Свештеномаченик Јосиф Дамаскин (†1860)

 

sv. josif damaskin.jpgВо неговиот земски живот свештеномаченикот Јосиф († 1860; спомен на 10 јули н. ст.) го нарекувале отец Јосиф Мухан ал-Хаддад; тој бил син на Георгиј Мојсеј, внук на Мухана ал-Хаддад. Тој сакал да се претставува како човек со бејрутски корени, чија татковина е Дамаск, а вера — Православието. Неговиот татко го напуштил Бејрут во последната четвртина од ХVIII век и се населил во Дамаск, каде се занимавал со ткаење, се оженил и имал три синови: Мојсеј, Авраам и Јосиф. Семејството потекнувало од Хасанидите; предците на татко му на Јосиф во XVI век се преселиле во либанското село Ал-Фирзул, а оттаму — во Бискинт во Горен Либан, а потоа во Бејрут.

Според зборовите на биографите, отец Јосиф бил со среден раст, со светло благородно лице, високо чело, прониклив поглед и густа брада.

Раѓање и младост

Се родил во мај 1793 година во сиромашно, но благочестиво семејство. На рана возраст тој добил некакво образование, т.е. се запознал со арапското писмо и делумно со грчкиот јазик. Таткото на Јосиф, бидејќи не можел веќе да го плаќа неговото школување, решил наместо тоа, на синот да му најде работа со свила. Но сиромаштијата не ја загушила во Јосиф жедта за знаење, и тој нашол излез од таа состојба: работел по цел ден, а во ноќите самостојно учел. Веројатно, примерот на неговиот постар брат Мојсеј, човек начитан и одличен познавач на арапскиот јазик, ја поттикнувал во Јосиф желбата за учење. Мојсеј имал мала домашна библиотека, со чии книги сакал да се запознае и Јосиф; за жал, на 25-годишна возраст Мојсеј го напуштил овој свет; се зборувало дека тој умрел од пренапорно учење. Тоа сурово искушение ги терало родителите на Јосиф да се однесуваат сомничаво кон неговото читање. Жедта за знаење, сепак, продолжувала да живее во срцето на Јосиф.

14-годишното момче се зафатило со читање на книгите на братот, но бил разочаран од тоа што малку разбирал од прочитаното. Сепак, тоа само ја разгорело неговата решителност. Тој си рекол: «Зарем авторите на овие книги не се луѓе како мене, па зошто јас да не можам да ги разберам? Морам да ја разберам нивната смисла”.

Потоа тој учел кај дамаскиецот старешина-муслиман Мухаммад ал-Аттара, еден од најучените луѓе на своето време; свети Јосиф со негова помош го изучил арапскиот јазик, логиката, уметноста на полемизирањето и правилата на аргументација. Сепак Јосиф морал повторно да прекине со школувањето, бидејќи за татко му бил голем трошокот од плаќањето на часовите и книгите, така што момчето било принудено да се врати на поранешниот живот: работа преку денот и самообразование во ноќите.

Треба да се забележи дека школското образование тогаш било директно поврзано со верата и богословието. Не смееме да заборавиме ниту дека Библија секогаш била најважниот учебник. Јосиф ги посветувал сите вечери на проучување на Стариот и Новиот Завет, споредувајќи го грчкиот текст на Септуагинтата со арапскиот превод сè дотогаш, додека не достигнал совершенство во преводот од грчкиот. Тој се занимавал не само со грчкиот јазик, тука наизуст знаел голем дел од Библијата. Ја користел секоја можност за да добие колку што може повеќе знаења. Јосиф ја изучувал теологијата и историјата под раководство на Георгиј Шахадех Сабах. Потоа тој почнал да предава надвор од домот, и го научил иврит (староеврејскиот јазик) од некој свој еврејски студент.

Тие напорни занимања пробудиле страв кај родителите, и тие се обиделе да го одвратат свети Јосиф од понатамошно учење и предавање, стравувајќи да не го постигне судбината на брат му. Не успевајќи во убедувањето, тие донеле друго решение: го ожениле со девојка од Дамаск, по име Марјам ал-Курши, кога имал 19 години (во 1812 г.). Бракот, сепак, не го одвлекол од потрагата по знаења; во неговата биографија се раскажува дека, дури и во ноќта на својата свадба тој продолжил да чита и да учи.

Отец Јосиф како свештеник

Кога слушнале за добрата репутација на Јосиф, црковната парохија на Дамаск се обратила до патријархот Серафим (1813−1823) со молба да го ракоположат Јосиф за свештеник. Патријархот го ракоположил за ѓакон, а потоа и за свештеник во текот на една недела — тогаш свети Јосиф имал само 24 години (тоа се случило во 1817 г.). Следниот патријарх, Методиј (1824−1850), кога дознал за благочестието, ученоста и храброста на Јосиф, го удостоил со чинот протоереј и му ја дал титулата велик економ. Во текот на многу години со особена ревност проповедал свети Јосиф од амвонот на Патријаршискиот храм (ал-Марјамејх), и постигнал многу со тоа, така што некои го споредувале со св. Јован Златоуст.

При крајот на XIX в., 39 години по преставувањето на маченикот, Амин Каирала напишал во својата книга: «Благомирисот од неговите проповеди до сега го паметат постарите луѓе». Одзвук од тие проповеди бил и записот што го направил во почетокот на ХХ век Хабиб ал-Зајјат, мелхитски писател, за тоа дека свети Јосиф бил славен меѓу православните арапи со неговите знаења и проповеди.

Неговите проповеди лесно се распознаваат по убедливите докази и несоборливи аргументи. Според зборовите на Иса Искандера ал-Малуф, свети Јосиф имал тивок глас, кој, сепак се слушал и надалеку. Луѓето го слушале со радост и се стремеле да ги следат неговите совети и да ги чуваат неговите завети.

Исто така, бил грижлив и во утешувањето луѓе во неволја, во помагањето на сиромашни, во поткрепувањето на слаби. Во 1848 г., кога во Дамаск дивеела жолта треска, отец Јосиф посетувал болни и ги погребувал умрените, не плашејќи се дека може да се зарази, зашто неговата вера била длабока и силна. Таа болест му одзела еден син, но тој продолжил со иста самопожртвуваност да ги исполнува пастирските обврски. Тој имал голема почит меѓу граѓаните на Дамаск, кои во него гледале пример на св. Павле, кој рекол: «Во сè сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж; нè гонат, но не сме изоставени; нè кутнуваат, но ние не загинуваме. И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господа Исуса, така што и животот Исусов да се открие во телото наше.» (2 Кор. 4: 8−10).

Тој вложил голем напор за луѓето да отфрлат многу неправославни традиции при венчавки, свадби, погреби. Тој бил умешен не само во духовното градење, туку и во градењето цркви. Во 1845 г. тој ја востановил црквата на св. Николај, која е покрај Патријаршиската црква, а била целосно опожарена за време на страшните настани од 1860 г.

Патријаршиска школа

Денес веќе не може точно да се утврди кој ја уредил Патријаршиската школа во Дамаск, ниту кога била основана. Сите знаат дека во XIX век школата цврсто се поврзувала со името на отец Јосиф, така што и била попозната како негова школа.

Кога бил поставен за управител на школата во 1836 г., отец Јосиф ги обединил нејзините ученици со своите студенти . Тој не жалел сили за нејзиниот развој. Бил организиран училишен совет; за учителите била определена редовна плата. Сето тоа придонело во школата да почнат да се запишуваат студенти од цела Сирија и Либан.

Отец Јосиф се грижел за просветата на умовите на православната младина, а исто така и добро «да ги подготви за свештенство и да ги научи да бидат полезни за паствата». Образованието се финансирало од верниците и од Патријаршијата.

Тој се стремел да го зголеми интересот за богословието. Во 1852 г., за време на Антиохискиот патријарх Јеротеј (1850−1885), отец Јосиф се заложил да биде отворен факултет за богословски истражувања, стремејќи се да го подигне до нивото на другите богословски школи на православниот свет . Таму биле запишани 12 студенти, и сите тие подоцна станале епископи. Маченичкиот крај на отец Јосиф во 1860 г. не дозволил да се оствари неговата замисла за утврдување на факултетот на цврсти основи.

Тој успевал своите ученици да ги вдахнови со духот на мирот и увереноста во доброто, кој е толку својствен за светите луѓе, и тој благочестив дух се распространувал, како по низа, од неговите студенти и дипломци до сите нивни познаници, колеги и пријатели. Така неговата ученост се ширела сè подалеку, а неговото образование принесувало добри плодови.

Познато е дека отец Јосиф еден период; 1833-1840 г. — предавал и во богословската школа на Баламанд.

Личноста на светиот

Една од главните црти на личноста на овој пастир и учител било безсребреништвото (нестекнување приход). Во некои извори се кажува дека не добивал приход од Црквата. Според зборовите на некој руски ученик, свети Јосиф немал приход од предавањето во школата, а живеел од трудот на своите деца. Парите никогаш не го интересирале.

Благодарение на својата безпрекорна репутација, отец Јосиф бил повикан од Кирил II, патријарх Ерусалимски (1845−1872), во ерусалимската црковна школа (ал-Мусалабе) да предава арапски јазик. Тој не прифатил, иако патријархот му предлагал привлечен приход — 25 фунти стерлинзи- плус сместувалиште и свештенички приход. Тој рекол: «Јас бев повикан да служам во Дамаск; Оној што ме повикал за тоа, ќе ме насити».

Тој бил вистински верник, искрен во својата вера, необично трпелив, праведен, кроток, тивок, скромен, сострадателен и дружељубив; не сакал да зборува за себе и се збунувал кога слушал пофалби од другите, не знаејќи како да одговори на нив. Тој бил мудар и трпелив во своето пастирствување; спорејќи со научници, тој говорел на нивниот јазик, а убедувајќи обични луѓе — на нивниот. Кога неколку луѓе заради простодушност ја напуштиле Црквата за незначителна причина, патријархот Методиј го замолил да ги врати. Свети Јосиф отишол кај нив без да покаже незадоволство од нивната постапка, туку бил добар со нив, им однел иконки, а тие се покајале и се вратиле во Црквата, зашто тој ги трогнал нивните срца.

Како научник, тој бил како професор меѓу учители, ѕвезда од Исток, трудбеник-интелектуалец. И денес дури и многумина неправославни го сметаат за еден од големите христијански научници на своето време. «Во Православната Црква бил многу забележителна личност; други како него немало, освен Георгиј Лиан».

Црквата во него почитува голем богослов, тој е гордост на Православието, свештеномаченик и пример за праведност и благочестие. Ете каков бил протоереј Јосиф Дамаскин, еден од Божјите луѓе.

Библиотеката и трудовите на отец Јосиф

Немаме податоци за тоа, колку голема била библиотеката на отец Јосиф, бидејќи таа била уништена или изгорела или била разграбена за време на немирите во 1860 г., кога тој примил маченички венец. Неговиот внук Јосиф Абрахам ал-Хаддад велел дека во 1840 г. отец Јосиф имал околу 1827 (или, 2827) книги.

Трудовите од отец Јосиф не се многубројни: тој ги проверувал со грчкиот оригинал: Псалтирот, Часословот, Требникот и Посланијата од апостолите. На арапски ги превел «Катехизис» од св. Филарет, митрополит Московски. При копирањето на ракописите тој имал обичај да ги споредува со други и да ги поправа; неговите верзии биле доверливи, како «нефалсификувани сребрени монети». Тој го редактирал преводот на «Беседи на книгата Битие» од св. Василиј, од преведувачот ѓакон Абдалла ал-Фадел ал-Антаки, а исто така 30 проповеди од св. Григориј Богослов. Вообичаено тој го завршувал ракописот со зборовите: «Оваа книга е копирана од древен ракопис и сосема е соодветна на него» — и ставал свој печат. Сите православни печатници, како на пр. Свети Георгиј во Бејрут, Гробот Господов во Ерусалим, арапските печатници во Русија, се потпирале на отец Јосиф во редактирањето, споредувањето и толкувањето на книгите. Во богословието, литературата и хуманитарните науки неговиот печат станал печат на доверба. Во преводите од грчки на арапски јазик и од англиски на грчки му помагал Јани Пападопулос. Отец Јосиф има голем допринос во редактирањето на арапскиот превод на Библијата, издаден во Лондон. Сите белешки, подготвени од Фарес ал-Шидиак и Ли, отец Јосиф ги поправил, откако ги споредил со нивните грчки и еврејски текстови.

Неговиот придонес во литературата — се доверливост (надежность) и точност, зашто тој секогаш се борел со печатните грешки. Негови лични трудови не ни се познати, освен неколку статии. Изгледа тој се сметал себеси недостоен да стои во ист ред со великите отци на Црквата и затоа се ограничил на преводи, редактирање и претставување на нивните трудови пред верниците во вид на чисто, неискривено и безпрекорно наследство.

Отец Јосиф и мелхитите

Во времето кога живеел отец Јосиф, проблемот на борбата со мелхитите, кои од неодамна  биле заминати од Православната Црква, бил најкомплициран за сите верни на Православието. Во тоа време сите напори биле насочени кон тоа, расколниците да се вратат во Црквата. Тој проблем некои го решавале по политички пат и административен притисок, други пак — по пат на постигнување взаемна согласност. Отец Јосиф припаѓал во вторите.

Тој го мразел насилството и не помислувал да се обрати со жалби до раководството на Османската империја и со нивна помош да ги потисне мелхитите. Тоа е непродуктивен метод; тој само ќе го продлабочи раздорот.

Тешко е да се зборува за продуктивноста на методот до кој се придржувал отец Јосиф, но настаните од 1857 и следните години сведочат дека неговото гледиште било поправилно. Во годината кога патријархот на мелхитите Климент го утврдил григоријанскиот календар за својата Црква, многумина се побуниле и решиле да се вратат кај својата мајка-Црква. Група верници, раководена од Шибли ал-Демашки: Георгиј Анжури, Јосиф Фураиг, Мојсеј ал-Бари, Саркис Дибане и Петар ал-Џахел — се обратиле за помош до отец Јосиф, кој ги примил со радост и три години ги укрепувал во верата и ги просветувал. Тој напишал предговор кон книгата од Шибли ал-Демашки за гледиштата на таа група. Книгата се викала «Христијанскиот закон е над астролошките пресметки»; таа била печатена во издаваштвото на Гробот Господов, во 1858 г. Таа група бргу се зголемувала, додека не се дознало за маченичката смрт на отец Јосиф во времето на масовните убиства во 1860 г., а тој можел да врати и други мелхити во православната вера.

Отец Јосиф и протестантските мисионери

Отец Јосиф имал неколку соочувања со протестантите. Најважното од нив се случило во градовите Хасбаја и Рашаја, а исто така и во Дамаск. Во Хасбаја американските мисионери-протестанти имале голем успех благодарение на школата која ја отвориле во тој град. Повеќе од 150 луѓе преминале во протестантизам заради конфликтот меѓу православните во тие два града. Испратен од патријархот Методиј, отец Јосиф успеал да врати некои заблудени во Православието. Тој успешно се спротивставувал на мисионерите, неколку пати  побивајќи ги нивните тврдења. Во Дамаск тој вложил многу напори, следејќи ја својата пастирска должност, да ја упати паствата кон светлината и да ја утврди против сектите и ересите.

Еден англиски мисионер, Греам, имал обичај, кога ќе го сретне отец Јосиф, да ја проучуваат со него Библијата. Кога забележале дека тој мисионер неправилно ги толкува неговите одговори, отец Јосиф побарал прашањата да му ги испратат во писмена форма. Тој не одговорил веднаш и мисионерите помислиле дека докажале дека не е во право. Но, кога отишле кај него во почетокот на Великиот Пост, тие ги добиле одговорите на сите свои прашања и биле изненадени од точноста и полнотата на неговите знаења. Резултат од тој инцидент било тоа што протестантите престанале да мисионерат во православната заедница. Нивните прашања биле напишани за да ги проверат, а не за дискусија.

Голем човек на преродбата

Несомнено, во XIX в. отец Јосиф бил еден од најголемите работници на Антиохиската Црква. Тоа било тешко време за Антиохија: мелхитскиот раскол создал криза во различни сфери, особена во пастирската. Протестантските мисионери биле многу активни и агресивни, а Црквата — немоќна и слаба, неумешна и бедна. Почнувајќи од 1724 г., ерарсите били туѓинци за таа земја и за очекувањата на нејзиниот народ. Антиохија станала заложничка на мислењето дека таа наскоро сосема ќе ослабне и ќе премине во римо-католицизмот. Од името на целото Православие, Константинопол и Ерусалим ги распределиле меѓу себе полномоштвата да назначуваат епископи на Антиохиската Црква и да ја определуваат нејзината судбина. Во тоа време немало ни компетентни свештеници, ни сериозна пастирска грижа. Антиохиската Црква од тој период може да се споредува со брод кој многу настрадал во бура и бил пред потонување. И ете, среде тие проблеми и опасности, како млада гранка процветало благочестието на отец Јосиф, кој горел од ревност за Бога и за Христовата Црква на земјата.

Започнала преродбата… Животот на отец Јосиф, неговиот жар, благочестието, безсребреништвото, љубовта кон науките, самопожртвуваната пастирска грижа, проповедите, раководењето, писмените трудови, преводите и школата помогнале да се закрепне духот, ги трогнувале срцата и ја засилувале одлучноста. Новото поколение, новото размислување и новиот правец процветале. «Почнале да се соединуваат коските, коска со својата коска… и во нив влегол духот, и тие оживеале» (Ездра. 37: 7, 10).

Повеќе од 50 црковни лидери учеле кај него и станале како него: патријархот Мелетиј (ал-Думани, † 1906), после 1724 година првиот локален патријарх; Гавриил (Шатила), митрополитот Бејрутски и Ливански († 1901); големиот научник Герасим (Јаред) – митрополит на Захле, Сајднаја и Маалула († 1899); меѓу неговите ученици биле повеќе од десетина архиереи, а исто така голем број свештеници, меѓу кои се: архимандритот Атанасиј (Казеер, † 1863), основач на Баламандското теолошко училиште; отец Спиридон Саруф († 1858), декан на духовната школа во Ерусалим и редактор на издаваштвото на на Гробот Господов; протоереј Јован Думаи († 1904), основач на арапското издаваштво во Дамаск, а исто така познати се и од народот: Димитриј Шахадех, столбот на антиохиската преродба; Михаил Клајла, раководител на патријаршиската школа во Дамаск, и доктор Михаил Машаках († 1888).

Тоа е она кон што се стремел свети Јосиф во текот на целиот живот, велејќи: «Јас посеав семе во Христовата градина и чекам плод». Затоа митрополитот Гавриил (Шатила) рекол: «Дамаск има три светила: апостол Павле, Јован Дамаскин и Јосиф Мухан ал-Хаддад».

Неговиот живот е овенчан со подвигот на верата и неискажана љубов, пројавена во неговото мачеништво во името Господово.

Мачеништво

На 9 јули 1860 г., кога започнале немирите во Дамаск, многумина христијани се скриле во Патријаршиската црква (ал-Марјамејх); некои дошле од либанските градови Хасбаја и Рашаја, каде започнале прогоните и убиствата. Други пристигнале од селата околу Дамаск.

Според традицијата на свештениците во Дамаск, сето она што е потребно за света Евхаристија, отец Јосиф вообичаено го чувал во својот дом. За време на немирите во 1860 г. тој ги ставил светите дарови во широките ракави и почнал по покривите да оди кон црквата. Цела ноќ тој ги храбрел и советувал христијаните кои се нашле во толку тешка ситуација, велејќи дека злосторниците можат да го убијат телото, но не можат да ја убијат душата (сп.: Мт. 10:28), дека венци на славата се подготвени за оние кои се довериле себе на Бога преку Исус Христос. Тој ги повикувал да го следат примерот на светите кои примиле маченички венец.

Во вторник утрото, на 10 јули, гневните гонители се втурнале во црквата и почнале да ограбуваат, да убиваат, а потоа ја запалиле. Многумина биле убиени, останатите избегале по улиците; меѓу нив бил и отец Јосиф. Додека одел по некоја улица, некој религиозен научник, кој бил меѓу  напаѓачите, го познал отец Јосиф, кој некогаш разговарал со него и го побил неговото мислење. Кога го здогледал, тој извикал: «Еве ја главата на христијаните. Ако го убиеме него, ќе ги убиеме сите нив!» Кога ги слушнал тие зборови, отец Јосиф сфатил дека дошол неговиот крај. Ги извадил светите дарови и се причестил со телото и крвта Христови. Гонителите го нападнале со секири и му нанеле смртоносни рани. Неговото тело го врзале и го влечеле по улиците, додека не се распаднало на парчиња.

Така свети Јосиф примил маченически венец. «Сообразувајќи се со Неговата смрт» (Флп. 3:10), тој бил приброен кон Неговата слава. Тој станал пример за подражавање и откако стекнал благодат, станал наш застапник пред Господ и Спасителот Исус Христос, слава му во вечни векови. Амин.

Превод од: Священномученик Иосиф Дамаскин

Saint Joseph of Damascus (July 10)

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s