Ги допрел ли апостолот Тома раните на воскреснатиот Исус?

Крстот и смртта на Господ Исус Христос произвеле тешка душевна состојба кај апостолот Тома. Првиот ден од Воскресението Христово тој не бил со другите апостоли, веројатно затоа што сметал дека сè e завршено, нема потреба веќе да се собираат, туку секој може да се врати во своето секојдневие. Кога слушнал од другите апостоли: „Го видовме Господа“, тој едноставно не ги прифатил нивните зборови како вистинити.

Всушност, апостол Тома сака да верува, со тоа што бара сигурна основа за својата вера во Христовото Воскресение. Луѓето веруваат или не веруваат затоа што така сакаат. Тоа е нивниот избор. Ако се изразиме со полтички контекст, никој нема мнозинство рационални аргументи ниту за верување, ниту за неверување односно, докази на разумот „за“ и „против“ Бога би биле 50:50. И тоа би било фер предизборна позиција, во која решава срцето како фокус на сите душевни сили, способности. Верата мора да биде слободен акт, до вера никој не смее да дојде притиснат до ѕид од некава принуда, од некакви рационални аргументи, освен од спознавање и восприемање на љубовта Божја.

Значи, некој човек не верува затоа што нему така му одговора (т.е. не му одговара да постои Бог, ниту Воскресение), а неверувањето на св. Апостол Тома било од поинакви причини. Тој сака да биде сигурен во она што апостолите му го кажале, сака цврсто да верува дека Христос воскреснал и застанал пред нив со телото, дека тоа е истото негово тело со кое секојдневно се наоѓал меѓу нив, со кое се изморил и одморил покрај бунарот на Јаков, преку чии раце се извршиле толку чуда, исцеленија… Во спротивно, ако токму тоа тело не е живо, ако не е жив оној кого тој толку го сакаше, што појде со него дури и кога сметаше дека Исус оди во смрт („Да појдеме и ние да умреме со него!“) тогаш, откако сè завршило така неславно и неговата душа е очајна и умртвена.

Господ Исус Христос го благословил тоа негово неверување од богобарателни причини. Тома не постапува арогантно, не вели; „и да видам, нема да поверувам!“ тој само бара да биде удостоен да го види Господа како и другите ученици.

Кога осмиот ден по Воскресението повторно поминал низ затворената врата (како што воскреснал низ карпата со неговото преобразено тело) и застанал пред учениците, тогаш меѓу нив бил и апостолот Тома. Со самото обраќање кон него: „Дај ја твојата рака и стави ја во ребрата мои…“ Тома бил поразен од сезнаењето на Господа, кој му се обраќа точно со неговите зборови од сомнежното барање. Во Евангелието не се кажува дали Тома ги допрел раните на воскреснатото Христово тело. Се вели попрво: „Тома во одговор му рече: Господ мој и Бог мој!“

Според мислењата (кон кои лично се приклонувам) на јеромонах Јов (Гумеров), на авторитетниот толкувач на Св. Писмо – професор Александр Павлович Лопухин, апостол Тома поверувал и без да го допре телото на Воскреснатиот. Имено, самиот повик од Господа, повик кој бил проникнат со сезнајност, со познавање на човековото срце, со грижа за верата и за спасението на луѓето, самите Христови зборови ги растопиле и последните сомнежи на Тома, кој веќе немал потреба да допре за да поверува.

„Исус му рече: ти поверува, бидејќи ме виде…“ (И во овој стих не се спомнува за допир, туку само за видување). Тома го видел воскреснатиот Христос и во него се разгорела верата и го исповедал Господа Христа како Бог. Тоа е единственото место во Евангелијата, каде што Исус Христос е исповедан како Бог. Тоа исповедање на св. апостол Тома е како рекапитулација на Евангелието според Јован кое и започнува со прологот во кој се вели: „Словото (т.е. Синот Божји) беше Бог.“

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s