Беседа на празникот Преображение Господово

s-l-fВо последната година од својата спасителна мисија, додека се наоѓал во областа Кесарија Филипова, Господ Исус Христос во пресрет на страдањата кои наближувале почнал да им открива на своите ученици дека „мора да оди во Ерусалим и многу да пострада од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен и на третиот ден да воскресне“ (Мт. 16:21). Зборовите на Учителот длабоко ги растажиле апостолите, особено Петар кој почнал да го одвраќа Спасителот, велејќи му: „Биди милостив кон себе, Господи! Тоа со тебе нема да се случи!“ (Мт. 16:22).

Гледајќи ја тагата на учениците, Исус Христос посакал да ги охрабри и да ја зацврсти нивната вера. Тој ветил дека некои од нив „нема да вкусат смрт пред да го видат Синот Човечки како доаѓа Неговото царство“ (Мт. 16:28)

Поминало околу недела време откако Исус Христос им зборувал на учениците за големата тајна на искупителниот подвиг што му претстоел да го изврши. Казната со распнување што требало да ја поднесе била не само страшна, туку и понижувачка, зашто на крст ги распнувале најопасните престапници и робови.

Спасителот ги подготвувал апостолите да не бидат малодушни кога ќе ги видат неговите страданија на крст и да не паднат во очајание кога тој ќе биде убиен. Тој ги повел со себе тројцата возљубени ученици: Петар, Јаков и Јоан –  и се искачил со нив на ридот Тавор, за тие да ја видат Божествената слава на  својот Учител.

Откако се искачиле на врвот на гората, Христос почнал да се моли. Изморени од качувањето, учениците заспале. А, кога се разбудиле, го виделе Исус преобразен. Неговото лице светело како сонце, а облеката станала бела како снег.

Во тоа време пред преобразениот Господ застанале во небесна слава двајца старозаветни пророци: Моисеј и Илија. Нивното појавување сведочело за месијанското достоинство на Христос, зашто Синот Божји е „исполнување на законот (што му бил даден на Мојсеј) и на пророците.“ Моисеј и Илија се поклониле пред Исус и разговарале со него за страдањата и смртта на крст кои му претстоеле да ги претрпи во Ерусалим.

Видението на Божествената слава на Спасителот ги исполнило срцата на апостолите со необична радост. А, кога пророците, Христовите соговорници, почнале да заминуваат од него, Петар извикал: „Господи! Добро ни е да бидеме овде; ако сакаш, да направиме три шатори: за Тебе еден и за Мојсеј еден и еден за Илија“ (Мт. 17:4).

Овој радосен восклик на ап. Петар, ап Лука во Евангелието го дообјаснува и во продолжение на тие зборови додава – „не знаејќи што зборува.“ Тоа секако не значи дека апостол Петар, осветлен од божествената светлина, зборува некакво безумство, туку тој не знае дека таа состојба во која учествувал неколку минути не може да остане трајно и бекрајно на земјата, зашто Синот Човечки сè уште не бил прославен, зашто Синот Човечки сè уште не бил распнат, погребен, воскреснат и вознесен. Зашто; Господ Исус Христос повторно ќе дојде во слава и дури тогаш Неговото Царство не ќе има крај и дури тогаш ќе биде исполнета желбата на апостолот Петар и на сите верни – засекогаш да престојуваат во близина на Господа, засекогаш да се вселат во „мирот, правдата и радоста во Светиот Дух“ – како што св. ап. Павле го опишува Царството Небесно, велејќи: „Зашто Царството Небесно не е ни јадење и ни пиење, туку  мир, правда и радост во Светиот Дух“ (Рим. 14:17).

Апостолите биле восхитени од гледањето на Божествената слава на Својот Учител. Тие доживеале неспоредлива радост, заради што апостол Петар барал да го продолжат тој свештен миг — да останат на Тавор, на таа Ветена земја, и вечно да ја гледаат Божествената слава. Токму тоа престојување со Бога и покрај Исуса го бараме и ние, кога собрани на Света Литургија, слично на апостол Петар, преку устата на свештеникот извикуваме, благодариме и се молиме; Господ да нè удостои да се причестуваме со Него и да се соединуваме со Него уште поприсно, поблиску, поинтензивно, во бескрајниот Ден на Неговото Царство.

Додека Петар сè уште говорел, ги засенил светол облак. Тогаш тие го слушнале од облакот гласот на Бог Отецот: „Овој е мојот возљубен син, во кого е моето благоволение; него слушајте го“ (Мт. 17:5).

Учениците во страв паднале на земја. Кога исчезнал облакот, Исус, пристапувајќи, ги допрел и им рекол: „Станете и не плашете се“ (Мт. 17:7). Неговото лице и облеката веќе не светеле со чудесната светлина, но апостолите знаеле дека  пред нив стои, не обичен човек, туку воплотениот Божји Син.

Некогаш во древноста семоќниот Господ слегувал на гората Синај во страшни громови, во темнина и бури. Сега пак, од јасно небо слегол светол облак и било покажано благоволението на Отецот кон возљубениот Син. На луѓето не им биле дадени нови заповеди. Но, Бог Отецот ни покажал дека спасението на човекот се состои во послушноста кон Синот Божји Исус Христос.

Зависно од тоа колку ќе успеваме во извршувањето на правдата, во исполнувањето на Божјите заповеди, зависно од тоа,  колку ќе се празниме од себеси, толку повеќе ќе се исполнуваме со таворската, несоздадена светлина. Да забележиме дека во празничниот тропар пееме: „Се преобрази на гората, Христе Боже, покажувајќи им ја на твоите ученици твојата слава колку што можеа…“ Имено, онолку колку што можеле, колку што имале капацитет да ја примаат и да ја сместат во себе Божјата слава, благодат, светлина, токму толку и Господ им открил на Петар, Јаков и Јован. Во тоа се состои богоподобието; дека секој од нас учествува во радоста на Господа онолку колку што е подготвен, онолку колку што може и колку што се оспособил, колку што се уподобил на Господа. Нашето уподобување на Бога е процес во кој преку стекнувањето на добретели се осветуваме и се просветуваме, примаме светост и светлина од невечерната Христова Светлина.

На денешниот празник да се потсетиме, браќа и сестри во Христа Бога, дека нашиот христијански живот не се состои во правење добри дела за собирање на поени за влез во Царството Небесно, туку ако правиме нешто добро, тоа го правиме за да се ослободуваме од нашиот егоизам, трошејќи се од љубов заради ближните, а за да направиме во нас погодно место за примање и сместување на божјата благодат и светлина, мир и радост… А ќе можеме да примиме од Божјите благодетелства онолку, колку што ќе се уподобиме на Господа Исуса Христа. Ќе можеме да примиме од Бога толку, колку што ќе дадеме од себе.

Таворската светлина нека ни помага и нека ни го осветлува животниот пат, а преку нас несоздадената светлина нека засветли пред луѓето, та откако ќе ги видат добрите дела на христијаните, сите да го прослават нашиот Отец небесен. Амин.

Беседата е прочитана на празникот Преображение Господово, во соборниот храм Свети Никола, во Куманово. 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s