Идолопоклонство: Говедаров камен

Во рамницата на овчеполието, една голема карпа е позната под името Говедаров камен. На него се качувале говедарите за да видат каде им пасат говедата и стадата овци. Подоцна на каменот почнале да му придаваат натприродна, исцелителна моќ. Се проширило верувањето дека тој камен ги лекува жените од неплодност и во таа цел, кон каменот се развил култ придружен со пагански, нехристијански обреди.

За да го покрепат своето суеверие, луѓето измислиле и разични легенди за тој камен. Во легендите поврзани со Говедар камен се спомнуваат самоиловите војници и некој бајковит цар, кој многу сакал да има машко дете.

Во предвечерието на празникот на св. великомаченик Георгиј – Ѓурѓовден, многу луѓе од различни краишта, од христијанската вера но, и од други религи – доаѓаат кај Говедаровиот камен.

Ритуалите што се изведуваат на каменот имаат идолопоклонички и магиски карактер: Плетат колани што се врзуваат на половината, некои гребаат по карпата, обидувајќи се да откорнат камче. Веруваат дека ако откорнат камче од карпата, тоа ќе им донесе среќа. Следната година, ако им се роди дете, го враќаат каменчето. Други, пак, принесуваат крвна жртва врз каменот, во знак на благодарност затоа што добиле дете.

Меѓу жителите на околните села може да се најдат луѓе кои ќе тврдат дека виделе многу жени како се враќаат со остварена желба да станат мајка.

Но, што значи тоа? Како треба да се однесува христијанинот кон ваквите обреди и појави? Дури и да се најдат такви случаи: некоја жена да станала мајка откако ги направила обредите покрај каменот, христијанинот или христијанката треба да се знае дека тие дејства и обреди се идолопоклонство. Идол – е предмет со кое го заменуваме вистинскиот Бог. Идол може да биде секој предмет или суштество, на кое човекот му придава натприродни способности, кое тој всушност, ги нема. А идолопоклонство – е поклонување на созданието наместо на Творецот, наместо на Бог. Св. апостол Павле пишува: «Тие ја замениле вистината Божја со  лага  и се поклонувале, му служеле на созданието наместо на Творецот».

Законите, правилата на православната Црква ги осудуваат идолопоклоничките обреди и принесувањето на крвни жртви кско најголем грев. Идолопоклоникот се откажува од Господ Исус Христос, отпаѓа од Црквата, од Христијанството.

Некои луѓе мислат дека во идолопоклоничките обреди на говедар камен „нема ништо лошо, нема ништо срамно, човек ќе направи сè за да дојде до рожба.“

Но, идолопоклонството со крвно жртвопринесување, Црквата го осудува како отпаѓање од Христовата вера. Тоа е најстрашното што може да му се случи на еден христијанин. Отпаѓањето од Христа е губење на вечниот живот и тогаш сѐ друго што ќе добиеме во овој живот е бесцелно. Во светото Евангелие се запишани  Христовите зборови: „Зашто, каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а самиот себе се погуби или се упропасти?“ (Лука: 9:25)

Светите маченици на Црквата знаеле дека идолопоклонството е смртен грев и затоа претпочитале да бидат мачени и да умрат заради Христа, отколку да се поклонат или само да покадат со темјан пред идолите. Во римското царство идолопоклоничките ритуали биле државна, граѓанска должност. Од народот се барало, макар и формално, макар и без вера во идолите, да покажат основна почит пред нив, а потоа пак нека си веруваат како сакаат.

Затоа, страдал и светиот маченик Георгиј, на чиј празник се случува незнабожечкиот ритуал на говедар камен. Тој имал висок воен чин и бил член на Совветот на државата. Но, кога римскиот император побарал од војската секој да принесе жртва пред мртвите идоли, Георгиј одлучно се спротивставил на таквата наредба. Откако го презрел човечкиот страв, храбриот воин Георгиј смело изјавил пред Советот: – „Вашите идоли не се богови. Исус Христос е вистинскиот Бог.“

Затоа, Св. Георгиј бил заклучен во темница, каде го положиле на земја, нозете му ги оковале, а на градите му ставиле тежок камен. Но, Св. Георгиј храбро ги поднесувал страдањата и го славел Господа. Тогаш мачителите го бичувале Георгиј, го фрлале во негасена вар, го принждувале да оди врз клинци… Светиот маченик ги истрпил сите страдања и не сакал да се поклони пред идолите, односно му останал верен на Христа Бога. На крај императорот Диоклецијан заповедал да му ја пресечат главата. Така светиот страдалник заминал кај Христа, во Никомидија, Мала Азија, во 303 г.

Меѓу многубројните св. маченици кои бие принудувани да принесат жртви пред идолите е и св. Варлаам. Во IV век, во Антиохија, судијата го одвел во идолски храм и му ставил оган на дланката и темјан на оганот мислејќи дека маченикот ќе мора од болка да го фрли огнот со темјанот од раката пред идолите и така макар несакајќи – ќе ги покади. Но, свети Варлам го држел огнот на својата дланка, трпејќи најголема болка, но не помислувајќи да го фрли на идолите, сѐ додека прстите не му изгореле и дланката не му отпаднала. Тој знаеше дека „служењето на идолите е почетокот и целта на секое зло, дека идолопоклонството е откажување од верата во вистинскиот Бог.

Црквата во овој велигденски период секојдновно пее: „Дојдете да пиеме ново пиење што не е добиено со чудо од неплоден камен, туку е од Изворот на непропадливоста, од Изворот на вечноста, од Христа Господа – во кого се утврдуваме.“

Христос воскресна. / Навистина воскресна.

One thought on “Идолопоклонство: Говедаров камен

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s