Кон прашањето за статусот и богословието во „Митарствата од Теодора”

“Митарствата на блажена Теодора” (меѓу светите таква не е позната), кои влегувааат во состав на “Житието на Василиј Нови” – се текст со сомнително потекло и содржина. Догматски тој не е вистинит, бидејќи не остава место за Божјиот Суд. Спасителот рекол дека “Отецот целиот суд го предаде на Синот”, а во таа книшка целиот суд го вршат демоните. На Христа му останува само да му даде медал на победникот, како што претставник на некоја спортска федерација му врачува медал на победникот, иако можеби, самиот навива за друг тим, но мора така да постапи според протоколот.

Потеклото на тоа “Житие” не е сосема црковно и не е етички чисто од причина што Григориј, авторот на “Житието,” во него се подбива со светител – со константинополскиот патријарх Николај V Мистик, кој е вброен “во соборот на светите во грчката и римската црква. Во двете цркви споменот на патријархот се почитува на 15 мај, во денот на неговата смрт” (сп. Попов Н. Император Лев VI Мудрый и его царствование в церковно-историческом отношении. М., 1892,с. 190). Вo “Житиeтo” пак, “името на овој патријарх Николај злонамерно се извртува во Агриколаос (“земјоделец”) и Еттилаос.”

Постои полезна книга од Ирина Грицевскаја “Индекси истинних книг”. Се покажува дека житието на Василиј Нови со митарствата на Теодора, во Русија, во XVI-XVII в. ги сметале за апокрифи: “А, Василиј нови и Андреј Јуродив и Методиј Патарски и поклоникот, треба за нив познавач да се праша, дали е вистина.” Имено во “Житието на Василиј Нови” има опис на виденија кои подробно раскажуваат за посмртни митарства…

Во XIX век св. Филарет Московски исто така, предупредувал дека “Виденијата, кои имаат своја вистина, не е секогаш добро да се претвораат во општи догмати. Вие ги догматизирате митарствата, а потоа наведувате изложување на посмртни состојби од св. Макариј, кој ни збор не кажува за митарствата. Оттука настануваат спорни прашања ” (Письма московского митрополита Филарета к покойному архиепископу Тверскому Алексию. 1843-1867. М., 1883. с. 62).

Според зборовите од јеромонах Серафим (Роуз): “Дури и на дете му е јасно дека не смее буквално да се разбираат описите на митарствата, иако самите описи – никако не се “измислица” и не се “басни”, туку чесен расказ на очевидци во форма што е најдостапна за нив. Ако некому му изгледаат како привид буквалните митарства, тоа е само од непознавање на причините на секојдневната невидлива борба, која ја имаме во овој свет. И овде постојано нѐ очекуваат соблазни и обвинители, само што дреме нашето духовно око и ние го гледаме само резултатот од демонските стапици – гревовите кои ги вршиме и страстите под кои потпаѓаме. По смртта душата прогледува, ја гледа духовната реалност (обично за првпат), и оние кои постојано нè демнеле во животот” (цит. по: иеромон. Дамаскин (Христенсен). Не от мира сего. Жизнь и учение иеромонаха Серафима (Роуза) Платинского. М., 1995, с. 830; притоа: преп. Никодим Святогорец: “Оние што празнословат дека душите на умрените праведници и грешници 40 денови се наоѓаат на земјата и ги посетуваат местата каде што живееле,” сеат предрасуди и митови. Зашто, таквите тврдења се “неверојатни и никој не смее да ги прифаќа како вистина” (цит. по Василиадис Н. Таинство смерти. Троице-Сергиева Лавра, 1998, с. 397)). […]

Извор на романот за митарствата се апокрифите кои преживеале влијание од паганскиот херметизам. Токму таму таквиот расказ е логичен. Душата за гностиците и херметистите е вон-космична (христијаните со тоа се согласуваат). Таа се создава некаде во светот на боговите, на неподвижните ѕвезди. Потоа таа душа влегува во тело, но патем таа ги пресекува орбитите на планетите. А планетите се богови. И во зависност од тоа, колку е блиску таа планета, тој бог ќе биде на траекторијата на движење на таа душа и толку силен ќе биде тој негов печат и дар; дарови од Венера, Меркуриј, Марс, Јупитер или Сатурн на таа душа. Тие космички печати гностиците и херметистите ги разбираат како зло, страст, траума. И на обратниот пат, кога човекот ќе умре, а душата се враќа во светот на највисоките богови, таа мора да се раздолжи со планетарните богови и да го избрише од себе нивниот печат. Но, ние на демоните не им должиме ништо. (На блогот на ѓакон Андреј Кураев, од каде што е преведен текстот, следува интересна дискусија.)

Инаку, професорот Алексеј Илич Осипов дал интересна верзија за разбирање на митарствата. Според него митарствата со демоните не се суд од демоните, туку Божји Суд, но во смисла дека демоните ја искушуваат, душата покажувајќи ѝ ги сите страсти (т.е. слики на објектите на пристрастност) а, душата реагира на нив на определен начин; ако во земниот живот човекот не победил некој страст, таа ќе се пројави на тие митарства и ќе го привлече по себе. Така што, смислата на митарствата не е во набројување на гревовите, туку во тоа, дали душата самата се видела, се познала во нив или, дај Боже, тие гревовни карактеристики за неа се покажале како туѓи. Ако душата толку заглавила во гревот што тој, како што велат отците, станал „втора природа” на човекот, тогаш душата толку се о-без-образила, толку го помрачила во себе Божјиот образ, што себе се идентификувала со гревот и оддалечувајќи се од Бога, го следи гревот до самата бездна.

Прилог:

5 thoughts on “Кон прашањето за статусот и богословието во „Митарствата од Теодора”

  1. Омилената ми тема: Митарствата 🙂
    И мене долго време ме мачеше помислата, што е точно Кажувањето на св. Макариј или на света Теодора, исто онолку како и тоа дали прво Христос отишол во Мисир, а потоа бил претставен во Јерусалимскиот храм. Сепак, според мене грешниот, најубаво објаснување на првата дилема ми даде блажениот отец наш авва Клеопа Илија, кој во своето дело ,,Пат кон Небото‘‘, убаво напишал, ( цврсто сум уверен во содејство со Светиот Дух ) дека и едното и другото тврдење се вистина и дека душата патува по 20 митарства на третиот ден по смртта! Сепак, не знам кој е проблемот, да не се верува во митарствата? Па и во житието на свети Нифонт Кипарски ( неговиот спомен е на св. Наум Охридски зимен) се спомнува како св. Нифонт ги гледал душите како патуваат по небесните митарства! Зарем и житието на св. Нифонт е сомнително? Жалам што сами отци духовни со високи знаења го соблазнуваат народот ширејќи му најразлични сомнежи, а тешки да беше тоа само во однос на митарствата! Истиот, ѓакон Курајев тврди и дека житието на св. Николај Мирликиски чудотворец е фалсификат,( дека ко бајаги не можел да појди св. Никола во Јерусалим на поклонение на светиот животворен Крст, оти не бил сеуште воздигнат, а заборава дека св. царица Јелена, умрела пред Првиот Васеленски Собор на кој учествувал и св. Николај, кој иако прост го победил великоучениот јересоначелник Арије), еден професор од Белградскиот Богословски Универзитет тврди дека немало ниту Воведение во Храмот на Пресвета Богородица… Се плашам, дека великоучените богослови ќе не фатат рака под рака со саботјанските еретици…
    Зарем, толкава ни е верата? Зарем помислуваме, дека Христос ќе дозволи во црквата негова, 10 векови да постои лажно учење во однос на митарствата, житието на св. Николај или пак Воведението Богородично? Мене тоа ни на крај памет не ми паѓа.
    За крај нешто од матерникот на мати Иларија. Дошол еден комунист и почнал да и се перчи како тој во Бога не верува, а преподобната, само му одговорила: Кад умреш, повероваћеш, ал тада ће бити касно!

  2. Мето, еве по година без две недели,да напишам нешто што најдов во врска со Митарствата. Архимандрит Тихон (Шевкунов) одговара јасно на заблудите на ѓакон Андреј Кураев во текстот Великопостные мытарства
    http://www.pravoslavie.ru/put/29780.htm

    Пред неколку години кога во разговор со мој колега- дипл. теолог, разговаравме на оваа тема, реков дека е важно како се разбираат митарствата, но во принцип верувам дека постојат. Заради тоа, тој ме праша дали верата сум ја учел на факултет или од бабите?

    Но, за житието на свети Николај работите стојат поинаку. Направени се сериозни агиграфски истаржувања, за кои може да се види овде
    https://ortos.wordpress.com/2009/12/19/agiografijasvetinikolaj/

  3. Тони, ако ѓаконот Андреј Кураев бил во заблуда, тогаш зошто воопшто го преведуваше и го објави овој текст на твојот блог? За да шириш заблуди?

  4. Јас колку приметив, во текстот има повеќе информации од различни страни, и гледишта. Ние секогаш сакаме работите да бидат црно бели, да си знаеме на што сме. Ама изгледа во животот ништо не е со јасна математика, барем за нас.
    Колку сватив за митарствата, нешто има, а јасно што не знаеме, затоа што тоа секој индивидуално ќе го искуси.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s