Маскираната лага на окултизмот

Последниве години окултистите како печурки по дожд се појавуваат на медиумите нудејќи ги своите „натприродни“ услуги. За да се добие воопштен впечаток за нивната дејност, доволно е да се погледне оглас на некој самонаречен исцелител од нашата држава: „Успешно лечам и растурам секаков вид на црна магија. Спојување на љубов, брак и сите болести, забременување и сите други духовни проблеми. По божји духовен пат. Консалтинг, баење.“

Забележително е дека сите тие „способности“ што водат во ќор-сокак се најавуваат како “божји духовен пат.“ На авторитетот на Православната Црква денес паразитираат голем број бајачи, гатачи, псевдоисцелители… Своето окултистичко дејствување го прикриваат со крстот, иконите, молитвите… Големата измама, за жал, останува нераспознаена од нецрковните, духовно-невнимателни луѓе, кои на секаков начин сакАат да се избават од својата мака. Денес кога голем број христијани се христијани само по име, однсоно не се воцрковени во литургискиот живот на Црквата, оставен е голем простор за фалсификување на духовноста. Душата што страда без вера престанала да ја разликува темнината од светлината, сметајќи дека е безусловно добро сѐ она каде што станува збор за за „чудесно,“ „свето,“ „духовно,“ „божествено.“ Св. Јован Златоуст вели дека, „иако во таквите случаи се произнесува името на Бога, иако се повикуваат светите, иако се изобразува знакoт крст, мора да го избегнуваме таквиот и да се одвраќаме од него.“

Верата, првенствено е доверба кон Бога. Намерата да се решаваат своите проблеми со помош на баење, гатање, магии – тоа е пристап на исплашен човек, кој мисли, дека надворешните околности или надворешни знаци можат да имаат над него власт и сила. Магијата и суеверијата секогаш се засновани на нашето неверување дека сме под силната закрила на Господа; стравуваме дека некој може да ни предизвика штета или да нè уништи посредно, со своите зли намери и ритуали, а не веруваме дека Бог ќе нè заштити. Да паметиме дека нè спасува и чува само Бог, Живототворецот и Седржителот на постоечкото. Човекот е создадено суштество, негов Творец е Бог, и Тој управува со целата Вселена, што значи и со човекот. Човекот без Бога не може да направи ништо, зашто без божја волја ниту влакно од главата не паѓа. Човекот како создадено суштество е подложен на различни закони, во чии раммки тој живее и дејствува. Тоа се физичките закони, биолошките, социјалните, економските, етичките, правните, духовните… Нарушувањето на едни или други закони на човекот му наметнува соодетни неповолни последици, од кои некои се ограничени на овој живот, но некои последици можат да останат и за вечност. Така, нарушувањето на законите на духовниот живот го повредува или раскинува човековиот однос со Бога и тој однос може да остане нарушен и по смртта на човекот, односно во идниот, вечниот живот. Човекот не може да му заповеда на својот Творец, не може да му ја наметнува на Бога својата волја. Христијанинот го моли Бога да биде неговата (божјата) света волја.

А луѓето што се занимаваат со магиски манипулации (баење, гатање, биоенергија) мислат дека со посредство на духовна сила можат да изршат влијание на суштества од видливиот, но и од невидливиот свет. Но, кога окултизмот не е само шарлатанство, тој всушност дејствува со помош на паднатите духови, повикувајќи ги (свесно или несвесно) на помош и со нивната темна сила можат да имаат влијание со лоши последици кај незаштиштените на духовен план и кај луѓето кои доброволно се нудат да бидат измамени. Окултизмот (од латинскиот збор occultus- таен, скриен) – е општо име за учењата кои признаваат постоење на скриени сили во човекот и во космосот кои се недостапи за обичното човечко искуство, а се достапни за „посветените“ кои поминале низ особена иницијација (посветување) и психичка подготовка.

Светото Писмо (Стариот и Новиот Завет) многу строго се однесува кон окултистите од секаков вид:

Во книгата Повторени Закони (18, 9-13) е кажано: „Кога ќе влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, да не свикнеш да правиш гнасотии, какви што вршеле тие народи; да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе. Биди непорочен пред Господа, твојот Бог.“

„Не обратувајте им се на повикувачите на духови и на магесниците. Тие би ве оскверниле. Јас Сум Господ, вашиот Бог!“ (Левит. 19, 31).

„Не вражајте и не гатајте!“ (Левит 19, 26).

Како што може да се види, Стариот Завет недвосмислено го забранува, не само занимавањето со окултизмот, туку и обраќањето за помош од окултистите, затоа што нивниоте дела се – лага. Исто така, окултизмот го отфрла и Новиот Завет:

Во книгата „Дела апостолски“ е запишан ваков настан. Престојувајќи на островот Кипар заедно со Варнава и проповедајќи го таму Божјото слово и поминувајќи го целиот остров до населбата Пафос, апостолот Павле таму се сретнал со проконзулот Сергиј Павле, кој сакал да го чуе Божјото слово. «Но, му се спротиви маѓепсникот Елим (зашто така се преведува неговото име), настојувајќи да го одврати проконзулот од верата. Тогаш Савле, познат како Павле, исполнет со Светиот Дух го поледна и рече: „О, ти исполнет со секакво лукавство и злоба, ѓаволски сину, непријателу на секоја праведност, не ќе престанеш ли да ги искривуваш правите Господови патишта. И, еве, сега Господовата рака е врз тебе: ќе бидеш слеп и за некое време не ќе го гледаш сонцето!” И во истиот час врз него се спушти магла и темнина…» (Дела. 13,8-11). Според тоа, јасно е дека окултистите дејствуваат против Бога и не можат ништо, сосема се немоќни против Божјата сила, која во наведениот случај се пројавила во зборовите и верата на св. апостол Павле.

И св. апостол Јован Богослов в своето Откровение ги осудува окултистите како служители на ѓаволот: „Блажени се тие, кои ги пазат Неговите (Божијите) заповеди, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата, вражачите, блудниците, убијците, идолопоклониците…“ (Откр. 22,14-15).

Дека со окултистизмот не може да му се служи на Бога, покажал св. апостол Павле кога не ѝ дозволил на вражарката, која дури и со добри зборови се изразувала за апостолската мисија: „Таа одеше по Павле и по нас, викајќи: ‘Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог, кои ни го навестуваат патот на спасението.’ Тоа го правеше со денови. А кога му здодеа на Павле, се заврти и му рече на духот: ‘Ти заповедам, во името на Исус Христос, да излезеш од неа!’ И излезе во истиот час.“ (Дела 16, 17-18).

Ова се однесува за сите бајачи, гатачи, биоенергетичари кои мислат дека прават добро дело и дека им помагаат на луѓето. Св. апостол Павле во Посланието до Галатијците (5,21) „вражањето“ и целото окултистичко дејствување го става во истиот ред со „блудството, идолопоклонството, раздорите, кривоверството“ и вели дека, „оние, кои прават такви работи, нема да го наследат Божјото Царство.“

Затоа, додека е време, сите што се занимавате со баење, гатање, исцелитество – вразумете се и покајте се. Христовата Црква има можност и сила да ви прости, ако вие искрено се покаете и се откажете од своите демонски занаети. Помнете го ова и искористете ја својата можност за покајание, зашто, кој-знае, можеби утре или дури денес – ќе биде предоцна!

Каноните на христијанската Црква категорично им забрануваат на христијаните да се занимаваат со окултизам. Согласно црковните правила: оукултистите подлежат на истата црковна казна, како и убијците. А зошто тие се изедначуваат со убијците? Зарем тие убиваат луѓе? Всушност, тие прават и полошо: не е страшен оној, што го убива телото, страшен е оној, што ја погубува душата. Оној што го убива телото, не може да ја погуби душата. А окултистите, му ја продаваат свјоата душа на ѓаволот за вечна пропаст. Согласно учењето на Црквата, окултистот остварува контакт со паднатите духови – демони, обидувајќи се со нивна помош да произведе некакво дејство, но всушност, самиот тој станува орудие на ѓаволите. Патем, тие ги упропастуваат и душите на оние кои со нив општат и им се обраќаат за помош.

Ако вие, православни христијани, слушнете дека некакви исцелители се нарекуваат себеси „православни христијани“ и користат православна симболика, знајте дека тоа е ѓаволска измама, избегнувајте ги, а ако веќе сте паднале во нивната мрежа, без одложување оддалечете се од нив и отидете во Црква за Покајание и Исповед.

Често луѓето што одат кај „исцелители“ или кај бајачи, се во недоумица: што лошо може да се направи со православна икона, со молитва од православен Молитвеник? Веројатно – си мислат тие – со божјото име исцелуваат!  Пред сѐ, треба да се знае, дека иконата за нас – не е идол, не се поклонуваме на иконата како предмет, туку се поклонуваме на Бога, а го почитуваме ликот на светиот што е насликан на иконата. Сама по себе иконата не означува дека оној што ја поседува или ја користи е облагодатен или свет. Луѓето кои не го знаат тоа, мислат дека каде што има икона, таму е светоста. Користејќи го тоа незнаење, окултистите ја спроведуваат својата методика за влијание врз човековиот организам. Ѓаволот од почетокот се обидува да ги мами христијаните земајќи изглед на светол ангел.

И луѓето кои во својата наивност и незнаење решиле да се избават од некоја неволја, длабоко пропаѓаат во измамата, не знаејќи што се тоа демонски сили и како да им се спротивстават, станувајќи беспомошна играчка на силите на злото, макар тоа и да не го сфаќаат.

Но, ако веќе сте биле кај бајач, гатач, исцелител или слични окултисти – не очајувајте; искреното покајание на исповед пред свештеник може да ги избрише последиците од тој непромислен чекор. Покајте се дури и одамна ако сте биле кај баби на баење и не кријте го тоа на Исповедта, зашто последиците од таквите „терапии“ можат да бидат заложени во вашата потсвест и како темпирана бомба за долги години да го загрозуваат со таги и болести вашиот живот. Секогаш паметете дека Господ не ја сака смртта на грешникот, туку е милостив кон оние што се покајуваат.

А оние што мислат дека во себе откриле паранормални способности и сметат дека со непознатите „виши сили“ служат на Бога и на луѓето, нека знаат дека не може да се оди во Праославието држејќи го ѓаволот за опашка. Порано или подоцна, таквиот човек ќе осознае од каде ги црпи тие „сили“ и тогаш ќе мора да избере; дали ќе остане на слепата улица на окултизмот и служењето на злото или ќе тргне во спротивна насока – кон Христа, принесувајќи Покајание.

Освен што Црквата се спротивставува на окултизмот во сите видови, во Русија и државата презеде мерки против ширењето на окултните услуги преку јавните медиуми. Имено, за да ги заштитат граѓаните од наметливата реклама на окултистичките измамници и да помогнат во зачувувањето на физичкото и етичкото здравје на граѓаните, пратениците во руската Дума, во 2010 г. усвоија Закон за забрана за рекламирање на самонаречените исцелители, бајачи и сличните на нив, кои ветуваат избавување од секакви болести. (Во Украина таков закон е донесен пред неколку денови, на 4 октомври.)

Господ нека ви помогне да ги распознавате мрежите на лукавиот, да ја распознаете лагата која е маскирана со вистина во случаите кога окултизмот се обидува да се вовлече во Православието и да го поткопа однатре.

Православието нема за цел стекнување на некакви натприродни способности, туку во неговата основа се очистувањето на душата од гревовите преку покајание, со молитва, пост, воздржување, правење на добри дела со љубов кон Бога и кон луѓето, како пат на усовршувањето. Патот на Црквата е пат на избавување од ропството на гревот, а окултизмот нè води на пат без Бога, без вистина и без живот.

One thought on “Маскираната лага на окултизмот

  1. Два примери за навидум православни басми.
    1. Басма: Псалм 50, но на стихот „Жертва Богу дух сокрушен…“ бајачката фрла суво овошје.
    2. Басма: Богородице Дјево, но на “благословен Плод чрева Твојего…“ бајачката плука.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s