Повикувањето на апостолите

А кога одеше покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа: Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, дека фрлаа мрежа во морето, зашто беа рибари, па им рече: „Дојдете по Мене и Јас ќе ве направам рибари на луѓе!” А тие веднаш ги оставија мрежите и Го следеа. И кога отиде оттаму, виде натаму други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во кораб со татка им Заведеј, како ги крпат своите мрежи, и ги повика. И тие веднаш ги оставија коработ и татка си и Го следеа. И Исус обиколуваше по цела Галилеја, учејќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието за царството, и лекувајќи секаква болест и секаква немоќ меѓу народот. (Мт. 4:18-23)

Откако го слушнале христовиот повик, Петар и Андреј – Евангелиото истакнува дека –  тие веднаш ги оставиле мрежите и тргнале по Него. Во нивната решителност да го следат Учителот Христос, се гледа нивната доверба во Господа. Тие не прашаа: Каде ќе одиме? Како ќе се храниме? И на кого да ги оставиме нашите семејства, бидејќи беа женети.

Очигледно, нивните срца биле подготвени да ја следат Вистината и Правдата и тие како да живееле во исчекување на таков повик. Тие сѐ што имале оставиле заради Бога, и го прифатиле христовиот повик.

Господ Исус Христос не им ветува никакви земски почести, никави земски кариери… Не им ветува дека ќе ги научи лесно да станат добри трговци, дека лесно ќе заработуваат, дека удобно ќе живеат и ништо слично на тоа…

Христос ги повикува да станат ловци на луѓе. Рибарите кои во животот не учеле друго училиште освен риболовиот, Христос сака да ги направи ловци на луѓе? А со што можат да ги привлечат луѓето тие нешколувани рибари?  Одговорот на ова прашање ни го дава духовденскиот тропар:

Благословен си Христе Боже наш, кој премудри ги покажа риболовците кога им го испрати Светиот Дух и со нив ја улови вселената

Христос апостолите ги просветува и ги вдахновува со Светиот Дух кој исто така и самиот е Бог, еден од Света Троица.

Тие го проповедале Христа Распнатиот и Воскреснатиот и таа нивна проповед се покажала посилна од сите учења од човечки разум измислени,

затоа што нивните зборови ја објавуваат Вистината која не зависи од човечки ум. Вистината која од почетокот беше во Бога, Вистината врз која како на неколеблива основа е создаден целата вселена. Таа Вистина не е идеја, ниту природен закон или човечка добродетел, таа вистина е Божјата Љубов. Божјата љубов со која „Бог толку го возљуби светот што го даде својот еднороден Син, та ниеден што верува во Него, да не загине, туку да има живот вечен.“

„А секој од вас што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви заради Мене – ќе добие стопати повеќе, а ќе наследи и вечен живот.“ – Oва е ветување од Господа. И ако некој просторно се оддалечи од своите блсики привремено заради Бога, како што прават монасите, заради поголема посветеност на молитвата, сепак во вечноста ќе биде најприсно соединет со сите што верувале во Бога и живееле заради Бога.

Ако оној што божјата љубов ја бара и ја здобива – не губи ништо, туку ја добива сѐ и тоа за во вечноста – тогаш зошто сите луѓе не му веруваат на ова божјо ветување? Зошто апостолите не можат да ги уловат сите луѓе на светот? Какви се мрежите со кои на апостолите ги ловат луѓето? – Тие како рибарска мрежа го шираат низ целиот свет Христовото слово. Сите ловци ловат за да уловат свој плен, за своја потреба, за своја храна… Само христовите апостоли ловат за да ги изнесат луѓето на слобода. Вистинската слобода не знае за насилство. Господ Исус Христос не сака да ги пороби луѓето ниту со некаков очигледен факт во природата, во реалноста – дека Бог постои. Таков поразителен факт дека Бог е постојано над нас, но надвор од нас – би бил убиствен за слободата на човекот, би ја укинувал човековата слобода. Бог го создал космосот и природните закони кои укажуваат, посочуваат на нивниот Законодавец. Но, Бог го створил човекот слободен и не сака да ја уништува неговата слобода со никаков природен или научен доказ за Себе, со кој би го притиснал човекот до ѕид за да го признае својот Творец и Спасител, не сака да го покори со никаков рационален аргумент што би го истакнал како нешто нужно за човекот, како нешто надворешно и непорекливо во што човекот би морал да верува…

Бог му се открива на светот како Љубов. Христијанството е пожртвувана љубов. Овде Бог го потврдува принципот на Своето постоење како љубов, со тоа што Самиот Себе Се принесува како жртва. Таа тајна на распнувањето на Бога заради човекот ги восхитувала и поразувала оние пред кои се откривала бездната на Божествената Љубов. Критериум на нашата вера е љубовта. Вистинската вера се пројавува себе преку љубов и милосрдие, кои исто така се неодделиви од неа како топлина од светлина и светлина од оган.

Единственото што го бара Бог од човекот е човекот да му го даде своето срце, што значи срцевината на своето суштество, својата доверба и љубов: „Сине мој, дај ми го своето срце и нека твоите очи внимаваат на моите патишта.“ Откако човек без остаток, без сомневање, ќе се предаде во божји раце, тогаш и Бог се вселува во човекот и тогаш човекот добива јасно сведоштво во себе дека е возљубено божјо чедо на небсениот Отец. Затоа апостолот вели: „Стојте во слободата со која Христос нѐ ослободи.“ Значи, на парадоксален начин, ослободен човек е оној што бил уловен од мрежата на светите христови апостоли и ученици.

А тоа што постојат луѓе кои не веруваат во Бога – и тоа ја покажува слободата што Бог му ја подарил на човекот. Бог не сака од никого принудна, неслободна љубов. Неслободната љубов е бесмислена љубов која поробува. Поробениот човек љуби со љубов која и другите го поробува. За какво ропство говориме? Не станува збор за општествено ропство, туку за духовното ропство на кое, за жал и за покајание, толку сме свикнале што дури и не го познаваме како наше заточеништво во власта на нашите страсти. Што е пак, тоа страст? Страст во христијанството се нарекува секоја слепа приврзаност кон човек, кон предмет или кон било што друго. Страстите се мамки на јадицата со која лови ѓаволот. Страстите ја обезбедуваат темнината со која е опфатено нашето срце.

Почеток и крај на паѓањето во ропство и на помрачувањето на срцето е – гордоста. Има многу видови гордост. Гордоста е таква што како паразит се припојува кон доброто во човекот и како некои паразитни растенија што го обвиткуваат дрвото, хранејќи се со неговиот сок, го исушува и го уништува и секое добро во човекот, а на крај и самиот човек. Гордоста ги пораѓа егоизмот и егоцентризмот – изопачената љубов на човекот кон самиот себе. Гордоста ја раѓа верата во својот разум кој човекот го поставува како критериум на сè. Губењето на љубовта се покажува во душевното студенило и незаинтересираноста за луѓето, во надменоста и насилството над другите.

Гордиот ги гледа и ги лови луѓето како орудие за достигнување на своите цели, како предмет за задоволување на своите страсти. Гордоста едните ги  прави немилосрдни тирани, а другите – робови. На гордиот му изгледа дека светот е создаден само за него, дека тој е центарот околу кој мора да се вртат другите луѓе. Гордиот човек се навредува кога другите не го разбираат неговата вообразена супериорност.

Без љубовта, човечката душа умира. Затоа, современиот човек е длабоко несреќен. Губењето на љубовта денес е глобален процес; тоа е патот на духовната смрт, тоа е најголемата катастрофа на последните векови, пострашна и од војните и од природните катастрофи. Тоа е расчовечување на човекот; тој престанува да биде личност.

Во чистотата и обезстрастеноста се духовната слобода и радоста, а во гревот, острастеноста и порокот – мачнината, темнината и духовното ропство.

Господ нѐ повикува сите нас, како што ги повикал Петар и Андреј.

Апостолот Павле нè советува: „Искупувајте го времето, зашто дните се зли.“ Побрзајте да правите добро. „Внимавајте да живеете грижливо! Не како немудри, туку како мудри; не бидете неразумни, туку разберете што е Господовата волја!“

Да го послушаме тој повик и да побрзаме да живееме заради вечноста и со вечноста уште овде во времето. Амин.

Проповед прочитана на Втора Недела по Педестница (06 јуни 2010), во храмот Свети Николај Чудотворец, во Свети Николе.

Ходен же при мори Галилјаитсја видја два брата Симона, нарицјајонштаго сен Петра и  Андријајон братра иего. Вмјатјајонштја мрјажен в мории и бјашете бо рибарја и глагола им грендјата свлјаид мене и створјон ви чловиеком ловца.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s