Беседа: Параболата за милостивиот цар и немилосрдниот должник

(Матеј 18 гл.) 21. Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?”
22. Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум.”
23. Затоа царството небесно прилега на цар, кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги.
24. Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа при него еден што му должеше десет илјади таланти;
25. па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сè што имаше, за да наплати.
26. Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се клањаше говорејќи: »Господаре, стрпи се спрема мене и сè ќе ти платам.«
27. А Господарот на тој слуга, кога се смилува, го пушти и му го прости долгот.
28. Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто динарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: »Исплати ми што ми должиш!«
29. Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: »Стрпи се спрема мене и сè ќе ти исплатам!«
30. Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, дури не му го исплати долгот.
31. Другарите, пак, негови, кога го видоа тоа што стана, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сè што се случи.
32. Тогаш господарот негов го повика и рече: »Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше;
33. не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе?«
34. И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг.
35. Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си.”

130091.b

Во една прилика апостолот Петар го прашал Господа Исуса, колку пати да му се простува на братот. Според проценката на книжниците од тоа време, можело да се простува до трипати. Апостол Петар сакал да се покаже великодушен и со своето прашање претпоставил дека можеби седумпати би било доволно? А Христос на тоа одговорил дека мора да простуваме седумдесет пати по седум т.е. постојано и безброј пати.

Како појаснување на тоа безгранично простување Господ ја раскажал параболата за милостивиот цар и немилосрдниот должник. Во таа парабола Бог е претставен како цар кому му должат голема сума пари. Едниот должник должи 10 илјади таланти. 1 талант во противредност е 27 кг злато. Другиот должник должи 100 динарии, околу 1000 денари.

И првиот должник кому му бил простен огромен долг, отишол и за гуша го фатил својот должник, кој му должел илјада денари. Какво немилосрдие и суровост? Затоа бил подложен на маки додека не го исплати целиот долг. А, според тоа што веќе нема можност да се раздолжи и никогаш не ќе може да го исплати својот долг, овде се напомнува за бескрајноста на адските маки.

Оваа парабола треба да ја примениме на себе самите и да се познаеме во големиот должник. Гревовите на нашите ближни кон нас се безначајно мали во однос на нашите гревови кон Бога. Сепак, како сме се задолжиле со тој огромен долг? Човекот е должник пред Бога затоа што не твори добри дела какви што е должен да твори, туку наместо тоа уште прави зли дела, греши. „Да се сведат сметките“ значи дека ќе се бара отплата на долгот, како што во параболата е прикажано барањето на отчет од секого на Божјиот суд, по смртта на секој човек.

Со што толку нѐ задолжил Бог, за да бара отчет од нас? Да се потсетиме: Царот Небесен, единородниот Син Божји стана човек, беше распнат заради нас и заради нашето спасение. Тој немаше потреба да доаѓа на земјата, туку исклучиво од љубов заради нас се принесе во жртва. За неговата бескрајна љубов, ние не се угледуваме на Христа и не му одговараме со љубов и со саможртвено служење на ближните.

Ние го пренебрегнуваме тоа „големо спасение“ (Евр. 2:3) и се задолжуваме кон Бога со ненаменско трошење на сите материјални и духовни добра што секојдневно ги добиваме од него: живот, здравје, светлина, дожд… Кога гледаме прво за себе и што повеќе за себе и незаситно за себе – тогаш приграбуваме со алчност и себичност, а нашиот долг секојдневно се зголемува и постојано расте, како што расте нашиот егоизам. Освен оваа вина на презир кон Божјата љубов кон нас, ние постојано правиме и други гревови, та дури и сме навикнале на гревовите што не ги забележуваме. Гревовите се долг пред Бога, но Бог секако, нема да осиромаши од нашите неисплатени долгови. Гревот e против Божјата љубов и против достоинството на ближниот, но секогаш е на наша штета. Создадени сме според образот Божји и тој образ Божји во човекот е бесценет. Тој образ Божји во човекот е ризница во која Бог ги вложил сите дарови и совршенства. И кога со порочен живот ги арчиме своите сили и својот живот како блудниот син, тогаш трошиме од Божјото, се задолжуваме кај небесниот Отец, а хазардерски се упропастуваме себеси.

Ако направиме паралела со една друга Христова парабола, може да се рече дека нашиот долг од 10 000 таланти е гредата во нашето око што не ја гледаме, а 100-те динарии како незадоволена правда се раската во окото на ближниот која толку ни пречи, што и окото би му го извадиле.

А, Бог ни потпишал бланко простување за нашите долгови со единствена клаузула: и ние да простуваме. Бог толку го цени простувањето, што тоа е дел од главната молитва: Оче наш. Ние мора да внимаваме да не се покажеме лажливци пред Бога, кога ги изговараме зборовите: „прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги простуваме на нашите должници.“

Чест приговор за простувањето е дека тоа е неодговорно попуштање на другите. Како да му простам некому, како да ги земам на себе последиците од гревот на другиот, кога и самиот сум поразен од грев? Сам човек не може да му заповеда на срцето: ние ги немаме клучевите од своето срце. Во Бога се тие клучеви и тој може да отклучи, да влезе во нашето срце и да го промени. Св. Јован Кронштадтски во својот дневник запишал дека, кога тој имал лошо чувство кон некој човек, секогаш се молел Бог да го измени расположението на неговото срце од лошо во добро. И Господ секогаш му помагал во таквите случаи.

Во денешната евангелска парабола, браќа и сестри, се состои решавачката тајна за секој човек и за целото човештво. Простувањето што го добиваме од Бога ни го открива значењето на гревот. Преку простување стигнуваме до сострадание со другиот, сочувствување со секој човек кој е ранет од гревот како и самите ние. Старец Јосиф Исихаст велел дека оној што бара другите праведно да се однесуваат кон него, нека знае дека правдата се состои во споделувањето на тежината со другиот, во носењето на бремето на ближниот до последниот здив.

Простувањето се дава по скапа цена – по цена на крвта Христова. Никој не може да дознае како се дава простувањето што ја надминува секоја правда, ако не го види Синот Божји кој воскресна во слава. Сѐ да простиме со воскресението Христово! – тоа не е само стих од Велигденската богослужба, тоа е темелот на новиот живот во кој сме повикани.

На Страшниот Суд како summa summarum, Бог ќе нѐ суди според паравилата и законите со кои ние самите сме се однесувале кон другите луѓе. Ако не сме дејствувале според законот на љубовта и милосрдието, туку од луѓето сме барале праведно, реципроцитетно однесување кон нас, тогаш и нас Бог ќе нѐ суди по законот на правдата. Ако пак ни се суди според правда, тогаш кој ќе опстане на Судот?

Сите ние сакаме да спасиме и да влеземе во Божјото Царство. И еве, денешното евангелие ни го открива патот кон спасението: прости им на другите, за Бог да ти прости тебе. Амин.

Проповедта е прочитана на Света Литургија, во соборниот храм Свети Никола, во Куманово.

2 thoughts on “Беседа: Параболата за милостивиот цар и немилосрдниот должник

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s