Свештеномаченик Игнатиј Богоносец

svignatij

Свештеномаченикот Игнатиј Богоносец, родум од Сирија, бил ученик на свети апостол и евангелист Jован Богослов, како и свети Поликарп епископот на Смирна (спомен на 23 февруари). Св. Игнатиј е вториот епископ на Антиохиja и наследник е на Еводиј епископот, апостол од Седумдесетте (спомен на 7 септември). Богоносец се нарекува бидејќи Името на Спасителот секогаш го имал во своето срце и постојано му се молел.

Свети Игнатиј ревностно се трудел на Христовата нива. Тој во црковната служба го вовел антифоното пеење (со два хора). За време на гонењата ја бодрел својата паства, а и самиот горел со желба да страда за Христа.

Во 106 г. императорот Трајан (98-117), по повод победата над скитите, заповедал насекаде да се принесуваат жртви на паганските богови, а христијаните кои би одбиле да се поклонат пред идолите – да бидат убиени. За време на походот против ермените и партјаните во 107 г., императорот минувал низ Антиохија. Таму му кажале дека епископот Игнатиј отворено го исповеда Христа, учи да се презира богатството, да се живее добродетелен живот, да се чува девственоста. Тогаш светителот Игнатиј доброволно се јавил пред императорот, за да спречи гонење против антиохиските христијани. Упорните молби од императорот Трајан – да принесе жртва на паганските идоли – свети Игнатиј решително ги одбил. Тогаш императорот го осудил да биде фрлен на ѕверовите во Рим. Светителот Игнатиј со радост ја примил пресудата. Неговата подготвеност за маченичкиот подвиг е посведочена од очевидците кои го придружувале од Антиохија до Рим.

На пат кон Рим, бродот кој запловил од Селевкија, запрел во Смирна, каде свети Игнатиј се сретнал со својот пријател – епископот Поликарп Смирнски. Од другите градови и села околу свети Игнатиј се собрале свештенослужителите и верните. Светителот Игнатиј сите ги советувал да не се плашат од смртта и да не тагуваат за него. Во своето послание до римските христијани, од 24 август 107 година, тој ги молел да содејствуваат со неговите молитви и да го молат Бога да го закрепне во предстојниот маченички подвиг за Христа:

“Него го сакам, кој за нас умре, Него го барам, кој за нас воскресна… Мојата љубов се распна и нема во мене оган што сака материјално, тука вода жива која во мене вели, однатре вика: “Оди при Отецот”.”

Од Смирна свети Игнатиј пристигнал во Троада. Таму добил радосно известување дека престанале гонењата против христијаните во Антиохија. Од Троада, свети Игнатиј отпловил во Неапол (во Македонија), а потоа во Филипи.

На патот кон Рим свети Игнатиј посетувал храмови, поучувал. Тогаш напишал уште шест посланија: до ефесјаните, магнезијците, тралијците, филаделфијците, до епископот Смирнски Поликарп. Сите тие посланија се зачувани до денес.

Римските христијани го сретнале свети Игнатиј со голема радост и длабока тага. Некои од нив се надевале дека ќе го наговорат народот да се откаже од крвавата претстава, но светителот Игнатиј ги убедил да не го прават тоа. Откако ги преклонил колената, тој се молел заедно со сите верни за Црквата, за љубовта меѓу браќата и за престанок на гонењата против христијаните. На 20 декември, во ден на пагански празник, свети Игнатиј бил изведен во Колосеумот. Тој се обратил кон народот: “Римски мажи, вие знаете дека сум осуден на смрт, не заради злостораство, туку заради мојот Еден Бог, кон кого со љубов сум приврзан и кон Кого стремам. Јас сум негова пченица и ќе ме смелат забите на ѕверовите, за да станам негов чист леб.” Веднаш потоа биле пуштени лавовите. Преданието раскажува дека, одејќи кон местото на страдањето, свети Игнатиј постојано го повторувал името на Исуса Христа. Кога го прашале; зошто тоа го прави, свети Игнатиј одговорил дека го носи тоа име во своето срце, “а Оној што е запечатен во моето срце, Него со устата го исповедам”. Ѕверовите го раскинале светиот, но неговото срце останало недопрено. Паганите го расекле срцето и виделе дека на неговата внатрешна страна пишува: “Исус Христос”.

Кога слушнал за големата храброст на светителот, Трајан зажалил за него и го запрел гонењето против христијаните. Моштите на свети Игнатиј се пренесени во Антиохија, а подоцна со слава се вратени и на 1 февруари биле положени во црквата на свештеномаченикот Климент, папа Римски (91-100).

  1. ΠΡOΣ ΠOΛΥKAΡΠON IΓNATIOΣ
  2. ΣMΥΡNAIOIΣ IΓNATIOΣ
  3. ΦIΛAΔEΛΦEΥΣIN IΓNATIOΣ
  4. ΡΩMAIOIΣ IΓNATIOΣ
  5. TΡAΛΛIANOIΣ IΓNATIOΣ
  6. MAΓNHΣIEΥΣIN IΓNATIOΣ
  7. ΠΡOΣ EΦEΣIOΥΣ IΓNATIOΣ

One thought on “Свештеномаченик Игнатиј Богоносец

  1. Кога св.Игнатиј бил дете, според преданието, Исус го зел во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно.“

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s