Христовото министерство

hristos-mienje

Во литургискотото Евангелие што го слушаме во Петтата Недела од Великиот Пост (Марко гл.10, ст.32-45 ), двајца ученици, Јаков и Јован, побарале од Господ Исус Христос да добијат високи места, т.е. високи положби во неговото Царство. Очигледно е дека тие  помислиле дека Христос ќе основа земско царство, па побарале да бидат блиску до царот, одлево и  оддесно, нешто како државен секретар и министер. А, десетте други ученици пак, во тој случај негодувале против Јаков и Јован, имено, зошто токму тие да добијат први места, а се лутеле и на себе, како самите попрво не се сетиле да побараат за себе добри државнички места.

Светот вели дека си голем според положбата што ја држиш. Во светот владеат законите на посилните, помоќните, побогатите и затоа во светот борбата за висока положба често се изродува во безобѕирно стремење кон успешна кариера, наречено кариеризам.

Кога некој ќе поверува во помислата дека е природно понадмоќен од другите, дека е назначен од Бога да биде прв, тогаш почнуваат вистински маки и за таквиот човек и за оние околу него. Бидејќи мисли дека е поважен од другите, кариеристот е неспособен за рамноправна соработка. Тој другите ги гледа и ги цени само како орудија што би му послужиле во достигнувањето на својата цел. Кариеризмот е тоталитаристички и кон другите, но и кон себе. На крај, покрај сите напори, покрај сето газење преку ближните, ако неговата цел и амбиција остане неостварена, кариеристот запаѓа во фрустрации и депресија, што може да доведе до самоубиство.

Светот те мери според имотот што го имаш, според возилото што го возиш, според домот и населбата каде што живееш… Така е во светот… Но, Господ Исус Христос прави разлика меѓу светот и неговите следбеници: „Меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, erit vester minister (нека ви биде слуга).“ Зборот minister на латински, или διακονος на грчки значи: слуга. Министерство е служба, бидејќи државните институции мора да бидат служби во интерес на граѓаните. Една заедницата не може да опстане, ако нејзините членови не служат и не помагаат еден на друг.

„И кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб (δοῦλος) на сите.“ Затоа што, само ако секој секому биде роб доброволно, никој нема да биде поробен насилно, а единствено ќе царува  љубовта во сите. Никој нема да биде господар, но сите ќе бидат богови, зашто Христос покажа дека: да бидеш Бог, значи да служиш. Ако луѓето не би се натпреварувале во надитрување и не би газеле едни преку други за да се стекнат со првенство, тогаш би се исполнило она за кое св. апостол Павле вели: „натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг.“ Или како што на црковнословенски оваа фраза звучи малку поинаку: „честию друг друга больша творяще“ – што би се превело “оддавајќи чест, другиот пред себе за поголем сметајте го, или: еден друг по чест за поголеми сметајте се.“   (Рим. 12, 10). Така, Господ Исус Христос ја превртува скалата за световна големина, за да ја исправи и да ја доведе во нормала. Човек на човека не треба да му биде господар, „зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.”

Значи, христијанинот е човек што им служи на другите со љубов што потекнува од љубовта на Христос, кој дојде меѓу нас како Слуга.

Да не забораваме, браќа и сестри, дека Синот Човечки кој ни открива дека во тајната на служењето е тајната на љубовта кон луѓето е Оној „Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек; Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст (Флп 2, 7-8).“

А во наредните денови од великиот пост, повикани сме да го следиме Господа кој оди кон Крстот на Голгота. Повикани сме да одиме по тесниот пат, што води до крстот, а преку крстот до Воскресението. За да стапиме на спасителниот пат треба да се покаеме со покајание кое што е промена на севкупниот начин на мислење и живеење. Пред нас е крстот како светилник за да не заскитаме по светските соблазни. На црковнословенски: зборот: заблудити значи: да заскиташ, да го изгубиш патот. Така, блудно е сето она што не води во погрешен правец, што не заведува за да го изгубиме вистинскиот пат.

Затоа, треба да внимаваме да не паднеме во за-блуд-а, ниту со мислите, ниту со очите или со кои било сетила, ниту со делата… Блуд и прељуба не е само дело, тие како и секој друг грев започнуваат и се извршуваат во мислите и желбите. Грешното дело е само видлива пројава на гревот што се случил во нас. Затоа, да внимаваме на нашите мисли, да погледнеме во нашите срца, да ги испитаме нашите желби? И пред да се запрепастиме и разочараме од вистината што ќе ни ја открие самоспознанието, да се сетиме на покајанието на света Марија Египетска и трпението и милосрдието што Бог го има за оние што се кајат, зашто Господ не ја сака смртта на грешникот, туку сака да се поправи и да биде жив. Амин.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s