Разгорената вера на апостол Тома

Светиот евангелист Јован забележува дека при првото појавување на Воскреснатиот Господ сите негови ученици биле собрани, а отсутен бил само апостолот Тома, наречен Близнак (Дидим, на грчки). Како што се гледа од Евангелието, карактерот на овој апостол се одликувал со некаква инертност, тромост, која преминува во упорност… Уште кога Господ тргнал во Јудеја, за воскреснувањето на Лазар, Тома изјавил дека ништо добро нема да излезе од тоа патување: “Да појдеме и ние да умреме со него” (Јн 11:16.). Кога Господ во својата проштална беседа им рекол на учениците: “Каде одам знаете и патот го знаете”, Тома и во тој случај приговорил: “Не знаеме каде одиш; и како можеме да го знаеме патот” (Јн 14:5)?

Распнувањето на Учителот предизвикало тежок, депресивен впечаток на апостолот Тома; тој како да почнал да тоне во убедувањето дека неповратно го загубиле Исус. Обесхрабрување било толку големо, што тој дури не бил со другите ученици во денот на воскресението, тој очигледно сметал дека нема причина да бидат заедно, бидејќи сè е готово, сè се распаднало и сега веќе секој од нив треба, како и порано, да продолжи да го живее својот посебен, самостоен живот.

И ете, кога Тома ги сретнал другите ученици, одеднаш слушнал од нив: “Го видовме Господа!” Разбирливо за неговиот карактер, тој остро одбива да им верува на нивните зборови. Сметајќи дека воскресението на Учителот не е можно, тој вели дека би поверувал, не само ако го види со своите очи, туку дури кога ќе ги допре раните од клинците на рацете и нозете на Господа и раната од копјето во неговите ребра!

Осум денови по првото појавување на Господ меѓу десетте апостоли, Господ повторно поминал низ затворената врата (како што впрочем и воскреснал низ карпата со неговото преобразено тело) и  застанал пред учениците. Тогаш меѓу нив бил и апостолот Тома. Можеби, под влијание на другите ученици, почнал да го остава тврдоглавото неверување, а неговата душа постепено, повторно се оспособувала да верува. Господ се појавил за да ја разгори таа вера што зачнувала во него.

Уште кога Господ Исус Христос му се обратил со зборовите: „Дај ја твојата рака и стави ја во ребрата мои…“ ­­­ Тома бил поразен од сезнаењето на Господа! Воскреснатиот му се обраќа токму со зборовите на неговото сомнежливо барање. Разбирливо е дека самата таа сезнајност на Господа ја пробудила верата на Тома. Самиот повик од Господ, повикот кој бил проникнат со сезнајност, со познавање на човековото срце, со грижа за верата и за спасението на луѓето, самите Христови зборови ги растопиле и последните сомнежи на Тома, кој веќе немал потреба да допре за да поверува.

Господ исто така додал: “И не биди неверен, туку верен” – односно како да му рекол; ти си во критична позиција: пред тебе во моментов има само два пата: пат на целосно верување и пат кон целосно духовно закоравување.

Во Евангелието не се кажува изрично, дали Тома ги допрел раните на воскреснатото Христово тело. Се вели попрво: „Тома во одговор му рече: Господ мој и Бог мој!“ Соодветно и: „Исус му рече: ти поверува бидејќи ме виде…“

Тома го видел воскреснатиот Христос и во него се разгорела верата и го исповедал Господа Христа како Бог. Тоа е единственото место во Евангелијата, каде што Исус Христос е исповедан како Бог. Навистина, апостол Петар порано го исповедал Учителот, но како Син на живиот Бог.

Сепак, таа вера сè уште се засновала на сетилно уверување, па затоа Господ, за поука на Тома, на другите апостоли и на сите луѓе од сите идни времиња им го открива повозвишениот пат на верата и ги нарекува блажени оние кои стигнале до вера, не по тој сетилин пат по кој до верата дојде Тома: „Блажени се оние кои не виделе, а поверувале…“ И порано Господ, во неколку наврати давал предност на верата која не се базира на чуда, туку на збор. Господ значи, ги нарекува блажени оние што ја постигнуваат верата само со доверба кон сведочење со збор, со доверба во неовото учење. Тоа е најдобриот начин на вера.

Како што вели и св. Симеон Нов Богослов: „Можеби некој ќе рече: ‘Не е исто тогаш да сме го виделе него во тело и сега што ги слушаме само неговите зборови…’ Јас исто така велам дека тогаш и сега секако, не е исто, туку сегашното и денешното многу повеќе и полесно нè води кон верата и увереноста, отколку тогаш да сме го виделе телесно и да сме го слушнале. Имено, тогаш тој се објавил како смирен човек, а сега ни се објавува како вистинскиот Бог. Тогаш како обичен човек општел со цариници и грешници и јадел со нив, а сега седи оддесно на Бог и Отецот, оној кој никогаш не се одвоил од него, за кого веруваме дека целиот свет го храни и без кого велиме и веруваме дека ништо не настанало. Тогаш и последните од сите го презирале, велејќи: Не е ли ова синот на Марија и на дрводелецот Јосиф?, а сега тој прима поклонување од цареви и кнезови како Син на вистинскиот Бог и како вистински Бог, откако се прославил и прославувајќи ги оние што му се поклонуваат во дух и во вистина… Тогаш го сметале за еден меѓу многуте луѓе, гнилежен и смртен, и било нешто големо некој него кој како Бог е неизменливо и непроменливо невообличен и невидлив, да го гледа во човечко тело како вообличен и совршен човек кој јаде и пие и спие, се поти, се заморува и прави сè што е човечко, освен грев, и да Го познае и да поверуvа дека тој е Бог што ги создал небото и земјата и сè што е во нив.“

Св. апостол Јован Богослов, кој го запишал овој настан со апостолот Тома, го завршува своето Евангелие со зборовите дека, „Исус направи многу работи пред своите ученици и други чуда, кои не се запишани во оваа книга.“ Тој смета дека она што е напишано е сосема доволно „за да поверувате дека Исус е Христос, Синот Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име.“ Амин.

Беседата е прочитана на Томина недела во храмот Света Троица, во Куманово.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s