На иконата на Божјата Мајка, именувана „Неочекувана Радост” (се празнува на 14 мај, 06 јуни и 22 декември), пишува:
Еден грешен човек, имајќи смелост пред Богородица, секој ден усрдно се молеше и по молитвата заминуваше на блуд. Еднаш кога се помоли кон Богородица, виде дека на иконата се придвижи Младенецот; рацете и нозете му беа со рани, а и ребрата – прободени, па рече кон иконата: „О Боже, кој го направи тоа?” А, таа му одговори: „Вие грешниците како древните Евреи и денес секој час го распнувате Господа.”
Тогаш се отворила пред него бездната на неговиот гревопад и тој долго ги молел со солзи Богородица и Спасителот за помилување. Конечно, нему му била подарена неочекувана радост од простувањето на гревовите и тој започнал да живее богоугодно.