Може ли Литургијата да биде заедничко дело – како во теорија, така и во пракса?

o-o.jpeg

Името на главната богослужба на Црквата – Литургија (грч. λειτουργία) е сочинето од зборовите: leito „јавно“ (од λᾱός “народ”) и ergos – „она што дејствува, работи“ (од ἔργον – „дело, работа“). Раната Црква за заедничката, евхаристиска (благодарствена)  богослужба не барала посебно, свештено име, туку избрала збор од секојдневието. Литургија било секое јавно, општествено дело во кое учествувале сите слободни граѓани и сите имале соодветна одговорност за својот придонес. Значи, Литургијата е заедничка богослужба на свештенството и народот; заедничкото дело на благодарење на Бога (т.е. Евхаристија), заедничка молитва на клирот со народот, на клирот за народот и на народот за клирот и заедничко принесување на благодарствена, бескрвна жртва во вид на леб и вино.

Светата Литургија е централното црковно Таинство, зашто на Литургијата се случува вистинско чудо – приносот од леб и вино преку дејството на самиот Бог, со силата на Светиот Дух, се претвораат во Телото и Крвта на Господ Исус Христос. Тоа е остварување на ветувањето што го дал Господ Исус Христос, кога ја установил оваа богосолужба: „И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Примете, јадете; тоа е Моето тело.“ Потоа ја заеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина.“

Од почетокот на Христијанството па до денес, Светата Литургија останува основно и заедничко благодарствено дело. Литургијата е Света Тајна но, истовремено, е и Тајна над другите Свети Тајни на Црквата, зашто таа им дава значење и ги осмислува сите други богослужби. Такво е изворното разбирање на Литургијата во историјата на Црквата, кое за жал, е малку познато на голем дел од црковниот Народ. Забележително е дека многу христијани Литургијата ја сфаќаат како нешто што се случува зад иконостасот, во олтарот, а тие се таму за да гледаат и да се помолат за своите потреби. Малкумина можат да речат: „Јас реално учествувам во Литургијата. Јас сум чинител во вршењето на Литургијата.“ Во врска со дистанцирањето на народот во Литургијата, еден изговор, што веројатно не е без никаква основа, е тоа што народот најчесто нема можност да ја слуша молитвата што се чита во олтарот.

Овде нема да разгледуваме како се установила свештеничката пракса на безгласно читање на литургиската молитва (т.е. читање „во себе“). Сепак, само ќе спомнеме дека за безгласното, „тајно читање“ на евхаристиската молитва реагирал уште светиот цар Јустинијан со свои Новели 137. (174), од 565 г., во кои напишал:

“Освен тоа, им пропишуваме на сите свештеници и епископи – молитвите што се користат во Божественото Принесување и при светото Крштение – да не ги изговараат во себе, туку на глас, за верниците да ги слушаат и тие да ги поттикнуваат нивните души кон уште поголема стравопочит и фалење на Господ Бог.”

Јустинијан како потврда на тоа негово мислење го цитира 1.Кор. 14:15-17, каде што св. апостол Павле прашува; како некој може да каже “Амин” на вашето благодарење, ако не ве слуша што зборувате. Овие јустинијанови новели, сепак, не се задолжителни и остануваат само како препорака, зашто во Црквата, не царот, туку епископот го уредува начинот на богослужење. Така, прво св. Василиј Велики ги редактирал литургиските молитви, а потоа и св. Јован Златоуст. Ние сме ги наследиле нивните богослужбени верзии и според нив ја служиме Литургијата. Своеволното внесување измени во начинот на богослужење, без благослов на надлежниот епископ, не е дозволено за нас, свештенослужителите.

Основниот проблем на верата се состои во тоа што Литургијата станала некаква свештена сцена на која настапува свештенството, црковниот хор, а народот е публиката која сето тоа го гледа и слуша. Литургијата не е театар, таа ги вклучува сите што дошле во храмот.

Господ Исус Христос ја установил оваа богослужба на Тајната Вечера (тајна – во смисла на надумно, таинствено свештенодејство) во Четвртокот, денот пред неговото Распетие. Околу трпезата биле собрани неговите ученици, апостолите што тој ги избрал и повикал – луѓе кои верувале во него и на кои тој им верувал. Тие не биле избрани затоа што имале некакви посебни способности или општествени положби. Главниот критериум според кој биле избрани била нивната подготвеност да остават сѐ и да го следат.

Така, Исус со дванаесетмината во Ерусалим на Вечерата зел леб, го благословил, искажал пофалба кон Бог Отецот, го прекршил лебот и од него им раздал на учениците. Исто така, зел чаша вино; ја благословил, заблагодарил, им дал на своите ученици да пијат од неа. Но, тоа веќе не биле обичeн леб и обично вино; со силата на неговиот благослов тие биле претворени во самото Негово Тело и самата негова Крв. Господ избрал на тој начин неговите верни да се соединуваат со него и тој со нив: „Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јн. 6,56).

„Заблагодари, благослови, прекрши, им даде на учениците“ – тоа е срцевината на Литургијата, нејзиниот основен концепт од тогаш до денес. Но, во текот на вековите основните свештенодејства се покриени со различни споредни чинови, обреди, песнопенија, така што за народот станало тешко да ја распознае суштината на оваа богослужба.

Голем дел од народот како да заборавил дека ние се собираме на Литургија како што биле собрани на апостолите, дека се собираме затоа што сме повикани, затоа што како христијани припаѓаме на Народот кој Христос го повикал и му се доверил. Конечно, имаме одговорност; како се однесуваме кон тоа дело што ни е доверено, дали сме разбрале какво спасително свештенодејство сме наследиле, дали се грижиме како и каква ќе ја предадеме Литургијата на идните генерации?

Затоа, учествувањето на верниот народ мора да биде свесно, разбрано, осознаено како услов без кој не може да се извршува Литургијата. Уште во времето на св. Јустин Маченик (II век) зборот „амин“ го изрекувал народот по евхаристиската молитва, која претстоителот ја читал гласно. (Прва Апологија, 65, 67). Амин (=така е, така нека биде) во богослужбен котекст означува потврда, запечатување на молитвата од страна на народот, надеж дека молитвата ќе биде услишана од Бога. Амин се кажува (или се пее) на крајот од секоја молитва или свештенички возглас и со тоа верни(ци)те потврдуваат дека ги разбираат и се согласуваат со прочитаните молитви. Амин, значи, ја покажува нераздвојноста на свештеникот и народот и го пројавува дијалошкиот карактер на христијанската богослужба.

Додека не биде осознаена заедничката одговорност за она што се случува на Литургијата рано е да се зборува за преродба на Црквата.

Виталното значењето на Литургијата се изразува и во устројството на Црквата. Таа е организирана според евхаристискиот принцип: Каде што се извршува Евхаристија (Литургија), таму е целата Црква. Секое евхаристиско (литургиско) собрание е Црквата – цела, во полнота. Во Евхаристијата Црквата се пројавува, се исполнува, се остварува.

Ако се има предвид ова изворно учење за Црквата и Евхаристијата, тогаш, веројатно ќе има помалку прашања од типот: Што вели Црквата по еден или друг повод, или барем, осознавајќи се себеси како дел од црковниот народ, како живи членови на Црквата, нема да се дистанцирате од црковниот консензус. Црквата сме сите ние собрани околу Господ Исус Христос. Нема Црква само од народ без ерархија (клир), исто како што нема Црква само со клир, без народ.

Анафората, молитвата на приносот, свештеникот не ја чита од свое име, туку од име на црковното собрание и се моли за сите нас: „испрати Го Твојот Свет Дух на нас и на овие предложени Дарови.“

А, дали народот што тогаш стои во храмот знае што се случува и дали учествува во таа литургиска молитва или секој се моли само за своите лични потреби, интереси, за своите најблиски? И без анкетирање, забележителен е индивидуалистичкиот пристап кон богослужбата. Очигледен е недостатокот на литургиската свест за Црквата како заедница.

Најчесто и причестувањето се сфаќа како прашање на лично достоинство или недостоинство, а не како прашање за внимателно учество во молитвата на црковната заедница. Споредено, ако сме повикани на свадба, не сме повикани само на ручек, повикани сме да учествуваме во целата свадбена процедура; да ги даруваме младоженците, да се радуваме со нив… Целта на свадбената веселба е блиското, искрено заедничарење на гостите.

Може да се каже дека и Литургијата е трпеза. Во олтарот е светата трпеза на која Младоженецот Исус Христос ни приготвил храна – „лек за бесмртност“ (св. Игнатиј Антиохиски). Ние свештениците во тој случај сме служители на трпезата; на луѓето им го предаваме она што не сме го подготвиле ние самите, туку она што ни го дал Христос. Целата Литургија може да се спореди со една долга, свадбена свеченост на која сите пиеме од заедничката Чаша на животот, која ни ја дава Младоженецот.

Значи, клучно е разбирањето за важноста на целосната богослужба и за нејзиниот соборностен карактер; важни се молитвите и благодарењата од сите во текот на целата Литургија. Нашето учествување во Литургијата, нашето причестување со Телото и Крвта Господови – не е само денешен спомен на дамнешната Тајна вечера, туку наше учествување во истиот настан што Христос го извршил и установил во сионската горна соба, а кој се извршува до денес со благодатта на истиот Свети Дух.

Текстот е преработка на: Можно ли сделать Литургию общим делом?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s