Проповед на Преполовение и св. великомаченик Георгиј Победоносец

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух – Троица света, едносуштна, животворна и неразделна – еден Бог.

Денешниот празник Преполовение го славиме на средината меѓу Велигден и Духовден, т.е. на 25-от ден по Велигден. Оваа година Преполовение се совпаѓа со празникот на св. вмч. Георгиј.

Црквата го именувала празникот  Преполовение според настанот кој е опишан во Светото Евангелие – кога Господ Исус Христос, во третата година од Својата Евангелска мисија, на средината на Старозаветниот празник Сеници т.е. како што запишал св. апостој Јован Богослов: „кога се преполови празникот, влезе Исус во Храмот и поучуваше…“ (Јован, 7, 14-36). Празникот Сеници (или Шатори) се славел осум денови, а она што посебно го поврзува овој старозаветен празник со денешниот христијански празник Преполовение е прославувањето на осмиот ден, кое се состоело од чинот на свечено изливање, истурање вода на жртвеникот во храмот. Тоа водоизливање всушност било предзнак на изливањето на Светиот Дух, за кое Господ им кажувал на Евреите токму на последниот голем ден од празникот Сеници, кога ги поучувал во Храмот, велејќи: „Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено, ќе потечат реки од жива вода. А ова го рече за Духот Кого ќе Го примат оние кои веруваат во Него.“ (Јован, 7, 38-39).

Значи, кога се преполовил празникот Сеници, Господ влегол во Ерусалимскиот Храм и почнал да им говори на Евреите. А, што притоа им зборувал на луѓето Исус Христос? Во голема мера, она што тој го говорел тогаш било тесно поврзано со настанот кога кај бањата Витезда чудесно го излекувал раслабениот, а Евреите исполнети со омраза и завист Го осудувале дека ја нарушува Саботата, а со тоа и Законот, бидејќи тоа добро дело го извршил во сабота – која во Стариот Завет била празник, ден за одмор. Господ Исус Христос мудро им докажувал, потпирајќи се токму на Законот, дека неправедно го осудуваат и ги укорувал за нивното неверување и лицемерие и ги повикувал сите: да пријдат и да нацрпат вода на бесмртност. Да му пријдат со вера и преку верување во него како во Месијата кого го очекувале, а не го препознале, преку верување во него како во Син Божји, да добијат бесмртен живот. Слично како што пееме додека се причестуваме: „Телото Христово примете го, од бесмртниот Извор вкусете, вкусете и видете дека е добар Господ.“

Браќа и сестри во Христа Бога, на светата Литургија, причестувајќи се со Светите Христови Таинства, го добиваме тој дар на бесмртност и никаде на друго место. Се причестуваме со Телото и Крвта Христови целосно доверувајќи го нашиот живот на Бога и не очекуваме помош од други лажни исцелители, гатачи или бајачи, зашто светлината нема ништо заедничко со темнината. Токму во тоа се состои повикот Господов: „Кој е жеден, нека дојде кај мене да пие.“

Во денешната Богослужба може да се забележат многу делови каде што се спомнува исцелувањето на раслабениот и Господовото обраќање кон лицемерните и тврди по срце Евреи, кои не размислувале за она што Господ го кажувал и правел, туку само за тоа како да го фатат и да го убијат.

Човек со скаменето срце и обземен од заблудата на многубоштвото бил и римскиот император Диоклецијан.  Тој владеел од 284 до 305 година и бил голем приврзаник на древната римска религија. Трошел огромни суми пари за градење на пагански храмови. Тој ги  обвинувал христијанските свештеници за правење магии, со кои, како што мислел тој, тие му ги упропастувале сите негови работи. На 23 февруари 303 г. императорот го издал првиот едикт против христиајаните: „да се уриваат црквите до темел, да се палат светите книги и на христијаните да им се одземаат почесните должности.“

Наскорo потоа императорскиот дворец во Никомидија бил двапати зафатен од пожар. За пожарите неосновано биле обвините христијаните. Започнало најголемиот прогон во историјата на Христијанството. Диоклецијан замавнал со својот меч кон праведните Божји лујѓе. Први жртви станале христијаните кои служеле во императорската армија.

Токму во тоа време, како сјајна ѕвезда се појавил прекрасниот Христов воин Георгиј. Великомаченикот и исповедник Христов свети Георгиј се родил во Каппадокија, Мала Азија, не подоцна од 276 г., во семејство на богати и благочестиви родители, кои го воспитале во христијанската вера.

Георгиј добил одлично образование, а бил надарен и со телесна сила, убавина и храброст. Затоа уште на млада возраст стапил во воена служба. Како војник бргу напредувал и на 20-годишна возраст го добил чинот трибун. За време на војната на Римјаните со Персијците (296-297 г.), Георгиј покажал голема храброст и добил чин и положба на близок придружник на императорот.

Брзото напредување во воената кариера не го поматила христијанското сознание на Георгиј. Слушајќи за страшната пресуда за убивање на христијаните, во него се разгорело состраданието кон своите браќа по вера и тој јавно проговорил против тоа беззаконие: „Вие сте во заблуда поклонувајќи се на идоли. Вистинскиот Бог е Исус Христос, кого вие го гоините. Јас сум слуга на Христос и дојдов да сведочам за вистината.“

Браќа и сестри христијани, на празникот на свети Георгиј да се потсетиме дека нема ништо поважно во овој живот од тоа да бидеме достојни за името „христијанин“ и дека нашата вечност зависи од тоа дали ќе останеме верни на Христа.  Св. Георгиј како момче надарено со ум, сила и убавина, пред себе ги имал сите сите соблазни на своето време. Но, тој го направил својот избор и останал неколеблив во љубовта кон Христа.

Георгиј знаел што мора да поднесе за неговиот избор и затоа им раздал на сиромашните сè што имал: злато, сребро, скапоцени облеки, ги ослободил своите слуги од своите имоти, го надминал човечкиот страв, “ги препојасал своите бедра со вистината, го облекол оклопот на правдата, го ставил шлемот на спасението, го зел штитот на верата, го кренал духовниот меч кој е Словото  Божјо“ (Еф. 6:14-17) и стапил во борба со императорот Диоклецијан. Тоа било борба на христијанско сведоштво и трпение против незнабожечка омраза кон вистината и немоќна демонска дрскост.

Величината на подвигот и мачеништвото на св. Георгиј се состои во тоа што избрал да страда заради Христа, а не се покорил на царевата закана со смртна казна, ако не се поклони на идолите. Страдалникот Георгиј го исповедал Христа, кога темнината на  безумното идолопоклонство се разлила по сета вселена и трпеливо поднел страшни мачења. Од таа борба со злото тој излегол како победник над непријателот на човечкиот род, заради што Црквата го нарекува Победоносец.

На милосрдниот и човекољубив Бог, за наша полза, поука и спасение, му било угодно да го возвеличи името на Георгиј Победоносец со необични чуда и знаменија, кои светиот великомаченик ги извршил по неговото свето мачеништво. Свети Георгиј до денес е силен заштитник и брз застапник за сите што со вера во Бога го повикуваат и очекуваат помош од него.

Славејќи го споменот на свети Георгиј, да го паметиме неговото бескомпромисно стоење во Вистината и да не ја мешаме древната старословенска заблуда на нашите некрстени предци со светата православна вера. Имено, денешниот празник Преполовение многу луѓе го нарекуваат Руса среда. Руса среда или Русална среда било празнување од старата словенска религија. Русалки се митолошки суштества, некој вид самовили, водни нимфи…. Руса среда до денес се провлекува како остаток од старословенската религија, од времето кога Словените го примиле Христијанството, но христијанската вера и христијанските празници сеуште ги мешале со паганските суеверија.

Потсетувајќи се на Господовите зборови за изливањето на Светиот Дух врз верните, и навестувајќи ја средбата на Исус со Самарјанката што ќе се прославува наредната Недела, денес, во денот Преполовение, Му принесуваме молитви на Господа да ги напои нашите жедни души со водата на благочестието, како што возгласил, велејќи: „кој е жеден, нека дојде кај Мене и нека пие“ (Јн, 7, 37). Амин.

Поповедта е прочитана на Света Литургија во храмот Свети Николај, во Куманово, на 6 мај 2015 г. 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s