Почитувани господа пратеници, господа градоначалници, Ваши екселенции амбасадори, почитуван имам Орхан Рамадани – драго ми е што ве запознав, браќа и сестри,
Добра вечер!
Денес сме собрани овде во име на взаемната почит, а за нашето присуство на вечерашниот Ифтар, како претставник на Кумановско-осоговската епархија на Мaкедонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, им благодарам на Исламскиот Младински Форум за поканата и наедно ја пренесувам поддршката од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф за оваа манифестација од миротворен карактер.
Во интерес на нашиот соживот и на нашето практикување заеднички вредности, сметаме дека принципиелно е важен искрениот пристап во дефинирањето на разликите меѓу нас. Христијанството и Исламот се различни религии и ние не споделуваме вера во ист Бог. Но, ние христијаните и вие муслиманите и воопшто сите луѓе, имаме заеднички корен и потекло од Адам или Адем – Абу Ал Башар – таткото на човештвото.
Истражувајќи какво е гледиштето на Исламот за првиот човек, во втората Сура на Куранот прочитав дека при создавањето на човекот, Ангелите го прашале Творецот:
„Зарем намесник ќе ти биде оној што ќе прави неред на земјата и ќе пролева крв?“ А тој им рече: Јас го знам она што вие не го знаете.“
Одговорот што го добиле Ангелите е навистина богодоличен. Во својата сезнајност Бог знаел сè што ќе се случи откако тој ќе го створи човекот, но сепак, тоа не ја запрело неговата намера и тоа не ја сменило неговата љубов кон луѓето.
Со тоа што Бог нè вовел од непостоење во постоење, тој ја искажал својата вера во човекот и од нас очекува таа доверба да ја оправдаме пред сите што се сомневаат во Божјата цел на создавањето на човекот и пред оние што не веруваат дека човекот може да биде добар божји намесник на земјата.
Можеби е необично тврдењето дека Бог верува човекот, но тоа само значи дека ние немаме право да живееме без одговорност во однос на другиот, во однос на ближниот, независно кој е тој. Според тоа, ако нашиот живот е управуван од љубовта кон ближниот, ние можеме да стигнеме и до љубов кон својот народ, но ако тргнуваме од декларирање љубов кон својот народ, тоа не е гаранција дека би имале и реална љубов кон својот ближен.
Значи, ако Бог може да верува во нас, тогаш ние, не само што имаме право, туку имаме и должност да веруваме во себе и да веруваме еден во друг, бидејќи она што се однесува на еден човек, се однесува на сите нас заедно и посебно.
Еден наш свет човек вели, дека човештвото е дрво чиј корен е Адам, а сите други луѓе се гранки на тоа дрво. Ние сме убедени дека само таква, органска теорија за човештвото и за однесувањето кон ближниот како кон себе, може да обезбедува одржлив развој во градење заедничката сегашност и иднина. Затоа и го молиме Триедниот Бог да ги упати нашите стапки по патот на мирот. Амин.
04 јули 2015 г. Градски Плоштад, Куманово.