Почетокот на Црквата: крајот на јудео-христијанскиот период

«Апостолскиот собор» во Ерусалим (Дела. гл.15) во Црковното предание останал како образец за сите идни собори, како мерка за соборноста на Црквата. Во него, освен Апостолите, учествувале и презвитерите, т.е. јерархијата на местната општина, а преку нив и целата Ерусалимска Црква, при што токму нејзиниот возглавител св. апостол Јаков ги сумира расудувањата и предложува решение.

Тоа решениe сега веќе «официјално» ги ослободува христијаните неевреи од бремето на (старозаветниот) закон. За нив пропишале само «да се воздржуваат од идоложртвено, од крв и задавено и од блуд» – со други зборови – од учествување во паганските ритуални трпези. Во тој дух и било составено посланието кон христијаните во Антиохија, Сирија и Киликија. Навистина, изгледа не сите и не секаде го примиле тоа решение: апостолот Павле морал да пострада уште многу од јудео-христијаните. Но, решителниот чекор бил направен: со тоа што ги ослободила обратените пагани од јудејскиот закон – од нивното вклучување во еврејскиот народ – Црквата покажала дека веќе целосно го осознала својот сесветски повик и назначеност и дека подготовителниот; јудео-христијански период од нејзината историја – е завршен.

Апостолот Павле уште многу години го продолжил своето проповедничко служење. Во „Дела апостолски” се опишани три негови големи патувања, но со нив не се исцрпува неговата апостолска дејност. По Мала Азија тој оди во Грција: во Солун, Коринт, Атина – потоа повторно во Ефес, во Ерусалим и на крај во Рим. Во секое место проповедта ја завршува со создавање на Црква, со ракоположување епископи и презвитери, со градење на христијанска заедница. Во проповедникот настапува учител, пастир, отец. Посланијата на ап. Павле сведочат за неговата постојана и жива врска со општините кои ги основал. Тој жали заради неуредноста и поделбите меѓу христијаните, дава совети и укажува, разрешува проблеми, запретува, советува, заповеда. Тој во потполна мерка го воплотува идеалот на пастирството, кој самиот го формулирал вака: «Да се биде сѐ за сите, за да бидат спасени барем некои.» Тој најмалку е абстрактен мислител, секој ред што го напишал покажува со каква сила тој чувствувал одговорност за душите, за Црквата, за секој од оние, «за кои бил во породилни маки, за да се изобрази/отслика во нив Христос».

А, почетокот на Црквата не бил лесен. Многумина го примале Евангелието со восхит, но не разбирале сѐ што тоа содржело. Новиот живот, слободата во Христа, радосното единство во љубовта – кои ги возвестувал Павле – многу често биле разбирани во нивната поранешна, паганска перспектива, во духот на емоционална возбуда, својствена за паганските култови од тоа време. Опасноста од јудејското закоништво ја дополнувала, од друга страна, опасноста од паганската «мистеријална» религиозност која многу лесно заборавала за моралната содржина на слободата што е дарувана во Христа. Потребни биле бескрајното трпение, љубовта, неуморната грижа на ап. Павле, за да им се приближи евангелското учење на новите христијани во сета Негова полнота, да се искорени «старото» во ново, да се «изобрази Христос» во оние што се обратиле кон Него.

Во Црквата се провлекуваат исто така и човечките страсти: поделби, завист, спорови за личности. Цело време се појавуаваат нови прашања, нови тешкотии. Павле одговара на сѐ, влегува во ситници. Но, сите негови одгвоори, сите зборови се сведуваат на еден, основоположен, повторуван повик: «Во Христа». Во овие два збора се состои целата смисла на христијанството, во нив е дадена скицата на христијанскиот живот. Верата и Крштението нѐ соединиле со Христа и сега ние живеме во Него, за Него, заради Неговиот живот. Тоа значи – во такво единство со Него, во таква љубов кон Него и во стремеж да му се служи и Тој да се пројавува преку нас, што целата Црква, сите христијани не се нешто друго, освен Самиот Христос кој продолжува да живее во луѓето и да ги спасува. Тие се Негово Тело кое Тој го создал за Себе преку Светиот Дух. Ние веќе сме «во Христа», затоа и сме должни да живееме согласно со тој повик и освештение. И сѐ во Црквта: нејзиното устројство, собранијата, различните служби, дури и економските грижи – сѐ постои само за тоа; ние да возрастуваме во Христа, да ја развиваме и возвраќаме благодатта што од Него сме ја добиле.

Ако во првите глави на „Дела апостолски” Црквата е претставена како настапување на ветеното Божјо царство, тогаш во посланијата на ап. Павле тоа Царство се открива како живот на Самиот Христос кој им е даруван на луѓето и ги соединува нив со Светиот Дух во нераскинливо единство со Бога и во единство меѓу себе.

Големиот Апостол својот живот го завршил маченички. Во Ерусалим, каде што тој секогаш одел по секое патување, го фатиле евреи и за да се спаси од улична расправа, тој побарал суд од Императорот. На такво судење имал право како римски граѓанин. Со неговото пристигнување – како приведен – во Рим и со двегодишната проповед во престолнината на Империја завршува книгата „Дела апостолски.” Тоа не е случајно. Тема на оваа книга е токму тој пат на Црквата од Ерусалим до Рим, од центарот на Израил до центарот на светот. Служењето на Апостолите завршува со сведоштвото, веќе не само со збор, туку и со крв. Така тврди преданието на Црквата.

Што останува по нив? Мала група луѓе расеани по светот, никому непознати, во почетокот речиси од никого незабележени. Сепак, првата победа е добиена, «Добрата Вест» за Христа прозвучила до крајот на вселената.

Крвта на Апостолите нѐ преведува до следната глава – до епохата на гонењата. Но, уште на самиот почеток на тоа второ крштевање на Црквата – крштевање со крв – прозвучиле зборовите на Апостолот: «Ние сме непознати, сепак нѐ знаат, нѐ сметаат за мртви, но ете –живи сме, нѐ казнуваат, но ние не умираме, нѐ огорчуваат, а ние секогаш се радуваме, ништо немаме, но со сѐ владееме…»

Со таква свест Црквата стапува во вториот период од својата историја.

Децениите што го одделуваат апостолскиот «почеток» на Црквата од средината на вториот век ни оставиле многу малку споменици. Многу малку знаеме за растењето на Црквата, за нејзиниот развој, за нејзината организација, учење, богослужение. Тоа им дало можност на секакви «реформатори» на христијанството или пак, на „научната” критика да гради за таа епоха секакви хипотези, да ја востанавува по свое и да ја и толкува. Во неа секогаш сакале да видат некаква «метаморфоза» на Црквата, раскин со првичната «идеја» а не христијанството какво што е прикажано во Евангелието. Теориите како таа дека „организираната Црква со јерархија, учење, дисциплина – каква што ќе ја видиме во средината на вториот век – е само «приспособување» на социјалните услови”, или дека „неопределената вера волно-неволно се вообличила во формата на мислата од таа епоха” – во последно време сѐ појасно ја покажуваат својата неодржливост. Напротив, сѐ поголемо внимание му се придава на гласот на црковното предание, кое до неодамна им изгледаше тенденциозна, речиси злонамерена измислица. Се покажува дека Евангелието не може да се оддели од Црквата: тоа е во неа и за неа напишано, тоа е сведштво за верата на Црквата: за нејзиното живо искуство и надвор од тоа (црковно) искуство Евангелието не може да се разбере. Фрагменти од молитви, знаци и символи на ѕидовите на какатакомбите, неколку посланија на едни Цркви до други – сето тоа сега оживува во нова светлина, се открива како заеднички развој, а не како периодични кризи и прекини. Она што останало незапишано можело таинствено да живее и да се чува во непрекинатото паметење на Црквата, а во самиот нејзин живот и бит се запишани некогаш со векови подоцна. Така сѐ станува очигледно, дека Црквата и е првичната суштина на христијанството. А што знаеме за тие први децении, за тие Цркви веќе расеани низ целата Римска Империја?

Повторно, како и во првиот ден во Ерусалим, ние пред сѐ ги гледаме христијаните «собрани во Црквата за Крштевање и Евхаристија.

Таа двоедна мистерија: раѓањето од вода и Дух и „прекршувањето на лебот” го определува целиот живот на Црквата и животот на секој од нејзините членови. Тоа не е еден од «аспектите» на Црковниот живот, не е просто богослужение, тоа е изворот, содржината и врвот на сѐ во Црквата, самото срце на «првохристијанството».

«Христијанин не се раѓа, туку се станува» – овие зборови на Тертулијан ни објаснуваат зошто ретките споменици од таа епоха најмногу говорат за крштението и евхаристијата. Христијанин се станувало. А тоа значи, дека во споменот на секој од нив не може да не биде запечатен денот кога по таинственото растење на семето што било фрлено во душата со проповедта, по сомнежите, проверките, измачуувањата – тој пристапувал, конечно, кон водата на Светата Тајна (Крштение). Во неа морало да умре стариот живот, за да почне новиот. Во неа веднаш се давало сѐ: простување на гревовите, соединување со Христа, увереност дека е умртвена самата смрт, искуството на воскресението и вечната радост која никој веќе не можел да ја одземе. И сето тоа не било абстракција, не било «идеологија», туку реалност: излегувајќи од светата вода, новокрстениот не останувал сам. Таа го воведувала во братството, во единството на љубовта, во постојано општење.

Од таа древна младост на Црквата до нас дошле зборовите на Благодарењето//Евхаристијата, кои ги произнесувал претстоителот над принесените дарови: «Ти благодариме Тебе, Отче наш, за животот и знаењето кои Ти ни ги јави преку Својот Син Исус. На Тебе слава во вековите. Како што овој леб бил расеан по ридовите и собран – станал еден, така да биде собрана Твојата Црква од краиштата на земјата во Твоето Царство… Спомни ја неа за да ја избавиш од секое зло и да ја усовршиш Твојата љубов, собери ја осветена од четирите краишта во Своето Царство кое Ти си го приготвил за неа…»

Таква е вечната смисла на Евхаристијата: секогаш преку Христа со браќата. Еден е Лебот и една е Чашата кои се разделувани на сите и сите ги соединувале во едно. Споменување претворувано во реалност; очекување – во Присутност.

Превод од: Исторический путь православия

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s