Богатиот и Лазар

lazarus_richman
19 Еден човек беше богат и се облекуваше во порфирa и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше.
20 Имаше, исто така, и еден сирoмав, по име Лазар, кој струполив лежеше пред вратата негова;
21 и сакаше да се нахрани од трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови.
22 Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Аврамово; умре и богатиот и го погребаа.
23 И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазар во крилото негово.

За богатиот е кажано само дека бил богат. Самото богатство овде не е во прашање. Тој стигнал во пеколот не затоа што имал богатство, туку затоа што се поистоветил со богатството, така што богатството станало негов идентитет. Можеби, затоа и воопшто не се спомнува неговото име. Богатиот не само што не му правел лошо на Лазар, уште помалку – ништо не направил за него. Едноставно, го пренебрегнувал. „Судот е без милост за оној што не направил милост” — вели Божјото слово (Јк. 2, 13). Таа тајна до крај ќе се открие во животот на идниот век.

24 и, откако извика, рече: ‘Оче Аврааме, смилувај се на мене и прати го Лазар да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!’
25 Но Авраам рече: ‘Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш.
26 Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.’

Таа провалија е силата на гревот кој секогаш ги разделува луѓето — и овде и во вечноста. Но, од друга страна, додека сме овде, ништо не може да нѐ спречи да преминеме „од овде” —  од гревовната состојба — во прегратката Авраамова, при Бога.

27 А тој рече: ‘Тогаш, те молам, оче, прати го во татковата ми куќа,
28 зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!’

Тој знае дека самиот не може да им се јави на браќата — само светите можат да го извршуваат Божјото дело. И тој моли да биде испратен Лазар, чие милосрдие и кроткост на земјата му биле добро познати. Сега тој како да смета на познанството со овој човек: ако веќе не може да се олесни неговата судба, тогаш можеби ќе успее да им помгне на неговите блиски. Но, како што го пренебрегнувал тоа познаништво на земјата, така останува и во вечноста.

29 Авраам му рече: ‘Тие го имаат Мојсеј и Пророците; нив нека ги слушаат!’
30 А тој рече: ‘Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.”
31 Авраам му рече: ‘Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаа, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат’” (Лука 16, 19-31, зачало 83).

„Зарем некој се вратил од таму  да раскаже? Нека дојде некој од умрените, па ќе поверуваме” — тоа се најчестите „услови” кои неверните луѓе ги поставуваат за да поверуваат. Господ ни покажува дека најглавно во човекот се — совеста и правдата. Чудото со јавувањето од другиот свет, како и „секое чудо за три дена” бргу би станало банално и „веќе видено.” Секое чудо во неверниот само ќе ја буди љубопитноста и гладот за атракции. По секое чудо ќе се бара поголемо чудо и секое ново сомневање ќе бара ново знамение: „род лукав и прељубодеен бара знамение, и тоа не ќе му биде дадено” — освен чудото на Крстната смрт на Спасителот, Кој Себе Се соединува со страдањето и смртта на секој човек до крајот на светот (Лк. 11, 29).

Како да поверува во Христовото  Воскресение оној што не го примил Христовиот Крст? Преку надворешни чуда животот би се истоштил во болна љупитност. Ќе настапи време и настапува веќе, кога знаењето дека постои друг свет — ќе стане сеопшто. Дури и науката „официјално” ќе не уверува дека постои „духовниот свет”. Науката ќе се помеша со окултизмот. Поимите добро и лошо во постмодернистичката свест ќе бидат заменети со поимот интересно. Луѓето ќе велат: „Светот е толку интересно устроен; зошто ни се Бог и Неговите заповеди?”

Но, Господ постојано ни испраќа таги и неволји за да нѐ научи на заповедите за верата и љубовта, за состраданието со другиот, што ни ја враќа реалноста на животот. Тој, Воскреснатиот, присуствува среде нашите беди, и уште овде ни дозволува да го познаеме Небото како многу пореално од светот чиј образ (σχη̃μα) изминува.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s