Проблемот за спасението на неродените деца вознемируваше и еден подвижник на Света Гора. Со многу болка тој се молеше на Бога за децата кои од темнина преминуваат во темнината на смртта уште пред да се родат. Со текот на времето тој се исполнил со таква сострадателност кон нив, што почнал да ги чувствува како свои деца. Можноста сите тие да бидат осудени – зашто ги немаат претпоставките за животот во рајот, бидејќи не биле крстени – му го кршела срцето и го исполнила со очајание. Во еден таков момент на очајание и безнадежност, Бог решил да го утеши, така што му дал видение: подвижникот се нашол на Страшниот суд пред Христос. Бескрајно многу души го чекале својот ред. Судот започнал и полека-полека просторот се испразнил. Останале само од едната страна мали деца, чии лица и очи биле полни со разбирање. Тоа биле децата од абортусите. Христос се свртел и ги погледнал замислен:
– А што да правам сега со вас? – прашал Тој.
Тие Му одговориле во еден глас:
– Бевме онеправдани на земјата и без жал ни го одзедоа животот. Не нѐ онеправдувај и Ти Господи, но дарувај ни живот во Твоето Царство.
Тогаш се појавила Пресвета Богородица и коленичела пред Христос:
– Подари ми ги, Сину Мој, овие деца кои толку сурово беа онеправдани на земјата.
Христос протегнал рака и одговорил:
– Земи ги со себе во рајот.