Православието и младите

Реферат прочитан пред средношколци, на денешната Трибина во Салата на Општина Свети Николе.

Средно училиште учев овде, во гимназијата. Иако оттогаш поминале „само“ 17 години, незаборавни се средношколските денови. Тоа е време на сомнежи и искреност, време на цинизам и страв, време на дрскост и храброст за соочување со вечните прашањата за човекот и светот.

Младиот човек сака да го  живее животот без остатоток, да живее сега и овде, да проба сѐ што ќе посака, да го избере она што ќе му се допадне во моментот. Младата душа изобилува со енергија. Од правецот во кој ќе ги насочи своите енергии, зависи по кој пат ќе тргне.

Во еден ранохристијански спис, напишан некаде меѓу 60-та и 80-та година, односно во времето на Светите Апостоли, се вели: „Постојат два пата: едниот – на животот, а другиот – на смртта, и голема е разликата меѓу овие два пата…“

Каде што постојат патишта, таму постои слобода. Што и да прави човек во животот, тој се движи по едниот или по другиот пат. Животот ни наметнува состојби во кои мора да избираме и да живееме со последиците од нашиот избор. Значењето на изборот често го разбираме подоцна, дури откако ќе избереме.

Можноста да се направи погрешен избор значи дека навистина сме слободни. А според што може да знаеме дали го правиме вистинскиот избор? Изборот се прави според некој критериум и директно зависи од критериумот. Денес во светот преовладува човекоцентричната култура на живеење, која го усвоила човекот како врвен критериум.

Кога човекот ќе се постави како мера на сѐ, тој себеси се прогласува за бог и творец на вредностите; тогаш мисли дека е вистина само она што тој го прогласил за вистина.

Современиот човек сака да богува без Бога, да се прави бог и во таа цел да ги впрегне науката, техниката, филозофијата, културата, уметноста, политиката… Создал цела цивилизација, која со научните достигнувањата и технолошки откритија – треба да го замени Бога. Фамозниот прогрес на новото време му даде на човекот многу средства за залажување и заборавање на вечноста.

Кога човекот ќе се затвори во едно-димензионалната сегашност, главниот проблем е колку време ќе помине помеѓу раѓањето и смртта. Тоа е живот во меѓувреме, живот со кој царува минливоста. Во таа безизлезна перспектива, бесцелното се натпреварува со бесмисленото, а на крај секогаш победува трагичното.

Во своите книжевни дела Ф.Достоевски покажа, дека моралот кој е заснован на личното своеволие, неизбежно ќе доведе до принципот: “сѐ е дозволено” т. е. до директно негирање на секаков морал, што води кон самоуништување на личноста. Во романот романот Браќа Карамазови, боготражителот Достоевски пишува: „Ако Бог не постои, тогаш сѐ ќе биде дозволено, буквално сѐ – од егоизам до злосторство и не само што ќе биде дозволено, туку и прифатено како најразумно. Уништете ја верата во бессмертноста и ќе пресуши, не само љубовта, туку и секоја жива сила, за да се продолжи со живеење. Без вера во бессмртност – ништо нема да биде неморално.“

Луѓето досега ќе се изедеа меѓусебно во сурова борба за место под сонцето, ако беше вистинита теоријата според која опстануваат најспособните и најприспособените. Но, човекот во своите длабочини чувствува дека на себе го носи печатот божји, образот божји. Појасно или поматно осознава дека потекнува од Бога и секогаш ќе го чувствува отсуството на живиот и вистински Бог.

2. Во Светото Писмо е запишана богооткриената вистина дека Бог го создал човекот според својот образ и своето подобие. Човекот е божји образ. Зборот „образ“ на современиот македонски јазик значи слика, на грчки: икона, на англиски: image. Образот Божји не ја опфаќа само душата, туку му припаѓа на целосното психофизичко битие на човекот – и на душата и на телото.

Со образот Божји во себе човекот има предиспозиции да го заснова својот идентитет на толку цврсти основи што би ја надминал смртта.

Идентитетот може да биде биолошки, социолошки, национален, културен. Но, со севкупноста на карактеристиките за одреден човек, не се исцрпува суштината на човекот. Можеме да имаме најдетален опис за некој човек, но дури не се сретнеме со него лице в лице, ние не можеме да речеме дека го познавме тој човек.

Сите луѓе се личности во однос на нешто или на некого. Личниот идентитет на една личност, извира од односот т.е. врската која е најважна за една личност. Ако човек го засновал целиот свој идентитет на заедница со непостојано и минливо битие, тогаш и неговиот личен идентитет станува непостојан и минлив; ќе трае толку, колку што трае битието од кого го извира неговиот идентитет. Полнотата на животот не може да се оствари ако сме насочени исклучиво кон човек. Смртта ги укинува меѓучовечките односи што биле изградени на земјата. Во вечноста, кога ќе бидат надминати временските и просторните препреки, ќе опстане и ќе постои односот кон Бога и односите кои се изградени преку Бога, односите во кои посредувал Бог. Познат е христијанскиот поздрав: „Христос среде нас.“ (Во Св. Евангелие е запишано ветувањето од Господ Христос: Каде што двајца или тројца се собрани во мое име, таму сум и јас меѓу нив.) Одговорот на тој поздрав гласи: „Е и ќе биде“ односно како што сега Христос стои невидливо меѓу нас, така нека биде и во вечноста.

а пример, двајца млади се сакаат и се во врска заснована на љубов и слободна волја, но тоа не е доволно за надминнување на смртта, ако нивната врска не е крунисана со Христос т.е. ако не се сакаат во Христа.

Затоа секој хуманизам кој не е втемелен на богоцентричната динамика е лажен и пропадлив. Често човекоцентричниот хуманизам е замаскиран со човекови права, со национална припадност, со семејни односи – но тој секогаш е еднодимензионален, без вертикалата што би го избавила до смртната агонија.

Иако човекот умира, тоа не е истата смртт како пред Христовото Воскресение. Господ Исус Христос со неговото тридневно Воскресение, ја направи смртта премин кон вечниот живот, во кој нашиот вистински идентитет ќе биде потполно потврден за вечна радост или ако е врзан за било што друго освен за Бога и за ближниот – ќе биде потврден за вечна мака.

Христијанската вера е токму тоа: растење и изградување на однос со доверба во Бога, а не теоретско убедување. Бог не е апстрактна, виша сила. Бог му се објави на св. пророк Мојсеј на гората Синај, “лице в лице, како што некој разговара со  пријател ” (Изл.33,11).

При градењето на својот идентитет, младиот човек многу внимава на својот надвореш изглед. Создава свој стил на однесување и облекување. Се труди да произведе еден автентичен впечаток во очите на другите, формира комплекс на облекување и однесување преку кој се изразува себеси… Човекот сака да биде неповторливо битие, различен од другите. Токму образот божји е различноста на човекот човекот. Бог се изразува во секој човек на неповторлив начин. Во тоа се состои уникатноста на човечките личности.

Како плод на добрата волја на Бога, кој посакал да му го подари својот образ на своето создание, човекот не е производ на случајна или спонтана еволуција.

“Човекот е почестен со разум, украсен е со способност за избор, сјае со слободата на волјата, има рассудување да не им робува на похотите и има господствена положба. Со нозете човекот ја допира земјата, а со лицето е свртен кон небесниот свод” – вели Василиј Селевкиски, епископ од  V век. Самата именка „човек“ или на словенски „человјек“ го покажува истото тоа, што го вели епископот Василиј: чело-вјек е суштество со челото кон вечниот век, кон небесната вечност.

Тоа што човекот е образ божји во Православието значи дека секој од нас има можност да го оствари својот живот како личност. Образованието е многу широк поим и во христијанска смисла го означува култивирање на образот, како што вел ав. апостол Павле: изобразување, вообличување на Христос во човекот (Гал. 4,19). Обратно, безобразен човек – нашиот народ го нарекувал човекот кој не се однесува соодветно за божјиот образ во себе.

Во биологијата човекот се класифицира како homo sapiens = разумен човек. Според дефиницијата: „Homo sapiens е единствениот преживеан член на родот Homo од двоножните примати во Hominidae, фамилијата на големи човеколики мајмуни.“

Ако разумот беше основната одлика на човекот, и ако без разумот човекот не е човек, тогаш заклучоците од таа претпоставка можат да бидат многу нечовечни. Така, во случај на душевно растројство или повреда на мозокот се наруши интелектуалната функција на човекот, тогаш тој би престанал да биде божји образ и би бил сметан за животно.

Според христијанската антропологија, сите психофизички својства се само пројави, манифестации на образот божји, кој е вложен во човекот уште при неговото создавање.

Затоа, од мајмун не може да настане човек, но од човек може да настане мајмун.

Кога ја губи својата сувереност, односно кога не владее со себе и ја губи самоконтролата, човекот може да поживотинува. Покрај слободата, една од главните црти на образот Божји во човекот е сувереноста. Сувереноста се пројавува во самоопределувањето на личноста. Во позитивна смисла самоопределувањето е означување и осмислување на границите на својата слобода, на својот избор.

Современото разбирање на слободата, таа е ограничена само со слободата на другиот. Мојата слобода се протега дотаму до каде што не ја засега, не ѝ пречи на слободата на другиот. Ако пак не се нарушени ничии права и слободи, тогаш сѐ што се прави е мое право, лична работа. Слободата се изедначува со своето „така сакам.“

На младиот човек му е најдрага слободата. Исто така и на Христос му е најважно и најдраго човекот да биде слободен. „За слобода сте повикани вие, браќа“ – но веднаш додава: „Само вашата слобода да не биде повод за угодување на телото, туку со љубов служете еден на друг“ (Гал. 5,13). Во Православието слободата е нераздвојна од одговорноста. Англискиот писател Бернард Шо добро забележал: «Слободата значи одговорност. Ете зошто луѓето толу се плашат од слободата.“ Многу луѓе сакаат да се чувствуваат слободни, но не ја прифаќаат и одговорноста, која е обратната страна на медалот на кој пишува слобода. Одговорната слобода поставува ограничувања на задоволувањето на желбите заради слободата на другиот.

Св. ап. Павле ги повикува христијаните: „Стојте во слободата со која Христос нѐ ослободи.“

Оваа христијанска слобода не е се добива со надворешна револуционерна победа, ниту со општествени бунтови, туку со стекнувањето на внатрешна слобода од гревот, од злото. Значи, според христијанското учење гревот не е само етички прекршок, ниту пак навреда на Божјото достоинство. Гревот има егзистенцијални последици. Toj го опустошува животот на личноста. Злото има својство да се шири. Злото никогаш не останува лична работа на поединецот, тоа се прелева во општеството се дури не го оствари своето деструктивно торжеството на небитието, на гнилежот. (Секојдневно слушаме за борба против корупција во општеството. Тој збор корупција доаѓа од латинскиот сorrumpere и значи расипаност, гнилеж.) Гревот и злото се противприродна состојба на човекот. Со други зборови, кога не успеваме да го достигнеме доброто и поредокот кои се во склад со нашата човечка природа, стапуваме во областа на бесмислената, состојба на непостоењето.

Злото и доброто не се само спротивни поими, односно злото не е само отсуство на доброто, како што е прикажано во анегдотата со Ајнштајн, според која беше снимен и тв-спот. На неговото прашање до професорот; дали постои темнината, добива одговор дека постои.  Ајнштајн вели: „Не! Tемнината е само недостаток на светлина, па слично и злото е само недостаток на доброто.“ Ова не е целата вистина за постоењето на злото, затоа што тоа не e просто недостаток, туку е и активна сила која го поробува и уништува човекот. Како што вели Достоевски: „Ѓаволот со Бога се бори, а место на битката е човековото срце.“

Злото е ирационално, тоа постои само како пркос и бунт против доброто. Слободната волја има можност да се сврти во негирање на божјиот повик, во негирање на доброто. Но слободната волја со која сме надарени не е виновна, ниту лоша, затоа што таа не нѐ принудува да правиме зло.

А кога човекот се устремува кон Бога по патот на верата, тоа сеуште не значи дека е христијанин. Религиозни луѓе има и без Црквата, но христијанинот не може да биде христијанин за себе т.е надвор од Црквата. Една латинска пословица вели: Unus christianus, nullus christianus (Еден христијанин – нула христијанин). Кога зборуваме за Христијанството и христијаните, треба да имаме предвид дека Христијанството е Црква и дека христијанинот е член на Црквата. Религијата е индивидуален, приватен однос со Бога.  Богоутврденото Православие не прифаќа да биде сместено меѓу различните, многубројних религиски учења, ниту пак, да се смета за една од светските религии. За разлика од религиите, Црквата инсистира на заедницата од личности, на личностната заедница како единствена основа на животот, и тоа; на заедницата на човекот со другиот човек и на човекот со Бога. Единството (старословенскиот синоним за „единство“ е зборот „соборност“) на Христијаните во  христијанската вера е Црквата – заедница на Бога и луѓето која Христос дојде да ја реализира. Самиот збор “Црква” всушност во превод значи – заедница.

Македонскиот народ  го прифатил и го живеел Православието пред сѐ, како Црква, заедница. Тоа значи дека севкупниот црковен живот бил израз на заедништво и дека сѐ она што се однесувало на животот на секој човек поединечно, нераскинливо беше поврзано со другите членови на заедницата. Верата во Бога не беше индивидуална, приватна работа. Својата вера ја изразуваше пред сѐ во Светата Литургија. Сите славења во Црквата, и сите жалости, беа израз на целата заедница. Човекот беше лично поврзан со литургиската заедница, од која извирал и неговиот идентитет.

Православната Црква е многу повеќе од институција и национално богатство, затоа што нејзините основи не се на земјата, туку во Царството Небесно. Сите институции се основани за да му помагаат на човекот, да му го олеснуваат животот на човекот, а Црквата ги повикува луѓето да го вкусат самиот живот од бесмртниот Извор. Целта на Црквата е да ги соединува сите луѓе меѓусебно и сите луѓе заедно со Бога во вечна заедница која ја надминува телесната смрт.

За жал, под влијание на медиумите, во свеста на луѓето се вкорениле многу погрешни претстави за Црквата. Кога се гради на крив темел и целата зграда ќе биде крива. И кога се суди за Бога и Црквата врз основа на предрасуди и лаги, не може да се добие нешто повеќе од празноверие и заблуди. Така, општопрофатено е мислењето за Православието како систем од несфатливи забрани, забрани за природните задоволства и во крајна сметка, Православието, Православната Црква се отфлаат како нешто што ја ограничува слободата и ја попречува радоста на животот. А Господ Исус Христос вели: „Дојдов за да имаат живот и да имаат изобилство.“

За да ја разбереме таквата тајна како што е Црквата која Бог им ја подари на луѓето за духовно усовршување и спасение, мораме претходно во целост да ја отфрлиме секоја пред-идеја за тоа што зборот “Црква” означува во нејзината модерна употреба.

Причината поради која Православната Црква Христова преживеала две илјади години до денес и ќе живее до крајот на времињата е тоа што Божјата Вистина, која е во неа, го надминува просторот и времето.

Господ Исус Христос во Православната Црква се нарекува Богочовек. Тој не е половина Бог и половина човек, туку цел Бог и цел човек. Во личноста на Господ Исус Христос се соединети божјата и човековата природа. Во Православието, ниту само човекот е критериум на сѐ, ниту само Бог. Во Православието Богочовекот е критериум на сѐ. Тоа е Господ Исус Христос кој го зеде на себе гревот, прекрасниот Син Човечки, кој просолзил за умрениот пријател Лазар, Кој ја заштити жената фатена во прељуба, Христос Кој повторно се распнува каде што на младите им е најлошо, каде што се понижени и навредени, дрогирани и пијани, ранети и смртно болни, во метафизичкото студенило на техно-транс и рејв-журките, во сивилото на поправните домови и на урбаниот пекол. Таков е сострадалниот, милостивиот Господ Исус Христос, кој е Глава на Црквата како негово духовно Тело.

2 thoughts on “Православието и младите

  1. Затоа, од мајмун не може да настане човек, но од човек може да настане мајмун. –
    – убаво речено! Текст од кој многу може да се научи!

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s