Императорот Јустиниан I Велики

justinianИмператорот Јустиниан е еден од најголемите византиски императори, кодификатор на римското право, творец на православната државна идеологија, градител на храмот Св. Софиа во Константинопол. Црквата го почитува и слави како „правоверен цар.”

Се родил во 482 или 483 г. во местото Тauresium (Таор, близу Скопје). Неговата мајка е од Baderiana (Бадар, исто така, во непосредна близина на Скопје). Идниот голем император се родил во селско семејство, но се воспитувал во Константинопол, каде што го зел неговиот вујко, императорот Јустин I, (518-527 г.). Неговото целосно име е Petrus Sabbatius (при крштевањето) Flavius (во знак на припадноста на императорското семејство) Iustinianus (во чест на вујко му). Роден јазик му бил латинскиот. Постепено напредувајќи во службената скала, Јустиниан стигнал до чинот командант на престолниот воен гарнизон. Императорот Јустин, кој немал деца, го посинил и го направил свој помошник во последните месеци од царувањето. Затоа, на 1 август 527 г., кога Јустин умрел, Јустиниан седнал на тронот. Се одликувал со великодушност, простота, мудрост на политичар, талент на искусен дипломат, но не му биле туѓи и жестокоста, суровоста.

Тој се прославил со своите успешни војни против непријателите на Империјата. Иако на исток траела непрекината војна со дамнешниот непријател – Персија, Јустиниан успеал за кратко време да ја востанови големата Римска империја, практично во претходните граници. Во периодот 533-534 г. полководецот на Јустиниан, Велисариј го разбил кралството на вандалите, а околу 548 г. Африка повторно станала провинција на Империја. Во 555 г. друг полководец, Нарсес, конечно го разбил Остготското кралство и целосно ја очистил Италија од готи, франки и алемани//германи, па Италија станала провинција на Империјата со центар во Равена. Јустиниан го покорил, исто така, и западното крајбрежје на Шпанија и јужното крајбрежје на Галија.

При Јустиниан било извршено и друго грандиозно дело – била спроведена кодификација на правото. Под раководство на докажаниот правник Трибониан бил издаден познатиот Corpus iuris civilis (Зборник на граѓанско право), кој се состои од три делови:

  • “Кодекс Јустиниана” (во целост издаден 534 г.). Во него влегле сите императорски одредби што ја зачувале актуелноста од времето на императорот Адриан (II век);
  • “Дигести”, подготовена во 530-533 г. Тоа е компилација на гледиштата на најдобрите правници (воглавно од II-III век). Овие текстови станале задолжителни за сите судови;
  • “Институции” или “Основи”, издадени во 533 г., учебник по право за студенти.

По смртта на Јустиниан биле издадени “Новели”, кои, всуштност, се дополнение на “Кодексот”, и содржат 174 нови императорски одредби.

Но, Црквата го прославила Императорот Јустиниан за големите заслуги пред Православието. Тој ревностно се стремел за распространување на христијанството и го искоренувал паганството. Со таа цел, во 529 г. издал указ за затворање на сите философски школи во Атина, меѓу кои и на Платоновата Академија.

Со иницијатива на Јустиниан е изграден величествениот храм Света Софиа во Константинопол. Храмот што го изградил Константин Велики бил изгорен во време на востанието “Ника”. Јустиниан го основал и Сајданајскиот манастир во Сирија.

Јустиниан се залагал не само за распространување на христијанството, туку и за чистотата на Православната вера. Настапувајќи против несторијаните, монофизитите и другите еретици, тој ја составил песната: „Еднороден Сину и Слово Божјо…”, која до денес се пее на светата Литургија. Тој во 553 г. го свикува V Вселенски собор за да биде осудено несторијанството и за прекратување на раздорите во Црквата. Јустиниан установил закон за задолжително празнување на Рождеството Христово, Крштението Господово и Воскресението, Благовештението на Пресвета Богородица.

Императорот Јустиниан, во 535. основал и нова архиепископија со името Iustiniana prima. Со тоа име Јустиниан го нарекол градот што го изградил во своето родно место, каде што била и резиденцијата на новиот архиепископ.

Архиепископи на Iustiniana prima биле: Катилијан (Catelianus) околу 535, Бененат (Benenatus) околу 553, Јован (Johanes) 591-602. Постоењето на оваа автокефална црква е прекинато во нејзиниот процвет. На преминот од VI во VII век, кога Аварите и Словените пустошеле низ Балканот, бил разорен и градот Iustiniana prima. Истовремено пропаднала и неговата архиепископија, чии епархии повторно потпаднале под папскиот солунски викаријат, за чија сметка и била создадена архиепископијата Iustiniana prima. Папата Грегориј I (+ 604) веќе во 602. му се обраќа на архијерејот на Iustiniana prima како на епархиски епископ. Iustiniana prima е значајна компонента во историјата на Македонската Православна Црква.

Едно од најважните дела на Императорот Јустиниан е разработката на православна државна идеологија. Во Византиската империја уште при рамноапостолниот Константин силата на државата и духовната сила на Црквата биле обединети врз принципот “симфонија на властите.” Во преамбулата на 6-тата Новела на Јустиниан, затоа се вели: „Свештенството и царството се најголеми Божји дарови што на човекот му ги дарувало човекољубието на Вишниот: едното им служи на Божествените нешта, а другото управува и се грижи за човечките; и едното и другото произлегуваат од едното и исто начело и го благоукрасуваат човечкиот живот… Ако тоа (свештенството) во сѐ биде безпрекорно и причестно на смелоста кон Бога, а тоа (царството) правилно го уредува општеството што му е доверено, тогаш ќе има некоја добра симфонија.”

Заедно со императорот Јустиниан, Црквата ја почитува и неговата благочестива сопруга, царицата Теодора, со која се оженил во 523 г. Таа претходно била голема грешничка и следбеничка на монофизитите, а потоа се покајала и живеела добродетелен живот.

Теодора му помагала на императорот во управување со државата, а за време на востанието “Ника”, пројавила таква присебност и поддршка, со кои фактички го спасила тронот. Теодора и Јустинијан немале деца. Таа умрела во 548 г., а Јустиниан во 565 г.

За 10 години по смртта на Јустиниан многу од неговите освојувања биле изгубени, а идеите за универзална империја во текот на многу векови останале само риторичка фигура. Сепака, царувањето на Јустиниан, кого го нарекуваат «последниот римски и првиот византиски император», станало многу важна етапа во настанокот на феноменот на византиската монархија.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s