Свети Прохорија

Житието на свети Прохор Пчински прераскажано од Марко Цепенков. Приказната за свети Прохорија воглавно е верна на запишаното Житие. Различно е името на мајката на преподобен Прохор, за идниот цар Диоген кој се сретнал со старецот, во житието се вели дека бил ловец, а во приказната е претставен како овчар… Како додаден бајковит елемент, посебно интересен е делот за сонцето што изгреало од запад.

Покрај реката Пчина имат едно село на име Пчина и од селото, можеби, да имат земено име реката Пчина. Над селото горе имат еден чудотворен манастир, кај што је закопан Свети Прохорија од илјада години и горе.

Имало едно овчарче од селото Ерџелиј од Овчеполе (под Штипска каза). Татко му и мајка му на Прохори ги викале Јоан и Марија. Прохорија отишол еднаш во Штип на пазар и, бидејќи бил многу кроток и набожен, влегол в црква да се молит Бога. Во таа недела беше се рекло Евангелието: „Кој што сакат да се спасит, нека кренит крстот на рамо и нека идит по мене“.

Откога го чул Прохори Евангелието, беше му се распалило срцето и прао ти отишол во Пчинската Планина та си влегол во една пештера и таму си постил многу години. Посницата и ден-денеска стоит, одат народ и свеќи палат, земја земаат за лек. Тамо живеал зиме, лете, во најголемите студеи и мразеи без да го знаат луѓе.

Во тоа време умрел некој цар и сакале да клаат друг. Се погодил еден овчар да помини пред посницата од Прохорија и беше му рекол на овчарот:

– Овчарко бре, ај оди во царскио град, кај што ќе одбираат чоек за цар да бидит, да те одберат тебе. Тамо ќе се зберат да го гледаат од едно место сонцето во зората кога ќе болсни, и кој побрго ќе го видит, тој цар ќе бидит. Сите нека гледаат од кај што огреват ти да гледаш от кај што заоѓат.

Го послушал овчарот посникот и отишол, та застанал кај што беа застанале сите и се сврте на зајсонце да го гледат коа ќе огреит сонцето на врвот од една висока планина. Сите што го гледаа завртен на запад, се биеја шега со овчарот: Арно ама сонцето прво на запад огреало, да после излегло за сите да го видат. Свикал овчарот:

– Ене го, ене го, го видов сонцето.

И кога видоа, вистина беше го видел и на часот беа го воцариле него за цар.

Поминаа многу годиње како што му рече коа го натера да бидит цар. Беше му рекол, некоаш да го смисли. Една вечер беше му се сонил Прохорија и беше му рекол:

– Овчаре, честити царе, смисли Бога и за мене, дојди та види ме.

Кога беше го видел тоа на сон, станал утрото и понесол азно, та пошол да го бара Прохорија. Сопрво направил еден манастир во село Нагоричино се со делкани камења и темлото – се од ореоо дрво делкано (копаница). Тој манастир јет и ден денеска. Храмо му је Свети Прохорија.

Тргнал царот да го бара по планиње и дошол кај планината Старец, та нашол еден старец и го прашал срарецот:

– Абре старче, дали си видел некој човек во оваа планина да живеит во некоја пештера.

– Не сум видел чоек честити царе – му рекол старио – туку отспротија во Пчинската планина гледам еден орел од неколку дни кај се виет на онаа пештера, да не нешто имат тамо некој чоек умрен.

Планината Старец е останата да се викат од името на старецот што го нашол царот.

Кога отишол царо тамо, беше го нашол Прохорија умрен и утокмен (преставен) во келијата. Лицето му светело како на ангел и се посветил. Го кренал царо да го носи на манастиро што го напраи кај селото Нагоричани, ама на царо во соно беше му дошол Свети Прохорија и беше му рекол: да не го носит во тој манастир, кај што му го направил, ами да појди на некоја капина и од неа ќе излезел бел зајак, до таа капина олтаро да му го напраит на манастиро  што ќе го напраит, и тука гробот да му го напраит. Видел-невидел царот, напраил друг манастир до капината, и капината јет и ден- денеска спружена над олтаро над кубето.

И храм му се нарекол Света Богоројца, чунки Свети Прохорија немат во календарот празник. На ден Богоројца се собират собор од сите страни; кој за здравје кој од мака за лекуање, чунки кај што јет закопано телото од светијата, имат една дупка од кај што течит миро, и секој чоек, болен или здрав, ќе се миропомаза. На мнозина здравје му се дало од тоа миро.

Ете каква чудесија му се сторила на Димитрија Стефанов (Лисичков). Како што ми прикажуаше тој, на многу години одел на панаѓур на Пчинскио манастир и многу пати му го пеел житието од Свети Прохорија, со рака пишано (Д. Ст. ми каза оти имало многу стари ракописи). И од многуто пати што го пеал, го научил изус та ми го кажа за да го пишам. На Д. Стефанов беше му се ватила десната рака, нито можел да се прекрсти нито ништо не беше можел да стори. До што било екими, се беше обишол и ништо сељамет не беше видел. Мнозина му велеле да одит по баснарки, од ограма да не му је; арно ама тој никако неќел да оди по ѓаола, ами си ошол на реченио манастир и си ја миропомазал раката. За чудо големо, по малу време, кога си тргнал за дома беше му се пуштила раката.

Иконата од светијата јет многу стара и, кај што јет обесена, сама се мавта, најмногу во таа недела кога се велит евангелието „Земи си крсто и ела по мене“, а во друзите дни помалку. Царот што му напраил манастиро и гробо му ја зел тогај глаата од Свети Прохорија и си ја однесол кај себе, да Свети Прохорија сега бил тамо без глаа закопан.

* * *

Историски белешки

Што се однесува до времето во кое живеел свети Прохор Пчињски, речиси сите истражувачи се согласни дека тоа е 11 век, со тоа што некои претпоставуваат дека се родил кон крајот на 10 век, а починал во 11 век. Најголем доказ за ова е спомнувањето на ловецот Диоген, кој подоцна станал цар на Византија. Тоа всушност е царот Роман Четврти Диоген, кој владеел од 1067 до 1071 година. Поради фактот што свети Прохор бил старец за време на нивната средба, тогаш има основа претпоставката според која свети Прохор се родил на крајот од 10 век. Ова значи дека и тој извесно време бил современик и жител на Самуиловото царство.

Познато е дека Самуиловото царство било освоено од Византија во 1018 година. Веќе во 1040 година Македонците кренале востание под раководство на Петар Делјан. Свети Прохор Пчињски бил современик и на овие бурни настани. Историските податоци говорат дека војската на Петар Делјан поминала токму низ крајот каде во тоа време се подвизувал свети Прохор Пчињски.

Поради тоа што ловецот (а подоцна цар) Диоген ловел крај пештерата во која се подвизувал свети Прохор Пчињски, најверојатно дека и самиот имал македонско потекло. И денес е позната пештерата каде тоа се случило. Таа се наоѓа недалеку од црквата “Свети Ѓорѓи” близу селото Старо Нагоричане. Всушност, овде била црквата подигната од царот Роман Четврти Диоген, која подоцна била урната, а на нејзините темели во почетокот на 14 век била подигната нова.

Во 1965 година биле откриени и остатоци од малата црква што царот Роман Четврти Диоген ја подигнал на местото каде ги открил моштите на свети Прохор Пчињски. Оваа црква била откриена на падините на планината Рујан на десниот брег на реката Пчиња.

Историските податоци зборуваат дека Роман Четврти Диоген и навистина на млади години отишол во Цариград каде стапил во воена служба, а на престолот на Византија дошол откако се оженил за царицата Евдокија, која била вдовица на претходниот император Константин Осми Дука. Последните години од својот живот и тој ги поминал како монах.

На крајот да спомнеме дека од времето кога живеел свети Прохор Пчињски зачувани се документи во кои се спомнати Македонците како жители на Македонија. Така, на пример, по пропаста на востанието на Петар Делјан, некои од востаниците избегале на Сицилија. Тамошните хроничари од тоа време, во делото “Барски анали”, го овековечиле нивното доаѓање со следните зборови: “Од таму пристигнаа несреќните Македонци…”

Преземено од Лоза

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s