Преподобен Прохор Пчињски, Мироточив Чудотворец

Преподобниот отец наш Прохор, подвизувајќи се со добар подвиг во Нагоричанската и Козјачката пустина, му беше јавен на светот како светилник при царувањето на благочестивиот цар Диоген (1067-1071). Родителите на свети Прохор; Јован и Ана, побожно живееја во село во Овчеполскиот крај (околината на Свети Николе). Тие беа тажни, зашто немаа деца. Со силна желба за деца, тие срдечно вознесуваа топли молитви кон Бога и даваа многу милостина на сиромашните и на црквите. И Господ погледна на нивните молитви и милостини и им даруваше утеха и голема радост: Ана зачна во староста и роди син, кој на крштението го доби името Прохор. А кога наполни осум години, родителите го дадоа Прохор да учи. Просветуван од Божјиот Дух, Прохор напредуваше во учењето и со тоа многу ги радуваше своите благочестиви родители.

Кога ја изучи книжевната мудрост подобро од своите врсници и стана полнолетен, родителите намислија да го оженат својот син единец, за да добијат наследници. Но, преподобниот не сакаше да се окова со светските окови, зашто душата го влечеше кон небото и неговото срце Го љубеше Бога над сите светски убавини и земни привлечности. Горејќи со пламена љубов кон Господа, тој копнееше деноноќно да Му служи со умот и срцето, со духот и телото. Затоа ја сакаше црквата и нејзините богослужби и секој ден одеше во неа. Црковната молитва беше најслатка храна за неговата побожна душа. Слушајќи ги зборовите на Господ Христос во Евангелието: „Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој Ме љуби, нека го земе својот крст и нека оди по Мене” – Прохор, поткрепуван и осветлуван од Божјиот Дух, реши да го остави светот и сите убавини на светот и целиот да се посвети на Бога. Кога излезе од црквата во која ги слушна овие Господови зборови, тој целиот свој имот го раздаде на сиромаси и отиде во пустината, пеејќи со пророкот Давид: „Жедна е мојата душа за Бога – живиот Бог. Како срна што бара потоци, така мојата душа Те бара Тебе, Боже!” (Пс. 41, 2, 1).

Кога пристигна во Нагоричанската пустина, во Жеглиговскиот крај, Прохор најде во неа мала пештера и покрај неа мал извор на вода и тука се насели. Почна да се подвизува со прекрасен и спасоносен подвиг, имајќи Го секогаш пред душевните очи Бог Творецот и Спасител. Храна му беа билките и тревата, но и од нив земаше само еднаш на три денови. Со молитвата пак, постојано ја хранеше својата душа. Живеејќи на таков начин, преподобниот помина во пустината триесет и две години и за тоа време не виде човечко лице. Се дружеше со животните кои понекогаш доаѓаа.

По Божјата промисла се случи следното: Диоген, кој требаше да стане цар, дојде на лов во пустината каде што преподобниот се подвизуваше. Кога здогледа една срна, тој почна ја гони. Срната бегајќи дотрча до пештерата на преподобниот кој неа често ја хранеше. Тогаш пристигна и Диоген, па кога го виде старецот со долга коса и брада, облечен во искината облека, тој се запрепасти и веднаш потрча назад. А светиот пустиник, провидувајќи со духот дека Диоген наскоро ќе стане цар, го повика, говрејќи: „Диоген, врати се! Не плаши се! Застани! И јас сум човек.” – Кога ги слушна овие зборови од преподобниот, Диоген се врати и со страв падна пред нозете на чудниот старец, барајќи благослов од него. Светиот старец го благослови и пророчки му рече: „Диоген, веднаш оди во Цариград, зашто Бог ќе те воздигне на царскиот престол. А, тогаш не заборавај ме мене. Оваа облека пак, што ја носиш, остави ја во посебна одаја и често оди да ги видиш, присетувајќи се и на мене – старецот кој живее во оваа пустина.

Диоген го послуша старецот и веднаш отпатува во Цариград. И пророштвото на светиот старец се исполни: по некое време Диоген стана цар и постапи како што му рече светиот пустиник: својата поранешна облека ја остави во посебна одаја. Но, набргу ја заборави. Триесет години потоа, преподобен Прохор му се јави на Диоген во сон и му рече: „Диоген, зошто ги заборави својата поранешна облека и мене, старецот? Погрижи се да ми изградиш макар мал храм.

Откако се разбуди, царот го опфати страв и веднаш отиде да ја види својата стара облека; и се присети на сè што му рече преподобниот старец. И сакајќи да ја исполни желбата на преподобниот, царот отиде во пустината каде што некогаш го сретна светиот подвижник гонејќи срна. Кога пристигна во Жеглиговскиот крај, царот не можеше го пронајде светиот старец. Зашто, пред тоа, според Божјата промисла, старецот премина на планината Козјак. А тоа беше вака: „Ангел Господов му се јави на преподобен Прохор и му рече: „Бегај од овде длабоко во пустината и насели се во Козјак.”

Свети Прохор го послуша гласот на Господовиот ангел и кога отиде во Козјак, најде мала пештера и се насели во неа. И таму живееше уште триесет години, подвизувајќи се со пост и молитви и угодувајќи Му на Бога со исполнувањато на Неговите свети заповеди. Со таквиот богоугоден живот тој го стекна големиот дар на пророштво и чудотворство. И тогаш, веќе во длабока старост, му се јави во сон на царот Диоген. Царот патувајќи го најде местото на подвигот на Божјиот угодник и таму, во Нагоричане (близу до денешно Куманово), му изгради храм. Но, на царот многу му беше жал што не знаеше каде почиваат неговите мошти. Затоа, срдечно го молеше свети Прохор да му ги открие своите мошти. И свети Прохор му се јави во сон и му кажа неговите мошти да ги бара во Козјачката пустина. Царот испрати многу војници да ги бараат моштите на светецот. И ги бараа многу денови, но напразно. Еден старец, стоејќи на врвот на Козјак, од каде што можело да се види цел Козјак вдолж и попреку, видел бел орел како ја надлетува пештерата во која биле светите мошти на пустиникот Прохор. Таму се упатија со царот Диоген сите кои трагаа по моштите на преподобниот и ги најдоа во пештерата моштите на светецот – негнилежни. Царот и сите со него паднаа ничкум пред светите мошти, па со голема стравопочит и побожност, ги зедоа и ги понесоа со пеење на црковни песни. Ја преминаа реката Пчиња и дојдоа во новоизградениот Нагоричански храм, кој е далеку од пештерата во која ги пронајдоа светите мошти. НО, утредента во храмот не ги најдоа светите мошти; тие самите се беа вратиле во својата пештера. Но, повторно ги донесоа, а светите мошти повторно се вратија. Така се случи три пати. Тогаш царот реши светецот да го однесе со себе во Цариград; и го товарија светото тело на мазга. Но, мазгата не сакаше да тргне. Царот во тоа ја виде желбата на светиот отец Прохор и заповеда, па беше изградена нова црква на реката Пчиња..

Новоизградената црква беше осветена во присуство на царот и многу народ. Царот ја зеде левата рака на светецот и ја однесе со себе во Цариград, а сето останато тело го остави во новиот манастир. Таму до денес негнилежно почиваат светите и чудотворни мошти, од кои тече свето и исцелително миро за утеха, помош и исцелување на сите кои со вера и љубов му пристапуваат на светиот Божји угодник – преподобниот и богоносен отец наш Прохор Пчињски.

Преподобен Прохор Пчињски се упокоил на 14 септември 1067 г., но поради големиот празник Воздвижение на светиот Kрст, празнувањето на неговиот спомен е пренесено на 15 јануари. Во неговиот манастир споменот се празнува на 19 септември//01 октомври.

По неговите молитви, Господи Исусе Христе, помилувај и спаси нè.

Тропар, глас 1.

Жител на пстината, и во тело ангел, и чудотворец се покажа, богоносен отче наш Прохоре, со пост, бдение, молитва, небесни дарови прими, ги исцеуваш болните и душите на тие што со вера пристапуваат кон тебе. Слава Му на Оној што ти даде сила, Слава Му на Оној што те овенча и Кој преку тебе на сите им дејствува исцеленија.

Кондак, глас 3.

Голема победа смело покажа, бидејќи со божествената љубов се разгоре, гнилежниот цар и сите убавини ги презре, на гората козјачка се насели, од каде што во небесата се искачи кај Царот на царевите, Прохоре: моли се постојано за сите нас.

Тропар глас 1.

Пустиниј жител и в тјелеси ангел, и чудотворец показалсја јеси, богоносне отче наш Прохоре, постом, бдјенијем, молитвоју, небеснаја дарованија приимиј, исцјељајеши недужнија и души вјероју притекајушчих к тебе. Слава давшему ти крјепост, слава вјенчашему тја, слава дјејствујуштему тобоју всјемисцјеленија.

Кондак глас 3.

Велију побједу мужески показал јеси, отонудуже боженственоју љубовију разгорјевсја царја тљенаго и всја краснаја преобидјел јеси, на горје козјачестје вселивсја, от нејаже в небеснаја возшел јеси к Царју цареј, Прохоре: молисја же непрестано о всјех нас

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s