Беседа за исцелувањето на двајцата слепи и немиот

20245582_480340768982830_7684030824665693174_n.jpg

Денешното евангелие е за исцелувањето на двајца слепи и на некој нем човек. Господ Исус Христос штотуку го извршил големото чудо со воскреснувањето на ќерката на началникот на синагогата Јаир, и се враќал во куќата каде што престојувал „во својот град,“ во Капернаум. Двајца слепи се приближиле до Исус и оделе по него, викајќи: „Помилуј нè, Исусе, сине Давидов!”

Кон Исуса се обратиле нарекувајќи го „Син Давидов.“ Таа почесна титула се употребувала за ословување на царевите на Израил, а секој Евреин знаел дека од Давидовиот род ќе произлезе и Месијата, ветениот Спасител.

Човек во неволја прво за што размислува е каде да најде избавување за себе, како да се извлече себеси од маката. Но, овие двајца слепи луѓе, не викале секој за себе: помилуј ме! туку заеднички  барале да бидат помилувани т.е. исцелени, викајќи: помилуј нè!

Браќа и сестри во Христа Бога, многу важно е да знаеме дека како христијани и како членови на христовото тело – Црквата кон Господа имаме пристап само како заедница, како Црква. Од нас се бара лична вера, како што Символот на верата го читаме: Верувам… Сите ние веруваме поединечно, но во Црквата и во богослужбата учествуваме изградувајќи го црковниот собор, членуваме во Телото Христово и ги добиваме божјите дарови како заедница.

Во еден од главните моменти на оваа богослужба, на светата Литургија, при осветувањето на Даровите, при претворањето на лебот и виното во свети Тајни на Телото и Крвта Христови, свештеникот се моли: „испрати Го Твојот Свет Дух на нас и на овие предложени Дарови.“

Го молиме значи Бог Отецот прво нам да ни го испрати Светиот Дух и со неговата благодат секого од нас да го вгради во живиот организам на црковното тело, да го обнови нашето единство во Црквата, а потоа и да ни ги подари светите Тајни за наше осветување, исцелување, за оспособување и снабдување со нови сили, за наше плодотворно живеење и активно придонесување во општата полза на општеството. Да се сетиме дека и Македонецот од видението на св. Павле го молеше апостолот да дојде во Македонија и да ни помогне. Не бараше помош само за себе, туку за сите што се отворени и подготвени да ја примаат Божјата помош.

И ако нашиот христијански народ би ја осознал долготрајната криза како заедничка и секој би го молел Бога и би се зазел за напредокот и успехот на другиот, несомнено би се случило чудо со обновување на народното единство и подобрување на духовниот и материјалниот стандард.

Да се вратиме на евангелскиот настан. Слепите, значи, го следат Христос по патот и викаат по него, а тој продолжува да оди како да не ги слуша. Господ понекогаш не одговара бргу на нашите повици, молитви. Господ Исус Христос сака да нè научи да бидеме упорни во молитвите, да не паѓаме со верата и со духот, да останеме верни кон него. За жал, често се случува луѓето да се обземени од желбата за брзо решавање на некој здравствен проблем и да бараат помош и од лажни исцелители. По налог на бајачите, со нецрковни методи на борба против злото, ќе направат несфатливи и бесмислени постапки, па дури и во црква ќе дојдат, но само за да го исполнат она што им е наложено, само од послушност кон нивните советници, на кои целосно се довериле. Влегуваат во круг на душевно погубни обреди кои често се маскирани со лажна побожност, свесно или несвесно откажувајќи се од верата во Господ Исус Христос Кога сите би разбрале дека не е важна ефикасноста на исцелителите, бајачите, претскажувачите, не е важно колку тие се успешни, туку се работи за блажената вечност која ја губиме, ако отпаднеме од Христа или ја стекнуваме ако останаме во спасителниот простор на Црквата, во која царува Господ Исус Христос и овде и во вечните векови на Царството Небесно. Затоа, да бидеме неотстапни Христови следбеници во доброто и лошото што ни го носи животот, како овие двајца слепи кои останале упорни и одејќи по Христа, дошле до домот каде што престојувал.

Денешното евангелие, браќа и сестри во Христа Бога, нè поучува дека нашата молитва мора да биде соединета со несомнена вера. Христос ги прашува слепите: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Тие му рекоа: „Да, Господи!” Забележете, сега веќе не му велат: Сине Давидов, туку го исповедаат како Господ и Спасител.

„Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!” -Што значи; нека ви биде според верата ваша? Верата е како белите дробови кои имаат одреден капацитет. Колку што собираат, толку можеме да вдишеме воздух. Колку што вера имаме, толку можеме да примиме од Бога. Господ Исус Христос, секако, можел со еден збор да ги исцели сите болни на земјата. Но, во тој случај тој би ги спуштил луѓето на ниво на безсловесни предмети кои немаат слободна волја, не можат да се искажат, ниту имаат повисока назначеност. А, човекот е суштество словесно и разумно, и само тој може целосно да се довери на Бога и да ги исполнува Божијите заповеди.

Да видиме сега каква заповед добиле двајцата слепи и дали ја исполниле? Откако им подарил вид, Исус строго им рекол: „Гледајте никој да не дознае!” А како би го затаиле прогледувањето, кога сите ќе ги прашуваат: како прогледале и кој ги исцелил?

[Според некои толкувања, двајцата слепи порано биле учители на законот. Тие добро знаеле дека кога ќе дојде Месијата, Христос,  тој ќе донесе нови заповеди. Откако го признале Исус дека е Месијата, Христос, Господ и откако добиле исцелување, Исус бара од нив и да исполнат заповед како од Господ. Ако ја исполнеле заповедта да молчат, тоа ќе придонело за нивна посебна духовна полза. Тие не издржале и „разгласиле за Него по целата таа земја,“ иако во Евангелието не случајно се истакнува строгоста со која им било заповедано.

Според други толкувања,] Господ нема потреба од разгласување на чудото, зашто тоа го прави од сострадателна љубов кон нив, како мајка за свои чеда, а не како магесник или бајач, кои дејствуваат за слава и пофалби. „Им заповедал да молчат, избегнувајќи човечки пофалби и поучувајќи ги добротворците да избегнуваат славољубие. Макар што знаел дека тие нема да молчат, сепак им заповеда. Оној што прави добро, треба да бара тоа да биде премолчено заради скромност, а оној што добива, тој треба да разгласува од благодарност“ (Евтимиј Зигабен).

Веднаш по ова чудо со двајцата слепи, пред  Христос довеле некој нем човек. Неговата немост не била болест на човечката природа, туку резултат на демон што се вселил во тој човек. „По изгонувањето на бесот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израилот!”

Восхитениот народ согледува дека Христос исцелува и поучува со власт, како Бог, а не како праведните слуги божји, како пророците, патријарсите… Тоа пак, ги мачело фарисеите кои не можеле да ги порекнат бројните чуда, па затоа клеветеле дека се вршени со помош од ѓаволската сила. А Господ Исус Христос не им обратил внимание, или подобро да се рече, не ги демантирал со збор, туку со дела: „И одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот.“

Сето тоа Господ го творел од љубов, не само кон тогашните луѓе, туку и кон нас. Со неговата љубов да излезе Господ Исус Христос во пресрет и на нашата вера, за од таа средба да се роди чудото на нашето спасение: исцелението на нашето духовно слепило, на нашата немост и на секоја наша болест и слабост. Амин.

Беседата е прочитана на Света Литургија во храмот Свети Никола, во Куманово.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s