Просто око

Светилото на телото е окото. И така, ако твоето око е бистро, целото твое тело ќе биде осветлено; но ако твоето око е лукаво, целото твое тело ќе биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, колкава ќе биде темнината!”
”Никој не може да им служи на два господара; зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе му биде приврзан на едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите на Бога и на мамона.”
”Затоа ви велам: не грижете се за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за своето тело, што ќе облечете. Зар душата не е повеќе од храната, и телото од облеката?
Погледнете ги птиците небесни! Тие ниту сеат, ниту жнијат, ниту собираат во житници, и пак вашиот небесен Татко ги храни. Зар не сте вредни многу повеќе од нив?
Кој од вас може, грижејќи се, да му придаде на својот раст еден лакот? Зошто се грижите и за облеклото? Погледнете ги полските лилјани како растат; не се трудат, ниту предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече како еден од нив. 30 И, ако Бог ја облекува така полската трева, што денес е, а утре ја фрлаат во печка, нема ли многу повеќе вас, маловерни? И така не грижете се, велејќи: ‘Што ќе јадеме?’ или: ‘Што ќе пиеме?’ или: ‘Што ќе облечеме?’ Зашто сето тоа го бараат народите, зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето ова. (Мт. 6:22-33)

Во денешното евангелско читање се вели: „Светилник за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто, тогаш и целото тело твое ќе биде светло; ако пак твоето око биде темно, тогаш целото твое тело ќе биде темно.“

Сите знаеме дека окото е орган со кој ние го спознаваме надворешниот свет. Но, многу нешта во нашиот живот не зависат од тоа, каков е надворешниот свет, туку како ние го восприемаме, како го гледаме она што се случува во светот. Колку што ќе можеме да гледаме низ прозорец зависно од тоа колку тој е чист, така и и со нашите душевни очи ќе гледаме, зависно од тоа колку душата ни е извалкана со грев. Ако нашето душевно око е затемнето, ние нема да бидеме способни да ја примаме божествената светлина.

Но, ако имаме затемнето душевно око, освен што сме хендикепирани во духовна смисла, ние не сме способни адекватно да го согледуваме ниту видливиот, материјалниот свет.

За преподобен Антониј Велики, природата беше „книга од која тој постојано ги читаше чудесата Божји. Тој велеше: „Гледајќи ја природата, јас се допирам до живиот Бог.“

Така, за светлото око: „небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод известува за делото на Неговите раце (како што се вели во еден Псалм од светото Писмо 19:1)

Кога Господ Исус Христос живеел на оваа земја, тој ги забележувал и најситните, би се рекло беззначајни нешта: птиците, полските цвеќиња и многу други нешта, покрај кои ние секојдневно минуваме, не обраќајќи им никакво внимание, сметајќи ги за банални и обични. А Христос вели : „Погледнете ги птиците небесни! Тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту собираат во житници, а вашиот небесен Татко ги храни… Погледнете ги полските лилјани како растат; не се трудат, ниту предат…“ (Мт. 6:26,28). Тие цвеќиња цветаат само неколку денови, а потоа се сушат, но кога ќе расцветаат, со својата убавина ги надминуваат царските облеки.

Господ се грижи не само за птиците и цвеќињата, туку и за секого од нас. Овде се поставува прашањето колку имаме доерба во божјата промисла, во божјиот план и намера за секого од нас. Тоа всушност е прашањето; каква е нашата вера. Изворното значење на библискиот збор вера е доверба во Бога. Малку и недоволно е да веруваме дека Бог постои. Тој постои, независно дали ние веруваме или не веруваме во тоа. Но, да веруваш значи да имаш доверба во Бога, да имаш доверба во Него како во цврста основа на својот живот. Светиот апостол Павле вели дека верата е ипостас (ΰπόστασις), а тоа значи подлога, основа врз која стои сѐ на што се надеваме и потврда на невидливите нешта. (Евр 11:1) Да го втемелиш своето размислување и делување на божјата волја, на неговите заповеди, да знаеш дека и во доброто и во лошото тој има план за тебе, да нема ништо што ќе те одвои од неговата љубов…. Тоа е верата во Бога.

А ние во овие економски и политички несигурни времиња, сме наплашени за нашата иднина и забораваме да се радуваме на околниот свет. Секој прави свои планови како да го обезбеди утрешниот ден… И така опфатени од грижи за нашата утрешнина, ние ја губиме радоста на денешниот ден. Многумина прават пресметки за иднината без Бога. Кога не веруваме дека Бог добро се грижи за нас, па ние самите без Него мора да размислуваме за утрешниот ден – тоа е неверување во божјата промисла. Потонати во грижите за иднината, ние забораваме на сегашноста. Нашата душа е исплашена и обеспокоена за утрешниот ден, заради што го испуштаме денешниот ден. А единствениот вреден и вистински миг – е сегашниот. Она што било – поминало, а она што иде, сѐ уште не дошло. Често се покажуваме како заложници на минатото или на иднината. Заборавајќи со колку многу добра и убавини сме окружени во сегашноста, ние остануваме неблагодарни. Во очекување на добрите времиња, во очекување на европските економски стандарди, животот ни минува во постојано планирање. Се залажуваме: утре, задутре, кај и да е – ќе дојде времето кога и ние ќе живееме вистински. Така, како неблагодарни за добродетелствата кои Господ ни ги испраќа преку луѓето, преку природата и преку многу други ситници кои ние не ги забележуваме – може да ни помине целиот животот без радост.

Господ не нѐ остава без леб, дури и ако привремено живееме во тешки па дури и во очајни услови. Ако Бог ги храни птиците небесни, ќе нѐ нахрани и нас; ако Тој ги облекува полските цвеќиња, ќе нѐ облече и нас.

Таква перспектива пред нас отвора Господ, кога говори: „Ако твоето око биде чисто, тогаш целото твое тело ќе биде светло.“ На црковнословенски и во грчкиот оригинал се вели буквално: „Ако твоето око биде просто, тогаш и твое тело ќе биде светло.“  Треба да учиме да се однесуваме просто кон животот, да научиме да живееме со доверба кон Бога. Да научиме со прост детски поглед да ги гледаме сите патишта на историјата, сѐ што се случува во нашата судбина. Да се гледа просто и детски – значи да се гледа животот без страв, да се живее слободно и да не се робува на никакви кариери или земски цели на животот, значи, пред сѐ друго – да го бараме Небесното Царство.

Ако го очистиме нашето духовно око и научиме сѐ да примаме од Бога со благодарност и радост, тогаш ќе дознаеме што е тоа Царство Божјо и неговата правда, ќе добиеме чисто око, ќе разбереме кои се тие „чисти по срце“, кои “Бога ќе го гледаат.“ Да живееме така што Бога ќе го сретнуваме на секој чекор, на секоја минута. Да не бидеме слуги на два господара; да не го изгубиме целосниот, единствениот поглед на животот. Просто да се живее, значи – само заради Бога да се живее. Спротивно на тоа, лукава е претераната грижа на човекот за земното, бидејќи го исклучува Бога и божјата грижа за човекот.

Ете за таков слободен живот ни благовести Господ. Тој не вели да бидеме неодговорни или невнимателни или неразумни…

Мрзливоста е искушување на Бога, слично како што ѓаволот го искушувал Исуса Христа, предложувајќи му да се фрли од височина, зашто било напишано во Светото Писмо: „на  ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, на раце да те земат, за да не ја препнеш од камен твојата нога.“ Лукавата атернатива на довербата кон Бога — е самонадежната гордост; наместо радоста и мудроста — очајанието и безумноста.

Еден познат духовник, старец Тадеј Витовнички, се упокои пред 7 години, велеше: „Не земај на себе премногу грижи од овој свет, туку чувај го својот мири живеј со Бога. Другото; како оди – нека оди…“
А за плодоносниот живот на човекот кој го исполнува Законот Божји првиот псалм вели дека тој е „како дрво засадено покрај водни потоци, што донесува плод во свое време; неговите лисја никогаш не венеат; во сè што прави  – успева.“

Ова е најважната лекција што треба да ја научиме во овој живот — да имаме безгранична доверба во Бога.

Луѓето кои не го познаваат Бога, го бараат само земското, бидејќи не знаат за подобро. Тие за своите земски цели се борат грчевито и во паника, безобѕирно се однесуваат кон другите, бидејќи живеат без Бога во овој свет и не разбираат што е тоа Божја промисла, не знаат за небесниот Отец кој бесконечно нѐ љуби и знае подобро од нас што ни е потребно.

„Погледнете ги полските лилјани како растат…“ Тие постојат за да нѐ потсетуваат дека животот е празник. Овој живот е претсобје, вовед во вечниот празник, за кој е создаден човекот. Птиците пеат и тоа е нивната божја служба и тие така го фалат Господа. Ако не се претоваруваме со грижи и ние постојано ќе се радуваме, ќе го пееме, благословуваме, ќе му благодариме на Господа и сега и секогаш и во вечните векови. Амин.


Проповед прочитана на светата Литургија во храмот Свети Николај Чудотворец, во Свети Николе, на Трета Недела по Педесетница, 13 јуни 2010 г.

One thought on “Просто око

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s