Беседа. Воведение во храмот на Пресветата Владичица наша Богородица и Секогаш-дева Марија

Кога Пресвета Дева Марија наполнила три години, нејзините родители Јоаким и Ана ја одвеле од Назарет во Ерусалим, за да ја предадат во служба на Бога, како што и се заветувале; ако добијат дете во староста. Се собрале и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во свеченоста, во која невидливо учествувале и Божјите ангели.

Напред оделе девојки со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, придружувана од од Јоаким и од Ана. Пред храмот имало 15 степеници. Родителите ја кренале Дева на првото скалило и таа самата продолжила до врвот, каде што ја пречекал првосвештеникот Захарија – таткото на Св. Јован Претеча.

Таа престојувала во храмот девет години. Родителите, додека биле живи, ја посетувале често, особено блажената Ана. А откако нејзините родители се упокоиле, Пресветата Дева сакала засекогаш да остане во храмот и да не стапува во брак. Но, во тоа време еврејските девојки не можеле да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Затоа, кога наполнила 12 години, му ја довериле на праведниот Јосиф – нејзин роднина од Назарет, за под вид на негова свршеница да живее покрај него во девственост и така формално да биде запазен Законот.

312.jpg

Дева Марија е исполнување на промислата на Творецот, зашто таа е избраниот сад во кој ќе се всели Божеството, зашто од нејзиното тело зеде тело Синот Божји и од неа се роди како Син Човечки. Преку неа Словото стана тело, преку неа Бог стана човек.

За неа денес пеевме како за најчист храм на Божеството. Денес богоприемниот храм – Богородица во Божјиот храм се воведува; душевниот, девствен храм во ѕиданиот храм се вовоедува…

Со денешниот празник на Влегувањето на Богородица во ерусалимскиот храм, браќа и сестри во Христа Бога, повикани сме да се потсетиме дека Христос престојува во душите на верните. Св. апостол Павле пишува: „Не знаете ли дека сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас?“ (1.Кор. 3,16). Секој човек во Светото Крштение станува ризница на благодатта и на светоста. Светоста ни е дадена во почетокот на христијанскито живот, а исто така, светоста ни е зададена и како цел на христијанскиот живот.

Од нас се бара голем труд за да се изградуваме и да се одржуваме себеси како свет и богопријатен храм. Овие божикни пости се благословен период за да се подготвиме да бидеме токму тоа што Бог нѐ повикал да да бидеме – негови престојувалишта, Христови живеалишта. Свети Макариј Велики вели: „Никоја блискост ни взаемност не е поголема од блискоста на душата со Бога и на  Бога со душата. Бог создал различни созданија: небото и земјата, сонцето, месечината, вода, дрвја, животни… Меѓутоа, во никое од нив тој не престојува. Целото создание е во негова власт, но во никое од нив тој не изградил свој престол, ниту стапил во општење. Само кон човекот имал блаконаклоност, да стапи со него во општење и во него да престојува. Гледаш ли какво е сродството на Бога со човекот и на човекот со Бога?“

Постите се време во кое треба да се сосредоточиме на повизвишеното, да навлеземе во скриените длабочини на нашата душа како во светиња на светињите и да преиспитаме дали во нас местото на Бога сме дозволиле да го заземе нешто друго или некој друг.

Спознанајната активност на мнозинството денес како да се сведува на сурфање по она што ни се нуди како појавно и површно од настаните. Од премногу информации, денешниот човек тешко се задржува на главното и важното. А, расеаноста го попречува умот да ја започне молитвата. Живееме во свет кој со медиумска инвазија се обидува да нè задржи на сетилните феномени и да не ни дозволи да влеземе во безмерните простори на нашата душа, каде што ќе се сретнеме со Бога. Со посната дисциплина се спротивставуваме на општата површност што владее околу нас. Повикани сме со трезвеност и внимание да влеземе во центарот на нашето битие, во фокусот на нашата личност, кој црковните отци го нарекуваат: срце.

Современиот свет бега од богокопнежната тишина, бега во вревата и шумот на безначајното и безвредното, што не му дозволува на човекот да го наслушне тивкиот глас на својата совест. Совеста ни се јавува прво со покајнички шепот. Ако сме бесчувствителни за тивките предупредувања, алармот на совеста станува сè погласен и прераснува во психосоматски татнеж. Во еден од библиските псалми се вели: „Не уклони сердце мое в словеса лукавствия, непщевати вины о грeсeх. Не отклонувај го моето срце во лукави зборови, да (не) измислувам оправданија за гревовите.“ Дали ќе се залажуваме и извинуваме самите себеси или ќе се смириме и ќе се покаеме пред Бога, тоа е клучно за нашиот живот овде, но и за вечноста. Мора да бидеме сосема искрени со себе, ако сакаме да го доживееме исцелителното дејство на Покајанието и Исповедта.

Со постот да се ослободиме од сето она што го попречува движењето, подвигот кон нашиот внатрешен, душевен храм. Празнувајќи го влегувањето на тригодишното девојче Марија во храмот, со вера и љубов да се устремиме кон внатрешното таинство на животот, кон најдлабоките вистини на Благочестието.

Христос се всели во Пресвета Богородица на неповторлив начин, соединувајќи ја Божјата и човековата пририрода во својата личност како Син Божји. Во нас пак, Христос се вселува дарувајќи ни ја неговата благодат. Христос може да се роди во нас. Христос мора да се роди во нас, ако сакаме да бидеме христијани. Кога тој се раѓа во нас и во нашето срце наоѓа престојувалиште, ние стануваме членови на неговото Тело, формирајќи ја Црквата како заеднички, соборностен организам.

Токму на денешниот празник, во почетокот, во првата седмица од постот Црквата првпат започнува да пее: „Христос се раѓа – славете, Христос од небесата – пресретнете го…“ Во содржината на денешниот празник веќе започнува да продира Божикното, Рождественското празнично таинство.

Дева Марија се појавува во храмот и тоа е увертира на божјото благоволение, прво проповедање за благодатта што настапува со Раѓањето Христово. Затоа, на Богородица ѝ пееме: „Пречистиот храм на Спасителот, драгоцениот сад, свештената ризница, денес во домот Господов се воведува, со себе благодатта воведувајќи ја…“

„…Преку тебе, Дево, Мајко Божја, со Бога се помиривме. Затоа, го почитуваме твоето влегување во храмот Господов и со ангелите: радувај се! – ти пееме, со твоите молитви спасувани.“ Амин.

Беседата е прочитана на Света Литургија, во храмот Света Троица, во Куманово.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

w

Connecting to %s