ова се трите” (1.Кор. 13, 13). Овие три претставуваат и темел на автентичното доживување на секој христијанин. Овие три се она од што се состои „другата, поинаква логика.”

Таа логика го прави христијанинот фин и учтив по природа, едноставен во односите и незабележителен во неговите избори. Тој станува разумен, прозорлив и чист, бистар. „Сѐ испитува, а него никој не го испитува” (1.Кор. 2, 15) Но, во неговата личност се огледува Бог ( 2.Кор. 3, 18), низ него се прекршува Божјата благодат. Го гледаш и исповедуваш дека „Господ е жив.” Жив е вистинскиот Бог; Оној Кого со телото не Го гледаме, ниту со мислите Го спознаваме.

Тој секогаш е голем, зашто секогаш е целосен, недопрен и секогаш е со сите. Кога си покрај него, ја живееш неговата оддалеченост, но чувствуваш дека си со него. Зашто, она „да бидете едно” (Јн. 17, 22) претставува негово доживување. Тој никогаш не е сам, ни само со некои, ниту со малкумина од нив нив. Во него има место за сите. Во него сјае Бог.

Оваа автентичност е она што прави христијанинот да не е „современ” на световен начин: т.е. не е површен имитатор и пасивен изразител на навиките на времето во кое живее. Тој е „современ” во смисла на вотеловител на вечната Божја порака во сегашноста. Тој во себе го вотеловува преданието на Црквата, но и сликата на есхатонот. Тој е par excellance човек кој ја поврзува „древната убавина” со „славата што ќе ни се открие” (Рим. 8, 18). Една убавина и слава кои не само што ја истакнуваат величественоста на човекот, туку воглавно упатуваат на божествената убавина на „секој човек” и на „славното препрославено” Троично Божество.

Автентичноста, вистинитоста, дури и кога ги пројавуваат слабостите, недостатоците, непотполноста на човекот, претставуваат пат кон совршенството и светоста. Наспроти тоа, лажното душевно настроение, компромисот, лажно разубавената слика го гуши дејството на Божјата благодат и го одвојува човекот од учествување во тајната и од Неговото божество.

Во таа смисла, автентичниот човек не само што станува образец за морално совршенство, туку воглавно се преобразува во сад на пројавување на догматските вистини. Тој христолошки го живее своето душевно-телесно постоење, хармонијата на човековата природа и божествената предназначеност на човекот. Триадолошки го живее проникнувањето на трите делови на својата душа и заедницата со своите браќа. Ја живее и пројавува Божјата Промисла во целина: снисходењето на божественото воплотување, Троичното јавување на Крштението, засветлувањето и „чудесната промена” при божественото Преображение, откровенската длабочина и божествената слава на Тајната Вечера, кенозисот на Страдањата, обновата и изменувањето на сѐ низ Воскрсението, обожувањето на човековата природа преку Вознесението, изливањето на светодуховските дарови на Педесетница, раѓањето и патот на коработ кој е Црквата низ океанот на историјата, и на крај, очекувањето на есхатонот.

Како што чистотата и девственоста на Дева Богородица претставуваат основен предуслов за нејзиното учествување во тајната на божествената Промисла, на ист начин и девственоста на настроението на душата, значи, нејзината автентичност, на христијанинот му озможува да ја живее тајната на Воплотувањето.

Христијанинот кој не е потресуван од догматски искуства, кој не е осветлуван од таински откровенија, кој не е ранет од „божествениот копнеж” и не владее со трансцедентноста, кој не ги чувствува знаците за Божјото присуство и не ги воочува отпечатоците на Неговото дејство – на себе го нема Божјиот печат. За него Бог е веројатност, апстрактно битие, виша сила, философска непозната, емоционален модел, надополнување на некоја психолошка празнина.

Извадок од: Митрополит Никола Хаџиниколау – Аутентичност у животу савремених хришћана (pdf)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s