Преподобен Серафим Вирицки

Во летописите со делата од современите подвижници на благочестието особено место заземаат подвизите на свети преподобен Серафим Вирицки: Најблагочестив православен лаик, кој по послушание се подготвувал за монашки живот под раководство на искусни духовни учители во текот на 40 години; монах исповедник кој го примил монашкиот постриг во годините на отворени гонења и за шест години го поминал патот од послушник до духовник на најголемиот Руски манастир, под чија грижа се наоѓале повеќе истакнати јерарси на Руската Православна Црква; голем старец кој на дело го исполнил светоотечкиот завет: “Стекни мирен дух и тогаш илјадници души ќе се спасат околу тебе…” – тоа се основните етапи на животниот пат на свети Серафим Вирицки.

Страшната 1917 г… На Господа му било угодно да ѝ испрати на Русија тешки искушенија… “Наоколу предавство, плашливост и измама…” Уште тогаш многумина ситуирани луѓе од дворјанството, интелигенцијата и трговците, ги пренесуваат своите капитали преку граница и ја напуштаат Русија, надевајќи се дека зад граница ќе ги преживеат матните времиња.

Во тоа време познатиот петербургски трговец Василиј Николаевич Муравјов (името на преподобен Серафим Вирицки пред да се замонаши), кој се занимавал со трговија со крзно, прави постапка што е неразбирлива за вообичаеното човечко размислување; тој ја затворил својата фирма, своите работници богато ги дарувал, а основниот капитал го подарил за потребите на Александро-Невската Лавра, Воскресенскиот Новодевичји женски манастир во Петербург, на Иверскиот Виксунски женски манастир во Нижегородската губернија, кој бил основан од неговиот духовен отец – јероманахот Варнава – старец на Гетсиманскиот скит на Свето-Троицката Сергиева Лавра и на други манастири.

Фирмата на Василиј Николаевич била високопрофитна. Руското крзно било многу барано на западниот пазар. Неговите фирми-подружници тргувале во Австрија, Германија, Данска, Англија, Франција па дури и во Њу Јорк. Не го попречила ни првата Светска војна – како многу способен, Василиј Николаевич продолжувал успешно да ги води своите комерцијални работи. Бил познат и во европските престолнини – Виена, Берлин, Варшава – каде што патувал заради трговијата.

Успех и слава, богатство и убавина, телесно здравје и сложно семејство – тоа се земните вредности за кои многумина само мечтаат, а со кои Господ изобилно ги надарил сопружниците Муравјови. Но, не ги надарил само, туку и ги испитувал…

Изгледало дека ништо не му пречи на Василиј Николаевич да ги вложи своите капитали во некаква профитна зделка во странство, среќно да ја напушти Русија и со своето семејство да се смести некаде на Запад, следејќи го примерот на многуте негови познаници. Сето тоа би обезбедило спокоен и безметежен живот.

Сепак, за Василиј Николаевич Муравјов тој избор не постоел – тој секогаш бил подготовен да сподели какви било искушенија со Татковината која многу ја сакал и со својот народ, Уште повеќе, затоа што Господ му приготовил особено назначување…

Самиот Господ во Светото Евангелие укажува за слободната волја на човековата душа: “Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и раздај на сиромашни; и ќе имаш ризница на небесата; и дојди и следи Ме” (Мт.19,21). ”Ако сакаш…” – тоа се зборови од Спасителот, на кои верниот Божји слуга Василиј многупати одговорил во своето срце: “Сакам, Господи!”

Најголема храброст и неколеблива вера барала постапката што тој ја направил. Откако ги отфрлил сите прелести/примамливости на овој свет, по обострана согласност со жената, тој донесува неповоратно решение – со подвигот на молитвата целосно да се посвети себеси на служење на Едниот Бог.

На 16/29 октомври 1920 г., во црквата на Светиот Дух, на Александро-Невската Лавра; “нашиот брат ја пострижува косата на својата глава, во знак на одрекување од светот и сè што е во светот и во знак на отсекување на својата волја и сите плотски похоти, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух…” – добивајќи го името Варнава (во схима: Серафим).

Тогаш била пострижена во монаштвото во Воскресенскиот Новодевичји манастир во Петроград и неговата верна сопруга и соподвижничка Олга Ивановна Муравјова, со името Христина (во схима: Серафима).

Во 1920 г. откако бил замонашен во Александро-Невската Лавра, старецот јеросхимонах Серафим станал нејзин духовник. Од 1930 г., кога тешко се разболел, до своето упокоение во 1949 г., тој живеел во Вирице.

Времето на служењето како старец/духовник за Вирицкиот подвижник се паднало во периодот на крвавото богоборство, во Големата татковинска војна, повоеното уривање и преродбата.

Со почетокот на Големата татковинска војна, старецот го засилил подвигот со молитвата врз камен – почнал да го извршува секојдневно. Во тоа време тој бил многу истоштен од болеста и практично не можел да оди без придружба. До местото за молитва го воделе под рака, а понекогаш и го носеле ¬– си спомнуваат блиските. Се молел о. Серафим толку, колку што имал сила; некогаш час, некогаш два часа, а некогаш и неколку часови. Се оддавал целосно, без остаток – тоа била вистинска молитва од длабочините!

Веруваме дека заради молитвите на таквите подвижници издржала Русија и бил спасен Петербург. На студ и во жега, на ветар и на дожд – старецот упорно барал да му помогнат да отиде до каменот; без оглед на своите многу болести тој го продоложувал недостижниот 1000-дневен подвиг. Така, од ден на ден, во текот на сите долги исцрпувачки години, старецот Серафим  Вирицки ги вознесувал своите молитви за спас на Татковината.

Сите тие години отец Серафим со самиот свој живот сведочел за Христа, вложувајќи го својот неспоредлив придонес во зачувувањето на Православието како основа на основите на постоењето на рускиот народ, приведувајќи кон спасение многу души.

Заради љубовта кон луѓето, Господ му дарувал на вирицкиот подвижник голема духовна мудрост, збор за лекување на немоќните души, збор на вистинско провидение и пророштво. Како за време на животот, така и по неговото упокојување – баќушката им помагал и им помага на сите што му се обраќаат.

Старецот јеросхимонах Серафим заминал во Вечноста на 3 април 1949 г. Небесниот Град – Горниот Ерусалим, широко ја отворил својата врата пред новиот небожител, засекогаш примајќи го во своите Божествени престојувалишта.

“Доаѓајте кај мене на гробот, како кај жив, разговарајте како со жив и јас секогаш ќе ви помагам” – на многумина така им зборувал своевремео вирицкиот старец.

Во 2000 г. Серафим Вирицки бил приброен во соборот на светите на Православната Црква. Многу поклоници одат во Вирице да му се поклонат на преподобниот и да добијат од него помош. Во Вирице околу храмот во чест на иконата на Божјата Мајка Казањска, се наоѓа параклис над гробот на преподобниот Серафим Вирицки.

♦ ♦ ♦

Денес во Санкт-Петербург и во многу други места во Русија е започната изградба на храмови во име на преподобниот Серафим Вирицки.

На 3 април 2009 г., се исполнија 60 години од денот на преставувањето при Господа на преподобен Серафим Вирицки (+ 03. 04.1949 г.)

Во денот на споменот на преподобниот Серафим Вирицки во Вирицкиот Казањски храм, Литургијата на Претходно-осветени Дарови ја возглавил Рускиот Патријарх Кирил.

Сајт посветен на преподобен Серафим Вирицки чудотворец

is_00_33

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s