Беседа на Неделата по Богојавление

Во Неделата по Богојавление го слушаме краткото Евангелие од Матеј за тоа, како Христос доаѓа во Галилеја, кога дознава дека Јован Предтеча е фатен и затворен во темница. Започнува општественото Господово служење на човечкиот род и ние ја слушаме Неговата прва проповед. А кога таа е изречена? Кога Христос ја дознава веста за страдањето на најголемиот од родените од жена. До тогаш Господ Христос не бил во Галилеја, тој оставал Предтечата да го исполни своето служење – „да му приготови пат на Господа, да ги направи прави Неговите патеки.” А сега, кога Предтечата е затворен и кога изгрева Сонцето на Правдата – Христос, сите ѕвезди и месечината се повлекуваат.

Тој пристигнува во таа земја за да покаже дека луѓето кои внимаваат на проповедта за покајанието, Бог никогаш не ги остава. И кога од нив се одземаат најдостојните, Господ испраќа други, уште подобри, или пак, самиот доаѓа. Неговата Црква никогаш не е оставена. Доаѓа тој самиот и ги напомнува зборовите на Пророкот: „Народот што седи во темнина, виде светлина голема и оние што седат во земја на смртна сенка им изгреа светлина.”

Таа светлина се нарекува голема, затоа што излегува од неговото благовестие. Тој е над светлината што порано беше во Законот, која го открива природното добро, односно животот според совеста. Светлината која Христос ја открива е – голема светлина и е посилна од сè. Христовата светлина ги открива длабочините на вечните Божји тајни и таа свети далеку, низ сите векови. Неговата светлина ќе свети сè посилно и посилно. Тоа што Христос го говори е – почеток, муграта на новиот ден. Таа ќе расте додека да дојде Денот и Црквата ќе воскликне: „Ова е Денот што го створи Господ, да се зарадуваме и возвеселиме во него” – т.е до Господовата Пасха во судбината на секој човек и во историјата на целиот човечки род.

Сите кои се без Христа – се наоѓаат во темнина. Тие самите се темнина и седат во темнина. Тие можат да се занимаваат со активна дејност, да бидат какви било хуманитарци – сепак, тие седат во темнина. Луѓето се во темнина затоа што ја засакале темнината повеќе од светлината. А, зошто ја засакале темнината повеќе од светлината? Затоа што нивните дела биле зли и тие се плашат да пријдат кон светлината. Но, ако човек го замрази злото што го твори, тогаш светлината која Христос ја возвестува му се открива како спасение.

„Покајте се, оти се приближи небесното царство” (Мт.4,17).

Со овие длабоки и свештени зборови започнала проповедта на вочовечениот Божји Син кон паднатото човештво. Во овие кратки, прости и јасни зборови се состои суштината на сето Евангелие. Така и свети апостол Павле, говорејќи за благовестието што го проповедал, рекол дека тој и на Јудеите и на Елините им посведочил што значи покајание пред Бога и вера во Господ наш Исус Христос (Дела.20,21).

Зборот покајание (на грчки: μετάνοια) означува изменување на умот, промена на мислењето. Христовата проповед повикува да го измениме начинот на мислење и начинот на живеење, да се откажеме од гревовните дела и помисли. Синоним на покајанието во Светото Писмо е зборот „обраќање”: „Обратете се од својот зол пат и исправете ги вашите патишта и вашите постапки” вели светиот пророк (Јер.18:11). Покајанието не е само жалење за гревовното минато, тоа повеќе е нов став на човекот кон самиот себе, кон другите и кон Бога. Покајанието е пренесување на центарот на животот во Бога Света Троица.

Браќа! За некој да поверува во Господ наш Исус Христос – неопходно е покајанието; за да остане во оваа спасителна вера – неопходно е покајанието; за да напредува во неа – неопходно е покајанието; за да го наследи небесното царство – неопходно е покајанието.

Сето ова најјасно е изложено во Светото Писмо. Светото Писмо нè поучува дека Бог го испрати Својот Син во светот, за преку Него да биде спасен светот, за оној што верува во Него, да не биде осуден, а неверниот веќе е осуден. Светлината – Христос дојде во светот и луѓето ја засакаа темнината повеќе од светлината: оти нивните дела беа зли. Секој што прави зла – ја мрази светлината; и не приоѓа кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, бидејќи се зли (Јн.3,17;20). Како може да верувате, слава еден од друг примајќи, и славата што е од едниот Бог, не ја барате! (ИЈн.5,44). Обземените од страста на среброљубието, не само што не поверувале во Господа, туку и се подбивале со Господа, кога тој им го кажувал најпотребното и најсвето учење за паметењето на вечноста и за устројувањето на земните работи сообразно со назначеноста на човекот за вечноста (Лк.16,9;14). Заведените од страста на лутата завидливост – не само што не поверувале во Господа, туку и направиле богоубиствен заговор и го извршиле истиот. Сите што се заразени од суетни и гревовни пристрастности, според нелажното сведоштво на Евангелието, се откажуваат од учествување во духовниот брак со Божјиот Син, самите се прават недостојни за блаженото соединување со Него (Мт.22,5). Не можете да служите и на Бога и на мамонот! (Лк.16,14) Не можете да служите истовремено на два господара, на Бога и на гревот! „Покајте се, оти се приближи небесното царство! Покајте се, и верувајте во Евангелието” (Мк.1,15).

Но и на оние што поверувале во Христа и се решени постојано да ја докажуваат верата со дела, со однесувањето, повторно им треба покајанието. Што мислите, браќа, кој е првиот плод на живата вера? Каков е првиот плод од исполнување на Христовите заповеди? Одговорот го дава свети Симеон Нов Богослова, кој познанието на произнесената вистина го црпи од сопственото свето искуство. Тој рекол: „Грижливото исполнување на Христовите заповеди го научува човека за неговата немоќ.” Точно! Оној што поверувал во Христа и штотуку почнал да ги исполнува сесветите евангелски заповеди, многу бргу ја спознава својата падната природа која дотогаш не ја познавал и која стапува во упорна борба со Евангелието. Животот на христијанинот е исполнет со невидливи падови. Тој неволно исповедува со апостолот Павле: „Вистина, со мојот внатрешен човек наоѓам наслада во Божјиот Закон, но, гледам друг закон во моите членови, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува под законот на гревот што е во моите членови. Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од смртта на ова тело! (Рим.7,22-24) Од таквиот поглед кон самиот себе во христијанинот се буди блажената беда на духот, се појавува умниот духовен плач, се обликува срце скрушено и смирено, кое Бог не ќе го уништи (Пс.50,20). Од живеењето според Евангелието во човекот природно се јавува покајанието. И така покајанието е неопходно, не само за да поверуваме во Христа, тоа е неопходно за да останеме во верата, за да напредуваме во Христа; тоа е неопходно за живо верување во Христа. Покајте се, оти се приближи небесното царство.

Да објасниме уште; зошто во зборовите од нашиот Господ задолжителното покајание и возвестувањето за близината на небесното царство се толку тесно соединети меѓу себе? Зошто меѓу нив не е поставен никаков подвиг, никаква посредна околност? Причината е во тоа, дека Господ наш Исус Христос – е Божјото Јагне што ги зема гревовите на светот, (Јн.1,29) – тој направил сè за нашето спасение. Тој нè помирил со Бога, го подготвил и го добил за нас небесното царство. Во делото на нашето спасение нам ни е оставен еден труд – трудот да го примиме спасението што Бог ни го подарил бесплатно и целосно, трудот на покајанието. Небесното Царство и Небесниот Цар се неискажано блиску до нас – неспоредливо поблиску, отколку што мислиме. „Еве, стојам на вратата и чукам; ако некој го чуе мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со мене. (Апок.3,20). Вратата на срцето се отвора за небесниот Цар – со покајанието.

Преподобниот Марко Подвижник вели дека „сите Божји заповеди може да се сведат на еден принцип – на покајанието. Ние сме осудувани, не за многуте наши гревови, туку затоа што одбиваме да се каеме. И за големите и за малите покајанието останува незавршено до самиот смртен час.” Покајте се, оти се приближи небесното царство. Амин.

Според материјали од:

Неделя по Богоявлении
Святитель Игнатий (Брянчанинов). Поучение 2-е в неделю по Богоявлении. О покаянии

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s