Почетокот на гонењата против Црквата

Почетокот на гонењата е осветлен со пожарот на Вечниот Град – Рим. Во ноќта на 16 јули 64 г. изгорел голем дел од Рим и народните гласини го обвиниле за предизикување на пожарот самиот император: а за да го сврти вниманието од себе како осомничен, Нерон ја префрлил вината на «луѓето кои народот ги нарекувал христијани… Прво биле фатени оние кои признале дека се христијани, а потоа, со нивно укажување, биле фатени многу лица кои ги осомничиле – не толку за пожарот, колку за омраза кон човечкиот род. И макар што тие луѓе и биле виновни, тие кон себе предизвикувале жал и сострадување, затоа што гинеле – не за заедничкото добро, туку за задоволување на суровиот каприц на едниот». Со овие неколку редови од римскиот историчар Тацит – полни со презир кон «штетната секта» – и се ограничуваат нашите податоци. Но, тие јасно покажуваат дека римската власт го «открила» христијанството, дека неговото постоење е сосема познато. Макар што нероновото гонење е ограничено на Рим и причината за него е случајна – токму тоа за првпат го поставува прашањето за христијаните на политичко и државно ниво, на кое ниво тоа во иднина ќе се разгледува. Навистина, тоа нема веднаш да биде решено. Крајот на I век по Христа минува во пресврти, немири и нереди. На Рим не му е дојдено до христијаните. Но, гонењата се наѕираат. На, тие години се однесува преданието на Црквата за маченичката смрт на апостолите Петар и Павле во Рим, можеби при Нерон, на Јован Богослов на Исток при Домициан (81-96). До нас дошле имињата и на други маченици. И тие инциденти кои станувале сѐ почести, го подготвувале отворениот конфликт.

Од почетокот на ii век настапуваат златните години на римската историја – «векот на императорот Антониј». Тоа е време на последниот расцвет на Рим под власта на најдобрите императори во неговата историја. Нивниот морален профил е толку добар, што самите христијани ќе ја создадат легендата за посмртното спасение на првиот од нив – на императорот Трајан; а книгата «Мисли» од императорот – философ Марко Аврелиј и денес зазема почесно место во класичното наследство на антиката. Но ете, при тие најдобри императори, во деновите кога изгледало дека триумфираат сите морални вредности на грчко-римскиот свет, конфликтот со христијанството го добива сето свое трагично значење.

Зачуван е одговорот од Трајан на својот пријател Плиниј Помладиот, кој како губернатор на една далечна провинција, го прашува императорот за христијаните; како да постапи со нив? Да ги казнува ли само заради «името» – т.е. само затоа што се припадници на христијанството или пак за престапи, поврзани со тоа «име»? Да ги испрашува или да чека само формално обвинение? Трајан одговорил јасно: да, самото «име» т.е. самото христијанство е престап и заради него треба да казнува. И макар што тој забранува христијаните да се шпионираат и ги отфрлил анонимните поткажуваања (кои ги ценел како «недостојни за нашето време», христијанството во тој ракопис било осудено со сета тежина на римскиот закон. Отсега секој што ќе биде обвинет дека е христијанин и нема да се оправда себеси со тоа што ќе принесе жртви на боговите, ќе биде осуден на смрт. Христијанството било ставено надвор од законот: «вие не смеете постоите»…

Навистина, самата структура на римското судство им давала можност на христијаните да опстанат и под таа осуда. Рим немал државен обвинител: против секој христијанин морало да се јави «приватен» обвинител, што значи самата држава во почетокот не ја презела иницијативата за гонењата. Со тоа, од една страна, доволно се објаснуваат долгите затишја во гонењата, а од друга пак, нивниот «индивидуален» карактер: апсењето на еден христијанин може да се изврши во општинското собрание без да настрадат другите членови.

Положбата на христијаните била ужасна: тие биле надвор од законот и доволна била една тужба, за неумоливата логика на обвиненијата да заврши со смрт.

Во текот на првите два века – животот на Црквата ќе се мери со крвта на мачениците.

Во различни епохи, зависно од политичките услови и од други причини, имало повеќе или помалку гонења. Но, нивната низа не се прекинувала никогаш. Некогаш тоа биле масовни гонења, на пример во Смирна во 155 г., од каде што е зачуван расказот за «Мачеништвото на Поликарп», во Лион во 167 г. – подробно опишано во писмото на галските христијани до малоазиските христијани. Понекогаш индивидуалните процеси: мачеништвото на Игнатиј Антиохиски и Симеон Ерусалимски при Трајан, на Поликарп и други христијани од Смирна при Антонин Пиј, на Јустин Философ при Марко Аврелиј итн. Така или инаку, во текот на двесте години ниту еден христијанин не можел да се чувствува безбеден и, секако, тоа сознание на својата отфрленост, на својата осуденост од светот, стои во центарот на рано-христијанското искуство.

Документите за мачениците и описите за гонењата покажуваат како реагирала Црквата на таа осуда. Тие го откриваат сето значење кое Црквата го вложила во «мачеништвото», т.е. во сведоштвото на христијаните пред судот на светот и ни објаснуваат; зошто токму во мачеништвото Црквата осознала некоја «норма» на христијанскиот живот, а исто така и најсилен доказ за вистината на христијанството. Би било невистина смислата на мачеништвото да се сведува само на «херојство» или пожртвуваност: такви маченици – херои имале сите религии, и ако спред бројот на жртвите би се определувала вистината на идеите, тогаш секоја религија би можела да ги објави своите жртви за верата. Но, христијанскиот маченик не е хјерој, туку «сведок»: со тоа што ги прима страдањата и смртта – тој потврдува дека царството на смртта завршило, дека животот победил; тој умира – не за Христа, туку – со Него, и тогаш во Него го добива и животот што «засветел од (христовиот) гроб». Црквата го возвеличува мачеништвото толку високо токму затоа што за неа тоа е доказ за главното во христијанското тврдење: дека Христос воскресна од мртвите и ја победи смртта. Никој подобро тоа не го изразил од Св. Игнатиј Антиохиски. Воден со стража во Рим, за да биде казнет т.е. фрлен на лавовите, тој им пишува на своите римски пријатели, молејќи ги да не се обидуваат да го спасат: …«дозволете ми да станам храна за ѕверовите. Моите земни желби се распнати и живата вода што струи во мене вели: оди кај Отецот»… Во описите на мачеништвата откажувањето од овој живот не е ни патхос, ни восхит. Тоа е светла, сепобедна увереност во победата што ја извојува Христос над смртта и е поважна од животот на овој свет чиј «облик изминува.»

Овде не можеме да ги наведеме сите текстови што се зачувани, како: посланието на Лионските христијани во Мала Азија, во кое се опишува гонењето во Галија во 165 г., зачудувачкото «Мачеништво на Поликарп» или потресните, кратки «акти» за Јустин, Кипријан и многу други.

Смислата на сите мачеништва секогаш е една и иста: смртта на секој маченик е Христовата победа над смртта што постојано се извршува. «Тој со (својата) смрт ја сотре смртта». И затоа со култот кон мачениците Црквата го поставува почетокот на прославувањето на светите: секојод нив е «сведок» – а нивната крв е «семе» што повторно ќе изникне.

Конфликтот со Римската Империја за самата Црква не е трагично недоразбирање, туку е исполнување на ветувањето од Спасителот: «во светот ќе имате маки, но бидете смели: Јас го победив светот». За Црквата гонењето е најдобар залог за победата.

Сепак, со државните прогони не се исцрпува конфликтот меѓу христијанството и светот. Поопасен од отвореното гонење за Црквата бил судирот со идеите и верувањата на елинистичката околина. Во овој случај таа наидува на опасност од внатрешно искривување на својата вера, на изопачување на нејзиното првично искуство. Вториот век е обележан со напрегнатата борба на христијанството за својата «самобитност», за чистотата и целосноста на учењето.

Уште апостолот Павле проповедта за Христа ја нарекувал «соблазна за јудејците, а за Елините безумство». Јудеите се соблазнувале од распнувањето на Месијата, од смислата на Неговото учење за Божјото Царство. И сепак, додека христијанството се распространувало меѓу евреите, тоа, иако често било отфрлано, останувало «разбирливо». Тоа говорело со истиот јазик на евреите, со јазикот на Библијата, тоа било основано на истото библиско разбирање на Бога, на светот, на човекот, гревот. Неспоредливо потешко за разбирање и прифаќање христијанството било за човекот што израснал и се воспитал во амбиентот на елинизмот. Атинските философи, кои се собрале на Ареопагот да го слушнат апостолот Павле, го прекинале кога тој почнал да зборува за воскресението од мртвите. Во устројството на елинскиот светоглед зборовите за воплотувањето на Бога, за смртта на Крст, за воскреснувањето на телото, навистина, изгледале «безумство», не можеле да бидат разбрани без длабоко преродување на свеста, на целиот склоп на размислување.

Превод од: Исторический путь православия

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s