Христовата заповед за љубов кон непријателите

Денес Христос во Евангелието ни кажува за љубовта кон непријателите. Господ Исус Христос прв на земјата ја проповедал љубовта кон непријателите. Вели дека тоа е главниот знак дека сме Христови. Ние пак, сакаме да се нарекуваме христијани, а оваа заповед ја сметаме превисока, недостижна, па дури и несфатлива и неприродна.

Ако може да се преземе ризик да се дообјасни, без да се измени, оваа заповед би ги спомнале зборовите од св. Филарет Московски кој вели: „Своите непријатели треба да ги љубиме, а непријателите на татковината треба да ги поразуваме.“

Од аспект на заедницата, на државно ниво, покрај оваа заповед за љубов кон непријателот ја имаме и заповедта за љубов кон ближниот: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јн. 15,13). Во борбата против непријателот се бориме, првенствено за да се одбраниме, а не со цел да го уништиме. Затоа во Христијанството се благословува одбранбената војна, но не и агресијата.

Должни сме значи, соодветно на условите, дури и во војна постои конвенционално војување; непријателот да го нахраниме, и кога е на студ – да му дадеме облека…  Ќе рече некој; нелогично, парадоксално. А, дали е логична омразата против непријателот? Зборуваме за човек – непријател, дали е логично човек да се мрази дури и ако ни е непријател? Омразата секогаш ги уништува и омразениот, но и оној што мрази. Омразата погубува, Господовите заповеди за љубовта спасуваат. Човек на човека е брат, затоа св. апостол Јован Богослов вели: „А кој има световни блага, па кога ќе го види брата си во немаштија, та го затвори срцето свое од него – како тогаш ќе престојува во таков Божјата љубов?“

Христос ни ги предава овие совети и заповеди, не само како етички упатства, туку како услови без кои не можеме за да бидеме синови на Севишниот. Овие заповеди се патокази за духовно совршенство и обрасци за растење во Божјата љубов: „Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец.“ „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.“  Ако пак се откажеме до стремењето кон совршенството, ние се откажуваме од христијанскиот повик и престануваме да бидеме христијани. Значи, овие заповеди не се за само за некои луѓе, тие се упатени кон сите нас. Разбираме колку е голема оваа заповед, но и колку опасно е да ја изопачиме, да ја минимализираме.

Две опасности постојат во светот. Едната опасност е – недостатокот на љубов, не само кон непријателите, туку, исто така, кон нашите блиски – заради умноженото беззаконие во светот се’ повеќе оладува љубовта. Другата опасност е – погрешно да ја разбереме Христовата заповед за љубовта. Светите Отци велат дека, колку што во светот постојат лажни учења за вистината на Исус Христос, толку и лажни учења за љубовта постојат, бидејќи љубовта и вистината се неразделни.

Ние мора одлучно да тргнеме по патот на Христовата вистина и да разбереме дека недостижната вистина на која не’ повикува Христос, е единственото наше спасение. „Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги сакаме браќата свои; оној што не го сака братот свој, тој останува во смртта (1.Јн.3,14).“ Предложена ни е Христовата Пасха, Христовата Победа која се достигнува само преку  неговиот Крст. Оној што го знае Христовото Воскресение, ќе го разбере и зборот на Господа за Крстот и за љубовта кон непријателите.

Св. Григориј Двоеслов по овој повод вели: „Ако ти во време на благосостојба не можеш да му ја дадеш на човек облеката што не ти е потребна, како ќе можеш да го дадеш својот живот за друг човек, кога ќе дојдат времиња на искушенија?“

Тоа е постепено растење, па затоа и ни се даваат годините на христијански живот, години за молитва, пост, воздржание, време да се учиме преку нашите порази, време да согледаме дека немаме љубов, не само кон непријателите, туку и кон оние што не сакаат. Во текот на нашите напори за исполнување на заповедите, стануваат разбирливи зборовите на блажени Августин: „Да, тоа за нас е невозможно, но да ги љубиме непријателите, тоа значи да се молиме за нив од се’ срце.“ Затоа што, само со Христовата љубов, само со неговата благодат која се дава во молитвата, ние ќе можеме да ја стекнеме таа и основна и највозвишена способност за христијанска љубов кон непријателите. Амин.

Беседа прочитана на Св. Литургија, во храмот Св. Никола, во Куманово, Недела 19-та по Педесетница.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s