Беседа за гергесинците и битовото Христијанство

И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца бесни, излегле од гробиштата; беа толку лоши што не смееше никој да мине по тој пат. И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји! Зар си дошол тука предвреме да нè мачиш?” А далеку од нив пасеше голем број свињи. И бесовите Го молеа и говореа: „Ако нè изгониш, позволи ни да отидеме во свињине!” И Он им рече: „Отидете!” И тие излегоа и отидоа во свињите. И одеднаш сите свињи се сурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата. А свињарите побегнаа и, штом дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она, што се беше случило со бесните. И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и, кога Го видоа, Го замолија да си отиде од нивниот крај. Тогаш Он влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна, во својот град. (Mт 8:28-34, 9:1)

Hristos i gergesincite.jpg

Господ Исус Христос, Синот Божји дојде во светот да го победи ѓаволот со сето негово воинство. Така вели св. aпостол и евангелист Јован Богослов: „Затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски“ (1.Јн. 3:8).

Кога се приближил Исус, демоните, знаејќи го својот конечен пораз, извикале:  „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји! Зар си дошол тука предвреме да нè мачиш?”

Тие нечисти и лукави духови се плашеле да не бидат испратени во вечниот пекол и затоа го молеле Господа, нарекувајќи го Син Божји. Тие знаат кој е пред нив, за разлика од многу други луѓе кои не можеле да го познаат Синот Божји во ликот на Исус од Назарет. Демоните значи, знаат кој е Исус Христос, но треперат пред него, покажувајќи ја нивната „немоќна дрскост.“ Ѓаволот на земјата делува, но како куче врзано на кратко јаже, кое повеќе лае одошто каса. Без допуштање од Бога, ѓаволот не може да повреди никого, ни луѓето, ни животните. Затоа, ние не обраќаме внимание на лукавиот, туку целата наша грижа, труд и христијански подвиг е да останеме со Христа, под Божјата заштита.

Додека биле во луѓето, демоните беснееле на различни начини, но Господ не дозволувал да ги однесат луѓето во смрт, како што тоа се случило со стадото свињи, кои под демонското дејство се удавиле во морето.

А, тоа нивно стрчување по стрмнината во морето се случило со посебна Божја цел; за да излезе на површина однесувањето на нивните сопственици: „И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и, кога Го видоа, Го замолија да си отиде од нивниот крај.“

Тие не се израдувале за исцелувањето на демоноопседнатите – нивните сограѓани, не му заблагодариле на Исус Христос, не ја прославиле силата на Господа. Констатирале само дека се во загуба со голем број свињи. Затоа, како „оштетена страна“ решиле да се спогодат; сопствениците на стадото свињи, „со убаво“ го замолиле „предизвикувачот на штетата“ да го напушти нивниот крај. Христос, смирено влегол во кораб и се оддалечил.

Гергесинците од стопанисувањето со многубројни стада свињи стекнувале доволно приход за спокоен живот. Таа нивна благосостојба на секојдневието им била доволна и не барале ништо повеќе од животот. Секојдневието, битот, умее да го затапи и да го затвори човекот за возвишеното, за светото, за Бога. Човекот се навикнува на привидната стабилност што му ја дава домот, општеството, државата и заборава дека ние христијаните „овде немаме постојан дом, туку го очекуваме оној што доаѓа“ (Евр. 13:14). Кога пак, човек потонува во безобѕирноста на индивидуализмот, во егоизмот, неговиот одговор на Христа ќе биде ист со одговорот што го дале гергесинците: „Замини од нас, ти ни го одземаш земното, а Небесното нам не ни е потребно!“

Така, крајната затвореност во себе, за која се бори и кон која брза современиот човек како стадото кон бездната, Достоевски ја опишал со една фраза искажана од главниот херој во романот Записи од подземјето: „Светот ли да пропадне или јас чајот да не го пијам? –Нека пропадне светот, само јас чајот секогаш да си го пијам.“

Така размислува ситната душа: не ми е грижа за ништо и за никого, сè што сакам е; никој да не ме задева во мојот приватен живот и да не ми ги стеснува моите права да правам што сакам со моето тело, со мојот живот…

Така, човекот гласајќи за своето самоопределување до отцепување од Бога, доаѓа во сериозна опасност да го изгласа своето расчовечување. Денешното Евангелие ни покажува до каде може да стигне човек, кога сака да живее без Бога, само за свој кеиф, и до каде може да дојде сето човештво ако продолжи по патиштата на изопаченоста.

Господ постојано ја испитува нашата вера: дали сме подготвени да ни биде одземено нешто, некој дел од нашата материјална благосостојба, а да останеме достојни на нашата вера и на нашата доверба во Бога? Дали го избираме Христос со благодарствена молитва и воздавање слава за сè или пак, ги избираме свињите односно приврзаноста за земските добра и сметаме дека ете, верници сме, а Господ ни го ремети нашето салдо со непланирани расходи?

Или пак, во право е владиката Николај Охридски и Жички кога вели: „Кога денес гергесинците би можеле да направат анкета во Европа, би наброиле преголем број свои едномисленици!“

Господ во текот на нашиот живот ќе продолжи да го проверува нашиот став кон материјалното; дали мислиме дека нешто е наше и само наше или пак сè што имаме го примаме во својство на распоредители на божјите дарови. Господ ќе ни одзема по нешто, колку за да ја испитува нашата вера, дали сме богопоклоници или идолопоклоници, дали материјалниот имот го цениме повеќе од човекот.

Тогаш кога ќе научиме да благодариме на Бога за нашите загуби, ќе научиме вистински да го цениме секој добар дар што од Бога доаѓа и да го употребуваме и да го споделуваме несебично и на Бога да му благодариме за сè и за сите. Амин.

Беседата е прочитана на Света Литургија во храмот Свети Никола, во Куманово.

One thought on “Беседа за гергесинците и битовото Христијанство

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s