Крајот на «првохристијанскиот» период

Може да се смета дека «првохристијанскиот» период црковната историја завршил крајот на вториот век. Иако христијаните во Римската Империја сè уште биле гонето малцинство, сепак тоа малцинство веќе јасно го осознавало својот универзален повик.

На тие години се однесуваат зборовите од Тертулијан за христијаните, кои го исполниле целиот свет. Зачувани се «апологии» = одбранбени слова, со кои образованите христијани се обраќаат до Императорот и кон општественото мислење, докажувајќи ја лажноста на обвиненијата против нив, објаснувајќи ја својата вера како највисока Вистина која е достапна за секоја честна философска проверка, како вистинит одговор на сите прашања на човечкото сознание. Ќе го споменеме св. Јустин – професионален философ, кој и откако се обратил во христијанството продолжил да ја носи философската наметка и да раководи со философска школа во Рим. Тој прв во своите «Апологии» и во другите дела направил обид на елинистичката «интелигенција» да ѝ ја објасни вистината на христијанството. По него таквиот пат го следеле и други. «Апологиите» ја сочинуваат првата глава во историјата на црковното богословие, првиот обид да се систематизираат податоците од Св. Писмо, Преданието и искуството од Црковниот живот. Самиот факт дека се појавиле апологиите сведочи за преломот што се случувал. Светот во лицето на Империјата прво го гонел христијанството, се обидувал да го уништи, но не спорел со него. Тој бил рамнодушен кон неговата «содржина», го презирал. На таа рамнодушност Црквата одговорила со «мартиријата» т.е со сведоштвата на мачениците, со кои таа ги принудила дури и најрамнодушните подлабоко да се замислат над верата која за ништо не ја смета смртта, за ништо не ги смета сите земни богатства… Но, сега христијанството излегло од анонимност. Него не успеале да го замолчат, ниту да го уништат, ниту да го одрекуваат. Со него морале да спорат, да полемизираат.

Како пример на таков класичен спор може да се посочи «Вистинитото Слово» од Келс – тоа е прв пример на научна критика и обид за побивање на христијанството. Келс пишувал во почетокот на III век и остатоци од неговите дела стигнале до нас; тој го познава она за што пишува: тој ги изучил христијанските книги, Стариот Завет, доктрината на Црквата. Против христијанството тој се вооружува со философија, со историја, со религија, со сите културни «орудија» на елинизмот. Но, во неговите аргументи веќе се чувствува заплашеноста: христијанството го победува елинизмот, ги поткопува самите негови основи на светот – космосот кој за грко-римската интелигенција бил последната и највисока вредност. На Келс му останува да го обвинува христијанството за варварство, за философска неодржливост, за противоречности и главно – за неоригиналност, т.е. дека е зависно од древните религии.

Друг пример, кој укажува на силата на христијанството – се направените обиди да се прероди самиот паганизам, преку воведување ликови на «спасители» кои со своите учења и чуда ќе ги привлекуваат кон себе срцата и умовите. На личноста на Исус Христос, паганизмот ги спротивпоставува Апулеј Мадаварски, Аполон Тиански, мудреци, чудотворци, полубогови. Колку и да била далеку конечната победа на христијанството, сето ова покажува дека тоа се утврдило, дека христијанството е – факт кој не може да се превидува само со презриво молчење.

Црквата се ослободила од соблазните на јудео-христијанството, од една страна, и од гностицизмот, од друга и во таа победа конечно ги отфрлила обидите да биде претопена во околниот свет. Таа е монолитна и вселенска организација, со точни граници, точно «правило на верата», со авторитет и дисциплина.

Во почетокот на III век само Римската Црква ималa стотина презвитери. Таа има свои гробишта, води широка добротворна дејност. Во Африка на соборите се собираат околу 300 епископи, цела Мала Азија е покриена со христијански општини. Пред Црквата сè уште стои долга борба. Третиот век е време na последниот, најстрашниот судир со Империјата. Но, во таа борба веќе се чувствува дека противникот слабее и сè појасен е денот на конечната победа.

Пред да да се осврнеме на таа победа, ќе се задржиме малку на оние внатрешни тешкотии кои се како некаква сива страна на тоа растење: во општиот развој на Црквата надминувањето на тие тешкотии е поважно од наворешните успеси.

Со зголемувањето на бројот на христијаните малку се менува духот или «расположението» на црковното општество. Може да се говори за некое опаѓање, за снижување на духовниот степен, за ослабнување на оној оган со кој е осветлено «детството» на Црквата. Секако, гревови и падови во Црквата имало од самиот почеток: нив ги осудуваат апостолите и учителите во првите години. Но сега – и во тоа е промената – се менува оценката на тие гревови во христијанското сознание. За првохристијанството Црквата – е заедница на светите, и светоста – е нејзина норма на животот. Оној што ја добивал белата облека на Крштението мора да ја зачува бела во својот живот. Секој грев се доживувал како длабока ненормалност, како мачна противречност. «Зарем не знаете, дека вашите тела се храм на Духот Кој во нив живее и дека вие не сте свои?» – прашува ап. Павле и целото негово учење, сите повици се основани на тоа напомнување: вие веќе сте осветени, спасени сте, веќе го добивте новиот живот – живејте сообразно со тој дар. Христијаните мора да бидат свети, бидејќи се осветени со Светиот Дух, соединети се со Христа. За гревот нема место во Црквата, бидејќи Црквата и е света заедница, т.е. нов, осветен, посвоен од Бога човечки род. «Ние знаеме, дека секој што е роден од Бога – не греши» (1.Јн. 18). Светоста не е безгрешност: само Бог е безгрешен. Светоста означува свест за целосна припадност на Христа – со душата и телото – «вклученост» во Неговиот живот. Тој нè откупи нас, нè придоби за Себе со «скапа цена» – и ние мораме да го извршиме во себе она што тој ни го дал… Гревот е недостоен за светите – таква е свеста на раното христијанство – многу различно од денешното, во кое светоста се замислува како исклучок, речиси како «ненормалност». Оној што згрешил – мора да се покае, но самото покајание затоа и е можно, бидејќи е враќање кон веќе добиениот живот кој бил нарушен со гревот. Раната Црква со светоста го мери целиот живот на христијанинот, само во светоста ја гледа нормата на црковноста.

Но, приближно од средината на II век се слуша некој нов мотив. Истовремено со химните за единството и светоста на Црквата сè посилно звучи и признавањето на гревовите на христијаните кои ја сочинуваат Црквата. Особено силно тој мотив се јавува во римскиот спис «Пастир» од Ерма, од II век, кој е напишан не од епископ или од презвитер, туку од лаик т.е. од обичен член на Црквата. Авторот во алегориска форма решително го поставува прашањето за гревот во Црквата. Како е можен тој? Ако Крштението раѓа за нов живот и ослободува од власта на гревот, тогаш што означува неговата појава меѓу самите христијани? «Сум слушал, Господи, некои учители кои учат дека нема друго покајание, освен она што го извршивме кога се спуштивме во водата и во неа добивме простување на претходните гревови. Тој ми одговори: вистината си ја слушал и тоа е така. Зашто оној кој добил простување на гревовите ¬- не смее повеќе да греши, туку да престојува во безвиновност»… Но ете, животното искуство покажува дека гревот продолжува да се вгнездува и во заедницата на светите. Многу малку се оние што успеваат да не ја осквернат белината на крштелната облека. Ерма продолжува од името на Господа: …«но јас ти велам: по овој голем и свечен повик, ако некој потпаѓајќи под ѓаволско искушение – згреши, тој има пред себе едно покајание, ако пак тој паѓа до безкрај, за пак да се кае, нека не чека од тоа плодови. Неговото спасение е разнишано».

Малку подоцна за тоа «второ покајание» пишува и Тертулијан, африкански епископ од крајот на II и почетокот на III век. «Бог дозволува еднаш, само еднаш да се чука на вратата на второто покајание». А во што се состои тоа второ покајание? Во тоа; «деноноќно да се повикува Бог и Спасителот, да се стои на колена пред свештениците, пред браќата, молејќи ги за молитви сите… Срам? Како може во Црквата да се плашиме од подбив и презир, зарем страдањата на еден член не се страдање на сите. Црквата е во секој член и Црквата е Христос»…

Што е тоа «второ покајание»? Некои историчари и овде гледале «револуција» во свеста на Црквата, нејзино преобраќање од заедница на «спасените» во заедница на «оние што се спасуваат». Но тоа мислење е површинско.

Како што поимот за светоста на Црквата не го исклучувал, туку, напротив, го претпоставувал и постојаното покајание – сознанието на својата гревовност и недостоинство, така и укажувањето на «опаѓањето» на духовниот живот не го менува идеалот на Црквата како заедница на светите. Но, во искуството на животот и историјата се открива целата сила на «старото», на гревовното, на злото во човекот, дури и во «новиот» човек кој е прероден со вода и дух. Црквата престанува да биде «мало стадо», вдахновението и напрегнатоста од првите децении почнуваат да отстапуваат место за трезвено осознавање на реалноста. Така, раната Црква ги одделувала, ги отсекувала од себе оние кои самите отпаѓале од благодатта, односно се откажувале од «новиот живот», «зашто не е можно оние кои еднаш се просветени и вкусиле од небесниот дар и станале причестници на Светиот Дух и ја вкусиле силата на Божјиот збор и силата на идниот век и отпаднале – повторно да се обновуваат со покајание кога тие повторно го распнуваат во себе Божјиот Син и се подбиваат со Него» (Евр. 6, 4). Но, самото тоа одделување имало за цел да му даде полза на одделениот, тоа било за негово конечно спасение: «за духот да биде спасен во денот на Господа»… (1 Кор. 5,5). Не да суди пред последниот суд, туку да спасува е повикана Црквата. И ете, таа воведува «второ покајание» – т.е. можност одделените да се вратат во Црквата, восстановување на силата на Крштението која била изгубена со отпаѓањето.

Од самиот почеток Црквата се доживувала себеси како заедница на спасени грешници. Грешници на кои им е дадено спасението. Но тоа «спасение» не е ниту магиско, ниту механичко, спасението е дадено и мора да биде слободно прифатено, со борби, со растење…

Превод од: Исторический путь православия

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s