Почетокот на Црквата: Мисионерството на св. апостол Павле

За никој друг од Апостолите не дошле до нас толку многу податоци, како за св. ап. Павле; бил правоверен Евреин, но роден во Тарс, во Киликија, т.е. во дијаспората. Тој во себе ја соединува љубовта кон својот народ и својата религија со вселенска широчина и опфат на својата мисла. Јудејството со старозаветната незгасната «жед за живиот Бог», сосема ја определува Неговата религиозна свест, но тој веќе слободно го диши и воздухот на елинско-римскиот свет, тој е римски граѓанин не само «со документ», туку и според светотогледот.

Своето религиозно образование тој го добил во Ерусалим, «крај нозете на Гамалиил» – водач и идеолог на фарисејството. Таквото воспитание во духот на крајно-конзервативното јудејство го направило непријател на христијанството. Уште во тоа непријателство се покажале особените црти на Неговата личност: целостност и максимализм во применувањето на својот религиозен идеал во животот. Св. ап. Павле прв пат го сретнуваме во книгата Дела апостолски, и тоа како го одобрува убиството на архиѓаконот Стефан. Потоа го гледаме како «диши со опасност и убиство», како ја загрозува Црквата, влегува во домовите за да ги одвлече во затвор мажите и жените. Не задоволувајќи се со гонењата во Ерусалим, тој од Синедриониот бара и добива особена дозвола да ги гони христијаните во Сирија. И тука, на патот кон Дамаск, со него се случува оној прелом, за кој тој самиот секогаш ќе тврди, дека тоа било непосреден избор и Негово повикување – «не од човек и не преку човек», туку од Самиот Христос. Св. ап. Павле го осветлила светлина, го слушнал Христовиот глас и се обратил кон Него толку потполно, толку неразделно, како што изгледа, никој ни пред него, ни по него, не се обратил. За обраќањето на Павле се напишани стотици книги, се обидувале да го објаснат «научно»: со психологија, неврологија, безмалку со епилепсија… Но има нешто плитко и жално во тие обиди. Всушност, секое обраќање кон Бога е – тајна која науката не може да ја објасни до крај, дури ни со помош на најосетливи инструменти. За нас е важно тоа, дека секој збор од св. ап. Павле кој стигнал до нас, укажува на таква вкоренетост на целата Негова личност во личноста на Христос, таква навистина лична врска со Него и убеденост во особеното откровение од Христа, што Црквата, без оглед на неразбирањата и противењата кои толку многу ќе го следат ап. Павле низ целиот негов живот, не ќе се двоуми да го признае за Апостол – рамен на Дванаесетте, да го вклучи во бројот на оние «самовидци», врз чие сведоштво и учење таа е изградена.

Откако бил крстен и поминал три години во Дамаск, Павле отишол во Ерусалим, каде го примиле апостолите Петар и Јаков. Ерусалимската општина тој секогаш ќе ја гледа како најстара Црква, како центар на христијанството и секогаш во своите посланија ќе се повикува на помошта од «светите во Ерусалим». Од Ерусалим, гонет од омразата од Евреите, тој заминува во својот роден град Тарс, од каде ќе биде повикан во Антиохија. Овде, во, после Ерусалим, вториот центар на христијанството, каде што според зборовите во книгата Дела ап., «учениците за прв пат почнаа да се нарекуваат христијани», Павле и се поставува на едно од првите места, како «пророк» – т.е. проповедник во христијанското собрание.

На проповедањето, на «служењето на Словото» Павле го посветил целиот свој живот. Во проповедањето тој го гледа главното, речиси исклучително свое звање, а плодовите од проповедта – ги смета за печат на своето Апостолство, кое некои му го оспорувале. Таков плод била – цела мрежа Цркви кои тој ги основал во Мала Азија, Грција, а, можеби и во Западниот дел од Римската Империја. Во Дела ап. особено се истакнува дека Светиот Дух ги избира за проповеднички патувања: св ап. Павле, (кој прво се викал Шаул) и неговиот сопатник Варнава. За тие мисионeрски патувања се раскажува во сите наредни глави на книгата. И ете, од самиот почеток на проповедничката служба пред Павле се исправило прашањето за местото во Црквата на обратените од паганството, основно прашање за целата понатамошна судбина на христијанството.

Христијанството се утврдило во главните центри на Римската Империја уште пред проповедта на ап. Павле: во Антиохија, во Александрија, во Рим. Но тоа сѐ уште било истото јудео-христијанство; Него го пренесувале во дијаспората Евреите, кои традиционално патувале во Ерусалим за молитви и принесување жртви во храмот. Такви се и дојденците меѓу слушателите на првата проповед на св. ап. Петар, на денот Педесетница. Откако го примале христијанството и се вратиле дома, тие основале општини во еврејските колонии во големите градови. Но, со тоа не се излегувало зад границите на јудејството, спорот за христијанството останувал внатрешно-еврејски спор. Така на пример, според зборовите на римскиот историчар Светониј, во 49 г. императорот Клаудиј ги иселил сите Евреи од Рим, заради немирите што се појавиле меѓу нив по прашањето за некој Христос.

Павле, исто така, ја започнал својата проповед од Евреите во Мала Азија. Во Дела апостолски често се повторува следната шема: кога ќе пристигне во некој град, ап. Павле влегува во местната синагога и врз основа на Светото Писмо што се читало во неа секоја сабота ја започнува проповедта за Христа. Евреите, со малку исклучоци, го отфрлаат и тогаш тој се обраќа кон паганите. Павле никогаш нема да се посомнева дека на Евреите «прво требало да им биде проповедано Божјото слово» (13, 46). Тоа што тие го отфрлиле Христа ќе биде Негова «постојана мака». «Јас би сакал – вели тој – самиот да бидам одвоен од Христа за моите браќа, кои ми се сродни по тело» (Рим. 9, 2-3). Но, исто толку несомнено за него сега е и тоа, дека Евангелието е обратено кон целиот свет – «за спасение до крајот на земјата». Отфрлен од Евреите, тој до крај ќе го осознае својот повик – да биде Апостол на паганите и понатаму со нив ја соединува својата судбина.

Но, сега тоа веќе не се поединични обраќања, не се исклучоци, туку христијанството го прифаќаат цели општини од паганите. А, дали за христијаните важат ритуалните прописи на Стариот Завет кои, како што видовме, Ерусалимските јудео-христијани биле ги запазувале во сета нивна сила? На тоа прашање Павле решително одговора: Не! И за него тоа не е прашање на «тактика», т.е. не е заради полесно обраќање на паганите; со тоа прашање за ап. Павле е поврзана целата суштина на христијанското благовестие, целата смисла на спасението кое Христос го изврши. Во посланието кон Римјаните тој го развива своето учење за односот меѓу законот и благодатта и за тоа дека христијаните се ослободени од законот. Св. ап. Павле најмалку сака да го одрекува значењето и вредноста на законот, односно – значењето на Стариот Завет. «Законот е Свет и заповедта е Света и праведна и добра». Но во тоа е и значењето на законот, што тој го прави неопходно своето сопствено надминување, какво што е спасението во Христа, а тој се покажува «педагог//детеводител кон Христа». Зашто, законот само установува дека постои зло и грев, но не дава сили за спасение од гревот. Дури и знаејќи, што е добро, а што е зло, човекот е бессилен да уништи злоот: «желба за доброто постои во мене, но за да го правам доброто, тоа не го наоѓам. Доброто, кое го сакам – не го правам, а злото кое не го сакам – го правам»… (Рим. 7, 18-19). Гревот го поробил човекот, тој е роб – и веќе не може сам да се ослободи од тоа робство. И ако законот – т.е. знаењето на нормите – би било доволно за избавување од гревот, тогаш не би било потребно спасението во Христа. Но, откако го дал законот, Бог од една страна му открил на човекот дека злото е «ненормално» – дека е грев, нарушување на Божјата волја за човекот и светот, од друга пак, го осудил човекот. Но, тогаш останува само спасението на човекот од самиот Бог и тоа спасение е извршено во Христа. Божјиот Син стана човек и како безгрешен, го зел на себе сето бреме од гревовите, целата осуда од законот и до Својата смрт нѐ откупил од тоа осуда. Но, со самото тоа во Него умрел законот и се зацарила благодатта: преку верата во Христа, преку соединувањето со Него во крштелното уподобување со Неговата смрт, човекот го добил Неговиот живот, престанал да биде роб, за да стане Божји син. И тоа спасение е дарувано не само на јудеите, туку – на сите луѓе. Зашто, паганите, макар и не знаејќи го богооткриениот и совршен закон на Стариот Завет, во себе го имаат законот на совеста, кој го осудува злото и затоа се наоѓаат под истата осуда како и јудеите. За ап. Павле превосходството или избраништвото на јудеите, (кое тој никогаш не го порекнува) не е во тоа, што тие го имаат законот на доброто и злото, туку во тоа, дека им е «доверено Божјото слово», т.е. преку нив се извршува подготовувањето за Христовото доаѓање. Но, Христос доаѓа да ги спаси сите, «зашто како јудеите, така и Елините сѐ под гревот» (Рим. 3, 9). Со мојсеовиот закон или со законот на совеста, «Бог ги заклучил сите за непослушноста, за сите да ги помилува» (11, 32). «Сите вие кои во Христа се крстивтие, во Христа се облековте. Нема веќе ни јудеец, ни елин; нема ни роб, ни слободен, нема машки пол, ни женски, зашто сите вие сте едно во Христа Исуса»… (Гал. 3, 27-28). Оној што поверувал во Христа, учествувајќи во Неговата смрт, имајќи го Неговиот живот, и сѐ уште ги прави тие разлики, сѐ уште мисли оправданието да го добие преку исполнување на надворешните прописи на законот, тој нема «никва полза од Христа, тој отпаднал од благодатта». Зашто, целата смисла на законот е само во љубовта, а законот во себе никогаш немал сила да ја даде таа љубов.Таа е дарувана, како дар е дадена во Христа и затоа преку Него и во Него, законот станува ненужен. Во него веќе «нема сила ни обрезанието, ни необрезанието, туку верата што дејствува со љубов»…

«Старото помина, сега сѐ е ново» (2 Кор. 5, 17). Св. ап. Павле никогаш не се заморува да возвестува; за новиот живот, за дарот на слободата, за причестноста кон благодатта и тоа евангелие на слободата им го спротивставува на сите кои сѐ уште сакаат да се вратат кон ропството на закоништвото.

Од паганите тој не барал ништо друго освен вера во Христа, т.е. свесно, целосно обраќање кон Него и нов живот «во Христа». Кога ап. Павле и неговиот сопатник Варнава се вратиле во Антиохија и раскажале за своето патување, биле пречекани со противење и прекор од оние јудео-христијани кои продолжиле да го сметаат запазувањето на Мојсеовиот закон задолжително за сите членови на Црквата, без исклучок. Започнал долг и мачен конфликт кој на ап. Павле му донел многу страдања и грижи. Од Неговите посланија се гледа дека постојано требало да ја брани својата проповед, своето апостолство, своето учење од клеветите на непријателите кои се обидувале да ги одвојат од него Црквите кој токму тој ги основал.

Во книгата Дела апостолски тој конфликт го разгледуваат и решаваат Апостолите и Ерусалимската Црква на апостолскиот собор во Ерусалим.

Превод од: Исторический путь православия

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s