Житие на свети Николај, архиепископ на Мира Ликијска, Чудотворец

sveti_nikola

Светителот Николај, архиепископ на Мира Ликиска, чудотворец, се прославил како голем Божји угодник. Роден е во градот Патара, област Ликија (на јужниот брег од Мала Азија, денес територија на Турција). Бил единствено и измолено од Бога дете на верните, богати и угледни родители Теофан и Нона. Тие дале ветување дека ќе го посветат на Бога. Уште од самото негово раѓање, Николај ја покажал својата идна слава на голем чудотворец. Неговата мајка Нона, откако го родила, чудесно се излечила од болест. На денот на неговото Крштевање како новороденче, стоел на своите нозе три часа, за да оддаде чест на Пресвета Троица. Уште како бебе се придржувал на постот во среда и петок, така што го примал мајчиното млеко во тие денови само еднаш и тоа дури по вечерните молитви на неговите родители. Од детски години напредувал во проучувањето на Светото Писмо; преку ден не го напуштал Храмот, а ноќе се молел и читал книги, градејќи во себе достојно престојувалиште за Светиот Дух. Неговиот чичко Николај, кој бил епископ на Патара, радувајќи се на духовните успеси и на високото благочестие на својот внук, прво го назначил Николај за чтец, а потоа и го ракоположил во чин свештеник. Го направил свој помошник и му го доверил поучувањето на својата паства. Служејќи Му на Господа, момчето горело со духот, а со искуството во прашањата од верата бил како старец, со што предизвикувал восхит и длабока почит кај верните.

Постојано трудејќи се, престојувајќи во постојана молитва, презвитерот Николај пројавувал големо милосрдие кон луѓето, помагајќи им на страдалните, а целиот свој имот им го раздавал на бедните. Додека бил свештеник во Патара, Николај многу се прочул со делата на својата милостиња, иако грижливо ги криел, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае левицата што прави твојата десница” (Мт 6,3).

Во тоа време имало еден богат човек во Патара, кој изгубил сѐ и не можел да го прехрани своето семејство. Бидејќи имал три ќерки за мажење, а за нив немал приготвено мираз, му дошла погубна мисла – да почне да ги продава како блудници, за да спечали некој денар и да може да се прехранат. Дознавајќи за неговата крајно лоша намера, свети Николај тајно го посетил и му фрлил кесе со пари преку прозорецот, вардејќи да не го види некој. Тие пари таткото ги нашол и со нив ја омажил првата ќерка. Овој светител истото го сторил и за другите две негови ќерки, на тој начин спасувајќи го сето семејство од духовна смрт.

Кога епископот Патарски тргнал да оди на поклонување на светите места во Ерусалим, грижата за стадото му ја доверил на свети Николај. Тој не само што се покажал достоен и вреден за довербата, туку сето тоа го правел со крајна послушност и љубов. Откако епископот се вратил од поклоничкото патување, свети Николај побарал благослов за тој да оди во Светата Земја. На патувањето кон Светата Земја тој направил многу чуда: предвидел дека морето ќе го зафати страшна бура, која потоа тој ја смирил со неговите молитви. Спасил од смрт морнар што паднал од јарболот на бродот и бил смртно повреден. Кога пристигнал во Ерусалим, отишол на Голгота и Му заблагодарил на Спасителот на човечкиот род, а ги посетил сите свети места. Ноќта, на Сионската гора, пред големиот поклоник сама се отворила вратата на црквата. Потоа посакал да се повлече во пустината и да се замонаши на Синај, но, божествен глас му се јавил, велејќи му да се врати во родната земја.

Кога се вратил во Ликија, стремејќи се кон безметежен живот, се замонашил во манастирот Нов Сион. Сепак, Господ повторно го известил дека него го очекува поинаков пат: „Николај, не е овде нивата на која треба да го дадеш плодот што Го очекувам; туку врати се и оди во светот, и да биде прославено во тебе Моето име.” Во видението Господ му дал Евангелие во скапоцен опков, а од Пресвета Богородица добил омофор.

Набргу по неговото пристигнување во Мира, архиепископот Јован се преставил пред Бога, а светителот бил избран за епископ на Мира, откако на еден од епископите на Соборот во видение му бил укажан Божјиот избраник – свети Николај. Повикан да ја пасе Божјата Црква во архиерејски чин, светителот Николај останал голем подвижник, покажувајќи ѝ на паствата образец на кроткост, незлобивост и љубов кон луѓето. Тоа било особено добродојдено за Ликијската Црква во времето на гонењата на христијаните при императорот Диоклитиан (284-305). Тогаш епископот Николај бил затворен заедно со други христијани, кои тој ги бодрел и ги советувал храбро да ги поднесуваат оковите, испрашувањата и мачењата. Него самиот, Господ го зачувал неповреден.

Со доаѓањето на власт на светиот цар Константин, Николај бил вратен меѓу својата паства која со радост го пречекала својот учител и застапник.

Иако бил многу кроток по дух и со чистота на срцето, светителот Николај бил ревностен и смел воин на Христовата Црква. Војувајќи со духовите на злобата, Светителот ги уривал паганските идоли и храмови во градот Мира и околината.

Во 325 година учествувал на Првиот вселенски собор, каде заедно со светите Силвестер папа Римски, Александар Александриски, Спиридон Тримитунтски и со другите свети отци на Соборот, му се спротивставил на еретикот Ариј. Горејќи со ревност за вистината, го удрил по образ еретикот Ариј. За ова дело бил отстранет од Соборот, му бил одземен архиерејскиот чин и бил чуван со стража. Сепак, на неколкумина од првите архиереи на Соборот во видение им било откриено како Самиот Господ Исус Христос и Пресвета Богородица го поставуваат светиот за епископ и му даваат омофор и Евангелие. Отците на Соборот разбрале дека смелоста на светителот му е угодна на Бога, го прославиле Господа, а на неговиот свет угодник му го вратиле светителскиот т.е. епископскиот чин.

Кога се вратил во својата епархија, светителот ѝ предал мир и благослов, сеејќи го словото на Вистината, сечејќи го во корен неправомислието и суетното мудрување, изобличувајќи ги закоравените еретици и лечејќи ги паднатите и отклонетите заради незнаење.

Тој навистина бил Светлина на светот и Сол на Земјата, зашто неговиот живот бил светол и неговиот збор бил растворен со солта на Премудроста. Уште за верме на својот живот светителот творел многу чуда, од кои многу познато е избавувањето од смрт на тројца мажи кои неправедно биле осудени од користољубивиот градоначалник. Светителот смело се доближил до џелатот и го задржал неговиот меч кој веќе бил надвиснат над главите на осудените. Градоначалникот, изобличен од светителот Николај за неправдата, се покајал и го молел за простување. Таму биле присутни и тројца воени началници, кои биле испратени од императорот Константин во Фригија. Тие не помислувале дека наскоро, исто така, ќе треба да бараат застапништво од светителот Николај, бидејќи биле незаслужено наклеветани пред императорот и осудени на смрт. Јавувајќи му се во сон на рамноапостолниот Константин, светителот Николај го повикал да ги отпушти официрите што неправедно биле осудени на смрт, а кои додека биле во затвор молитвено го повикувале на помош Светителот.

Многу други чуда извршил тој, многу години подвизувајќи се во своето служење. По молитвите на светителот, градот Мира бил спасен од тежок глад. Му се јавил во сон на некој италијански трговец и оставајќи му како залог три златни монети (кои тој ги нашол во својата рака кога се разбудил), го замолил да доплови до градот Мира и таму да го продаде житото. Повеќе пати светителот спасувал давеници, ослободувал пленети и затвореници од затвор.

Светителот Николај достигнал длабока старост и мирно се преставил при Господа (+ 342-351). Неговите свети мошти како негнилежни се чувале во местната катедрална црква и источувале исцелително миро, од кое многумина добивале исцелување.

Многу светители претрпеле мачења заради Христа, знаејќи дека ги очекува славна награда на небесата. Но, смелиот богоподражател Николај бил подготвен да страда и тоа не само за својот дел во рајот. Сле¬дејќи го заветот на Христа: „добриот пастир го положува својот живот за овците” (Јн 10,11), тој смело го ризикувал својот живот, ги заштитувал пред светските моќници сите што го повикувале во беди, за да ги осветли со божествената светлина на евангелското сјаење и со својот пример секого да приведе кон вечниот живот.

Раздавајќи негнилежно богатство, Николај по Божјата милост не нè оставил и нас денес. Се обраќаат ли кон неговата икона, го спомнуваат ли во молитва, го повикуваат ли — светителот секаде успева, извлекувајќи ги луѓето од опасности, избавувајќи ги болести… Тој чудотвори секаде, за да ги спаси сите што кон него се обраќаат.

Светителу отче Николај, моли Го Бога за нас .

Прилог: Пренесување на моштите на свети Николај од Мира Ликијска во Бари.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s