Заповедите

Ако прашаат некој наш современик: Што најмногу не му се допаѓа во религијата, одговорот најверојатно, ќе биде: забраните. Како по правило, тоа се забрани за она што човек најмногу го сака. Сепак, дали забраните се главното во христијанството?

До одговорот може лесно да се дојде; доволно е да се отвори Светото Писмо за да се види дека Бог ништо не забранува, туку — дава заповеди. А, сите оние; «не убивај, не кради, не прељубодејствувај, не завидувај» — се само сведоштва на Бога за она што не треба да се прави.

Заповед и забрана; овие два поима денес се поистоветени. Зарем во тоа не се крие и коренот на многу наши проблеми — на пример, на наркоманијата? Ние сме навикнале да бараме слобода — слобода од какви било ограничувања и забрани и тоа го поставуваме како апсолутен услов за нашата среќа. Но, така ли било секогаш, или тоа е уште еден популарен мит што некој лукаво го измислил?

Првосоздадениот рај. Хармонија на младиот свет, во кој човекот е воведен како домаќин. Ништо не го попречува човекот, целото создание гледа во него со восхит и очекување. Ако сега е толку добро, колку ли прекрасно ќе биде кога човекот со својата творечка љубов ќе ја претвори во рај целата вселена? Да, тој е млад и неопитен. Но, зарем за чистото срце кое не познава зло и грев, кое непосредно разговара со Самиот Творец, зарем за него е неопходен опит?

Ако малото дете го обвиткаат со меки душеци — како ќе научи да оди? Или, неговите мускули ќе почнат да се развиваат кога совладува нешто? Имено, со таква цел Бог го поставува во рајот дрвото на познанието на доброто и злото. Не, не за тоа, Адам со завидливост да го погледнува прекрасниот и миризлив плод — во рајот имало потполно изобилство на сè што тој можел да посака. Но, мора да има една поаѓачка точка, од која тргнувајќи тој би се устремувал кон уште поголемо совршенство, би се занимавал со Божествената убавина, а не со својата произволност.

Адам не знал што се тоа страдање и смрт. Но, со својот длабок ум кој лесно проникнувал во самата суштина на битијата, чувствувал дека основата на целото рајско блаженство е — Бог. И кога Бог нему му заповедал да не вкусува од забранетото дрво и го предупредил за неодминливата смрт, Адам никако не бил исплашен. Тој само разбрал дека постојат два центра: Бог и самиот тој; ако прави како што вели Бог, сè ќе биде така како што е сега, со секој миг сè подобро и посовршено. «А во спротивниот случај? Ако останам сам? Мене ме чека смрт — и неизвесност?» Но, првиот човек оваа мисла не го измачувала: исполнувањето на заповедта за него не било никаква мака, до моментот кога меѓу него и Бога се појавила жената која веќе ја нарушила забраната…

Да, секој од нас го знае она грчевито чувствување на слободата за грев: «Јас сакам така — и така ќе биде!» Нека е тоа само миг по кој ќе следува разочарување и горки солзи на покајание и уште една болна рана во душата — но, за некого тој момент изгледа како најслаткиот миг во целиот живот — мигот на мојот бунт. Јас против целиот свет и против Бог… И заповедта е презрена и душата се нахранила со срам, согледувајќи ја својата подлост и неблагодарност…

Многу време протекло оттогаш, многу зло се разлеало по земјата, големата човечка зараза со грев го затрула околниот свет, додека Бог не склучил Завет со еврејскиот народ: «Ако вие Мене ме слушате, Јас ќе бидам вашиот Бог — и ќе ве изведам од ропството на смртта и гревот, кој вие сами не можете да го победите».

И ете, на гората Синај, Бог му врачува на Мојсеј десет заповеди — напишани на камени плочи. Но, зошто во нив толку често се спомнува: «не»? Затоа што ние одамна не сме во рајот. На човечката злоба морало да ѝ бидат поставени јасни граници, за да се зачува барем некаков жив остаток. Тоа што излегува од тие граници — мора да се отсече. Понекогаш и со суровост. Речиси секогаш — неповратно. Инаку, оној што го опфатило злото не ќе биде запрен. И кога сите гледале како престапникот го убиваат со камења, секој помислувал: „Ако не се воздржуваш и самиот ќе се најдеш на местото на овој несреќник…”

Старозаветните заповеди му поставиле граници на гревот, но самото зло не го уништиле. Светот чекал Спасител, чекал нов, чист, божествен квасец кој повторно би го заквасил светот и би му дал сили секому — не само да се спротивставува на злото, туку и да го победува. Со смртта на крстот и со Воскресението на Христос бил пробиен излез од ропството на опседнатоста со гревот: сега секој крстен кој е верен на Христа е војник во Христовата војска, на чие чело стои Оној што ги победи смртта и ѓаволот! Затоа, новозаветните заповеди — звучат сосема поинаку. Овде веќе нема забрани, туку само повикување кон совршенство. Најди ја радоста на смирението — и ти ќе бидеш среќен. Откопај ја во длабочините на твоето срце изгубената кроткост — и ќе го најдеш целиот свет. Направи го твоето срце кристално чисто — и во Него ќе засветли Божествената светлина. Отвори го своето срце за болките и неволјите на другите — и тоа ќе засвети со радоста на љубовта. Отфрли ја од себе одмаздољубивоста и сладоста од навредувањето — и твоето срце уште овде, на земјата, ќе биде престојувалиште на Светиот Дух, ковчег за Христа. Со еден збор, предај се целиот на Бога и на ближниот, засакај ги дури и своите непријатели — и воздухот на рајското блаженство повторно ќе го го исполни твојот живот!

Божествените заповеди може да се исполнуваат заради страв од казната, која сепак, го стигнува грешникот. И тоа е добро: стравот — како узда за гревот — зарем не е подобро лекарство од беззаконието? Но, постои и друг, повозвишен пат: заповедите да се гледаат како услови за духовно растење, скала за искачување од грешниот и минлив живот на земјата кон светоста на вечното небо. Тоа вдахновува повеќе отколку стравот да не се најдеме во пеколот. Сепак, постои уште посовершен пат на исполнување на заповедите: да се творат од љубов кон нив, затоа што не постои ништо повисоко, почисто и поблагородно од нив. «Совршениот човек — пишува Луис — ништо не прави од чувство на долг; тој секогаш го сака доброто повеќе од лошото. Љубовта (кон Бога или кон другите луѓе) го заменува долгот, како штаката што ја заменува ногата. На повеќето од нас постојано ни е неопходна потпора но, секако, зошто да се потпираме на штака, кога нашите сопствени нозе (т.е. љубовта, сетилата, навиките) се способни да одат сами!»

Со кои зборови може да се искаже тоа воодушевување што го опфатило целиот еврејски народ кој избегал од силниот Египет, тој мал народ кој со ништо не се разликувал од многуте собрани народи во империјата. Египет останал во нивниот спомен само како страшен сон. Се спасиле со чудо! Но, кој ги извел од египетското ропство?

Кога во подножјето на Синајската гора се собрале тие бегалци од Египет, Мојсеј се искачил на врвот. И Бог проговорил. «Така кажи им на синовите на Израил: ако го слушате Мојот глас, ќе бидете мој народ». Луѓето морале три денови грижливо да се подготвуваат во пост и молитва, оставајќи ја секоја животна суета, за да го примаат Законот. Не, тоа не бил просто страв пред Божествената семоќ: стравот пред неговата моќ се растворал со благодарност кон оној што ги спасил од ропството.

На третиот ден, кој бил педесетти од еврејската Пасха, т.е. од излегувањето на евреите од Египет – густ облак го покрил врвот на гората Синај. Светкале молњи, грмело и се слушал силен трубен звук. Од гората излегувал чад и таа силно се тресела. Народот просто треперел од ужас. И само Мојсеј стоел на врвот, среде раздвижените стихии, стоел неподвижно и спокоен – со него говорел Самиот Бог.

«Јас Сум Господ, твојот Бог, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството; немој да имаш други богови пред Моето лице». Тоа била првата заповед, дадена на целиот еврејски народ во лицето на Мојсеј. Како на темел, на неа се потпираат другите девет. Четириесет денови и четириесет ноќи поминал Мојсеј на врвот, слушајќи го словото на својот Творец и Господ. Како сетилна потврда за вистинитоста на искажаното, Бог му врачил на Мојсеј две камени плочи на кои биле напишани десетте заповеди.

Кога Мојсеј слегол од гората со таблите в раце, тој видел потресна слика. Неговиот народ, кој тукушто му ветил на Бога дека ќе му биде послушен во сè; играл и лудувал околу златно теле, заборавајќи и за Бога, и за Мојсеј, славејќи златен идол небаре тој ги извел од ропството.

Разгневен од разузданата веселба, Мојсеј со гнев ги скршил плочите со Божјите заповеди. Веселбата запрела. Студена пот ги облила лицата, смешувајќи се со првите солзи на покајание. Сега можело да се очекува нешто угодно. Би имало казна, но гледајќи го покајанието на народот, Бог му заповедал на Мојсеј да направи две нови камени табли, на кои по втор пат ги напишал Десетте заповеди.

Би се рекло дека древната историја на еврејскиот народ би морало да биде покриена со превезот на вековите и да исчезне. Сепак, десетте заповеди стојат неподвижни. И христијанската вера не само што не ги нарушила нив, туку напротив, ја покажала онаа исконска смисла, која во себе ја кријат десетте заповеди. // Религиозная энциклопедия. Заповеди

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s