Преподобен Гаврил Лесновски

lesnovskiСвети Гаврил Лесновски се родил во местото Осечко Поле кај Крива Паланка. Неговите родители биле имотни луѓе и биле блиски до царските советници. Тие долго време немале деца, но заради нивните деноноќни молитви со солзи, милостивиот Бог ги дарувал со машко чедо. Детето добро напредувало во православната вера и не се одделувало од Светото Писмо. Кога дошло време да се oжени, родителите му нашле девојка од царски род, но таа набргу починала. Тогаш Гаврил ги замолил да се оддалечи од домот и да се замонаши. Тој добил благослов и заминал. По патот се сретнал со некој ѓакон по име Тома и со него го продолжил патот. Преку ноќ на сон му се јавил Ангел Господов, кој му рекол да оди во своето родно место, во Осечко поле, и да изгради храм посветен на Рождеството на Пресвета Богородица, на место што ќе му го покаже. Откако се разбудил, Гаврил се вратил назад и им раскажал на своите родители за сонот. Тие му дале доволно пари за сите потреби и тој го изградил храмот.

Потоа преподобниот отишол во Лесновскиот манастир и откако бил испитан во смирението и послушноста, по големи искушенија, игуменот го замонашил. Со негов благослов Гаврил заминал на подвиг во некој скит во долината кон Злетово и многу денови проживеал во молитвено молчење, во самотија и бдеење. Луѓето што доаѓале кај светиот, од него добивале исцелување од различни болести, а многумина и од демони се исцелиле. Но, за да избега од човечката слава, преподобниот го напуштил и овој скит и преминал во местото Луково, во некоја мала шума, и таму живеел извесно време. Таа шума никој не ја знаел. Но, еднаш се случило таму да помине некој козар со своите кози. Кога козарот го видел преподобниот како стои на молитва, го замолил да му ги излечи козите што биле болни. Светителот му рекол на козарот да не се грижи и кога здогледал во една дупка во камен дека има собрано дождовница, се помолил, ја прекрстил водата и му дал на козарот да ги пороси козите. Тогаш тие навистина оздравеле. По ова, свети Гаврил заминал уште подлабоко во дивината. Кога дошол до некое место Обли врв, таму се населил и поживеал уште триесет години. На тоа место тој го завршил својот свет живот и се преставил пред Господа.

Никој не знаел каде се неговите мошти, сѐ додека преподобниот не му се јавил во сон на некој руски монах Јосиф кој се подвизувал во Средец (Софија). Овој монах бил смирен и воздржлив во сѐ, многу бодар во постот и молитвата и угоден на Бога. Тој долго размислувал дали тоа видение не е некоја измама и се колебал. Наредната ноќ повторно се јавил преподобниот и му рекол на Јосиф: „Послушај и појди на Обли Врв и таму ќе најдеш мошти; пренеси ги во Лесновскиот манастир.” Монахот повторно многу се исплашил и таа ноќ, исто така, не отишол. Светителот повторно му се јавил и трета ноќ и му рекол: „Бог ми заповедаше да ти го кажам ова што ти го кажав.” Тогаш монахот станал и отишол да му раскаже на Митрополитот за тоа видение. Митрополитот ги прашал луѓето од околните села, дали во таа епархија има рид Обли Врв, а тие му одговориле дека нема такво место во нивната епархија. Митрополитот тогаш им напишал на другите епископи и ги прашал и нив во кој крај или во која земја се наоѓа Обли Врв. Тоа писмо стигнало и во Злетово.

Епископот го прочитал писмото, се распрашал за тоа и дознал дека Обли Врв се наоѓа во неговата епархија. За тоа го известил Митрополитот. Тогаш Митрополитот, со монахот Јосиф и со другите свештеници и презвитери и благородници, отишол во Лесновскиот манастир. Таму тој прво отслужил бдение. А кога се разденило, Митрополитот, местниот епископ, Јосиф и манастирскиот игумен и другите свештеници, отишле на гората Обли Врв. Таа ноќ светиот повторно му се јавил на Јосиф и му рекол: „Близу до тебе сум, на левата страна.” Јосиф веднаш се разбудил и застанал на молитва. А кога се разденило, Јосиф отишол на укажаното место и ги нашол таму моштите на светиот; и се поклониле на светите мошти Митрополитот со епископот и игуменот и свештениците, монасите и кнезовите. Од моштите излегувал благомирис како од миризливо цвеќе. Моштите биле пренесени во Лесновскиот манастир. Многу верни од нив добиле исцеленија од различни болести. Моштите на светиот почивале во тој манастир многу години, давајќи им на оние што со вера доаѓале помош и исцелување од нечисти духови.

Во градот Кратово имало некој Ерменец, многу богат, кој имал само една ќерка со болна десна рака. Кога отишол во манастирот, тој се поклонил на моштите на светиот и раката на девојката истиот час оздравела. Така и на другиот кнез преподобниот му го исцелил слугата од нечисти духови.

По некое време, во земјата завладеал Михаил, кнез Бугарски, а потоа откако овој кнез се упокоил, власта во државата ја презел Оливер Јован, советник на дворот на српскиот цар Стефан Силни. Тој многу го почитувал и сакал преподобниот отец Гаврил. Лесновскиот манастир имал мала црква, па Јован, по молитвите на Архистратигот на Небесните Сили и преподобниот отец Гаврил, изградил голема и широка црква. Подоцна, Трновскиот Патријарх, кога разбрал за освојувањата на турскиот цар Мурат, се загрижил моштите да не бидат уништени и затоа дошол, ги зел моштите на преподобниот, ги пренесол во Трапезир и ги положил во храмот на светите Апостоли, каде што тие до денес почиваат и даруваат многу исцелувања.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s