Житиja на преподобен Наум Охридски

Свети Наум, едeн од учениците на Константин и Методиj, повеќепати е именуван во опширното Житие Климентово, а е спомнат и во краткото Житие Климентово од Димитриј Хоматијан. Старословенските извори за неговиот живот и дело биле откриени многу доцна. Прво, во шеесетите години на XIX век, било установено помладото житие кое потекнува од XVI век . Многу подоцна, околу почетокот на XX век, J. Иванов во Зографскиот манастир на Атон го нашол постарото Житие Наумово, чија појава може да биде датирана околу првата половина на X век.

Месец декември 23 [ден]
спомен на светиот и богоносен отец наш Наум,
голем чудотворец во Ливанија деволска, близу градот Охрид

Овој свет и велик отец Наум произлегол од Mизиа, а по воспитанието што го добил од благородните [родители] просудил дека благородноста и богатството се плевел и се сврзал со Константин Философот и неговиот брат Методиј, кои се рамни на апостолите. Кога оделе и го учеле народот мизиски и далматски, ги следел насекаде, дури до древниот Рим. Таму благословениот папа Адриан, по откровение од Бога излегол да ги пресретне надвор од градот со многу избрани црковни и градски првенци и со секоја почест. Бог покажал многу чуда и исцеленија, и ги прославил своите свети. [Папата] исто така испеал света литургија, го пострижал Константин Философ во монашки чин, му го дал името Кирил и го посветил за свештеник, Методиј пак го назначил за архиепископ Моравски и на цела Панонија.

По завршувањето на литургијата им ги покажал на сите книгите преведени од грчки на болгарски јазик, а тие книги самите се отворале и ја покажувале својата содржина. И рекол папата: “Благословен нека е Бог, овие книги се вистинска жртва принесена на живиот и возљубен Бог.” Тогаш ги посветил Климент и Наум со другите за свештеници и ѓакони ракоположил, за цела служба вечерна и утринска да се служи според болгарските книги во големиот храм на светите апостоли Петар и Павле, а кога тоа се случило, сите служеле литургија и сите го прославиле Бога што на таков начин покажал чуда.

Наскоро, на ден 14, месец февруари, умрел во Рим богоносниот Кирил и неговото тело било погребено во храмот на свети Климент Римски, ученик на свети апостол Петар. Преку свети Кирил и по неговата смрт, покажуваше Бог чуда и знаменија и така го прослави својот вистински возљубен.

Методиј, откако жалел за својот роден брат Кирил, блажениот папа Адриан го отпуштил и отишол со сите ученици во Панонија, до градот Моравија, кој му бил даден како архиепископско седиште, и таму добро ја исполнувал својата должност и поучувал.

По смртта на Методиј се јавил во архипископијата некој магесник Виглиско, кој бил исполнет со ереста на Македониј и Аполинариј. Го расипувал целото учење на Методиј и неговите ученици многу ги мачел и ги ставил во затвор и со тешки окови. Кога пак светиот се помолил на Бога, настанал голем земјотрес, па дури и по втор и трет пат, така што сите морале да избегаат од домот, а овде се отвориле вратите на затворот и од нозете и рацете паднале оковите. Сите се восхитиле од тоа чудо, а светиот го нарекувале голем. Но духоборците од нив изведеле ѓаволштини, како и Евреите што му направија на мојот Христос, и тие заради големата тиранија избегале далеку од земјата. Ја истреселе прашината од своите нозе, како што е напишано (Mт. 10,14; Мк. 6,11, Лк. 9, 5 и 10, 11, Дела. 13,51), и отишле во земјата дунавска. Таму на некој велмож синот единец, кој бил умрен, со молитва го воскреснале, а го крстиле неговиот дом и многу други во тоа село. Кога од сите добиле големи почести, бргу заминале кон големата река Дунав. Тука со молитви и Божјо чудо врзале со лозови гранки три стебла, го повикале имаето на Света Троица и ја препливале реката на другата страна. Пристигнале во Белград и таму добиле големи почести од кнез Радислав, давајќи благослови и радост. Потоа се разотишле, едни во Mизиа, други во Далмациа и Дакиа и насекаде стократно го умножувале Божјото слово.

Климент и Наум тогаш дошле во крашиштата илирски и лихнидски. Во Ливанија деволска на брегот на езерото Охридско, во меѓуречјето, Наум изградил голем манастир и храм на водачот на небесните војски архангел Михаил и сите ангели, со средства и распоредби од побожниот цар Михаил Борис и неговиот син Симеон, а тоа било во 6413 г. Кога ги извршил сите овие богоугодни дела, умрел блажениот Наум таму во длабока старост. Ја предаде душата во Божји раце на ден 23, месец декември и неговото тело било погребено од најсветите раце на Климент Охридски, епископот Христов. Со почести било положено во гробот, во коработ на храмот. Бог пак, него го прослави со големи чудеса, со исцеленија од секакви болести и изгонувања на демони. // ŽIVOT NAUMŮV (MLADŠÍ)

Месец декември 23 [ден]
Спомен на светиот отец наш Наум

Така, браќа, да не остане без спомен братот на оној благословен Климент, неговиот пријател и соработник со кого претрпел многу беди и страдања од еретиците, свештеникот Наум.

Кога Климент бил назначен за епископ, благочестивиот цар Симеон го испратил неговиот пријател Наум наместо него да учителствува. Тоj бил неуморен во светото и богоугодно дејствување, останувајќи девствен од детството до смртта. Изградил манастир на истекот на Белото езеро; црква на свети Архангел и поминал седум години во учителствување. Откако го оставил учителствувањето, отишол во манастирот и живеел уште десет години. При крајот на својот живот примил монашка облека и во мир се упокоил на ден 23, месец декември.

И ова нека се знае: Наум свештеникот умрел шест години пред епископот Климент. И тоа да им биде познато на сите читатели – како што веќе напишавме – дека еретиците едни многу измачиле, а други продале на Евреите за пари, [меѓу нив] свештеници и ѓакони. Тие Евреи пак, ги зеле и ги одвеле во Венеција, а кога ги продавале, дошол, воден од Бога, во Венеција од Константинопол човек на царот, коj извршувал царски работи. Штом царскиот човек дознал за нив, едни купил, други зел со себе, ги одвел во Константинопол и им кажал за нив на царот Василиј. Потоа тие беа назначени на своите должности и звања; свештеници и ѓакони, како што биле порано. Им дале и награди, никоj не умрел во беда, туку некои умреле во Константинопол под царска закрила, други отишле во болгарската земја и умреле таму со големи почести.

Но, на моравската земја, како што беше предрекол светиот архиепископ Методиj, заради нивните престапни делата, заради ереста, за прогонувањето на правоверните отци и страдањето што го поднеле од eретиците на кои тие им верувале, за кратко време ѝ дошла отплатата од Бога. Набргу дошле Унгарите, панонско племе, и ја заплениле земјата и ја опустошиле. А оние кои Унгарите не ги фатиле, бегале во Болгарија. И останала нивната земја пуста и поробена од Унгарите.

Јас пак грешниот, браќа, многу се грижев за споменот на нашите благословени отци, да најдам сè што е напишано за нивниот живот што би било познато од почетокот, како и за нивниот крај, но не најдов. Го знам ова то ест малку, колку што самите отци ми раскажаа. Се обидов да напишам, но немав смелост. Сакав да откријам повеќе од ова што е напишано, а ако некоj најде нешто напишано од некоj друг, нека не нè укорува нас бедните и неуките. Знам дека отците направиле многу повеќе од ова, дека направиле многу чуда, но ни го кажаа само ова, а другите работи ги сокрија заради своето смирение. Така значи, се принудив себеси, или уште ме поттикна владиката, коj исто така, беше ученик на благословениот Климент, односно епископот Марко во деволската епископија (беше четврт епископ на словенскиот народ во Девол). Двајцата се надевавме дека ќе добиеме благодат од овие благословени отци и простување на гревовите од нашиот милостив Бог, коj рече: “Кој прима пророк во име на пророк, ќе прими пророчка награда; и кој прима праведник во име на праведник, ќе прими праведничка награда. ” (Mт. 10, 41). И Бог му рече на апостол Павле: “Помнете ги своите учители, кои ви го говореа Божјото слово; гледајте го крајот на нивниот начин на живеење, подражавајте ја нивната вера!” (Евр. 13,7).

А ние, браќа, да го следиме добриот живот на оние кои ја зачуваа девственоста и целосната чистота, многу страдања и опасности претрпеа за правата вера во Бога, за и ние со нив да го добиеме вечното блаженство во Исуса Христа, нашиот Господ, чија е славата, на Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и постојано и во вечни векови. Амин. // ŽIVOT NAUMŮV (STARŠÍ)

Слично на Свиток: Преподобен Наум Охридски

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s