Жената да се бои од својот маж

„А, жената да се бои од својот маж…” Ова е стихот со кој завршува фрагментот од Апостолот што се чита на Светата Тајна Венчание. Речиси редовно следува подбивно мрморење „да се бои…”, придружено со тивко, цинично потсмевање од присутните на венчавката, па дури и од младоженците. Стихот е толку „тежок и несоодветен” што некои клирици го „олеснуваат и осовременуваат” така што, наместо „да се бои,” изговараат: „да го почитува.” А, свети апостол Павле вели токму така: „ἡ δὲ γυνὴ ἵνα φοβη̃ται τòν ἄνδρα” – „a жената да се бои од мажот.”

Па, да видиме што е толку страшно во овој непопуларен стих за современите брачници? Навистина, дали среќните семејни односи можат да се градат врз страв? Не се многумина оние што сакаат да бидат страшило за својата жена.

Со фразата „да се бои” преведувачот на Посланието на св. ап. Павле до Ефесјаните на словенски јазик го превел грчкиот збор φοβη̃ται, кој има неколку значења, а меѓу другото: да почитува, да уважува, да се грижи. Словенскиот глагол „боятися” ги содржи тие значења. Апостолот, несомнено, ја имал предвид таа смисла. Во тоа нѐ уверува и контекстот на стихот: „Така, секој од вас да ја љуби својата жена, како самиот себеси; а жената да се бои од својот маж” (5. 33).

За да стекнеме правилно разбирање мора да се потсетиме дека станува збор за Посланието до Ефесјаните (5:33). Во него апостолот ги споредува односите меѓу мажот и жената во бракот со она единство што постои меѓу Христа и Црквата. Во таа паралела има два клучни момента. Од една страна, Црквата му се покорува на Христа, според што и жената е должна да му се покорува на својот маж. Од друга страна, Христос така ја возљубил Црквата, што се предал Себеси на крстна смрт за Неа и мажот е должен да ја љуби својата жена со подготвеност за неа да го даде и својот живот.

Станува јасно дека не станува збор за страв од насилство – духовно или физичко, туку за уважување на мажот што се изразува со покорност и послушност кон него. Така што, може да се рече дека жената треба да се плаши од своето неуважување кон мажот. Значи, ако жената е должна да го уважува својот маж и да се плаши да го огорчи или понижи, зарем мажот од своја страна не треба да возвраќа со иста мерка? Секако, грижливиот меѓусебен однос во семејството мора да бидат взаемен. Но, зошто заповедта за послушаност како изразување на вистинската семејна љубов се однесува токму на жената?

Два клучни моменти, кои ги издвојува апостол Павле во посланието до Ефесјаните, укажуваат на двата краја на овој мост меѓу брачниците. За жената – тоа е послушноста, а за мажот – одговорноста. Како без послушност, така и без одговорност – не може да се има ни доверба, ни љубов. Навистина, како може жената да послуша, т.е. да се довери на својот маж во решевањето на важни прашања од семејниот живот, ако не чувствува дека тој е подготвен да преземе одговорност за последиците од своите решенија? И како може да се бара одговорност од мажот, ако жената е своеглава? За што и за кого тој да одговора? Може да се одговара само за својот избор и за оној кој ти е верен, со други зборови, за оној што целосно ти се доверил.

Сепак, апсолутна доверба меѓу луѓето може да постои само тогаш, кога таа доверба има цврста основа. Не треба на човек да се довериш како на некаков идол. Апсолутната доверба е можна само ако во животот раководно начело не е егоизмот, дури ниту талентите, туку – стремежот кон апсолутната Вистина и Љубов, т.е. апсолутната доверба е можна само кон оној што целосно се доверил и се доверува на Бога. Затоа, вистинска доверба и вистинска љубов се можни само тогаш, кога и мажот и жената заедно учат да се доверуваат на Бога и да се стремат кон Него.

Така, мора ли жената „да се бои од својот маж”? Кај апостолот Јован Богослов ги наоѓаме следните зборови: „Оној што се плаши е несовршен во љубовта” (1.Јн. 4:18). Таа фраза започнува со уште посилни зборови: „Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот, затоа што во стравот има мачење.”

Кога Господ ќе ја повика кон Себе, Тој не ќе ја праша жената; како го слушала и колку се „плашела” од својот маж. Тој ќе праша: „Колку љубеше?” Овде нема противречност, затоа што апостол Павел говори за оној единствен пат, за она средство или начин со кој таа љубов се достигнува и се запазува – преку послушност, доверба и одговорност. Кога пак, човек ќе ја достигне или барем ќе допре до вистинската Љубов, таа ќе го „изгони стравот.” Сите овие поими: послушност, доверба, одговорност – не носат законски карактер. Кога човек љуби вистински, сето тоа станува апсолутно слободно и природно изразување на неговата љубов. Кон таква љубов стремат христијаните, имајќи на ум дека сѐ уште се несовршени во љубовта и затоа и денес, како и пред две илјади години, мора просто да ја чуваат и да се „плашат” да не ја изгубат.

Значи, потребно е жената „да се бои од својот маж” како што е потребно да се бои од Бога, т.е. да го уважува и да го љуби мажот, да се однесува кон него со доверба така, како што мажот апсолутно се доверува на Бога.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s