Беседа на Воведение. За христијанското воспитание.

vvedenie_vo_hram_presvyatoy_bogorodicy_01.jpg

Денес го празнуваме Воведувањето на Пресвета Богородица во храмот, денот кој во животот на Богомајката бил предзнак за тоа, дека Пресвета Дева ќе биде поставена повисоко, не само од светите луѓе, туку и од ангелите, од Херувимите и Серафимите.

Родителите на Дева Марија, праведните Јоаким и Ана, молејќи се за разрешување од неплодноста, дале ветување, дека – ако им се роди дете – ќе го посветат на служење на Бога.

Кога Пресвета Дева наполнила три години, светите родители го исполниле своето ветување и ја одвеле во Ерусалимскиот храм. Таму првосвештеникот, по вдахновение од горе, ја вовел Пресвета Дева во Светињата на светињите. Светињата на светињите било место во храмот каде што еднаш годишно смеел да влезе само првосвештеникот за да принесе очистителна жртва. Воведувањето на девојчето Марија во најсветото место од храмот, било исклучителен настан, по Божја промисла и по посебно вдахновение на првосвештеникот, кој инаку не би се дрзнал таму да воведе никој друг.

Во времето на престојот на Пречиста Дева во Ерусалимскиот храм, пред да му биде доверена на Јосиф, таа се воспитувала во друштво на благочестиви девојки, го читала Светото Писмо, се занимавала со ракоделие, постојано се молела и возрастувала во љубовта кон Бога.

Децата се најчисти садови на божјата благодат. Токму детето повеќе му припаѓа на Бога, отколку на таткото или на мајката. На иконата на Богородица Исус е насликан како седи во нејзината прегратка, но таа само го придржува, но не го притиска до себе или за себе. Децата ни се доверени од Бога и ние сме должни најодговорно да се однесуваме кон нивниот развој.

Уметноста на учествувањето во развојот на богодадените способности на детето во словенските јазици се нарекува воспитание. Важно е да се знае суштинското значење на овој збор воспитание. Воспитати, во словенскиот јазик значи; да нахраниш некого. И кога децата се присутни на Света Литургија, тие се хранат со литургискиот дух на богослужбата и црковниот амбиент, иако не го разбираат значењето на зборовите и песните. Тоа е најважната храна што детето може да ја вкуси во неговото детство. Вкусот на побожноста што сме го добиле во раното детство може да биде пресуден кога во младоста момчето//девојката ќе биде искушувано//а од најразлични соблазни. Затоа, да знаеме дека им предаваме непроценливо драгоцено наследство на своите деца, кога ги донесуваме на Света Литургија и ги причестуваме со Светите Христови Тајни.

Покрај литургискиот дух во воспитанието, клучен фактор во воспитанието на детето е доследноста во побожноста на родителите, како во храмот така и во домот. Животот на христијанинот е една продолжена Литургија. Христијанинот не може да биде повремено христијанин или христијанин по потреба. Кога свештеникот на крајот на богослужбата вели: „со мир да излеземе“ тоа значи, дома да го однесеме мирот и љубовта што ги стекнуваме во заедничката црковна богослужба. Многу вистина има во изреката дека децата се огледало на родителите. Во децата ќе се огледува секоја наша непринципиелност и дволичност и тогаш залудни ќе бидат и најубавите зборови и побожни поуки. Сите напори во воспитанието паѓаат во вода, ако детето живее во едно семејство со два различни системи на вредности. Христијанското образование на децата најдобро се остварува со личниот пример и со атмосферата на љубов и молитва во домот.

Децата се дар од Бога и ние родителите мора да стекнуваме Божја љубов за да им дадеме правилно и боголико воспитание на децата. А, христијанска љубов не постои без откажување од сопствената удобност и себичност. Љубовта е солта на воспитанието и строгото „следење“ и санкционирање на секоја постапка на детето не може да биде замена за макотрпниот процес на родителската педагогија (буквално преведно = детеводење). Најлесно е да се контролира животот на детето, но тоа е и најштетно. Детето ќе се почувствува потценето и ќе одговори диво и бунтовно.

Наспроти нашите христијански напори детето да го воспитуваме и обликуваме како божји образ, браќа и сестри во Христа Бога, мора да бидеме свесни дека светот од различни страни се обидува да го преобликува детето според некои изопачени модели на безразличност кон доброто и злото. Да ги воспитуваме со љубов нашите деца и да бидеме внимателни за да можеме навремено да ги заштитиме од сè посилните бранови од медиумска пропаганда на подмолно зло.

Да ги воспитуваме децата неприсилно, значи да поминуваме колку можеме повеќе време крај нив и да им овозможиме да гледаат како живееме. Зашто, никакви воспитни методи нема да го надополнат она што не можеме пред нив да го посведочиме со нашиот живот и со нашата вера.

Денешниот празник Воведение на Пресвета Дева во храмот, браќа и сестри, многу осетно е проникнат со Рождеството Христово. Денес, во овие божикни пости, прв пат се пее: Христос се раѓа – славете… Црквата нè потсетува дека ова е време во кое се подготвуваме за достојно да го пречекаме Рождеството во тело на Синот Божји.

Пречистата и Пресветата, нека го моли својот Син и Бог наш, кого по тело го роди, да нè избави од секакви искушенија и од ѓаволските мрежи. Зашто, Ти, неискусобрачна Дево, си најчист храм на Божеството и во Божјиот храм влезе и на сите што те воспеваат мир им даваш. Амин.

Беседата е прочитана на Света Литургија во храмот Света Троица, во Куманово.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s