Вознесение Христово. Иконографија: анализа

Vozn08

Иконата на Вознесение е една: дванаесетте апостоли со Богородица во средината, варира само количеството на ангели. На некои икони може да се забележи ваков детал: на Елеонската гора, од каде што Господ Исус Христос се вознел на небо е насликана трага од неговите нозе. Тоа е изобразување на вистинскиот отпечаток на Христовите стопала на каменот, кого го покажуваат на сите поклоници што пристигнуваат во Ерусалим.

„На сите икони на Вознесение, Христос кој се вознесува е изобразен во славата и торжеството во кои ќе дојде да ѝ суди на вселената. На Спасителот при Вознесението најмногу му е својствено името Пандократор − Седржител. Тој се изобразува како седи на престол во слава, во светли одежди, просветлени со златни зраци кои ги означуваат божествените сили/енергии. Двете раце се подигнати за благословување, и не само рацете, туку и стопалата (тоа не може да биде графички изразено, но во стихирите се зборува за тоа). Приказот на Спасителот е затворен во мандрола, т.е во кругови кои ја претставуваат небесната сфера. Исто така, тие обично се исполнети со златни зраци кои зрачат слично како сончевите. И целиот приказ на Христа е како сонце. „Сонце на правдата” што свети над земјата. Небесната сфера со Христовиот приказ на неа ја држат во свои раце Ангелите, кои се изобразуваат како носители на небесниот круг и Спасителот во него како седи на престол” (монах Григориј Круг).

Темата Вознесение е прилично сложена и неслучајно иконата како да поврзува неколку празници; Воскресението, Жените мироносици, Педесетницата. Како на Вознесение, така и на Педесетница, ние се соочуваме со една иста појава; иконата е соодветна/во склад со службата на празникот; богослужбата на Вознесение го потврдува присуството на Богомајката среде учениците при Христовото Вознесение и иконата на овој празник ја изобразува неа, сместувајќи ја во центарот на сета композиција, иако во новозаветните текстови не се спомнува за тоа.

„Воплотувањето не било само дело на Отецот, Синот и неговиот Дух, туку дело и на волјата и верата на Дева Марија. Без согласноста на Пречистата, без содејство на верата, тоа исто така би било неостварливо, како и без содејството на самите три Лица на Божеството. Бог неа ја прави своја Мајка, само откако ја научил и убедил, и од неа ја прима плотта што таа му ја дава според својата волја/доброволно.” Во нејзиното лице човештвото ја дало својата согласност за воплотувањето на Искупителот, согласноста Словото да стане плот. Затоа, како неопходен услов за спасението на човештвото, таа „што го роди Творецот и Создавачот на сите” и се изобразува на иконата на Вознесението КАКО НЕПОСРЕДНО СВЕДОШТВО НА НЕГОВОТО ВОПЛОТУВАЊЕ. Имено, таа, што „матерски паче всех болезновавшей, подобаше славою плоти Его премногия насладиться радости” / „таа што најмногу од сите мајчински тажеше, требаше со преголема радост да се наслади од славата на неговата плот” (литијна стихира на Слава и ныне), да го види неговото преславно Вознесние, торжеството на човештвото (човечката природа − забел. на прев.) примено од неа и поставено повисоко од небесата, оддесно на Отецот.

Во текстовите на Светото Писмо присуството на Божјата Мајка при Вознесението на Исус Христос не е спомнато, но на иконата таа е сместена во центарот на композицијата, меѓу апостолите и ангелите. Исто така и присуството на апостолот Павле противречи на историските факти (тој се викал Савел и сè уште немал никаква врска со христијанството). Евангелистите Лука и Марко се од седумдесетмината апостоли, иако биле меѓу присутните, не припаѓаат буквално во соборот на дванаесетте апостоли; сепак, тие се изобразуваат во нивниот број. Евангелијата што евангелистите ги држат на иконите сè уште не биле напишани и сл.

На иконата треба да се гледа во однос со богослужбените текстови; надвор од службата на празникот воопшто е неможно да се разбере која било празнична икона. Тоа се потврдува со непосредното обраќање кон неа: „Ете, твојот Син, Богородице, …отиде кон небесата” (тропар на 8−т апесна од Канонот).

„Откако го кажа ова, Тој се подигна пред нивните очи и облак го зеде од нивниот вид. И кога тие гледаа во небото за време на неговото восходење, одеднаш застанаа пред нив два човека во бела облека и им рекоа; Мажи галилејци! Зошто стоите и гледата во небото? Овој Исус кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде на истиот начин како што го видовте да се вознесува на небото (Дела. 1:9−11).

„И ги изведе надвор од градот до Витанија и откако ги подигна Своите раце, ги благослови. И додека ги благословуваше, почна да се одделува од нив и да се вознесува на небото. Тие му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. И секогаш престојуваа во храмот, славејќи и благословувајќи го Бога” (Лука. 24:50−53).

„Не ни недостасуваат докази за тоа, дека зад границите на нашиот свет, зад нашето „небо” се наоѓаат други „небеса”. Апостолот Павле во Посланието до коринтјаните за себе пишува дека се вознел до третото небо. Во Откровението читаме: „И видов ново небо и нова земја, зашто претходното небо и претходната земја изминаа, и морето веќе го нема” (Откр. 21:1). Данте, кој го синтетизира целиот средновековен светоглед, во Божествената комедија изобразува десет кругови на небото, нарекувајќи го последното − емпирија. Во иконописот, исто така, наоѓаме израз на претставите кои се многу распространети и општопознати во средновековието. На иконите кои го претставуваат заминувањето на светиот пророк Илија на небо, комопзицијата се гради со кругови, на чиј фон Илија се слика како се искачува сè повисоко и повисоко со кола во која се впрегнати коњи. Основните догмати на христијанството: Воскресението Христово, неговото Вознесение, вознесувањето на старозаветните пророци Енох и Илија, успението/вознесувањето на Богомајката, воскреснувањето на мртвите во идниот век − може да се мислат само ако се дозволи изменувањето на природата на земното тело. Вознесението е необјасниво ако си го замислуваме наивно-материјалистички. А, тоа станува разбирливо, ако го набљудуваме како постепено изменување на телото според неговото преминување низ различните сфери на битието. Христос по Воскресението веќе имал друго/поинакво тело. Тој можел да се појавува среде апостолите додека вратата била заклучена: „Во тој прв ден од неделата, вечерта додека вратата на домот каде што беа собрани учениците, беше заклучена заради стравот од Јудејците, дојде Исус и застана среде нив и им рече: Мир вам. (Јн. 20;19). „По осум дена повторно беа дома неговите ученици и Тома со нив. Дојде Исус додека вратата беше заклучена, застана срде нив и рече: Мир вам.” (Јн. 20:26). Марија Магдалина по Воскресението не го распознава Христа, сметајќи го за градинар (Јн. 20:15). Не го познале ни апостолите, ни Петар со нив, кога тој им се јавил на Тиверијадското езеро (Јн. 21:1−4). Христос не беше познаен ни на патот кон Емаус, кога им се придружи на своите ученици по патот. Кога „им се отворија очите и го познаа, тогаш тој стана невидлив за нив” (Лк. 24: 13−31). Христовото појавување ги збунувало, ги плашело и тие мислеле „дека гледаат дух” (Лк. 24:37) (Тарабукин Н.М. Смысл иконы).

Вознесението за нас секогаш ќе биде тајна, затоа што се прави обид да се изложи и опише она што е просто неопишливо. Но, многу важно било тоа некако да се забележи. Зашто, би било незамисливо да се претпоставува дека јавувањата на Христа ќе станат сè поретки и поретки, а потоа и целосно ќе се прекратат. Тоа навистина би им ја уништило верата на луѓето. Задолжително морало да дојде денот на разделба, кога земниот Исус конечно ќе стане небесен.

Учениците не отишле дома со скршени срца. Тие се вратиле во Ерусалим со голема радост, бидејќи разбрале дека имаат Господ со кој веќе ништо не може да ги раздели.

„Зашто, јас сум уверен − вели св. ап. Павле − дека ни смрт, ни живот, ни ангели, ни начелства, ни сили, ни сегашност, ни иднина, ни височина, ни длабочина, ни какво било создание не може да нè раздели од Божјата љубов во Христа Исуса, нашиот Господ” (Рим. 8:38−39).

Вознесението ги уверило учениците дека имаат пријател не само на земјата, туку и на небесата. Несомнено, нема ништо подрагоцено од тоа, да знаеш дека на небесата нè очекува истиот Исус, кој бил толку восхитувачки добар на земјата. Да умреш не значи да се раствориш во темнината; тоа значи − да отидеш кај него”. // Превод од: Храм Вознесения

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s