Житие на светителот Игнатиј (Брјанчанинов)

Името на светителот Игнатиј Брјанчанинов, епископ Ставрополски и Кавкаски, сјае во летописите на Црквата и на Русија со острата светлина на благодатното избраништво. Строг ревнител на аскетската традиција, истакнат научник, подвижник, архипастир, миротворец, човек на највисока духовност и култура, тој во целиот цивилизиран е познат свет како творец на бесмртни духовни дела, надарен администратор, ревносен чувар на православната традиција и култура, како еден од најавторитетните раководители на човекот по патот кон Вечниот Живот.

Светителот Игнатиј (на светото Крштение – Димитриј) се родил на 5 февруари 1807 г. во селото Покровско, во Грјазовецкиот срез на Вологодската губернија и потекнува од старото дворско семејство – Брјанчанинови. Негов родоначалник бил бојаринот Михаил Бренко, оружјоносец на великиот кнез Московски Димитриј Јоанович Донски. Летописите соопштуваат дека Михаил Бренко бил оној воин, кој во облеката на великиот кнез и под обележјата на кнезот херојски загинал во битката со татарите на Куликово поле.

Таткото на идниот Светител – Александар Семјонович Брјанчанинов во своето семејство ги чувал старите добри обичаи. Тој бил верно чедо на Православната Црква и ревносен парохјанин во храмот што го изградил во селото на Покровскиот храм. Мајката на епископот Игнатиј била образована интелегентна жена. Рано омажена, таа целосно се посветила на семејниот живот.

Сите деца на Брјанчанинови добиле прекрасно домашно воспитување и образование. Учителите и наставниците на Димитриј се восхитувале на неговите блескави и многустрани способности кои се гледале уште во неговата рана возраст. Кога момчето наполнило 15 години, неговиот татко го одвел во далечниот Петербург и го запишал во Военоинженерското училиште. Иднината што родителите му ја наметнувале на својот син никако не се поклопувале со расположението на Димитриј. Тој уште тогаш му кажал на својот татко дека сака да стане монах, а таткото се изненадил од таа неочекувана и за него непријатна желба на својот син како од неуместна шега.

Прекрасната подготовка и исклучителните способности на младиот Брјанчанинов се покажале уште за време на приемните испити во училиштето; тој бил примен како прв на конкурсната листа (од 130 кандидати на 30 испити) и веднаш бил префрлен во II клас. Името на талентираното момче станало познато во царскиот дворец. За целото време на школувањето светителот постојано ги восхитувал своите учители со блескавите успеси во науките и прв го завршил полниот курс на науките во 1926 г.

Во училиштето Брјанчанинов станал водач на кружокот на почитувачи на „светоста и честа“. Ретките умствени способности и морални квалитети кон него ги привлекувале професорите и предавачите, соучениците на Училиштето. Тој станал познат во целиот Петербург. Со особено татковско внимание и љубов кон него се однесувал Императорот Николај I; имајќи најактивно учество во животот на идниот светител, тој често разговарал со момчето во присуство на Императорката и своите деца.

Потеклото, воспитанието и роднинските врски, пред него ги отвориле вратите на аристократските домови на престолнината. Во школските години Димитриј Брјанчанинов бил посакуван гостин во многу великосветски домови; тој бил сметан за еден од најдобрите произнесувачи/читачи во домот на А.Н. Оленин – претседател на Академијата на уметностите (неговите литературни вечери ги посетувале, меѓу другите, А.С. Пушкин, И.А. Крилов. К.Н. Баќушков, Н.И. Гнедич). Уште во тоа време се покажале вонредните поетски дарби на светителот Игнатиј, кои подоцна нашле свој израз во неговите аскетски творби и на многу од нив го пренеле својот поетски колорит. Литературната форма на многу од неговите творби сведочи за тоа, дека нивниот автор ја изучувал руската книжевност во епохата на Карамзин и Жуковски и заради тоа ги изразувал своите мисли на прекрасен литературен руски јазик.

Уште тогаш светителот Игнатиј јасно се разликувал од останатиот свет. Тој слепо не му се поклонувал на Западот, не се фасцинирал од гнилежното влијание на времето и прелестите на светските задоволства. Кога на 24 години Димитриј А. Брјанчанинов станал монах, а набргу и архимандрит, настојател на престолниот СветоСергиевски манастир, уреден манастир на СанктПетербургската епархија, тој станал познат на цела Русија. Него добро го познавал и го ценел првиот член на Светиот Синод, Митрополитот Московски Филарет (Дроздов). Многумина истакнати луѓе на Русија сакале ад се запознаат и да добијат совети од архимандритот Игнатиј. Меѓу нив биле Н.В. Гогољ, Ф.М. Достоевски, А.А. Плешчеев, кнезот Голицин, кнезот А.М. Горчаков, кнегињата ОрловаЧесменскаја, херојот на Кримската војна адмиралот Нахимов. Восхитен од начинот на живот и од дејноста на светителот Игнатиј, познатиот руски писател Н.С. Лесков нему му го посветил својот расказ „Инженери бессребреници”.

Целосната личност на идниот светител ги восхитувала современиците: величествената надворешност, благородството, особената одухотвореност, умереноста и расудителноста. Тој духовно ја хранел својата многубројна паства, го помагал етичкото напредување на луѓето кои го барале Бога, ја разоткривал убавината и величието на Светото Православие. Многустраното искуство, особениот дар; на сè да гледа духовно, длабоката проникливост, постојаното и точно самонабљудување, го направиле многу искусен во лечењето на душевните и духовните болести. Ете кон чија молитвена помош треба да пристапуваат современите болни, а не кон биоенергетичари, бајачи и шарлатани.

Чувствителен на секаков фалш, светителот Игнатиј со горчина забележувал дека објект на изобразување за светската уметност, пред сè, се јавува злото. Тој остро ги критикувал литературните дела во кои се величале таканаречените „одметници”, „херои” кои прават зло од досада, како Печорин на Лермонтов и Онегин на Пушкин. Сметајќи дека таквата литература им нанесува сериозна штета на неопитните млади читателски души, светителот во 1847 г. го напишал за масовно издавање свештениот расказ за старозаветниот библиски херој – праведниот Јосиф – образец на чистота и целомудрие. Во предговорот тој напишал: „Посакуваме многу од следбениците на Печорин да се обратат во следбеници на Јосиф”.

Во времето кога архимандритот Игнатиј бил назначен за настојател на ТроицеСергиевата пустина/манастир, расположен на брегот на Финскиот залив, тој бил многу запустен. Храмот и келиите се распаѓале. Малубројното братство (петнаесет луѓе) не се одликувале со строго поведение. Дваесетиседумгодишниот архимандрит требало сè да преуредува. Манастирот се реновирал и украсувал. Богослужбите што се извршувале таму станале образец. Манастирските напеви биле предмет на особена грижа на архимандритот Игнатиј; тој се трудел околу зачувувањето на старите црковни мелодии и нивната хармонизација. Познатиот црковен композитор отец Петар Турчанинов, кој од 1836 до 1841 г. во Стрелна, покрај ТроицеСергивата пустина, по молба на отец Игнатиј го обучувал црковниот хор и за него напишал неколку негови најдобри композиции. М.И. Глинка кој во своите последни години со интерес ги изучувал црковните мелодии, исто така, за тој хор напишал неколку песнопенија. На Господа му било угодно неговиот избраник да послужи на Светата Црква уште и во епископски чин, управувајќи една нова и специфична Руска епархија. Тоа била Кавкаската и Црноморска епархија со катедра во Ставропол, основана во 1843 г.

Епископската хиротонија на архимандритот Игнатиј се одржала во Петербург, во Казанскиот собор/храм, на 27 октомври 1857 г. Простувајќи се со браќата на ТроицеСергиевата пустина, која процветала со неговиот труд, владиката Игнатиј тргнал на далечен пат, на Кавказ. Тој пат минувал низ Москва, Курск и Харков (тогаш железничка пруга имало само меѓу Петрбург и Москва, а понатаму морало да се патува со коњи).

Во катедралниот град Ставропол, Преосвештениот Игнатиј пристигнал на 4 јануари 1858 г. Граѓанскиот губернатор П.А. Брјанчанинов, (родниот брат на светителот, кој потоа заминал по него во НиколоБабаевскиот манастир и таму примил постриг со име Павел) заедно со градоначалникот, духовенството, народот Божји свечено го пречекал новиот Кавкаски архипастир при стигнувањето во градот. Првите зборови искажани од владиката на ставрополската земја биле: „Мир на овој град”. Со овие зборови владиката укажувал на тоа, дека пристигнал на многустрадалната кавкаска земја како миротворец, со желба да го изгасне пожарот на Кавкаската војна и да донесе мир на разгорената кавкаска земја, каде што светителот требало да престојува од почетокот на 1858 г. до есента 1861 г.

Владиката Игнатиј бил трет по ред епископ Кавкаски и Црноморски. Надворешните услови на религизониот живот во таа неодамна востановена огромна епархија сосем се разликувале од сето она, со што имал работа до назначувањето на Кавказ. Кавкаската војна не престанувала, благодатната земја се обагрувала со човечка крв, отсекаде се слушало плач и лелек. Многунационалниот и разноверен состав на местното население бил причина за појавата на многу прашања од црковно-административен карактер, какви што не можеле ни да замислат архиереите кои управувале со добро уредените епархии во центарот на државата.

Без оглед на сите потешкотии, светителот Игнатиј ревностно се зафатил со исполнување на своите архипастирски задолженија. За свои најважни задачи ги сметал; апостолското служење на паствата, смирувањето на разгорениот Кавказ, закрепнувањето и проширувањето на Светото Православие.

Владиката Игнатиј ревностно се грижел и за уредувањето на богослужбите и за обичните односи на клирот и народот. Светителот настојувал околу подобрувањето на животот на клирот, повишувањето на неговото образовно ниво, подобрувањето на меѓусебните односи, какви што му приличат на свештенството. Благодарение на неговиот труд епархиските работи набргу биле доведени во добра состојба.

За време на епископот Игнатиј Брјанчанинов Ставрополската духовна Семинарија, која била основана во 1848 г., го доживеала периодот на својот расцут, зашто светителот Игнатиј како никој друг го разбирал значењето на тој расадник на духовна просвета за делото на светото Православие на Кавказ и во градењето на Духовната школа ги вложувал сите свои сили. Тој лично го надгледувал духовното растење на воспитаниците, ја преместил Семинаријата во ново, пошироко здание и секогаш останал во благодарен спомен на учениците и учителите во Ставрополската Духовна Семинарија како претстоител за неа пред Божјиот Престол.

Поле за дејствување на светителот не бил само катедралниот град Ставропол. Тој ги посетувал и другите области на епархијата, кои биле на бреговите на Црното, Азовското и Каспиското Море, снежните врвови на главниот Кавкаски гребен и далечните суви калмицки степи. Траела Кавкаската војна и епископот на патувањата секогаш со себе носел дарохранилница за, можеби, последната Света Причест.

Наоѓајќи се на Кавкаските минерални води, ползувајќи се со исцелителната сила на изворите Пјатигорск, Ессентук, Кисловодск, Горјачеводск, Железноводск, светителот Игнатиј Брјанчанинов високо ги оценил и ги осветил. Тој светителски благослов дејствува до денешен ден за сите кои бараат помош и телесно и духовно исцелување од изворите, зашто водите покрај природните лековити својства, имаат и особена благодатна сила која ги лекува болестите на душата.

На 23 август 1858 г., по божествената Литургија во Скорбенската црква на Пјатигорск, во присуство на претставници на граѓанската и воената власт, на познати граѓани и истакнати посетители на Водите, при огромен број на обичниот народ, владиката извршил осветување на новоотвореното езеро Провал. По оросувањето на ѕидовите со света вода во нишата спроти влезот во него била вградена икона на Скрбната Божја Мајка која била донесена со крстна литија.

Преосвештениот Игнатиј големо значење му придавал на градењето Божји храмови во епархијата. Со негова иницијатива ЈоанноМариинската општина, основана 1859 г. од првиот епископ Казански Еремија, била преформирана во манастир. Во таа обител Преосвештениот Игнатиј во 1861 г. го започнал градењето на новиот Покровски храм. Владиката заедно со губернискиот архитект Воскресенски го составил проектот на храмот во селото НовоГригорјевско, кој станал украс на Епархијата. Во 1860 г. владиката Игнатиј издал грамота за градење на нов храм во Моздок во чест на Иверската икона на Божјата Мајка, која се наоѓала во тој град и била особено почитувана. Со благослов на светителот, а по преокт на Воскресенски, за две години (1859-1860) била изградена уникатна камбанарија на Ставропполскиот Катедрален храм на Казанската икона на Божјата Мајка, која во текот на многу децении била една од знаменитостите на Кавказ.

Преосвештениот Игнатиј со Кавкаската епархија не управувал долго време – помалку од четири години, но тој период по Божја промисла се совпаднал со многу важни настани во животот на Кавказ. Во август 1859 г. бил заробен имамот Шамил. Во 1860 г. Кавкаската граница била разделена на Кубанска и Терска област. Во 1861 г. почнало населувањето на задкубанскиот крај.

Содејствувајќи со Бога, епископот Игнатиј достојно го извршил тешкото дело на управување со огромната Кавкаска епархија во услови на жестоката Кавкаска војна. Без оглед на воените акции, на реалната опасност да биде заробен или убиен, тој посетил многу парохии од Таман до Кизлар, ги средил органите на епархиската управа, издејствувал поголема плата за свештенството во епархијата, вовел торжествено богослужење, организирал прекрасен архиерејски хор, изградил архиерејски дом. Освен тоа, тој постојано проповедал. Во однос кон клирот и парохјаните владиката Игнатиј бил вистински миротворец – строг кон себе, тој бил снисходителен/попустлив кон немоќите на ближните.

Тешка болест го принудила епископот Игнатиј во летото 1861 г. да поднесе барање за мирување во НиколоБабаевскиот манастир, каде што, откако му било дозволено, заминал на 13 октомври заедно со неколку свои ученици.

Непроценливо е значењето на пишаните творби од светителот Игнатиј – живо искуство на активен подвижник, кој својот духовен живот го изградил на Светото Писмо и на Преданието на Православната Црква. Богословското наследство на светителот Игнатиј било примено од читателите со голема љубов и благодарност.

Интересот кон личноста и бесмртното творештво на епископот Игнатиј не згаснува и во наши денови. Светителот Игнатиј Брјанчанинов се покажува како најдобар духовен раководител, најдобар пример на тоа, како во животниот вртлог човекот може да ја зачува својата верност кон Христа, постојано разгорувајќи го во своето срце огнот на љубовта и преданоста кон Бога.

Епископот Игнатиј е канонизиран од Поместниот Собор на Руската Православна Црква (одржан во Троице-Сергиевата Лавра, 6-9 јуни 1988 г.). Неговите свети мошти се наоѓаат во СветоВоведенскиот Толгски манастир на Јарославската Епархија. Честица од нив Патријархот Московски и на цела Русија Алексеј II пренел во Ставропол, за време на првата посета на Претстоителот на Руската православна Црква на Кавказ во 1994 г.

Превод од: Святитель Игнатий Брянчанинов

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s