17 Недела по Педесетница – на Хананејката

(Зачало 62) И изшед оттуду иисус, отиде во страны тирския и сидонския. И се, жена хананейска, от предел техъ изшедши, возопи к нему глаголющи: помилуй мя, господи, сыне давидов, дщи моя зле беснуется. Oн же не отвеща ей словесе. И приступльше ученицы его, моляху его, глаголюще: отпусти ю, яко вопиет вслед нас. Oн же отвещав рече: несмь послан, токмо ко овцам погибшим дому израилева. она же пришедши поклонися ему, глаголющи: господи, помози ми. он же отвещав рече: несть добро отяти хлеба чадом и поврещи псом. Oна же рече: ей, господи: ибо и пси ядят от крупиц падающих от трапезы господей своих. Тогда отвещав иисус рече ей: о, жено, велия вера твоя: буди тебе якоже хощеши. И исцеле дщи ея от того часа. (Мт. 15:21-28)

Денес го слушавме Евангелието во кое се говори дека Господ Исус Христос отишол во „краиштата Тирски и Сидонски”, т.е. излегол од пределите каде што живееле богоизбраните и правоверни јудеи. Во тоа време Палестина ја населувале многу народи. Христос требало да помине низ местноста каде што живееле феникијците односно хананејците.

Хананејците били пaгани – идолопоклоници кои вршеле ужасни обреди со жртвување на деца. Сепак, во таа жена Исус Христос веројатно видел можност за смирение, можност дека таа во својата мака ќе може да поверува и да се обрати.

Во Феникија имало многу Евреи кои често патувале во Ерусалим за празниците и несомнено, потоа раскажувале за чудата на Исус, Кого многумина го сметале за Месија, син Давидов.

„И ете, жена Хананејка, излезе од оние краишта и извика кон Него, велејќи: ‘Помилувај ме, Господи, Сине Давидов! Мојата ќерка лошо беснее.’” (ст. 22).

Жената го моли Христос да ја помилува, зашто нејзината ќерка беснее, односно демоноопседната е и ја мачи ѓавол. Таа бара нејзината ќерка да биде исцелена, но проси милост за себе си (вели: „помилуј ме”). Зошто? Затоа што ќерката е дел од нејзиното тело, таа е нејзиниот живот. Кога Бог дава милост некому, Нгеовата милост не останува само во еден човек. Божјата благодат секогаш се споделува и од другите кои во љубовта се поврзани со помилуваниот. Христос прво не ѝ одговара ни збор, како што се претпоставува; за да ја испита нејзината вера.

На упорната молба од паганката, малку подоцна Христос вели: „Јас сум испратен само кај изгубените овци на домот Израилев…” Овде прикриено се укажува дека целото човештво нема да го прими Откупителот и Неговата проповед, туку само оние кои се наречени „овци” – малото стадо, за кое често се спомнува во Евангелието. Такви „изгубени овци” се луѓето кои ја согледале својата заблуда, ја орфрлиле својата гордост, ја спознале својата очајна и погубна состојба и се способни да се покајат. Тогашните фарисеи и книжници, исто така, го очекувале Месијата, но тие не се чувствовале изгубени, загинати, туку спротивно, тие сметале дека Небесното Царство ним им припаѓа како наследство со самото тоа што се потомци Авраамови.

Иако изгледало дека никој повеќе не ѝ обрнува внимание на жената, бидејќи Господ молчел, како да не го засега нејзината неволја, таа сепак; „откако пријде, Му се поклони велејќи: „Господи, помогни ми.” А Тој, одговарајќи рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.”

Изненадува тоа што овие понижувачки зборови вродиле надеж во срцето на хананејката. Бидејќи, дури ако таа е наречена „куче”, сепак не е отфрлена и му припаѓа на Христа како кучето на својот стопан. Значи и таа може да биде помилувана. Вака размислувајќи, таа смирено и со вера одговорила: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на своите господари.”

Христос не ја одбива сосема нејзината молба, туку Тој ѝ дава некаква основа да се надева дека тој се грижи дури и за неа: “Остави да се наситат прво децата” (Мк. 7:27). Хананејката веднаш се фаќа за таа надеж, велејќи: „Да, Господи” т.е. така е тоа што го велиш; кучиња сме и не треба први да се нахраниме, но сепак и ние имаме дел – да примиме барем од остатоците, од трошките.

Од нејзиното смирението се гледа дека тоа е рамно на нејзината вера. Во смирението таа дозволува да биде сметана за „куче”, но во својата вера таа верува дека Христос и кон неа ќе покаже милост. И наградата за нејзината вера не изостанала: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде како што бараш. И нејзината ќерка беше исцелена од оној час.”

Оној што пристапува кон Христа со такво смирение и со таква вера ќе прими и исто таква награда.

Ние во себе треба да соединуваме две работи: неотстапната и смела молитва со најдлабокото смирение. Признавајќи дека сме недостојни, мора да разбираме дека освен едниот Бог, нема од кого друг да просиме милост. Никој освен Него не може да ни помогне и да нѐ помилува. Тој спој на смирението со смелоста дава плод, според зборовите на некој подвижник: „Молитвата го раѓа смирението, а смирението ја раѓа молитвата». Смирението со молитвата не е цел самото за себе, тоа е закономерна последица на верата во Христа Бога.

Секој евангелски настан има надворешна и внатрешна страна, но неговата спасителна смисла треба да ја бараме во внатрешноста на настанот. Така, суштината на денешниот настан може да се пренесе и на нашиот внатрешен живот. Неотстапниот молежлив вик на хананејанката: „Помилуј ме, Господи, сине Давидов” треба да го споредиме со нашата молитва. Во духовен однос и со нас се случува истото што и со жената хананејка. Нејзиното признавање дека е недостојна за Божјата милост, секако, треба да биде и наше пројавувавње на покајание и смирение. Затоа и мораме да научиме неотстапно да Го повикуваме Господа, иако ни се чини дека Тој никако не нѐ слуша и привремено е безразличен кон нашите молитвени повици. Кога ќе пројавиме смирение изразено не само во признавањето на својата ништожност и недостоинство, туку и со продолженото молење, кога сме отфрлани и понижувани, тогаш и ќе добиеме исцелување на душата. Исцелувањето ќе го добиеме во часот кога ќе стекнеме толку длабоко смирение и таква неотстапна смелост со молитвата, каква што имала паганката – хананејка. Да се угледаме на нејзината упорна и срдечна молитва пред Бога и да веруваме дека Бог ќе ја исполни и нашата молитва, само ако таа нема егоистична и суетна цел.

Хананејката истовремено е и смирена и смела. Меѓу овие две својства (меѓу смирението и смелоста) нема противоречност. Христијанскиот живот се одвива во тој двоен парадокс – меѓу смирението заради сознанието за нашата гревовност и смелоста заради богосиновството што ни е подарено и достоинството на посинети Божји чеда. Бог често е бавен во исполнувањето на нашите молитви, но ако сме постојани во молитвата и ако е за наша полза, Тој, конечно, ни го дарува бараното, зашто такво е неговото ветување: „Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете” (Мт. 7:7). Амин.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s